37
ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ
Продолжува јавната расправа за кометите. Научникот Визарон ни изнесува
податоци за историјата на оваа појава, враќајќи се во времето на Аристотел, кој
за прв пат ја споменува, опишувајќи ја како „пламено исчекување“. Не ни е
познато дали точниот збор треба да биде „исчекување“ или „надеж“, за што се
залага свештеникот Гуемес, настојувајќи на физичката појава да ѝ даде духовно
обележје.
Доктор Визарон детално ја изложува научната историја на кометите, почнувајќи
од учењето на „Стагирецот“, а свештеникот го прекинува, укажувајќи на честите
појавувања на кометата претставува знак на божеството, навредено поради некоја
земна причина која го загрозува Божествениот проект. Научникот одговара со
прашање: Каква врска има божествениот проект со претходно изложеното толкување
на Њутон: кометата е само една обична физичка појава која ја нарекуваме
„гравитационо привлекување“? Во кои временски периоди се појавува кометата?,
прашува потоа Божјиот човек. На секои седумдесет и пет години. Истата комета? А
зар тоа не е доказ за небескиот план? Тоа вие го рековте, заклучува човекот од
науката: небески план, а не Божји план. Зар тоа не е исто, свештеникот се
обидува да го има последниот збор.
Полицијата во Државата Тексас, во САД, ги апси и ги ограбува економските
емигранти кои се враќаат во Мексико, носејќи ги своите добро заработени
доларчиња, или кои одат во банка, за да ги вложат на сметка. Вдолж патиштата,
полициските редари ги запираат економските емигранти и ги обвинуваа за илегална
работа. Доколку емигрантот бара да го одведат во полициска станица за да докаже
а) дека има работна дозвола или б) дека се враќа во Мексико и не мисли да
замине повторно или в) дека треба да му приговорат на газдата, а него да го
остават на мира, во сите случаи, г) полицајците се оглушуваат на на
образложенијата, се преправаат дека не разбираат или дека не зборуваат шпански,
и во краен случај, нудат д) Избери!
Твоите пари или затвор! – Не сум илегалец. – Ама така изгледаш. – Имам се’
според прописите. – Изгледот те предава, а овде изгледот е најважен. Pay up!
Власта од државата Гереро известува за апсењето на австрискиот турист
Леонардо Какабса или Какаса, обвинет за убиство на младата Софија Галвез,
продавачка на љубов во колонијалниот град Такско. Споменатиот Леонардо веќе бил
приведуван пред една недела, кога го обвинувале за убиството на друга
продавачка на љубов од Текско, Софија Дербез, алиас „ла Пинта“. Соочен со
фактите кои се однесуваат на смртта на именуваната како „Ла Пинта“, судијата одлучи
дека затворањето на еден толку млад и убав човек како што е Леонардо поради
убиството на една проститутка само би придонело за лошиот глас на Такско и би
го загрозил туризмот. По ослободувањето, австрискиот државјанин Какабса веднаш
го извршил второто, веќе наведено, злосторство. По повторното апсење, изјави
дека споменатите продавачки на љубов, веднаш по давањето на своите услуги, му
се потсмевале нему и на неговото име, правејќи недолични игри со зборови.
Меѓутоа, Какабса или Какаса, рече дека тоа не го предизвикало неговото
злосторничко дело, туку навалувањето на двете проститутки да го викаат
„Германец“, кога Леонардо е од австриска националност. Овојпат, локалниот
судија немал друг избор, па го осудил, жалејќи поради штетата што оваа одлука ќе
му ја нанесе на туризмот во Такско. „Што е поважно?“, праша судијата, „да се
казни еден злосторник или да се обесхрабри туризмот, главен извор на приходи во
Такско?“. Одговорот го даде самиот Леонардо или Леонард Какабса или Какаса,
изјавувајќи дека убивањето проститутки за него било навика што ја стекнал уште
во младоста, поттикнат од некое нескротливо чувство на гадење и желба за
правда. „Убивав и ќе убивам и понатаму“, изјавил субјектот кој не може да се
распореди во ниту една категорија кога, во согласност со спогодбите за
екстрадиција меѓу Мексико и Австрија, го предавале на властите на неговата земја.
Дополнителна белешка: Пристигнувајќи во Виена, споменатиот
Какабса или Какаса, молел да му ја направат милоста да го одведат во капелата
на капуцинската црква во австриската престолнина, за да клекне пред гробницата
на Максимилијан Хабзбуршки, императорот на Мексико во текот на 19. век,
поставена покрај гробницата на Л’Еглон, војводата од Рајхштат и син на Наполеон
и Марија Лујза од Австрија – син, Максимилијан, на императорите Фердинанд и Софија, и потомок на наследна
линија (инцестна, исто така) на шпанските и австриските Хабзбурговци,
неаполските Бурбонци и вителсбахските Баварци. Запрашан зошто го сака тоа,
Какабса или Какаса објаснил дека неговите дела во Мексико биле само начин да се
одмазди за стрелањето на Максимилијан од страна на мексиканските дивјаци.
Виенските власти, разгледувајќи го досието на ова лице, откриле уште два
случаја на неразјаснети злосторства, кои исто така имале врска со продавачки на
љубов и кои ги викале „Софија“. Неодамнешната истрага открива дека и мајката на
Леонардо, исто така се викала „Софија“. Леонардо или Леонард е под надзор на
признати психијатри (иако јавноста ги нарекува Wichtimacher и Besserwisser, Значајко и Сезнајко) во затворот во
Варигенштрасе.
Подоцнежна белешка: Во слаткарницата Буенос Аирес, сместена во улицата Лас Ерас,
речиси зад аголот на Анчорена.
Томас Елој Мартинез зборува за случајот Какабса или Какаса, како да станува
збор за некој роман, Серхио Рамирез, никарагвански писател, ја прекинува
вообичаената строгост на неговото лице со една неочекувана, широка и задоволна
насмевка. Какабса не е Какаса, туку Сакаса, се смее. Потоа раскажува дека во
Никарагва живеел некој митоман, кој полудел поради родоскернавењето што презимињата
им ги наметнувал на мал број граѓани – зошто морале да бидат само Чаморо,
Коронел, Дебајле?
Не се работи за крвно сродство, објаснува Серхио, станува збор за тоа дека
и во Никарагва презимињата се тоа што во други земји се имињата на светците:
сведоштво за постоењето, свидетелство за крстеното име. Поради тоа, невозможно
е да се знае дали Сакаса бил од „Сакасови“, или некој митоман, по потекло од Ел
Блуф, кој првин си присвоил едно име од никарагванската „аристократија“, за да
ги прикрие своите безбројни измами, како што се:
Пишување лажни ракописи на поетот Рубен Дарио, а потоа нивно палење пред
јавноста, предизвикувајќи колективен бес кај публиката, која во Дарио ја гледа
смислата за постоењето на Никарагва: сиромашна земја, богат поет. Го затвориле
поради непочитување на законот, ама набргу го ослободиле.
Барање да се обележат газовите на никарагванските диктатори со железен жиг
– со готска буква Д – од две причини: за нив, тоа би бил знак за одликување, за
јавноста, буква за идентификација. Сомоза на Сакаса му вратил мило за драго: го
пратил да жигосува задници со буквата „И“ од Имбецил, што Сакаса ја протолкувал
како „И“ од Империја. Односно...
На децата им делел молитвеници со вметнати страници од списанието Плејбој, предизвикувајќи кај нив
вкочанети насмевки од задоволство, за време на службата. Свештениците им ги
одзеле молитвениците и грижливо ги сочувале меѓу своите мантии, за да ѕиркаат
одвреме-навреме. Сакаса се фалел дека ги расипал, не децата и нивната здрава
љубопитност, туку свештениците и нивното нездраво воздржување. Тој сакал да
биде познат – забележал Рамирез – како Сакаса Ослободителот.
...
(изд. „Слово“ – Скопје, 2012 год.)
No comments:
Post a Comment