Сто години од Солунскиот процес
АПИС ГО
ЧЕКА СУДОТ НА ИСТОРИЈАТА
...
Апсењето на Апис
Денунцијациите на Аписова сметка претставувале речиси секојдневна појава.
„Доказите“ против него и Црна Рука уредно пристигнувале на адреса на Љубо
Јовановиќ Патакот, министер за внатрешни работи, а еден од нив ќе биде
употребен и за Аписовото апсење.
Имено, Јовановиќ на 25 декември му пратил на министерот за војска Божидар
Терзиќ еден акт, тнр. Президијал
(доверлив документ) во кој го известува дека врз основа на неколку запленети
документи, дознал дека полковникот Драгутин Димитриевиќ – Апис со своите
истомисленици планирал преврат и убиство на Никола Пашиќ. Истовремено тражел
воените органи да преземат одредени мерки против наведените лица.
Министерот за војска на 26 декември му го проследил Президијалниот акт на Началникот на Штабот на Врховната команда
генералот Петар Бојовиќ, кој наложил тие обвиненија да се проверат. Веќе
утредента (27 декември), началникот на Правното одделление на Врховната команда
полковникот Гојко Павловиќ, му реферирал на Бојовиќ дека ги проверил наводите
од документите и заклучил дека тие се точни. Врховната команда веднаш издала
налог за апсење, а на 1 јануари 1917 владата на вонредна седница едногласно
донела одлука да се поведе истражна постапка. Поради толку брзото и
координирано делување на надлежните органи се наметнува заклучок дека целата
постапка била однапред договорена.
Полковникот Драгутин Димитриевиќ – Апис е упасен на 28 декември 1916 во
село Овоштарани, во Грција. Го уапсил и го привел полковникот Милан Дуњиќ,
воениот командант на Солун, во одредената ситуација наименуван за раководител
на истрагата против Апис. При апсењето кај Апис се пронајдени Уставот и
Деловникот на организацијата „Уједињење или смрт“, како и список на членови на
нејзината Централна управа. Тие документи, како и некои писма кои биле
пронајдени кај него, ќе бидат искористени на суд како главен доказ за
превратничките намери на Црна Рука и нејзиниот водач. Според списокот на
членови на Врховната централна управа пронајдени кај Апис, биле уапсени уште:
генерал Дамјан Поповиќ, полковниците Милан Миловановиќ – Пилац, Чедомир
Поповиќ, Велимир Вемиќ, Владимир Туцовиќ и Радое Лазиќ, потполковник Витомир
Цветковиќ (кој набргу умрел), мајор Љубомир Вуловиќ и вице-конзулот на Србија
во Атина Богдан Раденковиќ.
Врховната команда по тој повод издала соопштение за апсењето на офицерите
кои „подготвувале рушење на поредокот“. Регентот Александар и Никола Пашиќ ги
известиле сојузниците за апсењето на групата офицери која имала намера да ја
урне демократската влада на Србија и да склучи сепаратен мир со Централните
сили.
Во моментот на апсењето, Апис е обвинет дека планирал побуна и преминување
со дел од војската на страната на непријателот. Затворен е како предавник.
Меѓутоа, при апсењето кај него се пронајдени списоците на членови и Статутот на
организацијата „Уједињење или смрт“, па затоа новото обвинение гласело – бунт
со цел уривање на уставниот поредок. Неспорно е дека целите на организацијата
уште од 1911 и’ биле познати на српските власти, значи дека таа била насочена
кон борба за национално обединување, а не за рушење на поредокот во државата.
Апис и неговите другари се обвинети врз основа на запленетите документи за
подготовка на превратот. Бидејќи се заканувала опасност одбраната да ги
искористи аргументите кои докажуваат дека организацијата била позната пред
Војната и дека имала поддршка од самиот престолонаследник, организаторите на
судењето во текот на веќе започнатиот процес ја менуваат „темата на злочинот“ и
во новото обвинение ја враќаат првобитната идеја за атентат над
престолонаследникот Александар.
Апис му верува на Регентот и на Живковиќ
Апсењето на Црнорукците за регентот Александар морало да биде големо
олеснување. Што се однесува до Апис, тој како едвај да можел да сфати што му се
случило, кога стасал во некогашната солунска јавна куќа, која што по налог на
српската воена команда била претворена во затвор. Се’ дотогаш тој бил уверен
дека никој, па ни Регентот, нема да се осмели нему и на неговите другари, да им
наштети. Подоцна, кога му била изречена пресудата, бил убеден дека таа нема да
биде извршена. Многумина се прашувале дали Аписовата нереална проценка на
сопствената положба била резултат на вроден оптимизам, недостаток на дарба за
анализа и проценување на објективните околности, или то било последица на
одредено слепило, честа појава кај луѓето кај кои желбата за моќ е особено
изразена, а таа кај Апис без сомнение била многу јака.
Она што било неспоиво со Аписовиот карактер и животно искуство е дозата на
наивност кога верувал дека полковникот Петар Живковиќ, во име на некогашното
пријателство, ќе му помогне во тешката ситуација. Апис знаел дека Живковиќ е
многу близок со регентот Александар, дека има големо влијание врз него и дека
високо котира на Дворот. Нешто што Апис не можел да го знае било тоа дека токму
половникот Петар Живковиќ бил човекот кој грижливо плетел пајажина околу
главнообвинетиот во Солунската афера. То секако не може да ја оправда
невнимателноста, која овој пат ќе го кошта живот.
Уверен дека Живковиќ ќе му помогне, Апис преку надзорникот на затворот ќе
воспостави врска со него. Живковиќ му порачал на Апис да не се секира, бидејќи
целиот процес против него е дело на Радикалите, но дека престолонаследникот
Александар ќе стави крај на сето тоа, само треба „да пази да не му згреши на
престолонаследникот“. Во забелешките на црнорукашот Владимир Туцовиќ стои дека
токму со тоа може да се објасни Аписовото молчење, кога со ниеден збор не кажал
ништо против Регентот во текот на процесот: „Тоа е влијанието на Петар, а дека
е така докажува и тоа што Апис по соопштувањето на пресудата, во салата каде
што сите ние осудени молчевме, тој рече: ’Немојте да се плашите, сето тоа Патар
ќе го среди‘.“ Оттаму, не е исклучено дека Апис држејќи се советот на Петар
Живковиќ, му напишал и покајничко писмо на регентот Александар, на Велики
Четврток 12 април 1917, во кое моли за милост, убеден дека тој ќе го повика на
разговор и дека за тоа ќе се заложи и Живковиќ: „Ќе биде смејурија кога ќе се состанам со престолонаследникот“, му кажал
Апис на надзорникот на затворот капетан Стојковиќ, проследувајќи го тоа со
зборовите: „Ала ће
Аца да чита. Има неколико места што ће да га дирну, потсетио сам га на старо
пријатељство...“. Од
Аписовото писмо до регентот Александар се гледа голема доза на наивност и верба
кај еден од најмоќните луѓе на тоа време и водечки завереник на 1903-тата.
Зошто е покренат Солунскиот процес
Покренувањето на процесот во Солун за владата на Пашиќ било со цел да се
разбие Црна Рука, да се уништи како организација за секогаш и со тоа, како што
планирал Пашиќ, „да се исчисти политичката атмосфера и јавниот поредок да се
осигура од изненадување“. Пашиќ сметал дека „ниеден министер не може да биде
спокоен во својата работа се’ додека не го исчисти својот ресор од луѓе кои,
покрај заклетвата кон Кралот и државата, имаат уште една заклетва, според која
интересите на организацијата се наоѓаат над интересите на државата. Невозможно
е да се прими одговорност за управување со земските работи, ако меѓу државните
чиновници има луѓе на кои, според заклетва дадена на нивната Организација, им е
запртетено со казни, па нејзе мораат да и’ ги соопштуваат доверливи дествија на
државните власти“. Во склад со Пашиќевиот став дека Црна Рука мора да се
растури „онака радикално како што тоа го изискува државната безбедност, а
притоа од едно зло да не се направи ново“, еден број црнорукци не бил изведен
пред суд, туку само разрешен од должност, а потоа бил пензиониран. Меѓу нив
имало виши и нижи офицери, полициски чиновници и дипломатски службеници.
Како што може да се види од целокупниот материјал, врз основа на првото
обвинение, Црна Рука пред судот не била квалификувана ни како политичка ниту
како патриотска организација, туку исклучиво како терористичко здружение. Од
тоа се добива впечаток дека во Солун, во прв ред и’ е судено на Црна Рука.
Црнорукците кои го преживеале процесот во Солун за покренување постапка против
таа организација, го обвиниле не само регентот Александар и Никола Пашиќ, ами
пред се’ Петар Живковиќ и групата офицери околу него, тнр. Комитет на
Десеттемина.
Тврделе оти на 11 септември 1916 врз автомобилот на регентот Александар пукал
лично Живковиќ, само за да може да го обвини Аписа, кого го мразел од дното на
душата. Таа група офицери, без сомнеж максимално се ангажирала околу
обвинувањата на Апис и останатите црнорукци, но сепак тие биле само извршители
на наредбата дадена од Александар и инструмент во негови раце.
Како изразит автократ, како што пишува Слободан Јовановиќ, Александар се
држел до едноставна формула: Кој е послушен – тој му е пријател, а сите други
му се непријатели и морале да му бидат иставени од патот. Колку сето тоа било
точно се гледа и од неговото однесува спрема Пашиќ. На Крф, непосредно пред да
реши конечно да се пресмета со Апис и Црна Рука, си увртел во глава дека Пашиќ
му е голема пречка и во внатрешната и во надворешната политика и дека мора да
се ослободи од него.
Слободан Јовановиќ кажувал како Александар му рекол дека решил да го
отстрани Пашиќа од власт: „Говорејќи за Пашиќ, многу се жестеше и трчаше по
соба како да брка мушички... Во него беше насобран толку голем јад кон Пашиќ,
што дури и смешната страна на Пашиќ го фрлаше во лутина...“. Во текот на
процесот против Црна Рука, Александар често го обземаше бес и во таква состојба
оставаше впечаток дека е подготвен на своите непријатели да им извади и меч.
Тоа секако, смета Јовановиќ, придонесе подоцна Пашиќ да биде прогласен за
главен виновник на сето она што се случуваше во Солун.
Преговори за сепаратен мир
Со внатрешнополитичките причини, одлуката да се ликвидира Апис за српската
влада и за Регентот имала длабока позадина и на надворешно-политички план.
Имено, во тоа време, силите на Антантата (Франција и Велика Британија)
отпочнале тајни преговори за сепаратен мир со Австроунгарија, односно со новиот
австроунгарски цар Карл Први, кој важел за поборник на политиката за мир. Во
име на Антантата, преговорите со Карл ги водел неговиот роднина, францускиот
офицер принцот Сикст Бурбонски. Една од спорните точки била и Србија. На
почеток, Карл барал Србија да влезе во состав на Австроунгарија, во состав на
јужнословенската единица која би се формирала, но подоцна од тоа се откажал, па
дури и’ го признал правото на Србија да добие излез на море во Албанија.
Меѓутоа, барал од Србија апсолутно да ја прекине својата непријателска
активност против неговото Царство и да ги распушти сите организации кои се
бавеле со тоа. Српската влада во тоа време водела дипломатска офанзива со
сојузниците за опстанок на Солунскиот фронт, бидејќи во него се наоѓала
гаранцијата за опстанок на Србија и нејзината недворешно-политичка позиција.
Имено, во текот на 1916 воениот исход бил неизвесен. Многумина па дури и
Никола Пашиќ, се плашеле дека Војната ќе заврши со победа на Централните сили,
а во војската се навестувало дека сојузниците ќе го напуштат Солунскиот фронт и
оти Виена ќе понуди тајни преговори за сепаратен мир. Таков исход го плашел
Александра. Се нагаѓало дека Виена била подговтвена во груби црти да ја обнови
германската понуда на Србија за сепаратен мир од 1915, но без династијата Караѓорѓевиќи
на тронот. Во таква ситуација, незаобиколно би било и прашањето чуму сите жртви
и страдања на народите од есента ‘915, чуму страотната албанска голгота, кога
се можело и без тоа. Одговорноста секако би паднала врз Пашиќ и регентот
Александар. Поради тоа, тие се плашеле да се вратат во Србија и да се соочат со
црнорукците. За среќа, Војната завршила со победа на сојузниците, па разлог за
такви стравувања веќе немало.
Аписовиот таен рапорт
Дознавајќи или наслутувајќи дека меѓу Антантата и Австроунгарија се водат
преговри за сепаратен мир, српската влада дошла на идеја Солунскиот процес да
го искористи за да обезбеди сопствен опстанок во случај на таквата воена
завршница. Имено, веднаш по изнесувањето на второто обвинение, Апис (на 10
април) на претседателот на Воениот суд полковникот Петар Мишиќ му поднел таен
рапорт за Солунскиот атентат. Се надевал дека ќе биде покренат процес откако ќе
ги обелодени своите заслуги во него и оти никој нема да смее да го осуди оној
кој го убил Франц Фердинанд. Можно е дека нему такво нешто и му било
наговестено. Целата одговорност за Сараевскиот атентат, како што може да се
заклучи од овој документ, Апис ја презел врз себе, со желба да ги заштити Раде
Малобабиќ и Мухамед Мехмедбашиќ, како ученици во атентатот во Сараево. Тие биле
негови доушници, кои пред Војната работеле на територијата на БиХ. Аписовиот
рапорт добро им дошол на српските власти во време кога се очекувал сепаратниот
мир, па дури и поразот на Антантата. Пашиќ сметал дека австроунгарската власт,
кога ќе и‘ биде предочена содржината на тајниот рапорт, ќе се задоволи со тоа
што организаторот на Сараевскиот атентат е погубен и дека тоа во Виена ќе се
протолкува како гест на добра воља, па нема да се бара заминување од
политичката сцена на Пашиќ, уште помалку негово судење или судење на неговата
Радикална странка. После процесот и Стојан Протиќ тврдел дека Апис морало да
биде убиен поради „еден таен документ“, а Регентот во едно писмо забележал оти
Апис неможел да биде помилуван од „високи државни прочини“.
Така, на Апис неговиот рапорт, наместо да му донесе ослобудување, му дошол
до глава. По изрекувањето на смртната пресуда, тој станал свесен за ситуацијата
и тоа им го рекол на затворските чувари: „Еве што може да направи перфидната
политика, Сараевските атентатори да ги суди српски суд, тоа е страшно. Знаат ли
тие дека за тоа ќе се пишува...“.
Дури и со обичен увид во материјалот од Солунскиот процес може да се
заклучи дека Аписовиот поверлив рапорт не влијаел решавачки на неотповикливата
одлука за неговото погубување. Тој послужил само како добар изговор за
изрекувањето на најтешката казна, затоа што одлуката за Аписовата судбина и „дестинацијата“
на останатите црнорукци веќе била донесена. Квалификацијата на неговата вина
била само формалност.
Во секој случај, Аписовото погубување без обзир од кој разлог, најмногу и’
одговарало на службена Виена. Со тоа се отстранил клучниот сведок на
австриското замешателство т.е. поддршката на австриската тајна служба на
Мајските завереници од 1903 година. Оној момент кога австрискиот цар Карл I се согласил на обнова на Србија со
династијата Караѓорѓевиќ (17 март 1917), во Солун е донесена одлука да се
изведат пред суд уапсените офицери.
Аписовото писмо до регентот Александар
...
(изв. Списание „Одбрана“, специјален прилог 165, 15 март 2017 год.)
No comments:
Post a Comment