ОГНЕНО ОРУЖЈЕ
...Аџи Калед им даде наредба на луѓето во извидница да почнат да пукаат
додека другите се повлекуваа кон повисоките места, па тоа и го направија.
Сепак, наместо да се повлечам со нив, јас тргнав да го барам Ханук. Бев сигурен
дека ќе го најдам на местото каде што го оставив. Сепак, каде би можел да
замине со скршена нога како неговата? Ама не го најдов. „Каде ли исчезнал?“, се
прашував. Потоа, после петнаесет метри, видов едно мртво тело. Го препознав.
Отидов со лазење до него. Не требаше да го превртам за да знам што му се
случило. Куршум му беше поминал низ челото и излегол низ врвот на вратот.
Куршумите паѓаа кон нас како дожд. Во неговата рака за прв пат видов пушка,
пушка која сигурно ја имаше земено од рацете на некој мртов или ранет човек.
Реков: „Господе, смилувај се на Ханук. Тој умре во моментот кога неговата
кама ја замени со пушка“.
КУРШУМ ВО СРЦЕТО
Присуството на толку многу луѓе создаде неопислив хаос. Битката започна со
педесет мажи, кои одеднаш станаа петстотини!
Аџи Калед уште еднаш ги организираше борците откако повеќето од нив се
повлекоа од полињата со пченица.
Температурата се зголемуваше и ние очекувавме британските сили да не’
затворат од сите страни. Наместо тоа, сепак, еден авион почна да ни се
приближува. Некои од нас знаеја што да прават, додека другите помислија дека
подобро ќе биде да избегаат. Сепак, сите коишто избегаа за време на првиот
напад или умреа или беа повредени.
„Оружје!“, викна аџи Калед.
Тој ни даде насоки да легнеме на стомаците и да нишаниме со пушките кон
небото, потоа да пукаме кога ќе ни даде наредба. Бевме како еден долг ѕид од
пушки. И кога авионот се врати, ние го слушнавме како вика: „Пукај!“
Во истиот миг пушките испукаа. Звуците од гасните пиштоли се измешаа со
еден татнеж каков што немавме слушнато до тогаш. Јас ги затворив очите и кога
ги отворив при возвишените звуци на мажите кои навиваа и кога погледнав каде
што тие гледаа, видов еден долг облак од чад кој излегуваше од авионот.
По неколку мига, го видов како се урива на земјата. Сфативме дека падна
некаде меѓу селата Сајдин и Абу Шуша.
Тоа што видовме дека авионот падна беше одлично за нашиот морал.
Одеднаш, видовме еден млад човек со кожа побела од секоја што ја имавме
видено до тогаш, како стои до аџи Калед. Висок и слаб како закачалка, со мали
очи, сини како сонцето.
Двајцата разговараа неколку минути, потоа дојдоа кон нас.
„Сите можевме да умреме поради овој хаос. Го видовте со сопствени очи. Она
што се случи на почетокот на борбата, не смее веќе никогаш да се случи. Секој
кој сака да се бори со Британците и Евреите мора да се бори на вистински начин,
а не да биде причина за смртта на оние ско кои се бори. А сега Сава ќе ви го
објасни планот.“
Сава имаше карактеристично, моќно присуство врз сите нас, какво што
претходно немав сретнато дури ни кај аџи Махмуд, Бог да го прости. А, како ја
отвори устата и почна да зборува, сите бевме зачудени од тоа што можеше да
зборува арапски. Како да го протолкува возот прашања во нашите глави, тој рече:
„Јас сум Сава од Југославија и јас сум доброволец во револуцијата. Влегов
во првата светска војна кога бев младо момче и служев во армијата петнаесет
години. Ќе се поделиме во групи. Секоја офанзивна група ќе биде составена од
десет луѓе и зад секоја ќе има уште една група од десет луѓе за заштита која ќе
го покрива напредувањето на офанзивната група. Кога предната група ќе напредува
напред, ќе ја прикрива групата зада неа, и така натака.“
Тоа беше добра организација.
Битката се префрли во рамнината, ама караванот се’ уште не можеше да се
мрдне. Неговите војници кои беа живи, беа надвор од џиповите, а зад караванот,
имаше бунтовници преку кои никој не можеше да помине. А патот пред нив беше
блокиран од камења и гранки.
Аџи Калед и Југословенот ги водеа двете офанзивни групи кои лазеа напред.
Кога стигнаа до местото од каде што можеа да пукаат чисто, битката повторно
започна, и тогаш групите одзади почнаа да одат напред.
Воопшто не се плашевме. Ме прашувате зошто? Затоа што знаевме дека духот
кој Господ ни го даде, само Тој може да ни го земе, и тоа кога Тој сака, а не
кога ќе одберат Британците или некој друг на лицево на земјава.
Кога ја напуштив куќата тоа утро, мојата сопруга Сафија ме праша:
„Каде одиш? Што можеш да направиш со ова твое малечко стапче наспроти Британците
и нивните тенкови?“
Јас и’ реков: „Не инсистирај да го слушнеш мојот одговор. Така, ако дојдам
жив од битката, ќе има причина да дојдам повторно дома!“
Напредокот беше успешна стратегија и дојдовме блиску до непријателот и
покрај фактот дека нозете ни крвавеа од лазењето и налетувањето на камења, и
покрај мрежата од куршуми низ чии дупки поминувавме.
„Напад!“, извика Југословенот.
Нападнавме. Одеднаш видов како капакот на тенкот се отвора и почнаа да се
испукуваат куршуми. Видов како сите пред мене паѓаат мртви. Легнав на стомак
додека еден човек пред мене издишуваше. Нозете му се грчеа и тој постојано ме
удираше по лицето. Со тешкотија, ја испружив раката и го фатив за стапалата во
обид да го смирам, ама безуспешно. Тој продолжи да ме удира се’ додека на
крајот на падна мртов.
Се вративме назад на планот А,
имено – за една група да напаѓа, а другата да ја заштитува. Капакот се затвори
кога почнавме да пукаме. Кога стигнавме до тенкот, го слушнав Југословенот како
им вика на тие внатре: „Предајте се!“, додека удираше на неговите метални
ѕидови.
Еден од мажите се качи и се обиде да пука на оние во тенкот низ еден отвор
каде стаклото беше скршено. Ама некој од внатре пукна во него и тој падна мртов
пред него.
Каква глупавост!
Ја слушнав како некој му вели на некој друг: „Оди, убиј го оној кој ти го
уби татко ти!“
Ама момчето одби. Го слушнав неговиот глас
како му вели: „Кукавица!“ Потоа тој тргна напред. Ама како што се
качуваше на тенкот за да го направи она што не можеше момчето, беше понесен од
силата на истрелите над мртвото тело на мажот кој беше убиен пред малку.
Човече, војната не е за нас!
Извлековме двајца неколку метри наназад, како да се исплашивме дека тенкот
одеднаш ќе почне да се движи и ќе ги столчи и нив.
Не помина долго време, од британскиот тенк се издигна бело знаме.
„Неверојатно!“, рековме ние. „Доживеавме Британците да кренат бело знаме!“
Тие ни рекоа да ја тргнеме опсадата од нив во замена тие да дозволат нашите
мажи да се повлечат. Југословенот се сврти кон аџи Калед, кој им рече:
„Погледни ги нашите мртви. После се’ што изгубивме, никогаш нема да се
повлечеме. И ако не се вратите од каде што дојдовте во овој миг, ќе го кренеме
во воздух караванот и сите во него“.
Белото знаме се врати од каде што дојде.
Сонцето се’ посилно почеше. Погледнав во водата која течеше веднаш до
патот, беше црвена.
Југословенот рече: „Сите нека се сокријат некаде, зад било што ќе се
најде“.
Оние кои беа внатре во тенкот потполно се стишија. Сигурно беа преплашени
кога ги слушнаа звуците на удирање на нивната машина.
„Што мислиш?“, го праша аџи Калед.
„Ќе го разнесам“, рече тој и извади една мина од неговата торба.
Се оддалечивме.
Во моментот кога југословенот дојде до тенкот, капакот се отвори и само
пушките беа извадени надвор. Не видовме ниту еден војник. Потоа беа испукани
истрели во сите насоки. Тие сигурно имаа помислено дека има многумина околу
тенкот. Изненаден, Југословенот ја остави мината само два метри подалеку, а
потоа набрзина се повлекуваше. Ама пред да може да избега, еден куршум ја погоди
мината и таа експлодира. Тенкот летна во воздух, и Југословенот беше погоден од
парче шрапнел кое му го погоди десното рамо се’ до средината на градите.
Никогаш во животот немав видено таква рана. Ама подоцна, во ноќта на
масакрот, ќе видам и многу полоши!
Потоа, додека луѓето трчаа кон Југословенот, повторно се содаде хаос. Ако
имаше една автоматска пушка, можеше да не’ убие сите во еден миг! Ама, фала му
на Бога, експлозијата на тенкот беше крај на се’, и ние ги видовме британските
војници и офицери од другата страна на караванот како ги креваат рацете нагоре
и се предаваат. Потоа, на наше изненадување, аџи Калед се најде лице в лице со
палестинскиот офицер, Сенад Раџаб.
Сега кога Британците се предадоа, Евреите кои беа поставени на врвот на
каменоломите не можеа да пукаат, бидејќи чекаа да видат што ќе се случи.
Додека се обидував да притиснам на раната на Југословенот со цел да го
запрам крвавењето, раката ми падна внатре во раната. Со месеци потоа не можев
да јадам со таа рака, бидејќи секој пат кога гледав како ми доаѓа накај устава,
ја гледав натопена со крв.
Почнав да плачам. Да, плачев.
Југословенот се сврти кон мене и рече: „Зошто плачеш?“
Погледнав околу мене и сигурен сум дека сите мажи плачеа, вклучувајќи го и
аџи Калед.
Југословенот рече: „Плачете поради човек од вашата група кој падна. Ама,
никој кој плаче над млад човек кој загинал не ќе може да ја запре имиграцијата
на Евреите во Палестина или да ги избрка Британците!“
Па ние, тогаш и тука, ги избришавме солзите.
Тие беа неговите последни зборови. Сепак, тој не беше последниот човек кој
загина во таа битка. Однеднаш, видовме еден
повреден британски војник кој лежеше зад џипот како ја извлекува
пушката. Во моментот кога испука, аџи Калед тргна за да го блокира патот на
куршумот, кој се движеше кон градите на Касем Алијан. Куршумот помина низ
рамото на аџи Калед, потоа продолжи кон Касем, кој загина во истиот миг. Во
исто време, го видовме аџи Калед како се витка, крвавејќи.
Се собравме околу аџи Калед за да го заштитиме , додека некои од нашите
луѓе почнаа да пукаат кон задниот дел од џипот. Еден од нив отиде и испука три
шаржери од неговиот пиштол во задниот дел од џипот, а потоа се врати.
Многумина од луѓето сметаа дека аџи Калед отиде предалеку со тоа што го
направи. Во исто време, тие сфатија дека човек како него би тргал и против
самиот пекол. Сепак, работата отиде многу подалеку. Тоа беше тајна која ќе се
откриваше малку по малку како што се приближувавме до селото на Касам, а потоа
во неговата куќа.
Пристигнаа мажите што се бореа под команда на Фавзи ал-Кавукју, водачот на
востанието. Додека брзавме да ги завиваме ранетите, аџи Калед рече: „Тие ќе ги
земат автомобилите и оружјето“. А муницијата, таа беше оставена на патот. Имаше
многу. Полни сандаци.
Тој рече: „Секој кој испукал куршум, нека земе два назад, а секој кој фрлил
граната нека земе две.“
Почнавме да ги проверуваме сите кои беа убиени, и Британци и Арапи. Дојдов
до еден човек кој лежеше на земјата. Не беше облечен како нас. Не видов крв
околу него, не крвавеше. Ја забив пушката во неговото лице и му наредив да ги
крене рацете. Не ме разбираше. Ја поставив пушката на неговата десна рака и тој
ја испружи, потоа левата и истото го направи со неа. Го боцнав од страна и тој
се преврти и тогаш открив дека е Евреин.
„Евреин!“, викнав.
Со нас имаше еден британски доброволец кој се викаше Џек. Тој беше еден од
малкуте британски војници кои беа против британските злостори и идејата за
империјализам. Овие војници одлучија да останат со бунтовниците кога
револуцијата им помогна на многумина да заминат за Сирија, а потоа да одат каде
што сакаат.
Џек, кој во рацете држеше машинка „викер“, рече: „Те молам, пушти ме да го
убијам!“
Аџи Калед одмавна со главата, обидувајќи се да ја контролира болката.
„Никој нема да биде убиен овде. Ќе се повлечеме со заложниците, бидејќи тоа
ќе бидат нашата заштита ако се сретнеме со некоја британска единициа или ако
не’ гони британски авион“.
Беше околу пладне. Ги кренавме Југословенот, Касем Алијан и другите ранети
или загинати и почнавме да се качуваме кон ридот преку полето со пченица, чии
стебленца беа толку здрвени и цврсти што сите ветрови на светот немаше да можат
да ги подмрднат.
Кога се оддалечивме, ископавме гроб за Југословенот. Луѓето стоеја во еден
ред, повеќе од четиристотини и педесет мажи, ви кажувам, и испукавме од нашите
оружја за да го поздравиме.
...
(изд. „Бата-прес – Скопје“, 2018 год. стр. 316-322)
No comments:
Post a Comment