1.
Додека во
Константинопол владеел царот Анастасиј, кој себе и многу други ги извалка со
Евтахиевата ерес, а во Рим председавал папата Гелазиј Втори, во она доба во кое
беа во Италија мношне славни епископот Герман и Сабин – епископот на
канусинското седиште, како и чесниот човек Бенедикт во Монте Касино, се
подигнал некој народ од Северот кој се нарекуваше Готи, народ див и нескротлив,
кому поглавари му беа тројца браќа – синови на кралот Сенубалд – чиишто имиња
беа овие: првиот Брус,
вториот Тотила, третиот пак Остроило.
2.
И така Брус, кој
беше постар од останатите, после татковата смрт, седна на неговиот престол и
владееше наместо него во земјата на своето раѓање. А Тотила и Остроило, за да
си ги прослават имињата, по совет и желба на првородениот брат, собирајќи мошне
голема и јака војска, излегоа од земјата и, доаѓајќи во провинцијата Панонија,
ја совладале и со војна освоиле. Потоа со силно мноштво стасале во Темплан.
Тогаш кралот на
Далматинците, кој престојуваше во големиот и красен град Салона, прати гласници
со писма на кралот на Истра да збере војска, како заеднички би им се
спротивставиле и одбраниле. И така обајцата, собирајќи го својот народ, излегоа
против Готите, а кога стигнаа поставија логори близу нив. Тогаш во текот на 8
дена, зашто логорите биле близу, напаѓале војници сега одовде, сега одонде и
тешко се рануваа и убиваа. А осмиот ден, излегоа сите наоружани одовде и
одонде, христијани и соплеменици, и се здена голем бој. Од третиот час се’ до
вечерта. И со пресуда на Бога, кому никој не смее да му приговори зошто тоа го
направил, оти можеби некој голем грев се криеше во Христијаните, суровите Готи задобија
победа; изгина дел од
христијаните и убиен е кралот на Истра, а многу илјади христијани умреа на
врвот на мечот и најмногу се заробени и одведени. А кралот на Далматинците се
избави само со малку војници и побегна во својот град Салона. После ова, колку
ли голема била војската на Тотила и неговиот брат Остроило, а народот им се
умножил, та по совет на своите великаши, ја поделиле војската.
И Тотила,
преоѓајќи со својата војска преку Истра и Аквилија, тргна на Италија, и таму
водеше многу и големи боеви, области и многу градови ги опустошил и запалил.
Оттаму прешол на островот Сицилија и после кратко време го завршил својот
живот, како што тоа му го беше прорекол Божјиот слуга Бенедикт. Остроило, пак,
братот негов, навлегувајќи со својта војска во провинцијата Илирија и водејќи
сурови војни, како што не имаше никој којшто можеше да му се спротивстави, ја
зазема сета Далмација и поморските области, додека не дојде во превалитанската
област и тука се насели. Бидејќи кај себе задржа неколку војници, го испрати
својот син по име Сенулат, да ги покори загорските области во областа Загорје.
Меѓутоа, царот на константинополскиот град, собирајќи војска, ја испрати на
Остроило, оти беше чул дека овој останал со малку воини во превалитанскиот
град. Потем, кога стигнале оние кои царот ги пратил, го пронајдоа – како што е
речено – Остроило со неколцина; сепак тој се подготви за војна, затоа што беше човек со храбар дух. И
тогаш, кога се здена бој, Остроило падна и бидна убиен, а оние кои беа со него
се дадоа во бег. Царевите пак луѓе, откако го зедоа пленот, се вратија во
својата земја.
3.
А, кога неговиот
син Сенудиал чу за татковата смрт, стаса што побргу можеше со војска, мислејќи
да ги пронаде царевите луѓе за да ја одмазди очевата смрт, ама пронајде мошне
малку. Најсетне го презеде кралството, и владееше наместо татка си и роди син
кого го нарече Селимир. А во границите на неговото кралство, од Винодол до
Аполонија, беа како приморски, така и загорски области. Нанесувајќи им мноштво
неправди на христијаните, кои живееа во приморските градови и прогонувајќи ги,
умре во 12 година од своето владеење.
4.
Него го наследи
во кралствувањето неговиот син Селимир, кој макар што беше паган и од истиот
род, со сите бил во мир и ги љубел христијаните и најмалку ги прогонувал.
Склучил договор со нив и му плаќале данок. Во негово доба земјата се смирила и
се исполнила со мноштво Словени. Па родил син кого го нарекол Бладин. Умрел во
21 година од своето владеење.
5.
Кралството го
примил неговиот син Бладин, кој ишол по татковиот пат, и го држел кралството на
своите отци во мир. Го родил синот којшто го нарекол Ратомир, кој уште од детството
фатил да биде мошне груб и охол. Освен тоа, додека Бладин владеел, се покрена
безбројно мноштво народ од големата река Волга, по која добија име. Имено, по
реката Волга – та се’ до денешен ден се нарекуваат Вулгари (Бугари). Овие, со
жените, синовите и ќерките, како и со целата своја стока и големиот имот, беа
дошле во провинцијата Силодусија. Ги предводел некој по име Крис, кого на
својот јазик го нарекле „каган“, што на нашки би било цар, под кого беа 9
прваци, кои управувале со народот и му суделе, бидејќи ги имало ептен многу.
Демек, ја напаѓаат Силодуксија и ја освојуваат. Оттаму, војувајќи ја заземаат
цела Македонија. После оваа, сета област на Латините, кои во она време се
нарекувале Романи, а сега се викаат Моровласи, значи Црни Латини.
Иако царот со нив
водел бројни војни додека седел на престолот, и неможејќи никако да ги совлада,
прати гласници и склучи мир со нив, и така ги реши. Слично на тоа, и кралот
Бладин со нив склопи мир, видувајќи дека е огромно мноштвото на тој народ. И
започнаа двата народа да се сакаат меѓусебно, тоест Готите кои се Словени, и
Бугарите, најповеќе затоа што обата народа беа сродни и на сите им беше еден
јазикот. Најпосле Бугарите, веќе од секаде безбедни, си изградија себе си куќи
и села и ја населија земјата која ја зазедоа се’ до денешен ден.
...36.
Детето Владимир,
откако го примило кралството, растеше украсено со секакво знаење и светост.
Потоа, во она време кога Владимир веќе стана младич, и кога завладеа на местото
на својот татко, гореспоменатиот Самуил, бугарскиот цар, собирајќи голема
војска, дојде в Далмација и во земјата на крал Владимир. Кралот пак, којшто бил
свет човек и не сакал никој од неговите да страда во војна, малодушно се
повлече и со целото свое људство се качи
на брдото наречено Облик. Кога дошол царот со војската и увидел дека не ќе може
да го надвладее кралот, еден дел од својата војска го остави во подножјето на
брдото, а дел поведен со себе и тргна да го нападне Улцињ. Покрај останатото,
на брдото Облик имаше жестоки змии, па штом некого тие ќе укасале, тој веднаш
умирал и почнале да им нанесуваат големи губитоци како на луѓето, така и на
животните. Тогаш крал Владимир, со солзи изговорил молитва на Господ, за
семожниот Бог да го спаси неговиот народ од таа гадна смрт. Бог ги услиши
молитвите на својот син и од тој ден никого од неговите не го касна змија, но
исто така, од тогаш до денес, ако човек или било кое животно на тоа брдо го
укаса змија, тие остануваат живи и без никаква повреда. На она брдо, од оној
ден кога се молел блажениот Владимир, па се’ до денешен ден, како змиите да
биднаа без отров. Меѓутоа, царот испрати гласници краљу Владимиру да, со сите
оние кои беа со него, слезе од брдото, ама кралот не се согласи. Но, жупанот на
тоа место, станувајќи издајник ѓоа Јуда, му ја прати на царот следнава порака: „Господару, ако твоето величество желее, јас ќе ти го предадам кралот“, а
царот му одговори: „Ако тоа
можеш да го сториш, знај дека ќе те направам богат и многу моќен“. Тогаш
кралот, збирајќи ги сите оние кои биле со него, вака им говорел: „Кога гледам дека јас, мошне драга браќо,
ќе морам да го исполнам оној чекор од Евангелието, кај кажува: ‘Добриот пастир ја дава својта душа
за своите овци‘. Демек, поарно браќа јас да ја дадам својата душа за вас и
своеволно да го дадам моето тело да го сечат на парчиња или да го убијат, него
сите вие да се изложите на опасност од од глад или меч“. Потем, откако и други
работи им беше кажал, се прости со сите и замина кај царот. Царот одма го
испрати во прогонство в Охридските страни, во местото кое се вика Преспа, кај
што се наоѓаше дворецот на овој цар. Потоа царот, збирајќи ја војската, долго
време го напаѓаше Улцињ, ама никако не можеше да го заземе. Одтаму гневен
отстапи, та почна да ја руши, пали и плени сета Далмација; градовите Котор и Дубровник ги испопали, а
селата и целата покраина така ја опустоши, што изгледаше дека земјата останала
без жители. Вака опустушувајќи ги како приморските, така и брдските области,
царот прејде се’ до Задар, а потем преку Босна и Рашка, се врати во своето
место.
Во меѓувреме,
Владимир се наоѓал во окови, упразнувајќи деноноќен пост и молитва. Нему му се
прикажал ангелот Господни, кој го тешел и му го наговестувал она што ќе се
случи, како Бог ќе го ослободи од самата темница, и како низ мачеништво тој ќе
доспее во царството небеско, ќе прими венец кој нема да венее и како награда –
вечен живот. Тогаш блажениот Владимир, поткрепен со ангелската појава, се’
повеќе упразнувал пост и молитва. И така еден ден, ќерката на цар Самуил по име
Косара, поттикната и вдахновена со Светиот Дух, му пријде на татка си и замоли
да слезе со своите слугинки за да ги измие главата и нозете на окованите
заробеници, што тој и’ го дозволи. И така се симна и изврши добро дело.
Меѓутоа, здогледувајќи го Владимир и увидувајќи дека е со убав изглед, покорен,
благ и скромен, како и дека е полн со знаење и Божја мудрост, се задржа со него
во разговор, оти неговиот говор и’ се стори сладок повеќе него мед и саќи. И
она го заљуби, но не од пожуда, туку затоа што се сожали на неговата младост и
лепота и што беше чула дека е тој крал и дека потекнува од кралски род; и го поздрави и ојде.
...
No comments:
Post a Comment