Monday, June 29, 2020

Група автори: БИОЛОГИЈА за Први клас гимназија


Глава 2
Преглед на живиот свет

2. ВИРУСИ
Вирусите се на границата помеѓу живиот и неживиот свет. Тие немаат карактеристики на живи организми, но имаа генетски материјал кој им помага да се размножуваат во клетката-домаќин.
Сите вируси се честички со неклеточна градба. Способни се за размножување само во живи клетки. Тие се внатреклеточни паразити на микроорганизмите, растенијата, животните и човекот.
Во 1892 година, рускиот биолог Димитриј Ивановски ги проучувал причините за изумирањето на тутунот, чии листови биле заболени од мозаична болест. Тој забележал дека болеста била предизвикува од заразен причинител кој бил помал од бактериите и не можел да се види под светлосен микроскоп. Го нарекол Virus (латински = отров). Овој причинител на болеста бил непознат се’ до 1935 година, кога Wendell Stanley го изолирал вирусот на мозаичната болест на тутунот.

Особини (својства), форма и големина
Вирусите имаат субмикроскопска големина од 15 до 300 нанометри (не се гледаат под светслосен микроскоп, туку само со електронски микроскоп), немаат клеточна градба и сопствен метаболизам, но ги имаат биолошките белези: размножување, наследување и променливост.
Формата на вирусите значително се менува, а почесто се тркалезни, спирални, стапчести, кончести, полиедрични и цилиндрични.

Градба
Слободната вирусна честичка се нарекува вирион. Таа е изградена од протеинска (белковинска) обвивка наречена капсид и од наследен материјал од нуклеинска (јадрена) киселина.
Капсидот го заштитува наследниот материјал во вирусот. Тој може да биде едноставно или сложено граден од голем број протеински единици капсомери.

Размножување
Вирусите ги напаѓаат живите клетки – домаќини. Паразитираат во клетките и ги искористуваат за размножување. Кога вирусот ќе навлезе во клетката – домаќин, тој се дезинтегрира, односно се отвора капсидот и од него излегува нуклеинската киселина. Тогаш клетката – домаќин им се потчинува на „наредбите“ на вирусот, односно на вирусната нуклеинска киселина и почнува да синтетизира протеини за капсидот и нови нуклеински киселини. На ваков начин, се репродуцираат нови бројни вируси кои ја напуштаат клетката – домаќин и брзаат да нападнат други здрави клетки. Клетката – домаќин се разложува од вирусот и таа изумира .

Бактериофаги
Слободните вируси не се размножуваат и затоа не можат да се култивираат (одгледуваат) на вештачки подлоги. За начинот на кој се размножуваат вирусите, научници преку изучувањето на вирусите кои ги напаѓаат бактериите, наречени бактериофаги или скратено фаги. На пример, тоа е вирусот кој ја инфицира (напаѓа) бактеријата Escherchia Colli (цревна бактерија кај човекот). Тоа се посложено градени вируси, имаат глава со полиедрична форма, во која е сместена нуклеинска киселина, обвиена со капсид. Под главата има јака, а потоа од неа следува издолжена опашка во вид на празна цевка која лежи на базална плоча. Од базалната плоча поаѓаат голем број тенки влакненца, со кои бактериофагот се прицврстува на домаќинот – бактериската клетка. Со помош на ензимите, бактериофагот ја разложува мембраната и ја впрскува нуклеинската киселина во бактериската клетка, а капсидот останува надвор од неа. Така, бактеријата – домаќин синтетизира нови бактериофаги, а самата изумира. Бактериофагите можат да бидат корисни, бидејќи на ваков начин ги уништуваат штетните бактерии, но факт е дека повеќето вируси се штетни.

Вирусни заболувања
Заболувањата кои ги предизвикуваат вирусите се наречени вирози. Се пренесуваат директно или со помош на посредник. Кај културните растенија се забележани многу вирози на тутунот, компирот, доматите и друго. Кај животните чести вирози се: шап, лигавка, беснило, а кај човекот: грип, кивавица, сипаници, детска парализа, заушки, херпес, хепатит, менингит, СИДА и многу други.

Активности
Обиди се со помош на наставникот да направиш есеј за ширењето на некое вирусно заболување, со особен осврт на штетите кои тоа ги предизвикува.

Провери го своето знаење
  1. Зошто вирусите ги дефинираме како честички со биолошки белези?
  2. Што е вирион?
  3. Како се размножуваат вирусите?
  4. Кој врши синтеза на белковините за новиот вирус?
  5. Зошто бактериофагите се најдобро проучени вируси?


3. ЦАРСТВО НА МОНЕРИ

Монерите се најситните, но и најбројните организми кои ја населуваат земјата. Тие имаат специфична градба. Широко се распространети затоа што можат да се исхрануваат на повеќе начини, во кислородни и безкислородни средини. Се размножуваат брзо и едноставно. Многу монери може да предизвикаат значителни штети или смртоносни болести кај човекот, животните и растенијата. Сепак, меѓу монерите има многу кои се и корисни.
Монерите се микроскопски, едноклеточни прокариоти кои имаат клеточна градба. Клетката им е обвиена со мембрана, но во цитоплазмата немаа организирано јадро, ниту органели. Тоа значи дека наследниот материјал (генетичкиот) е представен со молекули на нуклеинска (јадрена) киселина, но не е одделен со посебна мембрана од цитоплазмата.
Монерите се класифицирани во четири кола, но најзначајни се:
-бактерии
-модрозелени алги (Cyanophyta)

Распространетост
Во царството на монерите најбројни и најзначајни се бактериите. Тие се распространети во сите животни средини: вода, воздух и почва. Се среќаваат во многу екстремни услови, во кои другите организми не можат да живеат, како што се топлите извори, каде што температурата е 90 Ц, или во поларните области на земјата. Бактериите ги има во океаните на длабочина до 4 километри и во вулкански средини во кои што има отровни гасови. Исто така, ги има во Мртвото море, каде што концентрацијата на сол е многу висока, но и во живите организми: растенијата, животните и чевекот.

Форма и големина
Неколку најчести форми во кои се појавуваат бактериите се: топчести – коки, стапчести – бацили или спирали – спирили. Бактериите можат да бидат поединечни или да се групираат по две – диплококи, по четири – тетракоки, во низи – стрептококи или во форма на гроздови – стафилококи.
Големината на бактериите се менува, но најчесто се движи од 0,3 до 8 микрометри, но мора да имаме предвид дека бактериите градат колонии кои имаат многу поголеми димензии.

Градба
Бактериската клетка е изградерна од цитоплазма, обвиена со клеточна обвивка над која се формира цврст клеточен ѕид. Во цитоплазмата е нуклеинската (јадрена) киселина, во вид на кружен хромозом, со кој ја носи главната генетска информација. Монерите немаа клеточни органели. Кај некои монери се наоѓаат и други генетски елементи – плазмиди и епизоми, мали кружни молекули од јадрена киселина, кои може независно да се умножуваат. Некои бактерии над клеточниот ѕид, површински, создаваат заштитна обвивка од сложени шеќери – капсула. Други пак, градат мрежа од сложени шеќери, која им помага да се прикачат за подлога или за домаќин. Многу бактерии имаат кампик – флагелум, со чија помош се движат, а други движењето го изведуваат со трепки.

Спори
Некои бактерии имаат способност при неповолни услови да формираат спора (јадрената киселина со дел од цитоплазмата се обвива со цврста обвивка). Во ваква состојба, тие може да опстанат долг период (стотици години), се’ до создавањето поволни услови за живот. Тогаш цврстата обвивка пука и монерите го продолжуваат активниот живот.

Исхрана
Поголемиот број монери се хетеротрофни. Тие се исхрануваат со готова органска храна која се наоѓа во нивната средина, а настануваат со гниење на растителните и животинските трупови. Овие бактерии се наречени сапрофити. Тие се главни био-редуценти (разградувачи) кои ги разложуваат мртвите тела и од нив ги користат органските материи. Во тој процес на разложување се ослободуваат јаглерод-диоксид, вода и други елементи, со што се овозможува кружење на материјата во природата. Друга група хетеротрофни бактерии се паразити. Со овој начин на исхрана, бактериите предизвикуваат заразни болести и нив ги нарекуваме патогени бактерии. На пример, туберкулозната бактерија (Mycobacterium Tuberculosis) предизвикува тешко заболување кај човекот – туберкулоза. Познати се и други болести предизвикани од бактериите, како што се: тифус, паратифус, колера, гонореја, ботулизам. Освен кај човекот, патогените бактерии предизвикуваат заболувања и кај домашните животни и кај културните растенија, нанесувајќи притоа големи штети.
Третата група хетеротрофни бактерии наречени симбионти, живеат во заединца со домаќинот – растение, животно или човек и остануваат заемна корист, на пример Echerihia Colli која живее во црфевата на човекот.
Автотрофниот начин на исхрана е застапен кај помал број монери, главно модрозелените алги и некои бактерии. Тие сами произведуваат органска храна по пат на фотосинтеза или хемосинтеза. Оние кои се исхрануваат автотрофно, преку фотосинтеза, се наречени фото-автотрофни, го содржат пигментот хлорофил и ја апсорбираат сончевата светлосна енергија за синтеза на органската храна. Не пример, колониите од модроазелените алги Анабена и Мосток, кои живеат во застоени води, брзо се размножуваат и можат да ја променат бојата на барите, реките и езерата. Оваа појава ја нарекуваме цветање.
Мал број бактерии се исхрануваат автотрофно, преку хемосинтеза. Тоа се хемо-автотрофни бактерии, и тие ја користат енергијата добиена од хемиските реакции. Некои хемо-автотрофни бактерии го фиксираат азотот од атмосферата и го претвораат во нитрити. Растенијата ги користат нитритите за синтеза на протеините. Во атмосферата, азотот го има во големи количества во вид на гас, кој растенијата не можат да го искористат во ваква форма, а го примаат од бактериите азото-фиксатори.

Дишење
Кажавме дека монерите се распространети во сите животни средини во кои владејат различни услови за живот. Според тоа, тие се приспособиле и за живот во отсуство на кислород, затоа и се наречени анаеробни бактерии, наспроти оние кои живеат во присуство на кислород, а се наречен аеробни бактерии.

Размножување
Бактериите се разножуваат многу брзо при оптимални (најповолни) услови. На пример, echerihia colli се размножува на секои 15 минути. За кусо време може да се намножат милиони бактерии. За среќа, условите во средината не се секогаш поволни, со што се намалува брзината на размножување. Монерите се размножуваат бесполово, при што од една се добиваат две нови клетки. Од мајката – клетка се добиваат две ќерки – клетки, со еднаков наследен материјал (клонови). Тука ќе ја спомнеме коњугацијата – појава при која доаѓа до привремено доближување на две бактериски клетки од ист вид. Меѓу нив настанува размена (рекомбинација) на генетскиот материјал. Коњугацијата ја зголемува генетската разновидност на единките.

Активности
...


(изв. „БИОЛОГИЈА за I година реформирано гимназиско образование“ IV издание; ПРОСВЕТНО ДЕЛО, Скопје – 2015 год.)


No comments:

Post a Comment