Monday, October 14, 2019

Стипе Орешковиќ: ЛЕШЕК КОЛАКОВСКИ – Филозофија на Дворскиот Шут



МОНОЛИТНАТА ФИЛОЗОФСКА ФОРМАЦИЈА ИЛИ ФИЛОЗОФСКОТО МИСЛЕЊЕ НА ЕПОХАТА

Излагањето на Лешек Колаковски за Ленин и ленинизмот е мошне комплексно и зафаќа низа слоеви на анализа. Еден слој е Лениновата филозофија и филозофијата на ленинизмот, нејзините корени, историјат, спознавања и социјално-политичките консеквенци. Друг слој е влијанието на останатите филозофски правци на филозофијата на марксизмот во тоа раздобје. Третиот е Лениновото (како и на неговите први соработници, пример Троцки) сфаќање на демократијата и диктатурата на пролетаријатот. Четврти – теоријата на партијата итн.
Во оваа анализа нема да го следиме распределението по поглавја, како што е сторено во II том на Главните тeкови  на марксизмот и тоа првенствено поради тоа што граѓата, ем содржински ем појмовно, се испреплетува, та невозможно е да се анализира сегментарно.
Кај Колаковски, тие глави се селекционирани и класифицирани вака:
-Почетоци на рускиот марксизам (Херцен, Чернишевски, народништвото и првите рецепции на марксизмот).
-Георгиј Плеханов и кодификацијата на марксизмот
(1. Постанокот на марксистичката ортодоксија во Русија; 2. Дијалектички и историски материјализам; 3. Марксистичка естетика; 4. Борбата со ревизионистите; 5. Борбата со ленинизмот).
-Марксизмот во Русија до настанокот на болшевизмот (1. Ленин – рана публицистика; 2. Струве и легалниот марксизам; 3. Лениновата полемика помеѓу 1895 и 1901).
-Постанок на ленинизмот (1. Спорот околу ленинизмот; 2. Партијата и работничкиот совет; 3. Свест и спонтаност; 4. Националното прашање; 5. Пролетаријатот и буржоазијата во демократската револуција; 6. Троцки и прашањето на перманентната револуција;).
-Филозофијата и политиката во болшевистичкото движење (1. Фракцискитге борби во време на револуцијата од 1905 год.; 2. Нови струи во духовниот живот на Русија; 3. Емпириокритицизам; 4. Богданов и руските емпириокритичари; 5. Филозофијата на пролетаријатот; 6. Богоградителство; 7. Лениновиот филозофски поход; 8. Ленин и религијата; 9. Лениновите дијалектички белешки;).
-Судбината на ленинизмот – од теорија на државата до државна идеологија (1. Болшевиците и војната; 2. Две револуции; 3. Почетоците на социјалистичкото стопанство; 4. Диктатура на пролетаријатот и диктатура на партијата; 5. Теорија на империјализмот; 6. Социјализмот и диктатурата на пролетаријатот; 7. Троцки во диктатурата; 8. Ленин како идеолог на тоталитаризмот; 9. Мартов за болшевистичката идеологија; 10. Ленин како политичар – Лениновиот гениј;).
Сето она што се однесува на Ленин и ленинизмот обработено е во шест глави (од XIII до XVIII) на речиси тристотини странци и претставува обемен труд којшто заслужува полно внимание. За да добиеме основа на целиот тој систем ќе појдеме од филозофијата.
Две најзначајни дела од Лениновиот филозофски опус бездруго се Материјализам и емпириокритицизам – полемиките со Мах, Авенариус и целокупната школа на емпириокритицизмот во Русија, како и Дијалектичките белешки. Со оглед на тоа што и хронолошки, па и со обзир на филозофскиот развој, Материјализмот и емпириокритицизмот спаѓа во пораната фаза на творештвото, најпрвин ќе го анализираме тоа дело. Како го оценува Колаковски?
„Токму во тој проблем – психолошката или иманентната интерпретација на емпириокритицизмот – треба да биде истакнат гласот на Ленин, кој во 1909 ја објавил својата славна расправа Материјализмот и емпириокритицизмот, каде што се зафатил со жестока полемика со руските следбеници на овој правец, ама и со нивните изворишта. Бидејќи во Русија, пред се’, по неуспешната револуција од 1905, емпириокритицизмот се радувал на значителен успех меѓу левичарската интелигенција, особено помеѓу социјалдемократите кои во значаен дел биле со болшевистичка ориентација (А. А. Богданов кај нив бил најистакната личност). Претставниците на рускиот емпириокритицизам сметале дека е тоа филозофија во добар склад со револуционерниот дух на социјалдемократите и со соодветен политички радикализам, затоа што од лицето на светот подеднакво ги брише митолошките измислици како и преднаучните и псевдонаучните фетиши, та го крчи патот на строго научниот поглед на светот, којшто раскинува со јаловиот вербализам на дамнешните метафизичари.“
Колаковски на истото место интерпретира дека Ленин, со помош на Енгелсовата филозофија, остро го критикувал емпириокритицизмот во функција на одбрана на материјализмот. Тврдел дека Мах и Авенариус го редуцираат искуствениот свет на психички содржини на субјектот или го третираат како корелат на свеста кој е со неа суштински поврзан. Консквенција на тоа становиште е – производ на целата стварност од страна на субјектот. Тоа становиште води во чисто солипсистички заклучоци, зашто крева раце од поимот на вистината сфатена како поклопување на сознајните содржини со физичкиот свет. Според Лениновото мислење, „процесот на сознавање никогаш не е довршен, па вистинитоста на нашето сознание секогаш е релативна, меѓутоа научните резултати даваат доволно аргументи против идеалистичката интерпретација на Мах. Тој се согласува со тоа дека нема разлика меѓу спознатата и неспознатата ствар, но постоњењето на таа непозната стварност независно од нас неможе да се доведува во прашање, зашто нашите осети се точен израз на тие нешта. Сето тоа се оправдува со критериумот на праксата као најсовршен начин за промена на нашите тврдења. Лениновата полемика со емпириокритицистите е поврзана со некои посебни проблеми кои влијаат на принципите и филозофските категории. Таа полемика се однесувала и на поимот на каузалност. Ленин ја бранел и Енгелсовата позиција врзана со спознајната функција на поимите време и простор. Го поврзувал идеализмот на емпириокритицистите со акцептирањето на религиски становишта, докажувајќи го тоа и на примерот на Беркли. Од тоа го извлекувал начелото на партијност во филозофијата, и тоа врз два принципа. Прво, дека во филозофијата е невозможно да се избегне предметот на идеализмот и материјализмот. Второ, дека филозофските доктрини секогаш се орудие во рацете на партијата и дека тоа е филозофски ангажирано...
...Колаковски пишува: „Секој обид за неутрализација на филозофските проблеми му изгледал опасен за идеолошкото единство на партијата. Оттаму неговиот крут и грубо шмирглан материјализам не е само резултат на традицијата која го одредила, туку е директно поврзан со неговата техника на партиската работа. Таа техника изискувала партиски монопол кај решавањето на сите прашања врзани со светогледот, и од тоа становиште Ленин добро ја уочил опасноста за својата политичка програма од страна на филозофијата. Теоријата на тоалитарна власт, која во неговата мисла постепено нараснувала, а потем е и практично реализирана, ја опфаќала целината на културниот живот и органски е поврзана со неговата лична филозофија, која не требала да биде поле за истражување и решавање на филозофските прашања, ами средство за духовна догматизација на социјалистичкото движење. Во таа смисла, подеднакво жестоката страст со која ги напаѓал своите опоненти, како и недостигот на интересирање за мериторната филозофска аргументација, имаат свој разлог во неговата политичка доктрина.“
„Тешкотиите кои се појавуваат во Материјализмот и емпириокритицизмот се помалку знак на иманентни потешкотии на филозофското мислење (Ленин во тоа не е консеквентен), ами повеќе произлегуваат од Лениновата немарност, недостатокот на негова подготвеност озбилно да ги расправа филозофските прашања, и конечно, неговото потценување на сите проблеми кои не можат непосредно да се применат во борбата за власт.“
За Колаковски, и Енгелс е недоучен филозофски дилетант, недоследен е и создава „немарни генерализации“.
Опишувајќи го понатаму ставот за потполност во филозофијата, Колаковски вака го објаснува односот филозофија – политика:
„Ленин никогаш не верувал во базичната можност на непартијност и неутралност во било кое подрачје од животот, вклучувајќи ја и филозофијата. Тој што се нарекува непартиски човек само се обидува да ја замаскира својата припадност кон непријателскиот табор.“
Што се однесува до поврзаноста и условеноста на Сталин со Ленин, „во најлошите екцеси во најстрашните години на сталинизмот нема апсолутно ништо што не би можело да се оправда со Лениновите принципи, само ако можело да се покаже дека со тоа се јакне советската власт. Битната разлика помеѓу ‘Лениновата епоха’ и ‘Сталиновата епоха’ во историјата на советска Русија не е во тоа што за време на Ленин цветала слобода во Партијата и општеството, а ѓоамити за време на Сталин била гушена, туку во тоа дека тек за време на Сталин целокупниот духовен живот на Советскиот сојуз бил потопен во поплавата на Универзалната лага. Меѓутоа, не само Сталиновата личност, ами такуѓере и природниот развој на ситуацијата, ако може така да се каже, водел во дадениот правец“.
Во која смисла би можел да постои природен тек на собитијата во општествената историја? Дали Колаковски западнал на позиции на дијалектика на природата во неговите сопствени толкувања?
„Промената била ‘природна’ во смисла дека државата, во која биле уништени сите, дури и најскромните, средства на контрола на власта од страна на општеството, можела да каже оти легитимитетот го црпи оттаму што ‘ги отелотворува интересите и желбите на работниот народ’. Семоќта на Лажгата не настанала поради Сталиновиот лош карактер, туку е востановена како единствен начин за легитимација на власта, заснована на Лениновите принципи. Затоа и отрцаната и непрекинато повторувана фраза за време на Сталиновата диктатура во Советскиот сојуз: ‘Сталин – тоа е Ленин на денешницата – била во потполност точна.“
Во поглавјето „Ленин како полемичар – Лениновиот гениј“ веќе во уводот се констатира за каков вид на генијалец станува збор. Големо мнозинство од Лениновите јавни настапи има карактер на напади и полемики, а секој читател што го чита мора да го изненадува грубоста на неговиот стил, која нема слична во целата социјалистичка култура. Полемиките му се полни со пцовки и ругање (кое е недуховито, зашто Ленин во суштина немал смисла за хумор). Сите противници  се слуги на велепоседниците, проституки, дворски будали, лажговци, професионални протуви. Ленин бил и превртливец. Секој социјалист кого го сметал за противник за него „не ја разбирал абецедата на марксизмот“, при што доколку Ленин го променил мислењето, тогаш следниот ден „абецедата на марксизмот не ја разбирал оној истиот кој претходниот ден се согласувал со Лениновиот став“. Сите се преваранти и осомничени. Во полемиките со социјалдемократите, настојувал не да убедува, туку да предизвикува омраза. Меѓутоа, Илича не го терала личната одмазда и омраза кон луѓето во поединечните случаеви (како што бил случајот со Сталин), бидејќи ги третирал луѓето како инструменти на политичкото делување. Своето непријателство го проектирал во минатото за да докажел дека неговиот противник отсекогаш бил подлец и предавник, што можеби е беззначајно во однос на Сталиновиот цел систем на фалсификување на историјата, но сепак бил добар зачеток.
Во теоретските прашања, превосходно се работи за давеж на читателите со поплава на зборови и пцости, отколку за суптилна аргументирана анализа. Всушност, и нема никакви реални, конкретни аргументи; такви аргументи не се разгледуваат. Се’ се претвора во порој од пцуења и фрази.
Тогаш, зошто Ленин победил, ако ги имал сите тие одлики?
...


(изд. ЧГП ДЕЛО, ООЗТ Глобус – издавачка дејност Загреб, 1989 г.)

No comments:

Post a Comment