Monday, October 22, 2018

Зоран Тодоровски: ВМРО 1924 – 1934

Прва глава: ВМРО 1924-1928
4. ПОЛИТИЧКО-ПРОПАГАНДНИ И ВООРУЖЕНИ АКТИВНОСТИ НА ВМРО ВО ВАРДАРСКИОТ ДЕЛ НА МАКЕДОНИЈА
а) Политичко-пропагандни и информативно-разузнавачки активности

...Во почетокот на јуни 1927 г. со апсењето на раководителите на ММТРО било прекинато дејствувањето на овие младински организации во вардарскиот дел на Македонија. Имено, со апсењето на Д. Ѓузелов на 29 мај 1927 г., кај кого била пронајдени Уставот на ММТРО, весници на органите на македонските емигрантски организации во Бугарија и друг пропаганден материјал, била откриена целата мрежа на ММТРО скоро во сите градови. Најпрвин биле уапсени околу 20 студенти, членови на ММТРО, за апсењето да продолжи и на македонските студенти во Белград, Загреб и Љубљана. Вкупно биле уапсени 40-50 студенти и донесени во Скопје, од кои 20 биле затворени од полицијата и подложени на жестоки тепања . (ф.н.: ...Според изјавата на Надежда Карпузова – Поп Ѓорчева, сопруга на Борис Поп-Ѓорчев, тогашен член на ММТРО во Виена, дадена во јуни 1995 г. во нејзиниот дом во Скопје, таа од Виена била испратена од И. Бојаџиев и од својот иден сопруг Б. П. Ѓорчев да ги посети уапсените студенти во Скопје. Со посредство на Д. Шалев, таа успеала влезе во скопскиот затвор и да разговара со претепаните Б. Андреев и Д. Чкатров.) Меѓу уапсените бил и Димитар Шалев, еден од кметовите на Скопје, обвинет како соучесник на студентите и членовите на ММТРО.
По седуммесечна истрага, во декември 1927 г. биле осудени 9 студенти на казни од 5 до 20 години затвор. (ф.н.: ...На скопскиот студентски процес биле осудени следните лица: Димитар Ѓузелов од Дојран и Иван Шопов од Гевгелија на 20 години затвор, Димитар Нацев од Струмица на 15 години, Димитар Чкатров од Прилеп на 10 години, Харалампи Фукаров од Прилеп, Тодор Гичев од Штип, Борис Андреев од Велес, Стерјо Боздов од Крушево и Борис Светиев од Битола на 5 години затвор, а 11 души биле ослободени).
Меѓу бранителите на осудените студенти бил и Анте Павелиќ, адвокат од Загреб, подоцна водач на „Усташко-хрватската револуциионерна организација“. Со своите застапувања пред скопскиот суд во одбрана на македонските студенти, членови на ММТРО, тој се стекнал со големи симпатии кај ЦК на ЗП на ВМРО и НК, а особено кај македонската емиграција во Бугарија.
Скопскиот студентски процес во гласилата на македонските емигрантски организации во Бугарија и во објавените меморандуми, апели и протести на македонските студентски друштва во Бугарија и странство, бил искористен за засилена агитација против режимот на Кралството на СХС во вардарскиот дел на Македонија. Според спомените на Ефтим Спространов, НК на своето вонредно собрание главна расправа водел како да го искористи студентскиот процес во Скопје за македонското „ослободително дело“. Покрај организирањето на поголем број митинзи и собранија, НК редовно испраќал петиции и протести до Друштвото на народите во Женева и директно до Ерик Драмонд.
Во една подоцнежна анализа на Скопскиот студентски процес, изработена од „Битолската обласна полициска управа“ од мај 1941 г. било истакнато дека „голема грешка“ се направила од страна на „софискиот печат“ кј Скопскиот процес го опишувала како „манифестација на бугарскиот дух“, а на процесот „ниту збор не се споменало од обвинетите за Бугарија“. Според оваа полициска анализа, Скопскиот процес бил третиран како „манифестација на слободоумие и на заемно предавство на грст младинци“, кои сите, без исклучок, потпишале декларација „не се Бугари, дека биле измамени од бугарските агенти и бараат прошка и амнестија за своите гревови“.
Во мај 1927 г. била уапсена и друга група од 15 души од Ресенско и Битолско и судени за соработка со ВМРО. Членовите на оваа група биле обвинети дека одржувале врска со војводата Пецо Трајков, чија архива паднала во рацете на полициските власти на Кралството на СХС. На судењето одржано во Битола од 23 до 25 април 1928 г., групата била обвинета за „ширење на бугаризмот“, создавање незадоволство кај народот против режимот на Кралството на СХС, повикување на народот „со намера во даден момент и преку нелегален пат евентуално да се изврши промена“ со цел да се одвои вардарскиот дел на Македонија и да се присоедни кон „бугарската држава“. Судот го осудил само првообвинетиот Асен Татарчев, лекар од Ресен, на шест години затвор, додека другите 14 души ги ослободил заради недостиг од докази. (ф.н. АМ, Фонд Робеви, кут. 52, „Судски процес против д-р Асен Татарчев, лекар од Ресен, и др. За дејноста на ВМРО во Битола“ .Другите 14 обвинети лица, според заврениот судски „Протокол на претресот“, биле: Риста Анѓелковиќ од Ресен, Наум Нечевиќ од с. Златари, Вангел Грбовиќ од с. Ѓавато, Софроније Андрејевиќ, свештеник од с. Перово, Никола Андрејевиќ, свештеник од с. Перово, Васил Парентиевиќ, од Ресен, Риста Граматиковиќ од с. Смилево, Илија Лаковиќ од с. Избиште, Христа Ризовиќ од Битола, Тома Цветковиќ од с. Сопотско, Риста Лазаревиќ од с. Кривени, Димитрија Ташковиќ од сл. Златари, Крста Анѓелковиќ од с. Златари и Јован Гаџовиќ од Ресен. ...)
И овој судски процес НК на македонските емигрантски во Бугарија го искористил преку доставување на протести и мемоари во ДН во Женева и до нејзиниот генерален секретар Ерик Драмонд да реагира против загрозувањето на малциските права на „Бугарите во Југославија“ и за ослободување на осудените лица.
И покрај големата надеж што раководството на ВМРО ја имало во дејствувањето на на ММТРО и испраќањето на редовна финансиска поткрепа, овие младински организации не успеале да се наложат и да извршат поширока мобилизација на македонската студентска младина во вардарскиот дел на Македонија. Невното неколкумесечно дејствување било брзо откриено, а со Скопскиот студентски процес во 1927 г. и целосно ликвидирано.
Ваквата судбина на ММТРО ја констатирал и А. Протогеров, одговрен во ЦК на ВМРО за информативно-разузнавачката служба. Во едно писмо до членот на ЗП, Наум Томалевски, тој подвлекол: „Ние имавме малку надеж во ММТРО, но тие ништо не дадоа, туку само водеа полемика за големството додека не ги разоткрија“. И во една друга елаборација за неуспехот на ММТРО, А. Протогеров причините за нејзиното брзо откривање и растурање ги гледал во нејзините идејни водачи, И. Михајлов, Ј. Чкатров и К. Дрангов. Спред него, ниту еден од нив не дал „пример на борец да влезе внатре“ во Македонија, а водачите на ММТРО гледајќи лош пример и празни зборови на своите раководители во ЦК на ВМРО, се оддале на кариеризам, а не на саможртвување. Уапсените водачи на ММТРО на Скопскиот процес, како што констатирал А. Протогеров, „не само што не сакале да ја признаат ММТРО во Бугарија и да и’ се потчинат, туку не ја признавале дури ни ЦК на ВМРО, зашто и во нејзиното лице не гледале внатрешни борци, туку емиграција“.
Разочарувајќи се длабоко од организациите на ММТРО, и ЗП на ВМРО во едно писмо до своите претставници во Германија ги повторил констатациите на А. Протогеров со оценката: „Младината, за која имавме очевидни индиции и материјални докази, не ги оправда надежите и не ги исполни инструкциите што своевремено и беа пратени“. На ваквата разочарувачка констатација за работата на ММТРО укажува и една подоцнежна изјава на И. Михајлов: „Тие скапо го чинат Комитетот... Ни оддалеку не ги оправдаа надежите кои во нив се полагаа..., а Комитетот од тоа имаше само штета, а не полза“.
Судбината на ММТРО во вардарскиот дел на Македонија е содржана во заклучните констатации на спомнатиот реферат на К. Црнушанов, главниот раководител „петар“ на Скопската окружна петорка, во која, меѓу другото, ја пренесува интимната исповед на еден член на ММТРО: „За таква организација не се умира“.
Провалата на ММТРО во вардарскиот дел на Македонија му нанела силен удар на раководството на ВМРО. По апсењето на членовите на ММТРО во мај 1927 г., ЦКна ВМРО бил лишен од своите приврзаници во овој дел на Македонија. На раководството на ВМРО не му останало ништо друго, туку да се потпре на своите воени сили и приврзаници во Бугарија, одоносно во пиринскиот дел на Македонија, и да ги засили своите терористички акции преку префрлување на помали групи во вардарскиот дел на Македонија.


(стр. 130-134; изд. ИП „РОБЗ“ Скопје, 1997 г.)

No comments:

Post a Comment