Книгата „Злато и
пари во историјата“ е дело на францускиот
научник Пјер Вилар. Вилар не бил економски теоретичар, туку историчар. Негова
специјалност била хиспанистиката и тој се смета за еден од светски најдобрите
познавачи на шпанската и посебно каталонската историја. Некои од некои од
неговите хиспански студии доживеале преку 20 изданија. Инаку, Вилар е роден
1906 г. и по завршувањето на средното образование во Монпеље, студира на
париската Екол Нормал Супериер. За време на Војната бил мобилизиран во
француската, а подоцна заробен од страна на нацистите, така што добата 1939-45
ја минива во германско пленство. По ослободувањето, продолжува со
истражувачката работа, при што, од 1965 до ‘75 предава на Сорбона и директорува
со нејзиниот Економско-социјален институт. И после пензионирањето продолжува да
предава на Школата за високи студии. Дело „Злато и пари во историјата
1450-1920“ е објавено 1974 г. и е продадено во огромни тиражи. Во самиот вовед,
Вилар ќе запише: „Оваа книга не ја напишал монетарен експерт, а ни економист.
Ја напишал историчар. Тој не сака да му дели совети на ММФ. Не пожелува да му
сугерира на читателот да купува или продава злато или долари.“ Темата на
книгата е историјата на златото и парите. Тоа ја прави скапоцен труд за оние
кои сакаат поблиску да се запознаат со фазите низ кои минувал стопанскиот е
монетарниот развој на човештвото, првенствено европското.
Книгата содржи 36
поглавја кои би можело да се групираат во неколку сегменти. Во првите неколку
глави се разгледува економијата на антиката и Средниот век. Вилар ја подложува
на критика темелната теза на големиот Џон Мајнард Кејнз изложена во неговиот
„Трактат за парите“, која гласи: „богатството на народите се постигнува не со
инфлација на приходите, ами со инфлација на профитите, кога цените ќе пораснат
повеќе од трошоците“. До тоа доаѓа кога една цивилизација или култура се здобие
со нови големи количества скапи метали (Сумерите го нашле арабиското злато, старите
Египќани африканскиот бакар, античките Грци од Атина среброто во лаврионските
рудници, Александар трезорите на стара Персија итн.). На тоа Вилар приговара
дека металите и туѓите азна можат да бидат стимуланс, ама не и причина за
наглиот економскиот развој.
Централен дел од
Виларовото дело зафаќа анализа на влијанието што Големите откритија од добата
на Ренесансата го извршило врз стопанскиот бум во Европа. Овој дел зафаќа
петнаесетина поглавја. На почетокот, Вилар се занимава со откривањето на
африканското злато од страна на Џеновјаните, Шпанците и во прв ред
Португалците. Се‘ до XV век, пловењето
подалеку од Ибериското копно се сметало за лудост, иако и во доба на Готиката
имало инцидентни обиди да се заплови долж Африка. Со пронаоѓањето на бродот
каравела, како и со гладта за злато во западна Европа, предизвикана од порастот
на населението по големите епидемии на чума, почнале првите експедиции на југ.
Природно дека пионери во тој потфат биле морерпловците од Португалија, чија
земја е на тромеѓето меѓу Пиринејскиот полуостров, Атлантикот и Западна Африка.
Поттикнати од својот владетел, принцот Енрико Морепловецот, тие најнапред ја
заземале Сеута, карши Гибралтар, а потоа се спуштиле кон Сенегал. По течението
на реката Гамбија продреле во внатрешноста на Африка, од каде конфискувале
енормни количества на злато. Домородните племиња на териториите на денешните
Нигер и Мали не го користеле златото како платежно средство, туку го складирале
и тезаврирале, користејќи го за изработка на накит, исто како и старите Германи
во Раниот среден век. Оттаму, на вештите Португалци не им било тешко да вршат
пленидба на купиштата златни предмети и со илјадници добло-товари, да ги
траспортираат кон Лисабон, оставајќи за возврат разни ткаенини и евтини
предмети. Примерот на Португалците го следеле Шпанците, кои навреле во Латинска
Америка, ограбувајќи оттаму тони злато, тезаврирано кај локалните Инки, Ацтеки,
Маји. Така настанала тнр. „револуција за цените“ на која што се должи
подоцнежниот енормен економски, културен и технички развој на Европа, чии
последици се чувствуваа и денес.
No comments:
Post a Comment