Thursday, April 11, 2019

ЕФРАИМ КИШОН: Не е фер, Давиде

Хумореска

„Сите Евреи се браќа“, рекол еднаш легендарниот Schnorres Rothschild, сакајќи да наговести дека тој и баронот се заправо роднини. Приказната ништо не кажува што на тоа одговорил Ротшилд. Веројатно не го загубил присуството на духот.
Во Израел роднинските врски се многу изразени. И љубовта кон музиката братски не здружува.
Ние сме едноставно луѓе за музика. Таа вечна бучава потполно не’ излудува.


КОЈ ЌЕ БИДЕ ПОГЛАСЕН ВО А-ДУР

Синоќа си легнав рано в кревет зашто утрото морав да станам веќе во 9,30. Ми успеа донекаде бргу да заспијам. После некои половина саат наеднаш се разбудив.
-Ние сакаме да спиеме! – урлаше надвор некој глас преполн со омраза. –Помина 10 часот. Угаси го радиото, глупчо.
Се исправив во креветот. Ми се причини дека оддалеку, од крајниот агол на нашиот станбен блок слушам тиха музика. Не бев сосема сигурен бидејќи едвај се слушаше од се’ посилните напливи на лути гласови.
-Сакаме да спиеме! Тишина! Угаси радио! Тишина!
Малку – по малку, се будеа и станарите на соседните куќи. Многу прозорци се осветлија. Трговецот со деликатеси, кои живее отспротива направи труба од весник и побара да се почитува новиот „против-бучен“ пропис. Сладоледарот Салах, Јеменец, на кат под нас, повеќе пати го спомна Бен Гурион, што беше за него потврден знак дека е крајно возбуден. Брзо го навлеков на себе домашниот пењоар, за да можам подобро да се навалам врз прозорецот. Ништо не ми беше помило од тоа да гледам луѓе како се расправаат. Тоа е она човечкото во мене.
-Мир! – заурлав во ноќта. –Каде е куќниот совет?
Манфред Тосканини, кој нема никаква врска со истоимениот диригент, се појави на балконот мрморејќи нешто неразбирливо. Манфред Тосканини е претседател на нашиот куќен совет.
Почнаа да се бодрат со извици:
-Што чекате? Дали сте претседател на советот или не сте? Покренете се! Направете нешто! Повикајте полиција! За такво нарушување на мирот денес се добива една година затвор! Ајде!
-Чекајте малку! – повика Тосканини. –Од толку галама не може да се утврди од каде доаѓа вревата.
Настана молк. Се покажа дека музиката доаѓа од приземниот стан на десниот агол.
-Мачешко драње!
Беше тоа Салах. Гласот веќе му беше изморен.
–Веднаш да сте го стишале тоа мачешко драње! Бен Гурион!
Тосканини неспокојно потскокнуваше од една нога на друга. Не поседува тој некоја особена борбена нарав. Го избравме само затоа што има убав ракопис и затоа што со него лесно се излегува на крај.
-Ве молам, угасете радио – мрмореше. –Ве молам. Озбилно.
Ништо не се случи. Музиката сеедно и понатаму гласно одекнуваше низ благата ноќ.
Манфред Тосканини сфати дека ссе работи за неговиот углед, за неговата судбина, иднина, за среќата на неговите деца. Тој го крена гласот:
-Ако ова мачешко драње веднаш не престане, ќе повикам полиција!
Следеа неколку напнати мигови без здив. Се чинеше дека следи сукоб меѓу државните сили и бунтовниците.
Наеднаш музиката стана уште погласна: се отвори вратата од станот од каде што допираше и се појави д-р Натанаил Бирнбаум, шефот на блиската подружница на израелското државно туристичко биро.
-Кој е тој незнајко – запраша Бирнбаум со ѕвонлив глас – ја нарекува Седмата Бетовенова симфонија мачешко драње?
Молк. Длабок, целосен молк. Бетовеновото име лебдеше меѓу куќите, бидејќи на станарите во коските и во сржта нешто им се лиеше како некој делотворен отров во нервниот систем.
Манфред Тосканини направи ужасно лице и се извитка како црв. Јас пак се оддалечив еден чекор од прозорецот за да покажам дека немам ништо заедничко со неговото однесување, кое е испод секое ниво.
За сето време, ненаметливо се слушаше божествена музика. Бирнбаум не сакаше да попушти за докрај да ужива во својата победа.
-До кога! Каде е тој неписмен за кого Седмата Бетовенова е мачешко драње? Седма Бетовенова!
Се слушна збунето поткашлување и засрамено кашлање. На крај, трговецот со деликатеси невоспитано прошепна со променет глас:
-Претседателу на куќниот совет... Честитам! – Презирот со кој Бирнбаум го изговори тој збор беше повеќе од оправдан. –Треба сите да му честитаме на таков претседател.
Потоа се заврте и со одмерен чекори се изгуби во станот. Од него зрачеше неописива културна надмоќ.
Манфред Тосканини остана на поприштето сиот јаден и осамен, целосно дотолчен.
-Толку сум се разлутил – рече извинувајќи се – бев толку гневен и лут, па во тој гнев не ја препознав Седмата Бетовенова.
-Псст! – се сиктеше од сите страни. –Тишина! Јазик зад заби! Нед можеме да ја слушнеме таа боженска музика.
Манфред Тосканини со наведната глава се повлече во своето дувло. Сите останати опчинети го слушавме грандиозното дело на тој музички гениј. Многу станари нечујно се испружија на лежалките и ги склопија очите за поарно да се предадат на бесмртните звуци. А јас? Погледнав во небото полно ѕвезди и моите усни тивко и скромно изговорија еден единствен збор:
-Бетовен.
Само Јеменецот Салах и неговата жена Етрога со своето дошепнување го реметеше свечениот момент.
-Кој е тоа? – праша Етрога.
-Кој е тоа?
-Тој господин... како се вика тој... Бетови...
-Не знам.
-Веројатно е некој важен човек кога сите толку му се плашат.
-Бен Гурион – рече Салах – Бен Гурион.
-А зошто рече дека не знаеш?
-Сите викаа.
-Другите може да викаат, но ти не смееш. Твојата трговска дозвола не е во ред. Зарем заборави што му се случи на твојот пријател Шимуни затоа што премногу ја расчепи „лабрнетината“?
Салах се стресе од страв.
-Прекрасно – повика така гласно за сите да можат да го чујат.
-Величествена музика!
Ури, докторовиот син кого ненадејниот мир го разбуди, дотрча на балконот и викна:
-Мачје драње!
-Татко му веднаш му плесна шлаканица, што наиде на општо одобрување. Дете кое во најраната возраст нема да научи да ги цени големите уметнички остварувања, никогаш нема да стане корисен член на општеството и ќе заврши на бесилка.
Професорот, кој живее десно од нас и од последната кавга со својата сопруга, значи некои 40 години, со нејзе не прозборел ни збор, сега на прозорот кротко се приви до неа. Бетовеновата божествена музика одново го соедини завадениот брачен пар.
Во настојување да го исправи својот резил, Манфред Тосканини достоинствено отпеа неколку тактови од музиката. Во својата бесрамна понизност малку и се претера.
-Докторе Бирнбаум – повика. –Ве молам, појачајте го малку радиото. Одовде не можеме толку добро да слушнеме... Многу ви благодарам!
Музиката стануваше се погласна. Соседите, како некоја големо, среќно семејство, заедно седеа и слушаа. Сите меѓусебно се сакавме.
-Тој гигантски рондо – шепотеше лекарот чијшто син свири хармоника. –Иако сосема не сум уверен дека тоа не е можеби и скерцо...
Трговецот со деликатеси дофрли неколку зајадливи забелешки на сметка на некои современици кои не знаат да разликуваат рондо од скерцо. Сопругата на професорот повеќе пати прошепна:
-А-Дур... А-Дур...
Салах длабоко се навали над прозорецот и со обете раце го начули ушите.
Јас потајно го отворив „концертниот водич“ обидувајќи се да ја пронајдам Седмата Бетовенова. „Концертниот водич“ е многу практично книже кое лесно можете да го сокриете од љубопитните погледи.
-Познато е – се слушав сам себе – дека симфонијата во А-Дур спаѓа меѓу најснажните Бетовенови ремек-дела. Уводните акорди се повторуваат во разни варијации пред да преминат во главната тема на првиот став. Модерните критичари замеруваат на таа експлозивност...
Јасно почувствував како мојот углед меѓу станарите нагло расте. Моето дотогашно претерано скромно однесување белким ги завело, па дотогаш не ме ценеа доволно. Уште посилно почна да блеска огнометот на мојата истенчена музикалност.
Ќерката на градинарот отспротива ми го прати нејзиниот мал брат и ме замоли да и’ го позајмам мојот оперски двоглед.
Обидувајќи се некако јадно да ми се спротивстави, лекарот ми рече:
-Експозицијата е потполно во ред. Дури ни еден Барток не би можел поинаку да го обликува.
После првите негови зборови забрзано почнав да го прелистувам „концертниот водич“.
-Не заборавајте – му возвратив на вообразениот клапчо – дека четвртиот став се одвива со неодолива сила и особено во финалето ги надминува сите земни мерила!
Целиот куќен блок ми лежеше од нозе. Бетовеновиот гениј и мојата мудрост се слеаја во земско единство. Така ја замислувам нирваната.
-Па ни Бах не е лош – промрмори апотекарот надевајќи се дека така ќе си го обели образот.
Композицијата повторно влезе како главна тема. Дувачите и гудачите пламнаа на крајот во потполн склад, за на крајот бесмртните звуци целосно да се смират. На слушателите им излета возидшка на неизмерен восхит. Неколку мигови владееше свечена тишина. И тогаш се јави гласот на спикерот:
-Ја чувте свитата „На ѕидините на Нахарија“ на Јохан Штоклер, во изведба на составот на доброволното противпожарно друштво „Петах Тиква“. Во вториот дел на нашиот ноќен концерт изведуваме класична музика од плочи. Како прво ќе ја слушате Бетовеновата Седма симфонија во А-Дур.
Повторно молк. Кобен молк.
На прозорот се појави Манфред Тосканини, кој како сабласно да растеше сам од себе.
-Мачешко дерење! – урлаше ликувајќи збеснато.
-Ме слушате ли, Бирнбауме? Мачешко дерење! Еј, Бирнбауме? Ова вие го нарекувате Бетовен? Јас тоа го викам мачешко драње.
Станарите ги зафати запрепрепастување како шумски пожар.
-Бетовен! – крештеше жената на професорот брзајќи на другиот прозорец. –Што сега, Бирнбауме?
Салах ја зграпчи жената за рака.
-Не прејдоа – сиктеше. –Повторно еден негов отрцан трик.
-Ако дојде полиција, ние ништо не сме виделе – ни заповеда жена му.
-Бен Гурион – одврати Салах.
Ако Бирнбаум покрај сета своја смешна гордост, уште еднаш е кадарен да прими било каков совет, нека потражи нов стан. Кај нас своето го отсвире.



(изд. „Знање – Загреб“, 1986 год.)

No comments:

Post a Comment