Monday, October 15, 2018

САЛМАН РУЖДИ: Сатански стихови


Предговор

БАЛКАНСКИ АНТРОПОЛОШКИ АПЕЈРОН НА „САТАНСКИТЕ СТИХОВИ“
„Тешко на вас, луѓето од законот, оти вие ги присвоивте клучевите на значењето“
(Ев.. на Св. Лука)

Меѓу ретките искази во кои големиот осаменик од Кенигсберг, Имануел Кант, дозволил да се пробие лична нота, а лирската емотивна растрепереност да ја потисне строгата интелигенција на гранитот на интелигентниот истражувачки флегматик, без двоумење сосема особено место заземаат таинствените зборови: „Ништо во светот не ме возбудува толку многу колку моралниот закон во мене и ѕвезденото небо над мене!“ И едната и другата причина се толку далечни и навистина, толку нестварни, толку индиферентни кон се’ што човекот го прави и од што живее; толку многу луѓе го минуваат целиот свој век без да се загледаат во „ѕвезденото небо“ и да се замислат над „моралниот закон“. Оти, и небото и ѕвездите остануваат вон дофатот на кое и да е директно човечко искуство. И моралниот закон во нас – што и да разбереме под него - секогаш е нестварен, недопирлив, невидлив како ветрот и бесшумен како светлината. Во оваа општа и универзална недостапност, тие би морале да бидат вброени во сферата на трансцедентното – она, за што самиот Кант вели дека е секогаш надвор од секое можно човечко искуство. Па сепак, тој не само што со нив го исполнува целиот свој интелектуален опус – туку и дава доволно индиции да заклучиме оти во нив го гледа она што единствено е достојно да го определи нашиот живот и да му ја измери вредноста.
И ако ветрот – бидејќи невидлив, и ако светлината – бидејќи бесшумна, не значат ништо во најголем дел од „прашањата на животот“, сочинет од видливото и звучното – тие се пресудни и ненадоместливи за сите размисли околу „смртните прашања“! Достижното може да подвижи – но недостижното (ѕвездите) не дозволуваат да се запре и смири; предметното, стварното, допирливото може да разбуди – но недопирливата бестелесност (моралниот закон) не дава да се заспие. Овој немир и оваа бессоница се основни теми – главни јунаци, централни карактери – и во животот на секој мислечки субјект, но и во историското бидување на секој народ.
Тие се и мотивски оски на необичната книга на современиот индиски писател (оформен и израснат во Англија) Салман Ружди, насловена навидум некомуникативно, но експлозивно – „Сатански стихови“. Би можело слободно да се рече дека овој наслов претставува антонимски превод, еден вид негативен транскрипт на светата книга на муслиманите – Коранот (Кур‘ан). Додека Коранот е запис сочинет од божји стихови (ајети), Ружди нуди превертирана книжевна верзија на сатански стихови: коранот адекватно треба да се нарече „Шејтански ајети“.
Се разбира, тврдењето дека авторот на една религија не е бог, туку ѓаволот (сатана, шејтан) – не може да помине без жестоки противења и гнев. Во Англија, судот донесе пресуда пресуда според која книгата „Сатански стихови“ претставува навреда на религиозните чувства на муслиманите; во Франција, таа доживеа сериозни забелешки и критички релативизации. Насекаде, меѓутоа, контроверзите околу ова монументално дело се кристализираа околу нејзиниот вонуметнички, односно вонкнижевен контекст.
Нејзиното најавено издавање кај нас (белградска „Просвета“ и скопска „Култура“) предизвика официјални реагирања од страна на Исламската верска заедница, со барање преведувањето да се запре и книгата да не се печати. Поради ваквата констелација – знаејќи дека книжевно-уметничкото дело подлегнува исклучиво на книжевната естетска критика – неизбежно е делото „Сатански стихови“ да се разгледува во еден контекст што е битно социјален, културен и политички.
Чувстителноста и релеватноста на темата ги надминува нејзините непосредно уметнички дострели. Наедно, овие фактори упатуваат кон прецизна и аргументирана, но во заклучок недвосмислена и јасна проценка за барем едно основно прашање: доколку книгата е навредлива за оној дел од читателите од Македонија што себеси се чувстуваат како исламски верници, постои ли основа врз која е оправдано да се ограничи (жртвува) слободата на мислење и изразување?
На патот до одговорот неопходно е да се испита постоењето или непостоењето на навредливи конотации; да се спореди нивниот интензитет и штета  (доколку ги има) со уметничките вредност и ефекти, и конечно, да се направи обид за сместување на ова дело во ризницата на светската книжевна ументичка продукција.

ВО ШТО Е ПРОБЛЕМОТ?
Човечката толерантност, во секое општество, не е константна. Таа, кога станува збор за некои основни слободарски и демократски придобивки, секогаш се открива како несомнена во правата што се бараат за себе; наедно, кога овие општи слободи ги загрозуваат некои права и важечки уверувања на истото тоа општество, се јавува процес на оспорување и релативизација. Оваа општа антрополошка и културна константа (толку општа што во основа важи на ист начин и дејстува со иста „логика“ во некое племе во Нова Гвенеја; како и во смирена и цивилизирана атмосфера на која и да е современа нордиска земја), на дело е и кај нас.
Секој културолошки обмислен и антрополошки аргументиран приод кон овие проблеми мора да ја има предвид оваа изразита разлика во висината на прагот на толеранција. Нашата средина не е исклучок. Ако разликата во аршините за мерењето на слободата е универзален факт (слободите за „нас“, треба да бидат поголеми од слободите за „нив“), тогаш контроверзата околу преводот на делото „Сатански стихови“ битно се извлекува надвор од непосредните парохијални рамки на современата македонска ситуација. Тие рамки, имено, стануваат еден момент, една специфична манифестација на една општа, историски се’ уште ненадмината социјална константа. Секое претендирање да се присвои монопол на апсолутна демократичност и целосна еднаквост во третманот, станува, во вакви околности, или самозалажување или октроирана вистина. Вистинскиот проблем на современата демократија никаде не е: дали навистина на сите граѓани им се дадени апсолутно еднакви права, туку: дали кршењето на правата на едните, оди преку една просечна и вообичаена граница карактеристична за денешното светско и цивилизациско рамниште?
Рековме оваа книга, според реакциите кај нас, е примена од официјалните репрезенти на верниците на исламот, како навредлива за верските чувства на муслиманите. Издавачите пак оспоруваат дека книгата е навредлива. Поборниците на слободата за зборот и мислење со право укажуваат дека проблемот не мора да зависи само од тоа дали книгата е навредлива или не е. Правото на слободно мислење и слободен збор не треба да зависи само од оценката за навредливоста, бидејќи, во таков случај, практично се’ може да биде оценето како навредливо и со тоа, предложено за забрана – конечно, и забрането! Освен тоа, некои нешта можат да бидат објективно навредливи, но во нив да се содржи некое ново согледување и подлабока вистина: за некој истакнат политичар може да е навредливо да се тврди дека примал мито, или дека ја приватизирал власта – но, тоа може и да биде вистина. Треба ли да се забрани таквата јавна навреда?
На сите овие прашања треба, макар и бегло, во овој случај да се дадат одговори, зашто само така може да се воспостави и свеста за карактерот и вистинските содржини во овој културен спор, кој не треба да поприми политички и практични импликации.

ПРОБЛЕМОТ СО НАВРЕДЛИВОСТА
Салман Ружди со изразит усет за суптилните и битно субјективни патишта на раѓањето на чувство на навреденост, дава една антологиски прецизна, лакедемонски згусната сентенца: „Никој не може да суди за внатрешната повреда! Тежината на раната не може да се оцени според големината на дупката.“ (...) Ова е една најопшта, но непроценливо значајна и инструктивна инстанца. Сама по себе таа би требало да го укине целиот проблем и да оневозможи секој обид за оспорување на чувството на навреденост кај него. Не може мериторно да се спори околу тоа дали некој е вљубен – доколку самиот тој тоа го тврди и чувствува; да се биде навреден, не зависи ниту од нечија непосредна намера - - па ни од отсуството на таква намера. Навредата како таква е стриктно лична, најдлабоко субјективна состојба. Таа е одговор на поединецот, на оспорување или повреда на некои интернализирани културолошки обрасци, одговор што е разбирлив само за тој поединец и целината на неговиот општествен и конкретен карактерен, односно душевен, психички склоп. Според тоа, без оглед на тоа колку на не-муслиманите може да им се чини ирационално и неоправдано да се биде навредуван од оваа книга, ако тие тврдат дека се навредени (односно, оние од нив кои тоа го тврдат), нивниот исказ мора да се смета за фактички неспореден. Конечно, ничија душа не го носи товарот на другата!
Покрај овој општ аргумент, во прилог на тоа дека книгата треба да се смета за наведлива (за оние кои ја примаат така), овде е, поради сложениот карактер на рецепцијата на Коранот, на дело уште еден значаен момент. Имено, според низа автори, во Коранот се констатирани четири основни значенски нивоа, според кои се разликуваат и четири нивоа на комуницирање со неговиот текст. Така (покрај извесни разлики во нијанси) овие четири нивоа се сведуваат на:
  1. Буквално значење – достапно, но и упатено до оние што текстот го слушаат и така го асимилираат во светлината на непосредната животна сетилна стварност;
  2. алузивниот контекст – достапно за повисока апстрактна синтеза и одуховена контекстуализација;
  3. окултниот контекст – од ова ниво на рецепција е овозможена софистицирана хуманистичка контемплативна визија;
  4. највисоко значење – овде доаѓа до состојби сродни со мистични доживувања (во смисла на Плотин итн.) односно, интуитивни согледби (бергсоновскиот контекст е најблизок адекват), со кои се постигнува интегрално духовно остварување.
Се разбира, овие дистинкции се во функција на земање предвид одредена духовна и образовна хиерархија кај читателите, при што скалата е определена со разликите на нивните внатрешни капацитети и од нив произлезените начини на примање на пораката. Нема сомнение дека според оваа скала, до ефектот на навредливоста може да се дојде само во случај на оние што се на нивото на првите две стапала на рецепцијата. Особено може да биде погодена првата категорија верници. Така, најголем број од нив не ќе можат да преминат веќе преку насловот: „Сатански стихови“ не може да биде примено како ненавредлива квалификација за книгата кој се смета за „Божествени стихови“. Никој не сака да биде уверуван дека е тој верник на ѓаволот, ако живее во уверување деека е покорен слуга божји.
Меѓутоа, истго толку е сигурно дека навредливиот контекст тешко ќе може да стаса до верници кои со Коранот комуницираат во третото значенско ниво; четвртите, сосема сигурно, не можат да бидат ни допрени не само од оваа, туку ниту од која и да е книга и каков и да е обид да им се разниша и понижи верата. Нивната вера, карактерот на нивниот однос со религијата е едноставно над навредата! Во оваа слисла, слични слоеви и слична ранливост, односно, неранливост кон свесни, како и кон несвесни обиди за навредување, постојат и во секоја друга религија и во секоја друга света книга: Талмудот или Библијата.
Кон овој заклучок упатува и еден стих од Коранот (ајет), во кој се упатува на единствениот и заеднички извор на сите монотеистички религии. Според овој стих (ајет), навредата на која и да е света книга, е наедно и навреда на сите свети книги. Имено, според преводот на Н.Ј. Давуд, во поглавје 43 се вели: „Коранот ви го открив на арапски јазик за да можете да го разберете! Тој е еден транскрипт на Нашата вечна книга, сублимна и полна мудрост.“ Преводот на Давуд недвосмислено упатува кон тоа дека постои една општа небеска книга, на која секоја одделна света книга е само транскрипт, што експлиците укажува на нивната истоветност.
И покрај тоа што во една стриктно религиозна смисла, секоја книга во која се спомнува Бог, претставува ако не навреда, тогаш сигурно заблуда и лага – така Мајстер Екхарт пишува: „Што и да се рече за Него, невистина е!“ – сепак за поголем број верници од сите религии, зборовите го допираат и можат да го повредат нивниот Бог, односно, нивното доживување на Бога. Книгата на Ружди директно пресвртува, менува, низа од оние основни контексти околу кои е изградена почитта на муслиманите кон нивните свети луѓе – самиот пророк Мухамед, односно, неговите први преобратеници, соработници, роднини, сопруги.
...
Ферид Мухиќ


(изд. КУЛТУРА 1990 Скопје)

No comments:

Post a Comment