ДОДАТОК Г
Документи што се однесуваат
на глава II
СРБИТЕ ВО ВТОРАТА ВОЈНА
Изводи на сведочењата што ги
собрал професор Милетич
Павле Чавков додава дека видел како војници зеле седум или осум жени голи
во Горно Броди (...)
Бр. 60. Во Герман следувала истата постапка. Триесет семејства се вратиле
во резултат на писмото од д-р Христотелес и ги пречекале грчките војски. Мажите
биле затворени во црквата и жените во куќата на свештеникот. Еден од мажите,
Димитар Георгиев, избегал од црквата и потоа се сретнал со Апостол Костов од
Герман, кому му ја раскажал својата приказна. Една жена исто така избегала,
Стојанка Константинова, дваесетгодишна. Не се знае каде е сега таа. Малку подалеку
од селото, кога бегала, го сретнала својот вујко, Тома Иванов, кој се враќал во
него. Одвај можела да зборува од страв, а нејзиниот вујко ги наведува следниве
зборови: „Не можам, не можам да кажам ништо. Не може да се опише тоа што го
видов. Господи! Како не’ мачеа, не’ соблекоа голи, додека ние викавме и
плачевме *** Јас се спасив, но другите... *** Селото гори. Убиваа на улиците.
Крикови и звуци на истрели доажаа од црквата. Сите мажи се масакрирани таму.“
Вујкото и внуката избегале заедно. Тој стасал во Бугарија, но таа останала зад
него на патот со некои други селани од Герман. (...)
Бр. 61. Илија Константинов, од
Червишта, раскажува дека кога селаните од неговото село се вратиле во
одговор на докторовото писмо, дваесетмина од нивните угледни луѓе, меѓу нив и
тој, биле одведени во Кирчево. Ги видел сите нив масакрирани, жените одведени а
селото запалено, но самиот тој успеал да избега.
Бр. 62. Истото се случило и во Кручево. Речиси сите жени се вратиле и ги
пречекале грчките војници. Офицерот им одржал говор, во кој им рекол дека сите
тие се Грци, а не Бугари. Кога дошла ноќта, војниците насилно влегувале во сите
куќи (800 куќи), ограбувале се’, ги силувале сите жени и ги одвеле најубавите
девојки.
Иван Божов и Харалампи Јанкулов раскжуваат некои случки кои ги виделе во
пустошењето на Кручево. Војниците 1) му украле на Георги Тошев 250 турски лири;
2) го ограбиле Иван Какидин и ги убиле него и неговата жена; 3) ја убиле
вдовицата Ранза Хаџиева, зашто имала помалку пари одошто барале; 4) ја убиле
Султана Хаџијанова затоа што ја заклучила куќата за да ги заштити своите две
ќерки и снаата; 5) ги силувале а потоа ги убиле Вела Харманова и Ранза Сучова;
6) ја зеле ќерката на свештеникот Теодор Стаев, нему му ги ископале очите и по
два дена го одвеле во Кирчево, каде што бил убиен заедно со други угледни луѓе.
Бр. 63. Преглед на доказите што ги собрал професор Милетиќ.
а) Атанас Иванов од Кукуш кој избегал од градот на 4 јули, видел од куќата
на својот брат оддалечена едно триста или четиристотини чекори убивање на
двајца старци, три жени и едно девојче од грчката коњица. Потоа Грците биле
одбиени од бугарската коњица и сведокот избегал со последнава.
б) Кољо Деликиров и Иван Милев од Акангели изјавуваат дека грчки офицер
(...) им наредил на селаните да го предадат оружјето и сите пари што ги имаат.
Оружјето им било дадено на Турците, а парите ги задржале Грците. Четворица
селани (именувани) донесле секој од 100 до 1500 турски лири. Додека оружјето
било предавано, една пушка пукнала случајно и грчките војници се нафрлиле врз
селаните кои бегале во сите насоки. Но набрзо биле опколени и врзани. Само
петнаесетмина биле ослободени, за да донесат храна за војниците; некои од овие
избегале и се скриле. Оние што останале во рацете на Грците биле масакрирани. ***
Млади жени биле одведени на едно место наречено Каракол и силувани. Две девојки
од Патарос, кои биле во куќата на учителот Димо Христов биле силувани до смрт..
в) Вангел Казански од Казаново ја видел грчката коњица меѓу Гаваланци и
Драгомирци како гони старци и жени кои бегаат. Тие ја застрелале Мица Кушинов и
потоа слегле од коњите, но не можел да види што станало.
г) Мито. П. Стојанов од Моритолово изјавува дека грчката коњица ги убила
кметот и жандармот во селото со сабји.
д) Мито Николов и брат му Петар од Дојран во бегството виделе тројца
бугарски селани како бегаат од Коџаматли стасани од грчката коњица и убиени.
ѓ) Тома Поп Стојанов, син на свештеникот од Долна Џумаја, изјавува дека
неговиот татко и дваесетипетмина угледни граѓани од селото ги убиле грчките
војници и дека четири жени биле тепани и силувани додека умреле (ги дава
имињата).
е) Гоце Иванов од Попово, кој го напуштил селото на 6. јули, изјавува дека
Грците го собирале оружјето од селаните и ограбувале. Мажите биле одделени од
жените и првиот ден триесет исчезнале. Жените и девојките биле собрани во
куќата на Кољо Теодоров и силувани. Слава Колева била силувана, а потоа убиена
на улица. Само тројца мажи избегале живи. Селото било запалено.
ж) Ефтим Митев од Моклен изјавува дека петнаесетмина овчари од неговото
село, кои ги именува, ги фатле Грците близу Калапот и ги масакрирале.
ѕ) Иван Хриостодоров од Гуреџик изјавува дека видел грчки војници како
влегуваат во куќите на селото и почнуваат да ги силуваат сите жени. Тој
избегал.
и) Г. Марков од Пиева изјавува дека четириесетмина мажи од неговото село
биле изведени надвор од него од Грците и убиени.
ј) Благој Икономов од Мехомија именува четворица мажи убиени и две жени
силувани во неговиот град. Имало и други.
к) Динка Иванов од Марикостеново изјавува дека сите жени во неговото село
биле силувани. Тој избегал, било пукано во него, но успеал.
л) Иван Стојчев од Свети Врач вели дека истото се случувало и таму, исто
така и во Поленица.
љ) Во Панчарево луѓето ги очекувале Грците, ги пречекале и биле наградени
со убивање на шестмина и одведување на дваесетмина, од кои тројца избегале.
м) Во Града сите жени биле силувани. Во Мачево четворица селани биле
убиени.
н) Во Русиново една жена умрела како последица од силување, тројца мажи
биле убиени, а две жени и една девојка биле одведени од Грците. Селото било
запалено.
њ) Во Смојмирци свештеникот и луѓето излегле да ги пречекаат Грците.
Свештеникот бил мачен и умрел. Еден маж бил убиен.
о) Од Владимирово четиринаесет девојки и една стара жена биле одведени од
Грците.
п) Луѓето од Умлена ги пречекале грчките војници. Сите жени биле силувани.
Две биле одведени и офицерите ги држеле шест дена. Една стара жена умрела од
малтретирање, двајца мажи биле убиени, а пет куќи запалени.
Бр. 64. Од официјалните извештаи на некои бугарски префекти на новите
територии ги вадиме следиве изјави:
а) Загуби што се должат на систематски грабеж од страна на грчката војска
во следниве места вака се проценуваа во франци:
МЕХОМИЈА. Жито, 356.850 фр.; добиток, 164 фр.; предмети за домаќинство,
402.200 фр.; стоки, 160,24 фр.; вкупно 759.374,24 фр.
БАНСКО. Жито, 350.000 фр.; добиток, 200.000 фр.; предмети за домаќинство,
340.000 фр.; стоки, 200.000 фр.; вкупно, 1.000.000 фр.
НАНИЈА. Жито, 30.000 фр.; предмети за домаќинство 44.000 фр.; стоки, 5.000
фр.; вкупно, 111.000 фр.
ДОБРИНИЦА. Загуби од горење, 1.145.000 фр.; од грабеж на жито 200.000 фр.;
добиток 40.000 фр.; вкупно, 1.385.000 фр.
Понатаму во Мехомија, седиммина стари луѓе биле убиени, две жени тепани до
смрт и единаесет стари жени силувани. Во Банско петмина мажи биле убиени и
четири стари жени силувани.
б) Во Петрич, дваесетмина бугарски граѓани биле мачени од Грците за да им
се изнудат пари. Методот бил да им се врзат рацете зад грбот, а потоа да се
витка јажето со железен инструмент, од кој еден примерок е оставен. Дадени се
дваесет имиња со изнудените суми кои се од 3 до 25 турски лири. Четворица биле
убиени. Имало и многу силувања, но жртвите ги кријат своите имиња.
в) Во Струмичка околија, окупирана делумно од Грците, а делумно од Србите,
биле одземени 90 турски лири во пари од страна на војниците од седум души
(именувани) во селото Раблич, 160 турски лири во Смиљанци, 100 турски лири во
Ињево, 200 турски лири во Јарголица, 70 турски лири во Радовиш итн. Шестмина
мажи, три жени и неколку деца (именувани) биле убиени во Лубница, петмина мажи
и една жена (именувани) во Ораовица и седуммина жители (без имиња) во Подареш.
Бр. 65. Изводи од еден официјален извештај (пренесен) од офицер кандидат Пенев, аѓутантот на Првиот батаљон на 26-тиот Пешадиски.
На патот што води за Струмица, меѓу селата Орманово и Ново Село, во
клисурата на десниот брег на реката, најдов еден војник од Десеттиот (Родопски)
пешадиски, распнат на една топола со телеграфска жица. Лицето му било полеано
со петролеум и изгорено. Го познав дека е војник од еполетите кои му биле
истргнати и фрлени близу до него. Телото беше веќе во состојба на распаѓање.
Понатаму на запад најдов друг војник од Тринаесеттиот пешадиски. Неговото тело
беше закопано во песок и се гледаше само главата, која била полеана со
петролеум и запалена. Очите, носот и ушите исчезнале. Еден војник од Првиот (на
принц Александар) пешадиски, висеше со главата надолу, со врзани стапала со
телеграфска жица. Еполетите што лежеа во калта покажуваа дека несреќникот бил
механичар. Ушите и рацете му биле отсечени, а очите извадени. Понатаму покрај
истиот пат најдов многу други незакопани, осакатени тела што им припаѓаат на
војници од Втората, Шестата и Осмата дивизија.
(Забелешка. – Треба да се забележи дека авторите на овие одвратни насилства
можеби биле Турци.)
На патот селаните ни кажуваа со солзи во очите за нечовечкото постапување
на кое биле изложени од грчките офицери и војници. Во Орманово, командантот на
Петрич ги затворил сите мажи во полицијата, каде што биле чувани без храна три
дена и малтретирани од грчките војници. Ги терале да платат 1 турска лира (23
франци) за едно пиење вода. Сите жени и сите девојки над осумгодишна возраст
биле затворени во една куќа и силувани. Истото се случило во Босилово, Дабиле и
Робово. Во последново село грчките војници го врзале свештеникот и ја силувале
прво неговата ќерка, а потоа и другите жени, пред неговите очи. Потоа го
застрелале свештеникот и ќерка му и го
запалиле селото.
Две третини од градот Струмица биле запалени, посебно „гркоманските“ и
турските квартови и некои грчки куќи во бугарскиот кварт, заедно со јавните
згради и касарните. Во моментот кога Грците се готвеле да го запалат бугарскиот
кварт, каде што неколку куќи веќе биле во пламен, г. Купер, американски
протестантски мисионер, пристигнал од Солун. Г. Купер отишол до грчкиот командант
и го молел да престане со палењето, изјавувајќи дека ќе се жали до британскиот
конзул во Солун. Огинот бил запрен по наредба на командантот. Оваа изјава ја
имам од г. Купер лично, кој испратил фотографии од запалениот град од Грците до
британскиот конзул. Новата бугарска црква, цврста камена зграда, е наполовина
уништена од бомбите што Грците ги ставиле во неа за да ја дигнат во воздух.
Бугарските болници се исто така во пепел, а ранетите Бугари кои останале таму
биле оставени без нега и храна. Грчките стражари ги зеле сиот леб, млекото
итн., кои добрите жени од градот им ги носеле на војниците. На крајот, ранетите
војници биле затворени во турската кула, која била запалена. Нивните
јагленосани тела се’ уште лежеа таму на 16. септември, кога Грците го евакуираа
градот *** Една учителка ме извести дека ноќта на 23. август била одведена во
касарната, каде што првин била силувана од грчкиот командант, а потоа од дваест
и четири војнци, еден по друг. Сега таа е во жална состојба.
(стр. 368-371; изд. Култура – Скопје, април 2000 год. Наслов на оригиналот:
THE OTHER BALKAN WARS – A 1913 Carnegie Endowment Inquiry in Retrospect
with a New Introduction and Reflections on the Present Conflict by George F.
Kennan.)
No comments:
Post a Comment