Thursday, September 16, 2021

КАРЛОС РУИЗ ЗАФОН: Играта на Ангелот

Трет чин

ИГРАТА НА АНГЕЛОТ

 

9.

...

Една ноќ се разбудив од тропање на вратата на мојата соба. Саатот беше три по полноќ. Се одвлечкав до вратата уште сонлив, и на прагот видов една од сестрите на санаториумот.

-Доктор Санхуан ме замоли да ве извикам.

-Што се случило?

Десет минути подоцна минав низ капијата на вила Сан Антонио. Викотниците се слушаа до градината. Кристина се беше заклучила однатре во собата. Доктор Санхуан, кој изгледаше божем не спиел една седмица, се мачеше да ја скрши вратата со помош на двајца болничари. Можеше да се чуе како Кристина внатре како вришти и удира по ѕидовите, го бутка намештајот и уништува се‘ што ќе и дојде под рака.

-Кој е внатре со неа? – запрашав јас заледен од ужас.

-Никој – одговори лекарот.

-Но таа зборува со некого – возвратив јас.

-Сама е.

Еден надѕорник дотрча со метален лост в рака.

-Го најдов само ова – рече тој.

Докторот климна со главата и надзорникот фати да ја разбива вратата.

-Како успеала да се заклучи однатре – прашав јас.

-Ами, не знам.

За прв пат ми се стори дека на докторовото лице гледам уплав: тој го избегнуваше мојот поглед. Надзорникот беше на пат да ја сломи бравата, кога одненадеш на другата страна зацарува молк.

-Кристина? – викна лекарот.

Немаше одговор. Вратата најсетне попушти и се отвори со тресок. Влегов во одајата и во неа владееше мрак. Пенџерето беше отворено и низ него вееше леден ветер. Столиците, масите и фотељите беа превртени, а ѕидовите ушлакани со криволици од некаква црна боја. Се покажа дека тоа е крв. Од Кристина немаше ни ал ни абер.

Болничарите истрчаа на терасата и со поглед ја пребараа градината не би ли виделе стапалки во снегот. Лекарот се осврнуваша натаму-наваму тражејќи ја Кристина. Тогаш слушавме смеа којашто идеше од купатилото. Појдов до вратата и ја отворив. Подот беше насеан со срча од стакло. Кристина седеше на плочките, потпрена на кадата како кукла. Крв течеше од нејзините раце и нозе, кои беа полни со исеченици и парчиња стакло. На процепите на огледалото, кое го беше скршила со бокс, се’ уште се слеваше нејзина крв. Ја зедов во прегратка и го побарав нејзиниот поглед. Таа ми се насмевна.

-Не го пуштив да влезе – рече таа.

-Кого?

-Сакаше да заборавам ама не го пуштив да влезе – повтори Кристина.

Лекарот клекна до мене и и‘ ги прегледа раните што и’ го покриваа телото.

-Ве молам – промрморе тој, туркајќи ме настрана. –Не сега.

Еден болничар отрча по носилка. Им помогнав да ја положат Кристина врз неа и ја држев за рака, додека ја носеа во еден кабинет, каде што д-р Санхуан и’ даде инјекција за смирување; тоа за само неколку секунди ја втурна во несвест. Стоев до неа и ја гледав в очи се’ додека тие не се претворија во празни огледала, после што една медицинска сестра ме изведе од ординацијата. Останав вон, во ходник којшто мирисаше на дезинфектант; рацете и алиштата ми беа уцапани во крв. Се потпрев на ѕидот и полека се излизгав кон подот.

 

Следниот ден Кристина се разбуди, откривајќи дека за креветот е вржана со кожни ремени и тоа во просторија без прозорци и без извори на светлина, освен од сијалицата која што висеше од таванот. Јас ја минав ноќта на една столица во аголот на собата набљудувајќи ја, губејќи секакв представа за времето. Таа нагло ги отвори очите и лицето и се искриви од болка, кога ја здоболеа јазвите од расекотините.

-Давид? – ме викна таа.

-Овде сум – одговорив јас.

Се доближив до леглото и се наведнав за да ми ја види анемичната насмевка, која ја наместив заради нејзе.

-Не можам да мрдам.

-Врзана со со каиши. За твое арно. Лекарот ќе те одврзе кога ќе дојде.

-Одврзи ме.

-Не смеам. Лекарот е тој што...

-Те молам.

-Кристина, подобро е да...

-Молимте.

На лицето и‘ се гледаа бол и страв, ама најповеќе една бистрина и прибраност што ги видов сефте, откако ја посетував во санаториумот. Тоа беше мојата стара, добра Кристина. Ги отпетлав првите два ремена, кои што се крстосуваа преку рамењата и кичмата. Ја помилував по лице. Таа трепереше.

-Ладно ли ти е?

Одмавна со глава.

-Сакаш ли да го викнам докторов?

Пак одмавна.

-Давиде, погледни ме.

Седнав на ивица на креветот и ја погледнав в очи.

-Мора да ја уништиш – рече таа.

-Не разбирам.

-Треба да ја поништиш.

-Што да поништам?

-Книгата.

-Кристина, мислам дека треба да го викнам докторот.

-Не. Слушај ваму.

Ми ја стегна дланката со сета сила.

-Помниш ли она  утро кога отиде да купиш карти за воз. Јас тогаш повторно влегов во твојата канцеларија и го отворив сандакот.

Длабоко издишав.

-Го зедов твојот ракопис и почав да го читам.

-Кристина, тоа е само една прикаска...

-Л‘жеш. Го прочитав, Давиде. Доволно прочитав за да сфатам дека тој мора да се уништи.

-Не се секирај за тоа сега. Нели ти реков оти го баталив довршувањето на ракописот.

-Но, тој тебе не те баталил. Се обидов да го запалам.

После овие думи, ја испуштив нејзината дланка, потиснувајќи го студениот гнев што се дигна во мене, потсетувајќи се на кибритните шкорчиња што ги најдов на подот.

-Си пробала да го запалиш мојот ракопис?

-Да, ама не успеав – промормори таа. –Во куќата имаше уште некој.

-Не Кристина, во куќата немаше никого. Никој.

-Кога го запалив чкорчето и кога го приближив до манускриптот, го осетив зад мојот грб. Почувствував удар во тилот и паднав.

-Кој те удри?

-Се’ беше мошне темно, како светлината на денот да се повлече и не можеше да проникне внатре. Се свртев, ама беше ептен мрачно. Во темницата можев да му ги видам само неговите очи. Очи како на волк.

-Кристина...

-Ми го грабна ракописот од раце и го врати назад во сандакот.

-Кристина, ти се неарна. Дај да го викнам докторот.

-Ти изгледа не ме слушаш!

И‘ се насмевнав и ја банкав в чело.

-Се разбира дека те слушам. Меѓутоа во куќата немаше никој друг освен нас...

Таа замижа и ја навали главата, стенкајќи небаре моите зборови беа ножеви кои и’ ја распоруваат утробата.

-Сега ќе го викнам лекарот...

Се наведнам да ја поцелувам и станав. Кинисав кон вратата, чувствувајќи го нејзиниот поглед во грбот, впиен во мојот грб.

-Кукавицо – рече таа.

 ...

(Carlos Ruiz Zafon: EL JUEGO DEL ANGEL; 2009)

No comments:

Post a Comment