20.
Прв ден во шумата.
Весел сум и изморен. Сите животни ми се приближуваа и ме гледаа. По листови
на дрвјата имаше бубалки, а по патот ползеа разни инсекти. – Добра средба! – си
мислев. Атмосферата во шумата ми ги пробудуваше сетилата, плачев од љубов и бев
совршено весел, сиот бев исполнет со благодарност. Добра шумо, родино, од
сесрце ти сакам мир Божји... Запирам, се вртам на сите страни и плачејќи ги
именувам по име птиците, дрвјата, камењата, тревите и мравките, се вртам и ги
споменувам по ред. Гледам кон ридовите и си мислам: - Ете, сегам сум и јас
тука! – како да одговарав на некој глас. Високо горе се испилуваше малечок
сокол, ги препознавав неговите гнезда. Но, мислата на соколите што се
испилуваат горе во планините далеку ми ја одвлече мислата.
Напладне извеслував, ќе стигнев до еден малечок остров, на една карпа пред
пристаништето. Таму имаше виолетови цветови на долги стебленца, кои ми досегаа
до колената. Газев по чудните трња, низ малините, по плевелот. Тука немаше
животни, а немаше ни луѓе. Морето благо се пенеше околу островот и ме
обвиткуваше со некаков шумлив вел. Далеку горе кај ситните островчиња крикаа и
летаа крајбрежните птици. Но, морето ме опкружуваше од сите страни, како во
прегратка. Нека е благословен животот и земјата и небото, нека се благословени
моите непријатели, во овој миг сакам да бидам благ кон својот најголем
непријател и му ги врзувам чевлите.
Гласна песна одекнува од едниот едреник на господин Мак и мојата душа при
тој познат глас се исполнува со сончев зрак. Веслам кон мостот, поминувам
покрај рибарската куќичка и се враќам дома. Денот веќе скршнуваше кон залезот,
ручам, го делам својот оброк со Езоп и повторно одам во шумата. Благите ветрови
нечујно ме милуваат по лицето. Бидете благословени, им велам на ветровите,
затоа што ми дувате в лице, бидете благословени. Крвта во моите вени ви се
поклонува во знак на благодарност! Езоп ги става шепите на моето колено.
Бам! Бам! Дали тоа одекнува камбаната? Неколку миљи подалеку, во морето, се
наоѓа еден рид. Читам две молитви, една за мојот пес, а една за себе лично и
стигнуваме до планината. Вратата се затвора по нас, јас се тргнувам и се будам.
Руменото небо веќе пламти, сонцето стои и рее пред моите очи, ноќта,
хоризонтот, треперат од светлината. Езоп и јас влегуваме в сенка. Околу нас е
мирно. – Не, нема веќе да спиеме, - му велам на Езоп, - утре ќе одиме на лов,
руменото сонце фрла зраци врз нас, нема да одиме на планина... – И чудни
расположенија го одржуваат животот во мене, и крвта ми навира в глава. Возбуден
и се’ уште слаб, чувствувам дека некој ме љуби, а бакнежот рее на мојата уста.
Се вртам околу себе, нема никој реален. – Изелина! – велам, по тревата шушка,
можеби се тоа листови попаѓани по земја, можеби чекори. Некаков ветер дува низ
шумата и јас мислам дека тоа би можело да биде здивот на Изелина. По тие шуми
одела Изелина. Во нив ги наслушнувала ловците со долги чизми и со зелени капи.
Таа живееше во дворот, половина миља одовде, пред четири поколенија. Седела на
прозорецот и слушала како од шумата се шири екот од ловечки рог. Тука некогаш
живееле ирваси, и волци, и мечки, и ловци, ги имаше многу и сите ја гледале
како расте, и секој ја чекал, еден и’ ги видел очите, друг и’ го слушнал
гласот. Но, еднаш еден буден момчак станал среде ноќ и продупчил отвор на Изелината соба, и го видел белиот сомот на
нејзиниот стомак. Кога имаше 12 години дошол Дундас. Бил Шкотланѓанец, тргувал
со риба и бил сопственик на многу бродови. Имал и еден син. Кога Изелина наврши
16 години, првпат го виде младиот Дундас. Тој и’ беше прва љубов.
Толку необични расположенија ме потресуваа, а главата ми стана толку тешка
додека седев таму. Замижав и го почувствував бакнежот на Изелина. – Изелина, ти
ли си тука, ти, милоснице на животот, и дали зад некое дрво стои Дидерик?... –
Но, главата ми стануваше се’ потешка и потешка и јас потонав во бреговите на
сонот.
Бам! Бам! Некој глас зборува како низ мојата крв да пее соѕвездието Квачка,
тоа е гласот на Изелина: - Спиј, спиј! Додека спиеш сакам да ти раскажувам за
својата љубов и за својата прва ноќ. Се сеќавам, заборавив да ја затворам
вратата. Имав 17 години, беше пролет и дуваа топли ветрови. Беше како некој
орел да замавнува со криљата. Го најдов едно утро пред почетокот на ловот,
имаше 25 години, доаѓаше од далек пат, одеше покрај мене низ градината, а кога
ме допре со мускулот, почнав да го сакам. На челото му се појавија два
трескавични црвени печата, и јас тие печати можев да ги бакнам.
Вечерта, по ловот, отидов и гледав низ градината по него, и се плашев дека
можев да го најдам. Тивко, само за себе, го изговорив неговото име, а се плашев
дека тој може да го слушне тоа. Тој тогаш излезе од грмушката и шепна:
-Ноќеска во еден часот! – потоа исчезна.
-Ноќеска во еден часот, - си реков во себе – што ли мисли со тоа? Ништо не разбирам.
Мислеше дека ноќеска во еден мора да отпатува, но што ми е грижа мене дали тој
патува? Така се случи да заборавам да ја затворам вратата.
Во еден часот се качи.
-Зар мојата врата не беше закатанчена? – прашав.
-Јас ќе ја затворам – одговори. И тој ја заклучи вратата и не’ затвори
внатре.
Толку многу се исплашив од одекот на неговите големи чизми. – Немој да ја
разбудиш мојата девојка! – реков. – Немој да седиш на столот, крцка! – Смеам ли
тогаш да седнам покрај тебе, на софата? – праша.
-Да – реков.
Но, тоа го реков само затоа што столот крцкаше. Седевме на софата. Јас се
извлекував, тој се довлекуваше. Гледав наоколу.
-Ти студи – рече и ме фати за рака. Малку потоа рече: - Ама си студена! – И
ме прегрна со својата рака.
Се загреав под неговата рака. Така седевме кусо. Еден петел закукурига.
-Слушна ли – праша – петелот кукурига, наскоро ќе се раздени.
И тој ме допираше и ме направи беспомошна.
-Сигурен ли си дека кукурига петел?
- протептавев.
Повторно на неговото чело ги здогледав двата печата црвени како од треска и
сакав да станам. Тој тогаш ме запре, ги бакнав двата мили печата и замижав...
Така исчезна денот, така се раздени. Се разбудив и не ги препознав ѕидовите
во својата соба, станав и не ги познавав своите сопствени чевлички. Низ мене
нешто жубореше. – Што би можело да биде тоа што жубори низ мене: - си мислев
смеејќи се. – Но, колку пати отчука часовникот? Ништо не знаев, туку само се
сетив дека бев заборавила да ја затворам вратата.
Мојата девојка доаѓа.
-Цвеќето не ти е полеано – вели таа. – Заборавив на цвеќето.
-Фустанот ти е истуткан – продолжи таа.
-Како сум можела да го истуткам фустанот? – си мислам со насмеано срце. Но,
мора тоа да сум го направила ноќта.
Некоја кола влегува низ капијата на дворот.
-И твојата мачка не е нахранета – ми вели девојката.
Но јас ги заборавам и цвеќето и фустанот и мачката.
-Дали тоа Дундас запре надвор? Замоли го веднаш да влезе овде, го чекам, се
случи нешто... нешто... – И во себе си мислам: - Ќе ја заклучи ли повторно
вратата кога ќе дојде?
Тој чука. Му отворам и саматаја заклучувам вратата за да му направам мала
услуга.
-Изелина! – викна тој и ме бакнува в уста цела минута.
-Не ти пратив гласник – шепотев.
-Не? – праша.
Повторно сум сосема беспомошна и одговарам:
-Сепак, ти пратив гласник, неизмерно копнеам. Остани малку.
И од љубов ги затворив очите. Тој не ме пушташе, се олабавив и се завив
околу него.
-Ми се пристори како нешто повторно да кукурига? – рече и наслушнуваше.
Но, кога слушнав што рече, го прекинав кколку што можев побрзо и реков:
-Не, како можеш да веруваш дека повторно нешто кукуригна. – Ми ги бакнуваше
градите.
-Само некоја кокошка кокодакала – реков во последен момент.
-Причекај малку, сакам да ја заклучам вратата – рече и сакаше да стане.
Го задржав и шепнав:
-Затворена е...
И повторно се смрачи, а Дундас отпатува. Низ мене жубореше нешто златесто.
Застанав пред огледалото, а две вљубени очи гледаа право во мене. При мојот
поглед нешто во мене се поместуваше, и жубореше, жубореше околу моето срце.
Боже, никогаш порано не сум се посматрала самата себеси со такви очи и од љубов
ја бакнав својата сопствена усна во огледалото...
Но, сега ти раскажав за својата прва ноќ и за утрото, и за вечерите што
следуваа. Некогаш подоцна ќе ти раскажам за Свенд Херлуфзен, него исто така го
сакав, живееше на една миља оттука, на островот што го гледаш, и самата во
тивките летни ноќи веслав кон него, затоа што го сакав. Исто така, сакам да ти
раскажам и за Стамер. Беше свештеник, го сакав. Сите ги сакам...
Во сон слушам како кукурига петел долу во Сирилунд.
-Слушна ли Изелина, некој петел кукурига и не’ повикува! – викнав радосно и
ги пружив рацете. Се разбудив. Езоп веќе беше на нозе. – Ајде! – велам длабоко
разочаран и се вртам наоколу. Нема никого, никој не е тука. Целиот обземен од
бес и возбуден се враќав дома. Утро е. Петелот продолжи да кукурига во
Сирилунд.
Крај куќичката стоеше една жена. Стои Ева. Во рацете носи јаже, тргнала во
шумата по дрва. Утрото на животот се разлеало по младата девојка, градите и’ се
поткреваат и спуштаат, сонцето ја прелеало со злато.
-Не смеете ни да помислите – протептави.
-Што не смеам да помислам, Ева?
-Не дојдов тука за да се сретнам со вас, само поминував...
И лицето и се зарумени.
21.
...
(изд. МПМ – Дневник/Утрински весник; Скопје – 2006)
No comments:
Post a Comment