ИЗЈАВА
На претседателот на Собранието на Република
Македонија Стојан Андов
Граѓани на Република Македонија,
Денеска на подмолен начин беше извршен
атентат врз претседателот на Република Македонија Киро Глигоров. Како
што веќе сте известени, беа превземени потребните хируршки мерки и во моментот
тој се наоѓа надвор од животна опасност.
Атентатот врз Претседателот на Република Македонија е терористички чин со
пресметани политички цели за дестабилизација на Република Македонија. Извршен е
неслучајно во моментот кога конечно се оствари вековниот сон и мачниот пат на
македонскиот народ за сопствена држава и неговата рамноправна улога во светот,
како и во моментот кога се означи разврската на ситуацијата на Балканот и кога
сите наши соседи и светот прифатија дека Република Македонија е реалност и дека
е фактор на мирот на југот на Балканот.
Атентатот врз претседателот Глигоров е напад врз таа независна и мирољубива
позиција на Република Македонија. Тоа е гнасен чин директно вперен против мирниот
живот, интересите и доброто на граѓаните на Република Македонија. Овој чин
денеска го осудуваат граѓаните на Република Македонија кои постојано реагираат
со желба за побрзо закрепнување на претседателот Глигоров.
Би сакал во овој момент да ја информирам јавноста дека се преземени сите
потребни мерки од безбедносен карактер и дека нема потреба за загриженост и
заплашеност. Не постои сила што ќе го промени курсот на независноста и
мирољубивата политика на нашата земја. А, извршителите и наредбодателите на
овој гнасен чин ќе бидат откриени и изведени пред Судот на правдата.
Токму затоа, како и во многу други тешки историски моменти и искушенија и
во овие мигови да ја задржиме присебноста, мудроста и мирот во земјата со надеж
дека нашиот Претседател брзо ќе закрепне
и ќе се врати на своите вообичаени обврски.
Превземени се сите потребни мерки за откривање на организаторите и
извршителите на атентатот, а за резултатите од истрагата јавноста навремено ќе
биде известувана.
Им се заблагодарувам на сите оние бројни граѓани кои постојано се
интересираат и изразуваат желба за што поскоро закрепнување на Претседателот.
3.10.1995 г.
No comments:
Post a Comment