Tuesday, December 1, 2020

РОБЕРТ МУЗИЛ: Човек без својства

 

109.

Бонадеа, Каканија: системи на среќата и рамотежата

Ако во Каканија постоеше некој кој воопшто не ја разбираше политиката, ниту пак сакаше да знае нешто за неа, тогаш тоа беше Бонадеа, но меѓу неа и неослободените нации сепак постоеше извесна поврзаност: Бонадеа (не изедначувајте ја со Диотима; Бонадеа, добрата божица, божицата на невиноста, чијшто храм станал засолниште на развратни оргии; сопруга на претседателот на основниот суд, или нешто слично; несреќна љубовница на човек кој за неа не беше ниту доволно достоен, ниту посакуван) имаше извесен систем, а политиката во Каканија немаше никаков.

Системот на Бонадеа досега се манифестираше во нејзиниот двоен живот. Своите чесни амбиции ги задоволуваше во кругот на семејството, кои би можеле да го наречеме возвишен, и поради тоа во општественото милје имаше привилегија да ја познаваат како извонредно образована и уважена дама, но од друга страна, таа им се препушташе на одредени искушенија, на кои беше изложен нејзиниот дух, под изговор дека е жртва на својата хиперсензитивна конституција, дека има срце кое ја тера да прави секакви лудости, а лудостите на срцето се исто така чесни како и романтичните политички злосторства, па дури и кога несаканите појави не се сосем беспрекорни. Притоа, срцето ја игра истата улога како и Честа, Послушноста и Правилникот на службата – III дел во животот на генералот, или како ирационалниот остаток во секој добро организиран живот, остаток кој на крајот го уредува сето она што не може да го уреди разумот.

Сепак, тој систем функционираше со извесна грешка, го делеше животот на Бонадеа на две состојби, при што преминот од едната во другата состојба никогаш не се одвиваше без тешки загуби. Зашто, колку што срцето беше доследно храбро пред престапот, толку беше обесхрабрено по него, а сопственичката на тоа срце постојано беше растргната меѓу манијакално ведрите и мастило-црните струења на душата, кои сосема ретко беа урамнотежени. Сепак, тоа беше некаков систем; односно, со други зборови, не беше обична игра слободно препуштена на нагоните (приближно онака како што во минатото животот се гледаше како автоматски баланс на радоста и тагата, со извесно конечно салдо во полза на радоста), туку содржеше важни ментални подготовки со цел да се фалсификува крајниот биланс.

Секој човек располага со метод со кој ќе може да го протолкува билансот на впечатоци во своја корист така што од тоа на крајот ќе произлезе – ако може така да се изразиме – витален минимум за секојдневна радост. Притоа животното задоволство може да се состои и од незадоволство, таквите материјални разлики не играат никаква улога зашто, како што е познато, исто така постојат и среќни меланхоличари, како што има и посмртни маршеви кои во својот елемент лебдат еднакво лесно како и танцот во својот домен. Веројатно може да се тврди и спротивното – дека многу радосни луѓе не се посреќни од оние кои што тагуваат – зашто среќата обременува исто како и несреќата; тие две состојби се потврдуваат исто како што и летањето се определува според принципот: полесно или потешко од воздухот. Но овде се наметнува друг приговор: зар со ова не се потврдува како вистинита стара мудрост на богатите, која гласи дека сиромашните не мора да им завидуваат зашто ставот дека парите ги прават луѓето посреќни е чиста илузија? Тие пари, едноставно, би ги натерале да изберат некој нов животен систем, чиј биланс на радост може да покаже само мал вишок на среќа, кој веќе го имаат. Теоретски, ова значи дека ако некое бездомно семејство не замрзне во текот на една студена зимска ноќ, кога ќе огрее сонцето ќе биде исто толку среќно колку и богатиот човек кој се буди во топол кревет; во практиката, ова се сведува на тоа дека секој – слично како и магарето – на својот грб трпеливо го носи она што му го натовариле, зашто среќно е она магаре кое е малку посилно од својот товар. И навистина, тоа е најточната дефиниција за личната среќа до која може да се дојде, и тоа само преку долготрајно набљудување на едно магаре. Но личната среќа (рамнотежа, задоволство, или како и да го наречеме она што автоматски ја сочинува нашата конечна цел), всушност, не е помалку самостојна од каменот во ѕидот или од капката вода во течноста, низ кои струјат сите сили и треперења на целината. Сето она што човекот сам го чувствува и го прави е незначително во споредба со она што си претпоставува дека другите го прават и го чувствуваат за него. Никој не живее со сопствената рамнотежа, туку се потпира врз рамотежата на слоевите што се наоѓаат околу него, така што во малата фабрика на радоста некои личности внесуваат таинствен и крајно комплициран морален кредит, за кој повеќе ќе зборуваме понатаму, зашто тој еднакво припаѓа и во психичкиот биланс на заедницата и на оној на поединецот.

Откако пропаднаа напорите на Бонадеа повторно да го придобие својот љубовник, таа веруваше дека енергијата и интелигенцијата на Диотима го имаат зграпчено Улрих и беше многу љубоморна на таа жена, но како што лесно им се случува на слабите луѓе, во восхитот кој го чувствуваше кон неа делумно наоѓаше и изговор и надоместок за претрпената загуба. Во таа состојба се наоѓаше веќе извесно време, па дури успеа и да издејствува неколку средби со Диотима, под превезот на некој скромен придонес во работата на Паралелната акција, но сепак, не беше вклучена во списокот на постојани гости во нејзината куќа, така што на крајот заклучи дека зад тоа сигурно се крие нечесен договор меѓу Диотима и Улрих. И така, таа страдаше поради нејзината и неговата суровост, но со оглед на тоа што и двајцата ги сакаше, во неа се роди илузијата за неспоредливата чистина и несебичност на нејзините чувства. Наутро, откако нејзиниот сопруг конечно ќе излезеше од куќата, таа со нетрпение седнуваше пред огледалото, како птица која се мачи да си ги намести предувите. Ја виткаше косата со згреана железна прачка, ја врзуваше и преуредуваше се’ додека не добиеше облик кој личеше на грчката фризура на Диотима. Ја чешлаше косата и ги местеше малите локни, и не можеше да забележи колку сето тоа изгледа смешно, зашто од огледалото и’ се смееше лице кое сега, според својот општ изглед, ја потсетуваше на госпоѓа Диотима. Тогаш сигурноста и убавината на суштеството на кое му се восхитуваше избликнуваа во плитки, топли, мали бранови на некои таинствено, но се’ уште незавршено соединување, како кога човек седи на брегот од бесконечното море и ги става нозете во водата. Тоа однесување кое личеше на некоја церемонија на обожавање (зашто сите обреди, од маските на боговите, во кои примитивниот човек наполно се претопувал, па се’ до цивилизациските церемонии, се проткаени со бескрајната телесна среќа на имитирањето, кое за верниците никогаш не може да го изгуби своето значење!), уште посилно ја контролираше Бонадеа, зашто на еден неодоливо страстен начин таа уживаше и во фустаните и во комплетниот надворешен изглед. Кога Бонадеа ќе застанеше пред огледатлото облечена во некој нов фустан, никако не беше способна да си замисли дека некогаш ќе дојде време кога жените, наместо набрани ракави, виткани локни на челото и долги широки здолништа, ќе носат мини здолништа и ќе имаат кратко потстрижени момчешки фризури. Таа воопшто не би се впуштала во никаква расправа за овие можности, зашто нејзиниот мозок не можеше ни да замисли нешто такво. Секогаш се облекуваше онака како што мораше да изгледа секоја отмена жена, па затоа секое полугодие чувствуваше ист страхопочит кон модата како и пред вечноста. Нејзиниот страхопочит воопшто не би се намалил дури ни кога нејзината способност за мислење би била присилена да признае дека сите нешта се минливи. Таа мирно ја прифаќаше тиранијата на светот, а времето кога посетителите пред вратата оставаа посетници со свиткан раб, или кога на пријателите им се праќаа новогодишни честитки, или кога на бал се одеше без ракавици, и’ се чинеше толку далечно колку и епохата од пред сто години, односно како свет кој сега воопшто не може ни да се замисли, кој целосно застарел и во секој поглед станал невозможен. Токму поради тоа и беше толку комично да се гледа Бонадеа без облека; тогаш беше лишена од сите заштити и, едноставно, стануваше плен на една безмилосна сила која врз неа се нафрлаше сурово и нечовечно како земјотрес.

Меѓутоа, ова периодично тонење на нејзината лична култура во пресвртите на мрачниот материјален свет повеќе не беше закана за неа, па откако Бонадеа почна толку внинателно да се грижи за својот изглед, нелегитимниот дел од нејзиниот живот, за прв пат по нејзината дваесета година, го живееше како вдовица. Впрочем, како правило стекнато од општото искуство, можеме да прифатиме дека жените кои внимателно се трудат да изгледаат подобро се исклучително морални, зашто тогаш средството ја потиснува целта, токму како што и некои спортски шампиони се лоши љубовници, некои офицери со премногу строг изглед се лоши војници, а мудрите и продуховени машки глави понекогаш се и глупави; но кај Бонадеа не стануваше збор за поделба на егергијата, туку таа со зачудувачка и наполно неочекувана предаденост му се посвети на својот нов живот. Веѓите ги исцртуваше со прецизност на сликар, а челото и образите ги мачкаше со тенок слој на крем, при што нејзиното лице полека се оддалечуваше од природниот изглед и стигнуваше до онаа лесна пренагласеност и неприродност која е својствена за сакралниот стил; телото и беше вовлечено во мек корсет, а за големите гради, кои дотогаш постојани и пречеа и и’ предизвикуваа срам, зашто и’ изгледаа премногу женствени, одеднаш чувствуваше некоја чудна, сестринска љубов. Нејзиниот маж се чудеше секогаш кога со прстот ќе ја допреше по вратот, а таа ќе му речеше: „Внимавај на мојата фризура!“ или кога ќе ја прашаше: „Нема ли да ми ја подадеш раката?“, а таа ќе му одговореше: „Не можам, носам нов фустан!“ Но, во исто време, силата на гревот практично испари од рамката во која беше затворено нејзиното тело и остана да лебди како пролетна ѕвезда во преобразениот нов свет на Бонадеа, која во тоа необично и благо разредено зрачење се чувствуваше ослободена од својата „пренадразнетост“, како од неа да се излупиле и да паднале некакви красти. За прв пат откако стапија во брак, нејзиниот маж со недоверба почна да се прашува дали постои некој друг маж, кој можеби го загрозува неговиот брачен мир.

Меѓутоа, она што се случи не беше ништо друго туку обична појава од подрачјето на виталните системи. Фустаните, извлечени од флуидот на сегашноста и набљудувани сами за себе како форма во чудовишната егзистенција на човечкиот лик, претставуваа чудни цевки и бизарни израстоци, достојни на стрелите протнати низ носот или прстените протнати низ усните. Но колку се волшебни кога ги гледаме заедно со карактеристиките што им ги доделуваат нивните сопственици! Тогаш се случува феномен еднакво голем колку оној кога низ преплетени линии, исцртани на парче хартија, ќе изникне значењето на некој голем збор. Да замислиме што ќе се случи доколку невидливата добрина и светост на некој човек одеднаш се појават над неговата глава во вид на жолто-златен ореол, голем и тркалезен како полна месечина, токму онаков каков што може да се види и на старите икони, и да замислиме дека тој ќе се појави додека човекот шета низ градот, или додека спокојно пие чај и јаде сендвич; тоа несомнено би било најчудното и највознемирувачкото доживување што можеме да го замислиме; но токму таа моќ, со која невидливото, па дури и непостојното, може да се направи видливо, секој ден сосем јасно ни ја покажува убаво скроената облека.

Таквите предмети личат на должници кои ни ја враќаат зајмената сума со огромна камата; а во таа смисла сите предмети, всушност, за нас се должници. Зашто споменатото својство на облеката го поседуваат и убедувањата, предрасудите, теориите, надежите, вербата, идеите, па дури и недостигот од идеи, доколку притоа им успее сами по себе да бидат проткаени со убедувањето за својата оправданост. Сите тие предмети, давајќи ни ја моќта што ние им ја финансираме, служат за да го постават светот во фокусот на светлината која избликнува од нас; а тоа, всушност, е цел што секој ја постигнува само со својот посебен систем. Со голема и разновидна умешност произведуваме извесна заслепепеност, која ни дозволува да живееме покрај најмонструозни нешта, и притоа да останеме наполно мирни, зашто тие скаменети лица на универзумот ние ги спознаваме и ги признаваме како маса или стол, како крик или испружена рака, како брзина или печено пиле. Помеѓу отворениот небесен амбис над главата и другиот, оној камуфлиран, небесен амбис под нозете, нам ни успева на Земјата да се чувствуваме толку мирни и спокојни, како да се наоѓаме во безбедно затворена соба. Знаеме дека животот се губи во нечовечките далечини на просторот, како и во нечовечката ограниченост на атомскиот живот, но ние се задржуваме некаде на средината помеѓу тие две состојби, на „предметите“ со чија помош го измислуваме нашиот свет, а притоа воопшто не се грижиме за фактот дека во тој случај не се работи за ништо друго туку за давање предност на одредени впечатоци кои сме ги стекнале од извесна просечна оддалеченост. Таквиот став е далеку под нивото на нашата интелигенција, но токму тој докажува дека нашите чувства во голема мера учествуваат во тоа, и навистина, најзначајните интелектуални подготовки на човекот и’ служат само на целта да се сочува константното душевно расположение, а сите чувства, сите страсти на целиот свет не се речиси ништо во споредба со силниот, но сосем несвесен напор што го прави човештвото за да го зачува својот загрозен душевен мир! На крајот, се чини дека не е исплатливо да зборуваме за нешто што функционира толку беспрекорно. Но, ако погледнеме поблиску, извештачената состојба на свеста, сепак, мо овозможува на човекот да се движи исправено меѓу орбитите на соѕвездијата и му дозволува во зенитот на речиси бесконечната темнина на светот, со достоинствено движење, да ја стави раката помеѓу второто и третото копче на капутот; а, за тоа да го постигне, на човекот, без оглед дали е идиот или мудрец, не му е доволно само да се послужи со некој свој трик, туку треба да воспостави свој личен систем на трикови кои, меѓу другото, се вешто вградени и во моралните и интелектуални подготовки за урамнотежување на општеството и целината, каде што, всушност, служат за истата цел. Таквото меѓусебно поврзување и проникнување е слично со преплетувањето во природата, каде сите магнетни полиња во универзумот дејствуваат врз магнетното поле на Земјата, иако тоа воопшто не се забележува, зашто создавањето на земјата е резултат токму на тоа взаемно дејство; а, духовното олеснување што се постигнува со него е толку големо што и најмудрите луѓе, исто како и малите девојчиња кои не знаат ништо, остануваат наполно недопрени и веруваат дека се многу паметни и добри.

Меѓутоа, одвреме-навреме, по таквите состојби на задоволство кои во извесна смисла можат да се наречат и принудни чувства или импулси, се чини дека не’ обзема нешто сосем спротивно, или, да се послужиме со жаргонот на лудницата, на Земјата и’ се случува општо бегство на идеите, и тогаш целиот човечки живот потворно се организира околу нови центри и оски. Причината за сите револуции, многу подлабока од поводот, не лежи во натрупување на некои неподносливи околности, туку во слабоста на истрошените кохезивни сили кои го фаворизирале вештачкото задоволство на душата. Во врска со ова, можеме да го цитираме мотото на еден од најславните стари схоластичари, кое на латински гласи: „Credo, ut intelligam“, а на нашиот современ јазик може да послободно се преведе како: „Господе, о Боже мој, Те молам на мојот дух да му одобриш производствен кредит!“

...

(Роберт Музил ЧОВЕК БЕЗ СВОЈСТВА Прва книга, Rober Musil DER MAN OHNE EIGENSCHAFTEN; ПРОЕКТ Ѕвезди на светската книжевност, целосно финансиран од Владата на Република Македонија; предвод од германски јазик: Катерина Јосифоска; изд. АРС ЛАМИНА во соработка со Издавачки Центар ТРИ; стр. 594 – 601; Скопје – 2014)

No comments:

Post a Comment