Валдес на подморницата
Во часот на
побуната на генерал Франко од 18 јули 1936 г. голем дел бродови на шпанската
воена флота се наоѓал во Картагена и во другите медитерански пристаништа на
Шпанија, но за среќа, не во Мароко, од каде бунтовничкиот експедициски корпус и
тргна на Шпанската република. Меѓутоа, бродовите и неколкуте подморници во
шпанската воена лука Картагена останаа верни на републиканската влада. На
страната на Франко останаа само бродовите кои се наоѓаа во Ел Ферол во
северозападна Шпанија.
„Кон крајот на
декември 1936, мене ме повикаа во ЦК КП на Шпанија“ – се сеќава Јосип Копинич –
„и ми рекоа: Гледаме дека си
морнар, а доле во морнарицата, велат, е несредена состојбата, па ајде доле“.
Така отидов во шпанската воена морнарица и до август 1938 главно бев на
подморници“.
Копиничевото
шпанско име Валдес се покажало драгоцено, во што тој самиот ќе се увери во
повеќе наврати во текот на својата возбудлива служба во шпанската воена
морнарица. Имено, во Шпанија постоел некој адмирал Валдес, инаку благородник, и
кога Копинич се појавил со документи под тоа име, се мислело дека тој му е син
на чуениот адмирал, па го примале со посебно уважение.
Почетокот на
април 1937, единиците на флотата на републиканската влада испловиле од
Картагена кон север. Копинич се наоѓал на подморницата Ц-16, со која заповедал
советскиот офицер Бурмистров, додека тој бил заменик или прв офицер.
„Појдовме да ја
разбиеме блокадата“ – кажува Копинич. „Франковите бродови и авијацијата го
блокираа северното крајбрежје и тој дел на земјата бил отсечен од централниот дел,
без помош и храна се бранеше со сопствени сили како знаеше и умееше.
Нашите три
подморниоци, во придружба на еден разурнувач, ја разбија блокадата и за
одредено време, успеавме да го нормализираме снабдувањето на бранителите на
шпанските северни провинции. Но, знаејќи дека Франковата премоќ во воздух беше
голема, на крај северот падна. Ние имавме бројчано повеќе бродови во
Средоземјето, но Франковите бродови беа посовремени, тој располагаше со
вашингтонските крстарици „Балеари“ и „Канаријас“ – во тоа време најмодерни
бродови, додека нашите беа бојни бродови од застарен тип, иако имаше доста
разурнувачи и подморници. Франко немаше ниедна подморница, а околу тоа се
вртеше се’. Да имаше подморници ќе можеше да го торпедира секој брод што
влегуваше во шпанските пристаништа. Ама тој не ги имаше. Додуша, Германците и
Италијаните имаа авијација. Но Републиката располагаше со повеќе површински
бродови, па Франко не можеше да презема ништо на Средоземјето, блокада од таа
страна немаше, бродовите влегуваа и никому ништо. Тој блокадите ги воспостави
на северот, на отворено море.“
Кога
републиканската војска почна да отстапува од Сан Себастијан преку Герника за
Билбао, флотата тргна во луката Сантандер, а потоа во Хихон – последната
атлантска која што ја бранеа републиканците.
Од тој пат Јосип
Копинич во зборникот „Нашите Шпанци“ ја опиша и оваа потресна епизода:
„Наша наредна
база беше пристаништето Сантандер. Тоа беше чиста, убава лука, вистинско
летувалиште со прекрасна околина. Сиот град заедно со пристаништето беше во
густо, тропско зеленило. Околината беше брдовита, но вегетацијата беше бујна.
Луѓето во ова лука беа мошне пријатни, чисти и посебно работливи“.
Кога после
неколку денови пловидба пристанавме во оваа лука, на нашата подморница дојдоа
две деца: девојчето имаше 9
години, се викаше Кончита, а малецкиот Антонио имаше само 6 години. Мајка им
беше погинала во Сан Себастијан и тие самите, бегајќи од Франковите ѕверства,
беа стасале во Сантандер.
Нашиот готвач,
инаку Шпанец Педро, ги стави на список на посадата, и тие се хранеа заедно со
нас за сето време на нашиот престој во пристаништето.
Кога заминувавме,
ги префрливме во Хихон. Му ги предадовме на еден од борците на републиканската војска и повеќе не знам
што се случи со нив откога го напуштивме Сантандер.
Во Хихон
ситуацијата не беше ништо поарна. Оваа лука се беше нашла во опкружение на
бунтовниците – односно на германските и италијанските сили – ем од копно, ем од
море. На бранителите им однемуваше храна, лекови, муниција. Сепак, од време на
време, по некој трговски брод, што ќе го закупеше републиканската влада, ќе
успееше да се пробие до пристаништето.
Така, во еден од
критичните моменти, вплови помал трговачки брод под панамско знаме. Достави
храна и лекови за бранителите на Хихон.
„Јас – раскажува
Копинич – бев со подморницата во близина на местото на кое се истоваруваше
товарот. Бев разочаран што не стигна и муниција, оти нашите пловила беа без
набој, па не можеа да им парираат на непријателските авиони, кои секој ден,
десетици пати, го надлетуваа градот и пристаништето. Со последните гранати, ден
претходно, соборивме два авиона. Арно ама, што сега да правиме?
Нашите подморници
немаа поголем успех ниту во борбите со Франковите бродови, поради лошите
торпеда. Ние имавме торпеда, но беа со лош квалитет. Еднаш успеавме да пријдеме
на 600 метри од Франковата крстарица
„Сервер“. Беше ноќ. Испловувајќи над вода нападнавме, исфрлувајќи 6 торпеда.
Во нормални услови, тие би го испратиле на дно и најголемиот кораб, ама во овој
случај не дојде до ниедна експлозија. Торпедата мора претходно да се подесуваат
поради температурата, тресењето, заради ова и она, не знам што се’ не, тоа
техничарите го знаат, ама тоа треба да се прегледа. Додека бевме во Сантандер,
ние баравме торпедата да се дадат на ратификација, но Министерството за војна
на Шпанија ни одговори дека други торпеда немаат – велат: „Пукајте со такви какви се“. Што се може?
Страшно ми е жал
што не го потопивме тој „Серверот“, кој тогаш беше позната крстарица, а на 600
метри нема промашување, макар што и ние ќе си го добиевме делот. Наводно, тоа
бил прв ноќен напад, по што влегол во историјата на војувањата, па го користеле
и други. До тогаш се сметало дека такво нешто е невозможно, а ние го сторивме
од очај, не за да испробуваме некоја нова метода на ратување.
Во Хихон, на
панамскиот брод, го чув нашиот јазик. Им пријдов на морнарите, ми се израдуваа
како на рода. Ме прашаа дали можат нешто да сторат за мене. Веќе бев подолго
време одвоен од семејството, ги замолив од една лука, која не и’ беше
сомнителна на полицијата во Југославија, да пратат писмо на моите родители.
Писмото го напишав во кабината на еден морнар и му го предадов на бродскиот
машинист. После две-три години, дознав дека морнарите не го пратиле писмото на
мајка ми, ами – бидејќи им објаснив во какви прилики живеат моите родители –
приложиле 20 фунти, што тогаш изнесуваше 2.000 динари.
Ама најчудно од
се’ беше тоа што речиси сите морнари од овој трговски брод изразија желба да ги
примиме во доброволци, како би дале прилог во шпанската револуција.
No comments:
Post a Comment