ПОЛИТИЧКОТО И ВОЕНО
ЗНАЧЕЊЕ НА ВИТЕШКАТА МИСЛА
...Постоело и едно големо политичко тежнеење кое неодоливо било поврзано со
витешкиот идеал: крстоносната војна и Ерусалим! Ерусалим – така се’ уште се
викала мислата која на сите европски владетели им лебдела пред очите како врховна
политичка идеја и постојано ги гонела кон акција. Тука постоела посебна
спротивност меѓу реалниот политички интерес и политичката идеја. За Христијанскиот
свет на XIV и XV век, источното прашање постоело со
најголемо превосходство: т.е. одбраната од турците кои веќе го имале заземено
Едрене (1378) и уништиле српското царство (1389). На Балканот лежела опасност.
Меѓутоа, најактивната и најнеопходната европска политика сепак не можела да се
ослободи од идејата за крстоносна војна. Таа можела да го види турското
„цуштенде“ само како спореден дел на светата задача на којашто нивните предци потфлиле: ослободувањето на
Ерусалим.
Во ова мисла, витешкиот идеал стоел на прво место; тој овде можел да врши
нарочно силно влијание. Во неа религиозната содржина на витешкиот идеал ја
наоѓала својата највисока цел, а ослободувањето на Ерусалим не можело да биде
ништо друго сем свето, благородно витешко дело. Баш затоа што во одредувањето
на ориенталната политика тој религиозно-витешки идеал се пробивал во толку
голема мерка, може до извесен степен да се објасни слабиот успех во борбата
против турците. Потфатите кои првенствено изискувале точна пресметка и
стрпливи подготовки, биле планирани и разработувани во голема брзаница, која не
водела кон мирно одмерување на можното, туку до романтичен план. Ова довело до
тоа плановите да останат неплодни или да станат кобни. Катастрофата кај Никопол
1396 година докажала колку било опасно да се изведува корисно „меропријатие“
против еден храбар непријател, и тоа во старински стил на оние витешки патувања
низ Прусија и Литванија, каде што требало само да се испотепаат неколку јадни
пагани. Кои биле луѓето кои ги создавале плановите за крстоносните војни? Сањалици, каков што бил Филип де Мезиер,
кои на таквите планирања им го посветил својот живот, и политички фантасти
каков што бил Филип Добриот, „унаточ“ сето негово лукаво пресметување.
Сите кралеви се’ уште му се предавале на ослободувањето на Ерусалим, како
на нивна задолжителна животна задача. Англискиот крал Хенри V лежи 1422 г. на смртна постела. Младиот
освојувач на Руан и Париз е покосен среде својата акција, која што Франција ја
фрлила во беда. Лекарите му соопштиле дека не може да живее повеќе од два часа,
се појавуваат исповедникот и други духовници, ги читаат оние седум покајнички
псалми. Кога се слушаат зборовите: Benigne fac, Domine, in bona voluntate tua
Sion, ut aedificentur muri Jerusalem, кралот ги зауставува и разговетно вели
дека неговата намера била, по воспоставувањето на мир во Франција, да го освои
Ерусалим, „se ce eust la plasair de Dieu son creatur de la laisser vivre son
aage“ („доколку на Господ – неговиот творец – му беше по воља да му дозволи да
го проживее својот век до крај“). Потоа дозволува до крај да му се прочитат
покајничките псалми и набрзо умира.
Крсноносната војна одамна станала изговор за зголемување на посебните
давачки; и Филип Добриот обилно се користел со таа можност. Сепак, не изгледа
никако дека он тој план го сфатил само како лицемерство, заради грамзливост. Се
стекнува впечаток на некаква мешавина од озбилно настојување и честољубие –
како тој да сакал со овој особено корисен, а истовремено и сосема специфичен
витешки план за себе да си осигура поголема слава, како спасител на Христијанскиот
свет, од онаа на француските и англиските кралеви. Le voyage de Turquie („патот во Турција“) останал
адут што никогаш не бил отфрлен. Шатлен се труди, пред се’, да истакне како
војводата мошне сериозно тоа го сфатил, арно ама... постоеле сериозни
сомневања: времето уште не било зрело, влијателните луѓе вртеле со глава што
владетелот во својата старост сака да преземе ваков опасен потег; и земјата и
династијата би дошле во опасност. Додека папата го праќал крстоносното знаме,
коешто Филип, полн со стравопочитивање, го примил во Хаг и го развиорил на
свечена процесија, додека на свеченост во Лил и подоцна се збирале завети за
патешествието, додека Жофрој де Тоази ги испитувал сиријските пристаништа, Жан
Шевро – турнејскиот бискуп – раководел со прибирањето прилози, а Жијом Филастр
ја држел во готовост целата своја опрема и бродовите веќе биле забревтани за
походот, сепак владеела владеела неодредена слутња
дека до истиот нема да дојде. Па и заветот на самиот војвода во Лил звучел
прилично условно: тој ќе тргне доколку земјите кои Бог му ги поверил на управување бидат во мир
и безбедност.
Впрочем, подробно спреманите и бучно навестуваните крусадерски војни од кои
не испаднало ништо (или мошне малку), независно од идеалот на крстоносниот
„рат“, во она доба биле омилени како политички фалбаџиство; на пример, такви
биле англиската крстоносна војна против Фландрија (1383), походот на Филип
Смелиот против Англија (1387) за којшто неговата сјајна флота веќе лежела во
приправно состојание в пристаништето Слеис, како и походот на Шарл VI против Италија (1391).
Посебен облик на витешка фикција со цел политичко рекламирање бил стално
наговестуваниот и никогаш не остварениот двобој помеѓу двајца владетели. Порано
на друго место изнесов дека судирите меѓу државите од XV столетие се’ уште биле сфаќани како борби на партии,
како лична „querelle“.
Каузата на која и’ се служи се вика „la querelle des Bourguignons“ („сваѓа на
Бургундците“). Што били поприродно отколку кавгата, по пат на двобој, да ја
одлучат самите владетели, како што и денес ова се пожелува во разговорите кои
се водат за време на возење со железница? – Тоа решение, кое ги задоволувало ем
примитивното сфаќање на правото, ем витешката фантазија, навистина постојано
било на дневен ред. Кога читаме за опсежните подготовки за двобој меѓу
владетели, сомничаво се прашуваме дали сето тоа било само убава игра на свесна
хипокризија, демек тежнеење за некој хубав живот, или аристократите, како борци,
навистински очекувале битка. Сигурно дека историчарите на она време стварта ја
сфаќале исто толку озбилно, како и самите владетели. Во Бордо 1283 год. се’
било спремено за мегдан помеѓу Шарл Анжујски и Педро Арагонски. Годината 1383
Ричард II го овластува својот
вујко Џон од Ланкастер со францискиот крал да преговара за мир, а како пат кон
истиот, да му предложи двобој меѓу обата крала, или бој меѓу Ричард и неговите
тројца вујковци и Шарл и неговите роднини. Монстреле веднаш на почетокот на
својата хроника, голем простор му отстапува на предизвикот за двобој, којшто
Луј Орлеански му го упатил на англискиот крал Хенри IV. Хемфри од Глостер 1425 г. на двобој е
предизвикан од страна на Филип Добриот, кој баш бил вистинскиот човек оваа
блескава тема да ја накити со сите средства на неговото богатство и љубовта му
кон раскошот.
...
Во овој поглед, ништо не е позначајно од запрепастувачката заинтересираност
која благородниците и историчарите ја покажуваат кон еден судски двобој меѓу
два граѓанина во Валенсиен 1455 г. Такво нешто било голема реткост и не се
имало случено некои стотина години. Валенсиенците по секоја цена сакале тој да
се одржи, бидејќи им значело одржувањето на една стара привилегија; но грофот
од Шатлен, кој управувал со земјата за време на Филиповиот престој во
Германија, тоа не го дозволувал и го одложувал одржувањето месец за месец,
додека двајцана парничари – Жакотен Плувие и Маијо – биле држени в затвор, како
скапоцени петли за борба. Штом стариот војвода се вратил откај германскиот цар,
паднала одлука битката да се одржи. Филип безусловно инсистирал лично да и’
присуствува; само заради тоа, пошол за Валенсиен преку Бриж за Левен. Додека
витешките духови, какви што се Шатлен и Ла Марш, во сите нивни описи на
свечените pas d’armes рицари и племиќи, ниту еднаш не
биле во состојба да ја прикажат стварноста, во овој случај даваат реална слика
видена со најостро око. Тука, под сјајниот плашт од злато и црвени шари, се
појавува суровиот Фламанец, каков што бил Шатлен. Не му промакнува ни една
поединост на таа „moult belle serimonie“ („мошне лепа церемонија“); тој точно ги опишува преградите и клупите
поставени наоколу в круг. Обете патетични жртви имаат крај себе свои учители за
мечување. Жакотен како тужител настапува прв, гологлав, со кратко шишана коса и
мошне блед. Тој сиот е облечен во одежда од сафијан, скроена од едно парче, без
ништо одоздола. После неколку скрушени поклонувања и поздравувања према
војводата кој седи зад решетките, борците – седејќи еден карши друг на столици
преслечени во црно – чекат да се довршат подготовките. Господата во кругот
прават тивки примедби околу изгледите; ништо не пропуштаат: Маијо пребледел
како мртовец додека го целува Евангелието! Потем доааѓаат двајца слуги и ги
трљаат борците со маст од вратот до глуждовите. Кај Жакотен кожата одма ја
впива маста, кај Маијо не: За кого овој знак ќе биде поволен? Рацете им ги
тријат со пепел, а тие земаат шеќер в уста; потоа им ги носат боздоганите и
штитовите на кои се насликани фигури на светители, кои тие ги бакнуваат. Го
носат штитовите со врвовите свртени нагоре и на рацете имаат „une bannerolle de devocion“, бандерола со побожна изрека.
Маијо, мал по раст, ја почнува борбата така што со врвот на својот штит,
граба песок, за на Жакотена да му го фрли в очи. Следи бесна борба со
боздогани; таа се завршува со паѓање на Маијо; другиов му се џитка и му пика
песок в уста и очи, но притоа Маијо каснува со забите еден прст од својот
непријател. За да се ослободи, овој му го брца палецот во очната длапка, и
наспроти „вапајот“ за милост, му ја витка раката на Маијо и му скока на грб, со
цел да направи прелом. Залудно Маијо, умирајќи, вика да му се дозволи
исповедание, при што вриска: „O monseigneur de Bourgogne, je vous ay si bien
servi en vostre guerre de Gand! O monseigneur, pour Dieu, je vous prie mercy,
sauvez-moy la vie“ („О господару на Бургондија, добро Ве служев во Вашата војна
со Гент! О монсињор, за Бога, Ве молам за милост, спасите ми го животот“)...
Овде се прекинува Шатленовиот извештај, недостасуваат неколку листови; од други
автори знаеме дека полумртвиот Маијо го обесил џелат.
...
(изв. Јохан Хојзинга „Јесен Средњег века“, Матица Српска – Нови Сад 1991
год.; стр. 125-128, 130-131)
No comments:
Post a Comment