Кејнз имал свој
антипод. Тоа е Австриецот Фридрих фон Хајек. Ако Кејнз се залагал за што
помасивна интервенција на владата во стопанството, Хајек тоа го сметал за
најголем грев. И заради тоа, стаснал икона на економската политика од крајот на
XX век. Ако до шеесетите
години кејнзијанството претставувало главна доктрина на западните земји, по
кризата од седумдесетите, Хајек е востоличен за економски „крал“ на светот.
Неговата бизнис-филозофија била широко прифатена од двајцата водечки
нео-либералистички лидери во осумдесетите – Роналд Реган и Маргарет Тачер. Има
една сторија која вели дека, непосредно по изборот за шефица на Конзервативната
партија во 1975, на еден собир, Тачерка го извадила пред присутните Хајековиот „Поредок
на слободата“, го лупнала на маса и рекла: - Ова е тоа во што веруваме-. По
нејзиното доаѓање на власт 1979, таа спроведе темелна реформа на стопанството,
ги продаде државните компании, ги растури синдикатите и ја изведе Велика Британија
од стагфлација. Нејзината економска програма се базираше врз Хајековите лесе-фер
постулати.
Фридрих Хајек е
репрезент на австриската школа на Карл Менгер и Еуген Бем-Баверк. Лудвиг фон
Мизес му бил учител. Хајек потекнувал од интелектуална фамилија. Неговите
дедовци биле научници, а филозофот и математичар Лудвиг Витгенштајн му бил
братучед. По завршувањето на Првата светска војна, во која учествувал како
војник на Австро-Унгарија, се запишал на факултет и набргу дипломирал право и
политичка економија. Првичното загревање за т.н. фабијански социјализам
испарило по лектурите на Лудвиг Мизес, кој го сметал социјализмот за облик на
тоталитаризам. Во 1927 е промовиран во доцент на Виенскиот универзитет. Станува
видлив на научната мапа и тоа резултира со повик од страна на Лондонската
економска школа. Со неговите предавања од 1931 на оваа прочуена установа, Хајек се
стекнува со светска слава на едвај 32 години. Тие и дел од подоцнежните
предавања ќе станат дел од фамозната книга „Цени и производство“. Меѓутоа,
Нобелова награда за економија ќе добие дури в 1974 г.
Фридрих Хајек
живеел мошне долго – од 1899 до 1992 г. Во текот на својот живот напишал голем
број трудови и 25 книги, не само од областа на економијата, туку и од
социологијата, психологијата итн. Сепак, „Цени и производство“ иако е негова
втора најрана книга, се смета за ремек-дело. Тоа всушност претставува композит
од неколку Хајекови предавања во 30-тите години од минатиот век и биле
објавувани под различни наслови – во зависност од тоа кој труд одреден издавач би
го сметал за најважен. Книгата е составена од овие поглавја: „Монетарна теорија
и трговскиот циклус“; „’Парадоксот‘ на штедењето“; насловната „Цени и
производство“; „Монетарен национализам и меѓународната стабилност“;
„Размислувања околу Чистата теорија на парите од Џ.М. Кејнз“; „Митологијата на
капиталот“; и на крајот „Инвестиција која ја крева побарувачката за капитал“. Во
што е суштината на Хајековата теза или поточно анти-теза?
Најпрвин, авторот
ја разработува теоријата на трговски или стопански циклуси, која првично ја
прокламирал шведскиот економист Кнут Виксел, а ја прифатил и неговиот учител
Фон Мизес. Набљудувајќи ги индустриските растежи и падови, Хајек изнел тврдење
дека за таквите флуктуации се одговорни владата и централната банка. Потпирајќи
се на пазарните истражувања на неговите виенски претходници, тој заклучил дека
политиката преку кредитна експанзија или емисија на пари, сноси вина што во
определен период индустриското производство наеднаш почнува да расте. За
разлика од Кејнз, кој таквите мерки ги оправдувал, Хајек ги сметал за штетни. Тој
исто така коренито се разликувал од Кејнз по прашањето на штедењето. Додека
вториов го прокламирал т.н. штедачки парадокс („колку повеќе се штеди – толку
полошо“), Хајек стоел на спротивното стојалиште. Тој сметал дека нема подобар
начин за акумулирање пари од приватното штедење и дека секоја интервенција на
владата со цел намалување на каматната стапка, горко ќе се плати. Австрискиот
научник тврдел дека, и покрај првичните добри резултати по однос на зголеменото
кредитирање и поевтини заеми, по извесно време вештачкото намалување на т.н.
природна камата, неминовно ќе резултира со рецесија. Десетимулирањето на
штедењето за Хајек било катастрофално.
No comments:
Post a Comment