Робин Џорџ
Колингвуд е еден од најеминентните преставници на научната дисциплина
филозофија на историјата. Неговата книга „Идеја на историјата“ се смета за
базично дело на аналитичката историографија поради тоа што претставува пресек
на сите позначајни творци на тоа поле – од антиката до двесетиот век.
Р. Џ. Колингвуд
потекнувал од научно-уметничко семејство и неговиот татко му бил секретар на
англискиот уметник и мислител Џон Раскин. Уште во раната младост, на почетокот
на полнолетството, започнува со теоријска дејност и набргу се стекнува со
званичен статус на Универзитетот Оксфорд. Примарно, Колингвуд е метафизичар и
филозоф, но истражува на полето на уметноста и естетиката и особено во
историјата и археологијата. Тој се сметал за преставник на британскиот
мета-историски идеализам, остар противник на материјализмот и позитивизмот. Бил
под големо влијание на италијанската филозофија на историјата, олицетворена во
класичниот научник Џамбатиста Вико и неговиот XX-вековен наследник Бенедето Кроче. Обата
италијански теоретичари имаат свое место во книгата „Идеја на историјата“, секој
во својата епоха. За разлика од врвната филозофска кариера, Колингвуд имал
помалку к‘смет со здравјето. Тој страдал од последици од болеста дечји
сипаници, имал висок крвен притисок и претрпел неколку срцеви удари. Починал во
јануари 1943, не дочекувајќи го својот 54 роденден на 22 февруари.
Исто како и
„Принципите на историјата“ која до публиката пристигна дури во 1999 г. и
капиталната творба „Идеја на историјата“ од Колингвуд е објавена постхумно 1943
г. Станува збор за негови предавања, кои подоцна негови ученици ги
синтетизирале во единствен научен труд. Тој е поделен на 4 дела плус вовед. Во
својот вовед, Колингвуд објаснува во што е разликата помеѓу историјата и
филозофијата на историја, која е гранка на филозофијата, не на
историографијата. Потсетувајќи дека терминот „филозофија на историјата“ го
креирал Волтер, а го разработил Хегел, Колингвуд експлицира дека, за разлика од
тнр. науки од прв степен, филозофијата како наука од тнр. втор степен се
занимава со „мислење на мислењето“. Во конкретниот случај, со мислење на
историското мислење. Додека историчарите се бават со истражување на минатото,
филозофот се бави со тоа на кој начин историскиот ум се бави со минатото.
Испитувајќи ги фазите низ кој минал развитокот на тој историски ум, филозофот
де факто се занимава со севкупната светска историја. Во главнината на делото
„Идеја...“ Колингвуд всушност го подложува на критичко промислување придонесот
што најкрупните историчари и филозофи го дале во науката, од времето на Херодот
и Тукидид, па се‘ до почетокот на минатото столетие.
Главнината –
спомнавме - се состои од четири дела: Грчко-римска историографија; Влијанието
на христијанството; Почеток на научната историја; и Научна историја. Во тие
поглавја, кои ги опфаќаат глобалните раздобја на светската (првенствено
европската) историја, дефилираат делата на врвните творци. Нивните дела, како
тие на германската школа - Хердер, Кант, Шилер, Фихте, Шелинг и Хегел - Колингвуд ги подвргнува на ригорозна научна критика.
Онаму пак, каде што се врши приказ на севкупната историографска мисла, без
притоа да се истакнуваат поединци -историчари, како што е случајот со
ранохристијанската и средновековната мисла, аналитички се третира целата епоха,
при што се презентираат нејзините особености, дострели и слабости.
Поаѓајќи од
своите филозофски стојалишта, кои биле длабоко анти-позитивистички и кои се
противеле на гледањето на историјата како дескриптивна дисциплина, која ги
распоредува фактите од минатото, без притоа да води смета за нивната генеза и
околностите во кои тие настанале, Колингвуд извршил критика и на некои од
најимпресивните научни творевини на XX век, како што се тие на Британецот А. Тојнби и Германецот О. Шпенглер. Не
порекнувајќи ја нивната огромна, речиси безгранична ерудиција, Колингвуд го
критикувал на нивното гледање на историјата како збир од различни, меѓусебно слабо
поврзани цивилизации, односно култури. Некои сметаат дека неговите забелешки
биле малку преостри, со оглед на тоа што повеќето историски филозофи, во
времето минато гледале своевидна реализација на одреден План, чиј архитект се
наоѓа отаде видливото.
No comments:
Post a Comment