Monday, October 17, 2016

Војимир М. Шобајиќ: ЕВРЕЈСТВОТО И ИЗРАЕЛ

ПОЛИТИЧКАТА И ВОЕНАТА ИЗРАЕЛСКА СТРУКТУРА

Израелската војска – ЗАХАЛ (Зева Хагана Ле Израел)
Прашањето на израелската атомска бомба

Израел со помош на Франција кон крајот на 50-тите години изгради атомски реактор со јачина од 20 МГТ. Самиот факт дека Израел до сега не пристапил кон меѓународната спогодба за неширење на атомското оружје даваат повод за нагаѓањата околу тоа дека Израел веќе произвел атомска бомба. Мистериозниот поморски шверц на збогатен ураниум од 1977 г. поттикна нови нагаѓања за израелското поседување атомска бомба. Самата ЦИА тогаш лансираше верзија дека Израел навистина би можел да поседува атомска бомба, што потоа самиот израелски печат го популаризираше. Според овој извор, третата личност на ЦИА Карл Дакит во почетокот на 1976 г. на еден затворен состанок рекол дека Израел поседува 10 – 20 атомски бомби. Кога ова вест „протече“, директорот на ЦИА Буш наводно се извини поради изјавата, сметајќи дека таа не требало да биде дадена. Во таа прилика, претставникот на израелската амбасада во Вашингтон ја демантираше веста за поседување на нуклеарно оружје, додавајќи притоа дека Израел нема да биде првата земја на Блискиот Исток која ќе воведе нуклеарно вооружување. По истиот повод, претставникот на Белата куќа изјави дека САД ја прифаќат оваа израелска изјава како меродавна и дека веќе нема да коментираат на таа тема.
Според истиот извор, ЦИА во 1974 г. објави документ од којшто произлегува дека Израел спроведува програма за изградба на нуклеарно оружје базирано на збогатен ураниум кој е добиен по тајни патишта. Веднаш потоа, представникот на ЦИА Херберт Хету изјавил дека не му е познато како се дошло до изречените податоци. Според израелскиот печат, во документот на ЦИА, составен одма после првата атомска експлозија во Индија, помеѓу останатото стои и следново:
„Ние сметаме дека Израел веќе произвел нуклеарно оружје. Нашата оценка се заснова на израелската набавка на значителна количина ураниум, делумно по тајни патишта, потоа на двосмислената природа на израелските напори на полето на збогатување ураниум, како и на израелските големи и скапи истражувања на ракетен систем предвиден за нуклеарни боеви глави. Ние не очекуваме дека Израел ќе ги потврди проширените вести за неговата нуклеарна способност, ниту по пат на атомски проби, ни со закана на употреба на атомско оружје, зашто тоа би значело голема опсаност за опстанокот на израелската нација“...
Од американски извори, на 23 февруари 1980 г. објавена е вест за нова израелска атомска експлозија, извршена во соработка со Јужна Африка, во водите на јужен Атлантик – есента 1979 г. Бидејќи сите досега објавени вести за постоење израелска атомска бомба или подготовки за производство на нуклеарно оружје потекнуваат исклучиво од западни извори, Израел природно и оваа последна алармантна вест ја демантираше, како што ја демантираше и веста за тајната посета на министерот за одбрана на Јужноафриканската унија. Но, и покрај израелскиот демант, самото постоење на израелски реактор  во Димона изгледа дава доволно поводи за претходно спомнатите вести. Ова дотолку повеќе ако се знае дека Израел одби да пристапи кон меѓународниот договор за неширење на атомско оружје, како и дека шефот на Израелската држава Ефрарим Кацир, пред странски атомски научници во 1974 г. изјави дека Израел располага со потребен потенцијал за производство на атомско оружје, ама дека нема прв да изврши напад со атомско оружје. Иако неодредено, израелското јавно однесување во врска со атомската бомба од една страна, и повремените западни вести од друга страна, создаваа впечаток како Израел веќе да поседува нуклеарно оружје или дека е на најдобар пат тоа да го постигне, макар што сепак е тешко да се тврди колку во сето тоа има вистина. Но, имајќи ја во вид сестраната зависност на Израел од САД, тешко е да се верува дека Израел може без американска согласност, да произведува нуклеарно оружје и со него самостојно да располага. Меѓутоа, и покрај тоа, објавените вести за израелскиот атомски потенцијал превосходно служат за создавање психоза на страв и несигурност кај други страни.
Како што покажаа војните од 1956 и 1967 г. израелската војска е вооружена и градена првенствено во рамките на англо-француската стратегија од 50-тите години, кога на Израел му била наменета улогата на ударна тупаница против арапските тежнеења за потполна еманципација од туторството на бившите колонијални сили. Со влегувањето на Израел во американската орбита кон средината на 60-тите години, а особено после војната од 1967, израелската воена сила стана составен дел од американската војно-политичка стратегија во блискоисточниот регион.
Затоа Израел доби долгорочно приоритетно место во вкупната американска воена и економска помош за странство. Така, меѓу САД и Израел е створен тнр. Специјален однос, којшто и покрај непостоењето формални договорни обврски, ја надминуваат соработката на САД со многу членки на НАТО. Притоа посебно паѓа в очи тоа дека, наспроти повременото јавно триење на диплломатско- политички план во процесот на решавање на блискоисточната криза под протекторат на Вашингтон, односите и соработката на воен план се одвиваат без застој и взаемни трзавици.
Ф.
За амерканско-израелската соработка на воен план, истакнатиот израелски новинар Волф Блицер (Wolf Blitzer) во Јерусалем Пост од 20 јануари 1980 го изнесува следново:
„...Кон крајот на 40-тите и почетокот на 50-тите, дојде до големи промени на Блискиот Исток, како и во односите помеѓу САД, Израел и Арапите. Тоа беше време кога кога Труман пред се’, се занимаваше со „зауздување на комунизмот“. Немаше нешто што би го зголемило значењето на израелската способност да допринесе кон реализација на пожелуваната цел. Од истите причини, поради кои тогаш САД ги отфрлале израелските предлози за приклучување кон западниот воен сојуз во борбата против СССР, Соединетите држави и сега се резервирани кон таквите израелски предлози... Но, зад сцената, американско-израелските односи на воен план денес се поблиски од било кога порано. Во некои подрачја на воената соработка, тие се поблиски дури од односите меѓу Вашингтон и некои од сојузниците во НАТО. Од аспект на опасноста од откривање драгоцени воени тајни (на СССР) Израел сигурно ужива поголема доверба на Пентагон од некои членки на НАТО. Израел е се’ уште единствена странска земја која веќе ги доби американските авиони Ф-15. Кога се работи за најповерливите технолошки достигнувања, ниедна земја сем можеби Англија, не ужива подобар третман во Пентагон од Израел. На подрачјето на информациите и анализите на разузнавачките служби, САД и Израел еден од друг чуваат за себе само еден многу мал процент на тајни. ‘Се’ што ни е потребно да знаеме – кажа еден изралски функционер – ние се обраќаме кон Амерканците, и тие речиси секогаш ни излегуваат во пресрет’. И токму најголемиот напредок во развојот на израелско-американските односи во текот наизминативе 30 години, остварен е на овој план.
Кога Труман ја прокламираше својата доктрина на ‘зауздување на комунизмот’ нашите однси на воен план воопшто не ни постоеја. Од неодамна објавените документи на Стејт Департментот од тоа време, видливо е дека Вашингтон тогаш сеуште бил резервиран  спрема Израел поради ‘левичарите’ кои го опкружувале Бенгурион (МАПАМ п.а.). Патем речено, Израел не доби американска воена помош се’ до почетокот на 60-тите години. Тек кога заради војната од 1967 г. дојде до француско ембарго на извозот на оружје во Израел, почна американско-израелската воена соработка. Старите посматрачи на американско-израелската сцена, оживувајќи ги ‘старите денови’ се потсетуваат на тоа дека Бенгурион, доаѓајќи во Вашингтон, ги правеше сите можни обиди (барем неслужбено) да се види со председателот на САД. Меѓутоа, сега кога Вајцман доаѓа во Вашингтон, однапред е сигурно дека тој ќе се состане со председателот. Менахем Бегин во текот на последните две години се состана повеќе пати со председателот на САД, отколку Бенгурион во текот на 10 години“...


(ЗУС во СРМ „Самоуправна практика“, Скопје 1982 г.)

No comments:

Post a Comment