Thursday, December 31, 2020

ХЕНРИ МИЛЕР: МУДРОСТ на СРЦЕТО

СЕРАФИТА

 

...Серафита симболички е сместена во време на раѓање на новиот век. „Надвор“ – вели Балзак на крајот, „првото лето на XIX век е во својот полн сјај“. Надвор, ве молам, обратете внимание. Бидејќи Серафита е зачната во утробата на новиот ден, кој што дури сега – стотина години подоцна – почнува да се раѓа.

И покрај најнемирното раздобје на својот живот во 1830, Балзак изнајмува стан во улицата Касини, „на пола пат“ – како што тој вели – „помеѓу Кармеличанките и местото каде што се гиљотинира“. Таму се отпочнати Херкуловските напори поради кои што тој бил прославуван, и кои напори – без сомнение – го преполовиле неговиот живот, бидејќи при нормален ритам на живот, тој би живеел некоја година повеќе. Само да ви дадам увид во неговите активност во тој период, би рекол накратко дека во 1830 год. се забележани неговите 70 изданија, а во 1831 г. 75. Во писмото до својот издавач Вердет од 1835 година Балзак вели: „Ниту еден друг писател оваа година не го направил она што јас го сторив... Било кој друг би умрел“. Тој наведува седум книги кои штотуку ги завршил, како и политичките статии кои ги напишал Cronique de Paris. Меѓутоа, важно е да се спомене дека една од седумте книги кои ги наведува, била најнеобичната книга во целата негова кариера, веројатно една од најединствените книги во целокупната литература: Серафита.

Не се знае колку долго ја пишувал; првиот дел се појавил на 1. јуни 1834 во Revue de Paris. Заедно со Louis Lambert и „Протераните“, се појавила во облик на книга во декември 1835 год. и носела наслов Le livre mystique. Критичарите, просудувајќи ги трите продолжетоци што се појавиле во часописот, ги искритикувале како „неразбирливо дело“. Сепак, првото издание на книгата било распродадено за 10 дена, а второто за нредните месец дена. „И не е така лош к‘смет за едно неразбирливо дело“, ќе примети Балзак.

Серафита е напишана исклучиво за г-ѓа Ханска со која што Балзак, добивајќи го нејзиното прво писмо, се допишувал цел живот. Книгата ја смислил за време на патувањето во Женева, а во декември 1833 г. само три месеци по средбата со г-ѓа Ханска, започнал да ја пишува. Според Балзаковите сопствени зборови, таа книга „треба да биде ремек-дело какво што светот никогаш не видел“. Делото тоа и е, и покрај сите грешки, и покрај негирањето од страна на критичарите, наспроти очигледното запоставување и заборавот во кој што попаднала. Самиот Балзак никогаш не се сомневал во нејзината вредност или уникатност, како што понекогаш правел со неговите други дела. Иако подоцна била вклучена во La comedie Humaine, Сепак била дела од Etudes Philosophiques. Во посветата на г-ѓа Ханска, тој и’ говори „како еден од столбовите што ги изрезбарил уметник полн со вера, на којшто се потпира аџијата за да размислува за крајот на Човекот“... Седум делови од книгата без сомнеж имаат магична структура и значење. Како приповест, разбиена е со опширни разлагања и описи, кои за помало дело би биле кобни. Анализирана однатре, што е единствен начин на кој може да се разгледува, таа е совршен модел. Балзак рекол се‘ што имал да каже, брзо прецизно и речито. За мене тоа е стилот на последните Бетовенови квартети, воља победничка во својата понизност.

Оваа книга јас ја прифаќам безусловно како мистично дело од највисок ред. Знам дека, иако се чини оти била вдахновена од делото на Сведенборг и обогатена со други влијанија меѓу кои од Јакоб Беме, Парацелзус, Света Тереза, Клод Сен Мартин итн. Како писател знам дека таква книга не би можела да се напише без помош на некои више Битие; нејзиниот домет, заслепувачката луцидност, мудрост, сигурно не човечка, нејзината сила и елоквенција, оддаваат особини на дело диктирано, ако не од Бога, тогаш од ангели.

Книгата заправо говори за ангел во човечки лик, за суштество ни машко ни женско, или поточно малку од едното малку од другото, а сепак за нешто повеќе или – како што забележува еден од ликовите – „тоа не е суштество, туку целовита креација“. Во секој случај, било да станува збор за Серафита или за Серафито, то ест како што вели и Балзак, „нејзиниот пол би ги довел во недоумица и најучените луѓе, кога би требале да се изјаснат по ова прашање“, предмет на книгата е едно битие полно со светлост, и со таков тип на однесување, со којшто може да го превари и најпромислените умови на критичарите, но не и на горливиот читател. Оние што знаат за што станува збор во книгата, го делат мислењето и чувството на младиот студент во Виена, кој – како што се зборува – му пришол на Балзак додека овој одел по улица и замолил за дозвола да ја бакне раката која што ја напишала Серафита.

Раскажаните настани се еднакво прости и содржајни како и оние поврзани со Христовиот живот. Како и во таа друга драма, хиеархискиот ред на настани тече во насока на спротивно историско движење, контра смертот на движење на стрелките од часовникот. Обрисите се силовити; времето е сопрено и во грозната сеопфатна тишина, која што го обвиткува таинственото суштество по име Серафита, може стварно да се чуе растот на крилата што ќе ја вознесат на оној свет, искуство кое Балзак го спознал уште како момче кога го посетил ангел во Collegeu de Vendome. Приказната е симболична и полна со откровенија од почеток до крај. Не е ограничена како делото „Луј Ламбер“ на она што може да се нарече интелектуален облик на окултизам, туку произлегува од срце кое – како што Балзак и самиот знае – го сочинува виталниот центар на човековото битие. Тоа е Розенкројцерова драма, чиста и едноставна. Приказна за Љубовта, за победата на Љубовта над Желбата. А кој би можел подобро од Балзак да го прикаже драматичниот рецитал на тој сукоб? Зарем и Балзак самиот негде не кажал дека, доколку некогаш би извојувал победа над желбата, тогаш тој напросто би умрел од болка? На највисокиот степен на творечката имагинација, ова дело духовно го надминува Фауст, создава мост помеѓу творечкиот инстинкт изразен низ уметност и креативна интуиција, која можеби ќе го ослободи човекот од стравот од уметност и ќе му дозволи, од својот живот, да создаде творечко дело. Како отелотворување на желбата, се чини дека Балзак, во тој врвен напор, погодил во целта кога рекол оти дури занесот мора да биде трансформиран. Непогрешливо сфатил дека генијот е само на првото скалило на великото Тројство на Љубовта, и оти самата негова желба за бесмртност, со принесување жртва во уметнички облик, е израз на себична љубов или Љубов кон самиот себе. Совршено свесен за своите ограничувања како човек и помирен со улогата на уметник, Балзак успеал низ светот на желбите, да даде средство кое ќе не’ води до тајните.

Другите посовршено развиени суштества, говорат со јазик што изискува упатеност какво што големото мнозинство мажи и жени нема никогаш да го искуси. Како универзален уметник, Балзак постигнува дури и најтупавиот ум јасно да ги види неограничените можности кои се секому отворени. „Бронзениот стап им припаѓа на сите“, вели Серафита... „Ни најмрачниот евангелист, ниту пак најчудесниот од сите Божји пророци, не го надминал она што вие би можеле да го постигнете“. Тоа што тој не го следел устремот што - на крајот на денот – сите мора да го изминеме (нешто што и самиот тој го сфатил), не значи осуда на неговата мудрост и искреност; тајната со која е обвиткано човековото однесување е сокриена во законите на Кармата и Дхармата. „Врвната доблест е“, кажува тој при крајот на книгата, „резигнацијата“.

Освен Серафита, опишани се уште четири лика: Давид – нејзиниот стар слуга, некој вид на библиска фигура. Карпа на Верата, човек кој изгледа се’ покорува на законот на инерција; пастор Бекер, постар човек кој е симбол на бесцелно учење и против кој се упатени најлути стрели; Минна, неговата ќерка, млада девојка која ја обожува Серафита; и Вилфрид, човек во цветот на животот, верен со Минна, но такуѓере одадено вљубен во Серафита. Седумте делови од книгата драмски можат вака да се разгледуваат: Возвишено Место или Благовест, Мистично Спојување на Двајца во Едно, прикажано како Љубов, Искушение и Победа над Желбата, Маките на Сомневањето, Одрекување, Патот на Светлоста, и на крајот е Вознесението.

Призорот се одвива во Норвешка, во селото Јарвис. Приказната започнува со искачувањето на Минна и Серафитус на непристапните врвови на Фалберг. Атмосферата е магична: „можеа да се видат ѕвездите, иако е ден“. Минна, свесна за надреалноста на авантурата, извикува: „Ова нешто не го постигнавме само со човечка сила“. На шпицот, од каде што имаат застрашувачки поглед на два света, Серафитус бере каменика (етимолошко значење за „цвет кој го разбива каменот“), врз кој што човечки поглед се‘ уште не слегнал, па и’ го нуди цвеќето на својата другарка во спомен на еден специјален ден во нејзиниот живот, говорејќи: „Никогаш нема да најдеш водич да те води до овој Апекс“. Серафитус говори онака како што може да зборува само оној „кој доспеал до највисоките места на планетата Земја“. Таа и’ раскажува на Минна дека познавањето на закони за видливиот свет е само средство кое ни овозможува да ја замислиме бескрајноста на Вишите сфери, тврдејќи дека човекот не е последниот збор од Создавањето... „Доле“, вели таа, „имаш надеж, убав остаток од вербата; но тука владее Верата којашто ја реализира Надежта“. А, потоа речиси како да говори самиот Балзак, таа продолжува: „Не ги сакам овошките на земјата... Чувствувам гадење кон сите нешта, бидејќи ја имам визијата како дарба“.

Одговарајќи на Миннините изјави на љубов, Серафита извикува со очајнички крик: „Сакав само некој да ме следи во Кралството на Светлината... Јас сум изгнаник далеку од небото; како чудовиште, далеку од Земјата... јас сум сама. Покриена со судбината, можам да чекам“.

...

 

(изд. „Тисак“ СОУР Вјесник ООУР ТМ, авенија „Братства и јединства“ бр. 4, Загреб – 1986 год.; стр. 176-180)

No comments:

Post a Comment