Дваесета утринска смена
...Но откако
мелницата престана да работи и крилата престанаа да вртат сред виулицата, како
да ги пресекле, се покажа – и тоа само заради тоа што Амзел намигна со окцата –
дека мелницата сепак се’ уште не престанало да меле. Од кај големиот нанес
нечујно вееше снег, час сив час бел. Тополите покрај патот се нишаа. Во
Лирмановата крчма светеше како жолчка жолта светлина. Малиот воз не свиреше во
свиокот. Ветрот штипкаше. Прнарот кенкаше. Амзел пламтеше. Неговиот пријател
дремеше. Амзел нешто виде. Неговиот пријател не виде ништо. Амзеловите прсти
гребеа во ракавиците, се лизгаа, бараа и во левиот џеб од палтото го најдоа
десното копче од лакираното чевле: струја во водот! Ниедна снегулка не се задржа на Амзеловата кожа. Устата
му се собираше и во замижаните очиња беше се збрало повеќе, отколку што наеднаш
може да се каже: се
возеа едни зад други. Без кочијаши. А мелницата вкочанета. Четири санки, две со
бела запрега – одвај забележливи – две со црна запрега – лесно забележливи –
излегуваат и си помагаат едни на други: 12 и 12 сите безглави. Еден безглав витез кон
мелницата води една безглава калуѓерка. Вкупно 12 беглави витези – но витезите,
како и калуѓерките, си ги носат главите под мишка или пред себе. Но комплицирано
се покажуваат на изгазената патека; бидејќи и покрај истородноста на превезот со превез, и панцирот со панцир,
уште од порано, кога го прекинале логорувањето во Рагнит, кавгите им останале
меѓу забите: првата калуѓерка
не разговара со четвртиот витез. Но, и двајцата со задоволство разговараат со
витезот Фицватер, кој Литванија ја познавал како дупките на својот панцир од
синџири. Деветтата калуѓерка требало да се породи во мај, но тоа не се случило
бидејќи осмиот витез – се викал Енгелхард Рабе – нејзе и на шестата калуѓерка,
која секое утро јадела премногу црешни, со мечот на дебелиот, десеттиот витез,
кој седел на греда и зад спуштениот визир го коренел месото од коските на едно
пиле, им ги отсекол главите, деветиот и шестиот превез. И сето тоа само поради
тоа што не бил довезен бајракот на Свети Ѓорѓија, а реката Сесуна поволно
смрзната. Додека останатите калуѓерки се’ побрзо везеле – речиси го затварале
црвеното поле – третата восочна калуѓерка, која постојано ја следела сенката на
единаесетиот витез, дошла со ваган да ја собере крвта. Тогаш седмата, втората,
четвртата и петтата калуѓерка почнале да се смеат, го фрлиле везилото зад себе,
а главите и превезите ги наместиле пред осмиот витез, црниот Енгелхард Рабе. А
тој, ни малку мрзлив, најпрво на десетиот витез со пилешкото зад визирот, му ја
скастрил главата, пилешкото и шлемот со визирот, па му го вратил мечот: а пак дебелиот безглав, десетиот, кој и
покрај тоа што се’ уште џвакал, му помагал на осмиот да им ги отсече главите и
превезите на втората, третата восочна, која секогаш се засолнувала во сенка, а
веднаш потоа и на четвртата и петтата калуѓерка и главата на Енгехларх Рабе. Низ
смеа си го подавале ваганот. Само неколку калуѓерки се’ уште го везеле бајракот
на Св. Ѓорѓи, иако Сесупа била погодно замрзната, иако Англичаните веќе биле во
логорот кај Ленкестер. Иако извештаите за патиштата биле пристигнати, кнезот
Витолд се воздржувал, а Валенрод веќе канел за гозба. Но сега веќе ваганот бил
преполн и претекувал. Требало да се довлечка десеттата, дебелата калуѓерка –
бидејќи како што постоел дебел витез, постоела и дебела калуѓерка – таа морала
да се довлечка, само уште трипати смеела да го подигне ваганот, последен пат,
кога Сесупа веќе била ослободена од мразот и кога Урсула, осмата калуѓерка, која
секаде накусо и нежно ја викале Тула, морала да клечи со својот пердувест
превез. Штотуку дала во март заклетва, а веќе 12 пати ја прекршила. Но не
знаела со кој и по кој редослед, бидејќи сите со спуштен визир; а сега и Англичаните под Хајнрих Дерби; само што стингале свежи во логорот,
а веќе така брзо. Тука бил и некој Перси, но не Хенри, туку Томас Перси. За него Тула извезла еден убав посебен бајрак, иако Валенрод забранил посебни
бајраци. По него посакале Жакоб Дутреме и Пиџ Пиџу. На крајот Валенрод му се
спротивставил на оној од Ленкестер. Го отстранил од ветрот бајрачето на Томас
Перси, големо колку шамивче за нос, а на Хатенштајн му наредил да го пренесе
преку одмрзнатата река штотуку довезениот бајрак на Св. Ѓорѓи, а пак на осмата
калуѓерка, наречена Тула, и’ наредил да клечи, додека се поставувал мостот, при
што во реката се удавиле 4 коњи и еден слуга. Таа пеела поубаво отколку
единаесеттата и дванесеттата калуѓерка пред неа. Умеела да пее на нос, да го
истенчи гласот, а истовремено да затрепери со светлоцрвениот јазик во
темноцрвената усна дупка. Оној од Ленкестер плачел зад визирот, бидејќи со
најголемо задоволство би останал дома, но имал непријатности со семејството, а
подоцна и покрај тоа станал крал. Ненадејно и бидејќи никој веќе не сакал преку
Сесупа, туку плачливо и со најголемо задоволство дома, од дрвото во кое спиел
скокнал најмладиот витез и со лесни чекори му се приближил на пердувестиот тил.
Тој бил дојден од Мерс со намера да ги преобрази Бартите. Меѓутоа, сите веќе
биле преобразени и бил основан Бартенштајн. Му останале само Литванија, а пред
тоа пердувите на Тулиниот тил. Го погодил над последниот пршлен, веднаш го
фрлил својот меч во воздух и го дочекал на сопствениот тил. Толку бил вешт
шестиот, најмладиот витез. Четвртиот витез, кој никогаш не разговарал со првата
калуѓерка, сакал да го потвори истото, но немал среќа при првиот обид и ја
отсекол масната глава на десеттата, дебелата калуѓерка, а при вториот обид,
строгата глава на првата, строгата калуѓерка. Третиот витез, кој никогаш не го
споменувал панцирот и важел како итрец, морал да оди по ваганот, бидејќи веќе
немало калуѓерки.
Преостанатите
витези со глави, следени од Англичаните без бајрак, Хановеранците со бајрак и
од оружените од Рагнит, тргнале на мало патување по беспатната Литванија.
Кнезот Киншуте клокотел по мочуриштата. Под огромните папрати се морничавеше
неговата ќерка. Секаде било глибаво и ги доведувало коњите до спотнување. На
крајот Потримпос се’ уште не бил закопан; Перкунос не сакал да гори, а Пиколос неослепен продолжувал да гледа од долу нагоре. Ах! Требало да се
сними филм. Статисти имало доволно, а природа во изобилство. Иллјада и двесте
шини за нозе, самострели, оклопи за гради, изгниени цокули, изџвакани
оглавници, 70 бали грубо платно, 12 буриња мастило, 12 илјади факели, лоени
светилки, чешачки за коњи, ролни со конец за шиење, стапчиња од слатко дрво –
гуми за џвакање на XIV век –
исчадени ковачи за мечеви, сурија кучиња, германска господа која игра
трик-трак, свирачи на харфа, пеливани, терачи на товарни животни, галони
јачменово пиво, сноп знаменца, стрели, копја и набодени дрвца за скара за Симон
Бахе, Ерик Крузе, Шоне, Рихард Вестрал, Шпанерле, Тилман и Роберт Вендел за
време на градењето на мостови, заседи и долготрајни дождови: снопови од молњи, дабовите стебла
распукуваат, коњите се плашат, бувовите вртат со очите, лисиците бегаат,
стрелите зујат: германската
господа станува нервозна; а
во јовината грмушка слепата гледачка извикува: „Вела! Вела!“ Назад, назад... но дури следниот
јули повторно ја видела оваа рекичка, која и денес поетот Бобровски мрачно ја опејува. Сесупа течела бистра и
ѕвонела по камењата на брегот. И толпа стари познати: седеле тука 12 безглави калуѓерки, во левата рака
си ги држеле своите глави во превези, а со десната рака по пламнатите лица си
плискале вода од Сесупа. Во заднина безволно стоеле безглавите витези и не
сакале да се разладат. Тогаш преостанатите витези одлучиле да се поистоветат со
оние што веќе биле без глави. Во близина на Рагнит едни на други си ги отсекле
главите и шлемовите, ги впрегнале коњите во четирите груби возила и патувале со
белците и вранците во веќе преобразената и непреобразената земја. Го воздигнале
Потримпос, дозволиле да падне Христос, попусто се обиделе да го ослепат Пиколос
и повторно го примиле крстот. Навраќале во гостилници, капели и воденици,
забавувајќи се минувале низ вековите: ги плашеле Пољаците, Хусите и Швеѓаните, биле присутни кај Корндорф кога
Зејлиц со својот ескадрон јурел преку Цаберската долина, а кога Корзиканецот
морал нагло да се повлече, на патот нашле 4 кочии без господар. Своите возила
од крстоносните војни ги замениле со овие и возејќи се во кочиите со федери,
биле сведоци на втората битка кај Таненберг, која како и првата, не се одиграла
точно кај Таненберг. Сред безбожната група коњаници на Буѓони, токму успеале да
се свртат, кога Пилсудски со помош на Света Богородица, победил кај свиокот на
Висла; а во времето кога
Амзел правеше страшила за птици и ги нудеше за продажба, немирно се тетеравеле
меѓу Тапиау и Нојтех. 12 и 12 одлучиле да немаат спокој се’ додека не им се
укаже можност за избавување и секој да може да ја носи својата глава, или секој
труп својата глава.
...
No comments:
Post a Comment