ВТОРИ ДЕЛ (М)
(ПАТУВАЊАТА НА
УЛИС)
12.
-Тоа е таа ваша славна британска морнарица, вели граѓанинот, што го владее
светов. Јуначишта кои никогаш нема да бидат робови, единствените на светот кои
го наследуваат парламентот, а ја предадоа татковината во рацете на дузина ловци
хајкачи и напудрени барони. Тоа е тоа моќно царство со кое се гордеат, царство
на аргати и искамшикувани кметови.
-Над кое сонцето никогаш не заоѓа, вели Џо.
-А целата трагедија е во тоа, вели граѓанинот, што тие веруваат во тоа.
Несреќните јахуи веруваат во тоа.
Веруваат во стапот, во камшикот на севишниот, создателот на пеколот на
земјата и во стариот морски волк, кучкиниот син, зачнат во несвета суета, роден
од воената морнарица, истрпел крвав камшик, бил длабоко навреден, тепан и дран,
се дерел како грешник во пеколот, третиот ден повторно воскреснал од постела,
отпловил кон пристанот, и сега седи на трупот и чека натамошни наредби кога пак
да почне да аргатува за голиот живот.
-Но, вели Блум, зар дисциплината не е насекаде иста? Сакам да речам, зар не
ќе биде тука ако на силата и се спротивставиме со сила?
Нели ви реков? Како што е вистина дека јас го пијам овој портер, така и тој
до последен здив ќе се труди да ве убеди дека црното е бело, ја имаме нашата
поголема Ирска. Тие биле истерани од домовите и огнишата онаа чемерна
четириесет и седма. Со балвани им ги срушиле куќарките од кал и колибите покрај
патот, а Тајмс ги триеше рацете и им
прикажуваше на кукавичките Саксонци како во Ирска набргу ќе има толку Ирци
кколку што има црвенокожци во Америка. Дури и Турците ни ги праќаа своите
пијастри. Но Саксонците пробаа да го поморат со глад нашиот народ додека
земјата ни даваше богати жетви, што британските хиени ги купуваа и ги продаваа
во Рио де Жанеиро. Да, ги протеруваа селаните во стада. Дваесет илјади од нив
испоумреа во бродовите-ковчези. Но оние што стигнаа во земјата на слободата ја
паметат земјата на ропството. И тие ќе се вратат, и тоа како одмаздници, не
страшливци, тие синови на Грануел., потомци на Кетлин-ни-Хулахан.
-Совршени точно, вели Блум. Но јас сакав да потенцирам...
-Долго време го чекаме тој ден граѓанине, вели Нед. Уште откако онаа кутра
старица не’ извести дека Французите пристигнале и се истовариле во Килала.
-Да, вели Џон Вајс. Се боревме и за лозата Стјуард, кои се откажаа од нас
во борбата против Вилијамовците, и не’ издадоа. Сетете се на Лимерик и на
скршената плоча на договор. Ја пролеавме најдобрата крв за Франција и Шпанија,
тие диви гуски преселнички. Фонтеној, а? И Сарсфил и О‘Донел, војводата од
Тетуан во Шпанија, и Улис Браун од Камас, кој бил фелд-маршал кај Марија
Тереза. А дали некогаш сме добиле нешто за возврат?
-Французи! Вели граѓанинот. Куп учители по танц! Знаете ли што се тие? Тие
никогаш не вределе ни пржен прдеж во Ирска. Зар сега не се обидуваат да
создадат entente cordiale кај Теј Пејевите банкети со препредениот
Албион? Европски буцкала, ете што се и што биле отсекогаш.
-Conspuez les Francais, вели Ленехан, докрајчувајќи го пивото.
-А што се однесува на Прусите и Хановерите, вели Џо, зар не ни беше доволно
од тие погани кобасичари на престолот, од Џорџ избраниот па се’ до оној
германски коњушар и онаа надуена стара ороспија што сега е мртва?
Исусе, ќе пукнев од смеа кога раскажуваше како тоа бабиште со спуштени
капаци, секоја божја ноќ седела во нејзината палата мртва пијана, старата Вики,
со пехар виски, а потоа и’ доаѓал нејзиниот кочијаш, па го истоварал в кревет
тој рид од месо и коски, а таа го влечела за мустаќите и му потпевнувала стари
песнички за Ерин на Рајна и дојди да
дојди ваму на багатела пијачки.
-Е па добро, вели Џеј Џеј. Сега го имаме Едвард миротворецот.
-Кажи му го тоа на некој друг, вели граѓанинот. Од тоа детиште побргу ќе
добиеш чир откколку мир. Едвард Гуелф-Фетин! -А ти што мислиш, вели Џо, за
светите луѓе, свештениците и бискупите на Ирска што му ја китат собата на
Мејнут со тркачките бои на неговото Сатанско величество и му ги обесуваат по
ѕидовите сликите на сите оние коњи што ги јавале неговите џокеи. Грофот на
Даблин, ни помалку ни повеќе.
-Требало да закачи слики од сите жени што тој ги јавал, вели малиот Алф.
А Џеј Џеј вели:
-Господата воделе сметка за постојниот простор.
-Може уште едно, граѓанине? Вели Џо.
-Може господите, вели тој. Може.
-А ти? Вели Џо.
-Сполај ти за ова Џо, велам. Да си жив и здрав.
-Уште една тура, вели Џо.
Блум зборуваше ли зборуваше со Џон Вајс, а овој беше силно возбуден со
неговата жолтомургава калосана фаца и модрите очи што ги ококоруваше.
-Прогонства, вели, целата светска историја е полна со прогонства. Се
поттикнува националната омраза меѓу нашите.
-Но, знаете ли вие што значи нација? Вели Џон Вајс.
-Да, вели Блум.
-Што е? Вели Џон Вајс.
-Нација? Вели Блум. Нација, тоа е ист народ што живее на исто место.
-Жити бога тогаш, вели Нед, смеејќи се, ако е така, тогаш и јас сум нација,
зашто веќе пет години живеам на едно исто место.
И така, нормално, сите му се изнасмеаја на Блум, а тој за да ја отплеска
работата, вели:
-Или исто така што живеат на различни места.
-Ете значи таквите како мене, вели Џо.
-А која е вашата нација, ако смеам да прашам? вели граѓанинот.
-Ирска, вели Блум. Тука сум роден. Ирска.
Граѓанинот не рече ништо, само се накашла и, жими Бога, плукна острига од Ред
Бенк право во аголот.
-Каде сите таму и јас Џо, вели тој, вадејќи го шамивчето за да се избрише.
-Повелете граѓанине, вели Џо. Земете го ова во десната рака и повторувајте
ги по мене следниве зборови.
Мошне драгоценото и ситно извезеното
стародревно ирско крпче за лице што им се припишува на Соломон од Дрома
и на Манус Томалтах од Макдонаг, авторите на Книгата од Балимот, тогаш беше
внимателно претставено и предизвика догоочекувано воодушевување. Не е потребно
многу да се опишува легендарната убавина на четирите агли, врвна уметност, во
кои наполно јасно може да се препознае секој од четворицата евангелисти, при
што секој од нив по ред на секој од четворицата мајстори, му го предава својот
евангелски симбол, скитар од скаменета дабовина, пума од Северна Америка (каја
е, патем речено, многу поблагодарен крал на животните отколку оној британскиот,
колку само да споменеме), теле од Кери и златен орел од Карантухил. Сцените
прикажани на полето за секнење на кое нашите древни тврдини, и кружни тврдини,
и долмени, и опсерватории, и седиштата на ученоста, и камени споменици на
местата на несреќа, еднакво се чудесни и прекрасни, а пигментите се толку
префинети, како некогаш одамна, многу одамна, во времето на Бармесајд, кога
илустраторите од Слајго и’ давале целосна слобода на својата уметничка
фантазија. Глендалог, прекрасните езера на Киларни, руините на Клинмакнојс,
Опатијата Конг, Глен Ајнг и Дванаесетте врвови, Окото на Ирска, Зелените Ридови
на Талахт, Кроаг Патрик, пиварницата на господата Артур Гинис, синот на
компанијата (ДОО), бреговите на Лох Нех, долината на Овока, кулата на Изолда,
обелискот на Мапас, Болницата на сер Патрик Дан, ‘Ртот Клијар, долината
Ахерлоу, Линчовиот замок, Шкотската куќа, Општинското преноќиште Ратдаун во
Лафлингстаун, затворот во Таламор, брзаците на Каслконел, Килбалимакшонакил,
крстот кај Монастербојс, Џуровиот хотел, Чистилиштето на Св. Патрик, водопадот
Лососов скок, трпезаријата на Колеџот во Мејнут, Курлиевата јама, трите родни
места на првиот војвода од Велингтон, карпата на Кашел, мочуриштето Ален,
Складиштето на улица Хенри, Фингаловата пештера – сите овие трогателни сцени
се’ уште и денес се тука и ни се чинат уште поубави, зашто преку нив минеле
водите на тага и преку нив се излеале и богатите наслаги на времето.
-Покажи ни ги пијачките, велам, Која кому?
-И јас припаѓам на една раса, вели Блум, што ја мразат и ја прогонуваат.
Дури и сега. Токму во овој миг. В овој час.
Боже мили, за малку ќе си ги изгореше прстите со догорчето на старата пура.
-Ограбувани, вели тој. Опљачкосувани. Понижувани. Прогонувани. Ни го
одземаа она што со право нам ни припаѓа. Токму во овој миг, вели кревајќи ја
тупаницата, не’ продаваат на лицитација во Мароко како робови или како стока.
-Вие зборувате за новиот Ерусалим? вели граѓанинот.
-Зборувам за неправда, вели Блум.
-Во ред, вели Џон Вајс. Тогаш бранете се како мажи.
Тоа ти е добра слика за календар. Цел за куршум. Старо свинско лице стои
пред цевката на пиштолот. Боже, би бил добра китка за метла, чесен збор, само
уште скутник му фали. А потоа наеднаш папсува, се витка наоколу целиот наопаку,
млитав како мокра крпа.
-Но се’ е попусто, вели. Силата, омразата, историјата, сето тоа. Тоа не е
живот за мажи и жени, навредата и омразата. И секој знае дека токму спротивното
од тоа е она што е навистина живот.
Кое? Вели Алф.
-Љубовта, вели Блум. Мислам на спротивното од омразата. Сега мора да одам, му
вели на Џон Вајс. Да скокнам до судот, да видам дали Мартин е таму. Ако дојде,
само кажете му дека веднаш се враќам. За часкум.
А кој те држи? И ете ти го како мрсна молња го снема.
-Новиот апостол на незнабошците, вели граѓанинот. Универзална љубов.
-Па, вели Џон Вајс, зар не тоа што не’ учат. Љуби го ближниот.
-Оној тип? Вели граѓанинот. Питачки стап за ближниот е неговото мото.
Љубов, демек! Тој е баш пример за Ромео и Јулија.
-Љубовта љуби да ја љуби љубовта. Болничарката го љуби новиот аптекар. Полицаецот
14А ја љуби Мери Кели. Герти МекДауел го љуби момчето што има велосипед , М.Б.
љуби еден русокос господин. Ли Чи Хан љуби да буби Ча Пу Чау. Џамбо слонот ја
љуби Алиса, слоницата. Стариот господин Верскојл со апаратчето за слушање ја
љуби старата госпоѓа Верскојл, со перде на едното око. Човекот во кафеавиот
мантил љуби некоја жена што е мртва. Неговото Величество Кралот ја љуби
Нејзиното Величество Кралицата. Госпоѓа Норман В. Тапер го љуби офицерот
Тејлор. Вие љубите извесна личност. А таа личност љуби некоја друга личност,
затоа што секој љуби некого, а само Бог ги љуби сите.
-Е па Џо, велам јас, за твое добро здравје и радост. Да сме живи и здрави,
граѓанине.
-Ура, ете, вели Џо.
-Дал ти Бог добро и Марија и Патрик, вели граѓанинот.
И ја крева криглата да си го подмачка грлото.
-Ги знаеме ние тие преподобни, вели, ти проповедаат и ти го празнат ќесето.
А што со морализаторот Кромвел и со неговите трупи фанатици кои жените и децата
од Дрогеда ги набодувале на мечеви, а топовските цевки и бил излепени со
библискиот напис Бог е Љубов? Библија! Го прочитавте ли денес во Јунајтид Ајришмен оној сатиричен скеч за
главатарот на племето Зулу што ќе ја посети Англија?
-Што пишува? Вели Џо.
Тогаш граѓанинот извлече еден весник од дреболиите и почна да чита на глас:
-Делегација на најголемите магнати на памук од Манчестер вчера беше
представена пред Неговото Височество Алаки од Абекута од страна на Слугата
Златна Паламарка во Чекање, лордот Снесено на Снесено јајце, при што на
Неговото Височество му беше пренесена срдечната благодарност на британсккте
трговци за олеснувањата што им се нудат во неговите доминиони. Делегацијата
беше присутна на свечениот појадок, на крајот на што темнокожиот владетел во
мошне духовитиот говор, што слободно го преведуваше британскиот капелан
пречесниот Ананијас Славабогу Коскакожа, изрази најдлабока благодарност на Маса
Пешки и ги истакна срдечните пријателски односи што постојат меѓу Абекута и
Британската империја, изјавувајќи дека, како едно од своите најголеми
богатства, тој чува една илустрирана Библија, книга што ги претставува Божјиот
збор и тајната на моќта на Англија, која великодушно му ја беше дарувала белата
жена-поглаварка, великата скво Викторија, со лична посвета напишана со
возвишената рака на Кралската донаторка. Потоа Алаки наздрави Црните и белите, голтајќи најдобар
асквебах од пехарот направен од черепот на неговиот непосреден претходник од
династијата Какачакачак, познат под името Четириест Тртки, по што ја посети
главната фабрика во Памукополис и се запиша во книгата на впечатоци, за потоа
да го изигра древниот абекутски воен танц, во текот на кој проголта неколку
ножеви и виљушки, поздравен со воодушевено ракоплескање од рацете на девојка.
...
(изд. Конгресен сервисен центар/Микена/Макавеј, Скопје 2013; Проект „Ѕвезди
на светската книжевност“ - целосно финансиран од Владата на Република
Македонија; стр. 416-422)
No comments:
Post a Comment