Георг Зимел бил
германски мислител кој се занимавал со голем број научни прашања, меѓу кои и со
економските, за што пример е волуминозната „Филозофија на парите“ од 1900 г.
Тој се смета за еден од основоположниците на германската социологија, меѓутоа
може да се сретне и како филозоф, бидејќи бил припадник на школата на неокантијанците
(заедно со Дилтај, Рикерт и Винделбанд). Немал завидна кариера, покрај другото, поради
растечкиот антисемитизам во Германија. Дури на крајот од својот живот успеал да
се стекне со звање редовен професор и тоа помалку познатиот Стразбуршки
универзитет. Таму предавал за време на I Светска војна, а кога таа завршила во 1918 г. завршил и животот на Зимел.
Георг Зимел се
смета за основач на тнр. формална социлогија, која извршила големо влијание во
САД, особено врз „чикашката школа“, предводена од Џорџ Херберт Мид. Зимел
сметал дека социологијата е своевидна општествена геометрија, која ја занимаат
облиците, а не содржините на општествените феномени. Вистинскиот предмет на
социологијата, тврдел овој научник, е да го потврди постоењето на „чисти
облици“, да ја објасни нивната психичка основа и да го изложи нивниот историски
развој. Зимел воспоставува постоење на априорни феномени, а за таков го смета
општеството, во кое секоја единка, сакала или не, мора да битисува.
Книгата "Филозофија на парите" долго време била занемарувана. Пред се‘ поради критиките што Зимеловиот севкупен научен
опус ги трепел од своите современици, како на пример од францускиот социолог
Емил Диркем, од австрискиот економист Карл Менгер или нешто
подоцна од британскиот филозоф Робин Колингвуд. Меѓутоа, откако 1978
г. конечно било комплетно преведено на англиски јазик, делото "Филозофија на
парите" доживува препород и е предмет на опсежни проучувања.
За разлика од
традиционалниот приод во истражувањето на парите како социјално-економски
феномен, Зимел се зафаќа со нивна дедуктивна и метафизичка анализа. Зимел делото "Филозофија на парите" го поделил на аналитички и синтетички дел. Централно место во книгата зазема расправата за поимот вредност, која што луѓето им ја припишуваат на предметите. Таа
вредност зависи од: прво, колку е даден објект редок; второ, колку е достапен
за потрошувачот; и трето, колку е нов. Ако е некоја „ствар“ малку присутна на
пазарот (како на пр. злато), таа е вредна. Ако е некаква далечна желба на
некоја индивудуа (автомобил) или доколку е новост (ајфон) тогаш таа има повисока
вредност. А вредноста се изразува преку парите, како своевидна нумеричка ознака на поединецот и врска помеѓу сегашноста и иднината.
Парите, според Зимел, во текот на историјата ја смениле својата општествена функција. Порано
парите имале супстанцијала вредност (во минатото како пари се користени крави,
бибер, крзно, школки итн.), а сега имаат тнр. функционална вредност, т.е.
стануваат вредност сама за себе.
Парите имаат
огромно влијание во општеството. Спорд Зимел, тие се симбол на животот. Парите
имаа моќ да ја зголемат слободата – колку една личност има повеќе пари, толку е
послободен (секако, ако парите се легално спечалени). Парите ја јакнат
поделбата на трудот. Човек може да стапува во односи со други лица само со
посредство на парите, без да има директен контакт. Парите го менуваат и
менталниот склоп на личностите. Луѓето веќе се можат да пресметаат во пари:
дали се исплати влегување во брак со некоја личност, дали се ислати да се
изврши крвна одмазда итн.
No comments:
Post a Comment