Последната битка на четата
Кога тргнаа, во
далечината се слушаа нивните насрчителни викотници. Сега тие додадоа и пронижувачки,
отсечни повици, кои ги проткајуваа со крвожедни звучни бранови. „Алах, Алах,
ил-ил Алах“ – крештеа и не сопираа. Од време на време, во таа шумна суманатост,
се разликуваше думата „дин, дин, дин“ која тие непрекинато ја повторуваа. Тоа
значи „убивај“. Офицерите беа искочени напред и ги водеа со соголени сабји.
Тиха насмевка се искрадна на лицето на Милев, кога тој ја дигна свирката до
усните. Следуваше долг трепетлив тон.
Целата долина
грмеше од грохотот на плотуните. Четниците стрелаа куршум по куршум. Чув мажи
околу мене кои се молат усрдно на Дева Марија, на Христа, ударниците да не им
засекуваат, кога ги исфрлаат гилзите. Тие се молеа на висок глас, а еден маж
отпозади пцуеше низ солзи кога затворачот на пушката му се блокираше. Плачејќи
од јад, тој ја фрли пушката наземи, го зеде револверот, се потпре на скалата
пред него и започната да стрела куршум по куршум на Турците.
Аскерите беа
сопреле, неподвижни, кога видоа дека спроти нив има 60 непоколебливи мажи кои
стрелаат со трескавична брзина. Она што го гледаа беше една непрекината струја
од чад.
Многу често и не
ја виѓаваа. Офицерите ги караа да настапуваат, ги биеја со сабјите, ги
„увештаваа“. Тие беа толку блиску, што ние дури и ги слушавме. Но сето тоа
немаше никакво значење – тие се обрнаа и побегнаа. Дожд од куршуми се истураше
врз нив од три страни, раскршувајќи ги нивните цепнати редици, удирајќи се од
скалите, им ги соборуваа фесовите, им ги пробиваа главите. Тие беа како
избезумени.
Некои од
подрските четници ја прескочија стената пред себе си и се втурнаа кон бегачкиот
враг, но Милев им заповедаше да се вратат. Наспроти тоа, кога Турците стигнаа
на безопасно растојание, Милев на некои им нареди да појдат и ги довршат
ранетите, до кои можеа да се доберат. Кога го свршиме и тоа, чекавме
самозадоволно. Беше малку после доручек, денот беше пред нас.
Кога аскерите со
добраа до прибежиштето од другата страна на долината, запреа. Низ двогледот
можеше да се види како војниците се тркалаат на земја како уморни пцишта.
Офицерите разговараа, а ординарците обиколуваа наоколу. Еден се насочи кон
гората и тревожно го збодна коњот натака. Малку потоа Милев, кој не го
одвраќаше погледот од нивните дејства, извика и кога погледнав, видов колона од
товарни коњи како излегуваат меѓу дрвјата. Тие изгледаа безопасно. Но, сенка ја
помрачи насмевката на Милев.
-Тоа е орудието –
кажа тој. –Се надевав дека нема да можат да го протераат низ проходите. Сега ќе
загубиме некои од луѓето, Смит.
Група артилерци,
кои се вратија со коњите, започнаа да ги склопуват деловите на топот. Наскоро
тие имаа малокалибарско планинско орудие, инсталирано на една височинка.
Очигледно Турците беа решиле топот да го реши спорот. Таму каде што очекуваа да
сретнат отпор од шепа вооружени селани, им се спротивставуваше една голем чета
со рововски утврдувања, чија што издржливост не ја знаеја. Бидувајќи
претпазливи, тие повеќе не желееја да ризикуваат. Тоа беше необичен начин на
војување, таков што противниците не разменија никакви комуникации. Немаше
никакви писмени барања, ниту повик да се предадат. Ниедна од страните немаше
достаточно доверба во другата.
Заморот којшто ги
беше обзел аскерите најпосле пројде и една група од нив се собра околу
артилериското орудие, набљудувајќи ги подготовките на артилерците. Не треба да
се мисли дека тоа се случуваше во потполна тишина. Од време на време, се слушаа
истрели и од двете страни. Неколку Турци беа повалени, а еден од нашите се
одвлече назад со прострелана рака. Групата околу топот се распрсна. Орудието
биеше: Трас, трас, трас!
Ехото пукаше на долж и на шир по долината. Целата претходна стрелба изгледаше
како детска игра во споредба со овие плотуни. Тие продолжуваа без прекин,
артилерците го опслужуваа орудието во рекорден рок. Група луѓе приаѓаа до топот
со муниција и потоа притрчуваа кон гората за уште.
За секунда се
подзамислив што значеше сето тоа. Во кого стрелаат овие? Оти тие не стрелаа во нас.
Погледнав нагоре. Некаква бела топка меѓу земјата и сонцето леташе кон нас. Таа
се воспламени, исфрлајќи жолт дим и дожд од сребрен град, проблесна в миг и
падна врз рововите со страшен тресок. Тоа беше еден ужасен звук, којшто не
тераше да затрепериме. Уште пожесток беше кога ги поразуваше телата на луѓето.
Ова продолжи
долго време. Немаше спасение од баражот кој гаѓаше во целта. Воспалувајќи се
над нашите глави, малите куршуми паѓаа како град зад нашите ровови. За среќа,
Турците не беа многу точни стрелци, зашто немаа достаточно практика. Откако ни
покажаа за што е способно нивното орудие, кое не кошташе двајца комити, тие
направија уште неколку обиди да го дигнат во воздух укрепувањето што го изградивме.
Баражот успеа да
сруши дел од него, но пострашни беа шрапнелите, кои беа беспогрешно точни.
По 10 минути, Милев
даде сигнал за повлекување – три куси свирежи. Аскерите веќе настапуваа,
покривани од артилеријата. Кога видоа како четниците почнуваат да излегуваат од
рововите, аскерите почнаа да крештат и се з‘гнааа по нас. Без сомнение, тоа
беше „развлечение“ за нив. Ги зајакнавме позициите во проходот, додека еден мал
одред остана да брани ако аскерите почнат да напаѓаат, а ние се извлековме кон
следната крепост.
Времето напредуваше.
Поручекот не се покажа многу пријатен. Безмалку романтичната страна на битката
избледна и остана потешкиот дел од работата. Се потевме и ругавме, раните ни
крвареа, а луѓето умираа. Дојде момент кога и јас добив „удовлетворение“, кога
некој од аскерите ќе се исправеше напред – пронижан од куршум. Ако не се
исправеше напред, тие паѓаа назачки на ист начин, или ќе се извртеа и ќе
свлечеа наземи. Отпрвин ти се гади, ама потоа свикнуваш и дури се радуваш,
затоа што се работи за твојот враг.
При втората крепост,
аскерите беа исправени пред поголеми тешкотии, наспроти тоа што не загубија
многу луѓе. Тие сфатија дека претпазливоста е од полза и се раководеа од тоа
сознание. Но, тоа беше донекаде обезвреднето, бидејќи кривулестиот тесен проход
го омаловажуваше нивниот топ. Наместо да атакуваат отворено и умешно, како при
првиот напад, тие се движеа со куси прибежки,
при што еден вод го покриваше другиот. Таа современа тактика ја беа научиле од
германските инструктори.
Беше веќе доцна
попладне кога ја напуштивме и втората крепост, но загубивме околу дузина луѓе и
бевме доста малаксани. Турците беа уште поизнемоштени, зашто од нив се
изискуваше повеќе сила при качување. При третата крепост, си починавме околу
еден саат, додека тие го преместуваа топот на нова позиција – нагоре во
проходот, в едно нише во скалата, од каде целиот врв беше на дофат. Се готвеа
за последниот штурм.
На третата
крепост се биевме машки. Наредбата беше да го браниме до последна минута.
Четниците го сфатија тоа буквално и стоеја зад скалата и дрвата се’ дури првиот
од аскерите не ја прескокна. Веќе следниот миг започна директен бој. Бајонет се
удираше во бајонет и макар што Турците беа во поизгледна положба со долгите
маузери, тие беа одбиени. Борбата беше жестока, повеќе од тоа што можеше да се
поднесе. Човек може да ја набљудува битка отстрана и да го гледа „зрелишното“
во неа, меѓутоа кога студената стома ќе заигра и кога луѓето ќе се фатат за
гуша во стремеж да го збрцаат бајонетот еден во друг, тоа веќе е претерано
крваво за да биде пријатна глетка.
Со сабја во
едната рака и револвер во другата, Андреј се фати со еден огромен лајтнант, кој
со еден великолепен скок беше ја прескокнал крепоста. Додека се бореа за
простор, за да извадат сабја или штик, Милев го застрела аскерот. Убавиот Петар
со коса развеана од ветрот, крстоса со бајонетот еден еластичен Сириец. Беше
прашање на умешност и четникот победи. Насекаде околу мене се водеше
„ракопашен“ бој. Милев се биеше со капетанот кој го беше повел атакот, а в исто
време застрела еден наредник. Во тоа време, орудието почна да блуе повторно и
ние прејдовме во повлекување, откако претходно ги исчистивме сите аскери зад
укрепението.
Не треба да се
смета дека сето тоа мина без загуби на четата. Ние плативме за секое наше
дејствие и тоа доста скапо. Дали тоа беше судбина или напросто се должеше на
поголемата умешност, не знам, но – нашите загуби беа на страната на селската
милиција. Неколкумина за мене непознати четници беа убиени, но никој од нашата
група не беше тешко ранет.
Кога стасавме до
врвот на проходот, сонцето веќе почна да се затскрива зад падините.
No comments:
Post a Comment