Thursday, October 22, 2015

РОБЕРТ РОЖДЕСТВЕНСКИ: Се роди човек

Дрвја,
паднете ничкум потајум!
Ровјо непослушна,
задави се в шум!
Се роди човек.
Тој – беден е! Друмник сам на друм!
Подајте му
на бедникот!
Подајте му на бедниот,
сега, в мигов кус,
од мајчино млеко
вкус,
и одаја
без провев пуст
подајте му на бедниот.
Со збрани веѓи, гледај, гледа тој,
намрштен гледа на светот,
со неспокој,
и плаче човекот.
Тој –
бедниот тој!
Подајте му на бедниот.
Подајте му го најпрвиот
чекор, со страст,
в уши – од песна лулкина глас.
За трите мечиња од сказните, в час,
прочитајте му
на бедниот.
Нека го знае ноќниот мрак,
дневниот сјај,
нека се привикне на брег без крај.
Подајте му азбука, ај.
подајте му
на бедниот.
Нека поверува во добрината,
нека проверува
како се чека бедата зината.
На трудот непојмлив вистината
нека ја изучи
бедниот.
Ќе израсне човекот.
Тој –
А вие –
од земјините колови од очите свои,
сета таа земја
без граница што стои,
дајте му ја
на бедниот...!
Но, нека сам
си најде љубов.
Не бива
да му се подаде љубов.
Само на бедни
подаваат љубов.
А тој –
Не, не е беден тој!

(објавена во „Златен венец“, изд. Књижевна заједница Новог Сада и Македонска книга 1986г.)

No comments:

Post a Comment