Wednesday, December 4, 2019

ХРИСТО СИЛЈАНОВ: Ослободителните борби на Македонија



Предилинденскиот период
ВО РЕФОРМСКАТА ЕРА

И така, кон средината на пролетта, состојбата беше таква што во полната „Реформска ера“ никој со никого не беше задоволен: реформаторот Хилми-паша ја уништуваше бугарштината како неизбежен предуслов за реформи; револуционерите засилено се подготвуваа за сопствена пресметка; Албанците се бунтуваа; Англија и Франција манифестираа отворено незадоволство, а Русија и Австрија – својата раздразнетост од неуспехот на реформската акција.

***
И покрај сите блокади и егзекуции, изминатата зима не беше подеднакво страшна за сите околии. Во Западна Македонија имаше неколку реони каде што четите се’ уште не се беа сретнале лице в лице со аскерот.
Во Ресенско, Преспа, Охридско, Малесија и други места духот побрзо се подигна и Организацијата почна да ја игра својата улога на авторитетна народна власт, без да ги доживеат овие места стресовите и пустошот на аферите. Големи проверки в овие краишта почнуваат одвај кон крајот на 1902 година.
Во текот на зимата, на 15 декември, се случи еден настан кој докажа дека револуционерното семе во тој дел од Македонија паднало на плодна почва.
Се слушна тој ден дека демирхисарскиот војвода Јордан Пиперката е опколен во село Брезово и има потреба од помош. Селаните од многу села на трите соседни реони – Охридскиот, Ресенскиот и Битолскиот – станаа на нога. Известувањето го затекна Славејко Арсов, ресенскиот војвода, во село Дрмени, на 15 часа оддалечено од Брезово. Арсов веднаш тргна и во с. Златари најде 80-90 вооружени селани како го чекаат. Во меѓувреме, стигна известувањето дека Пиперката успеал да се извлече и Сл. Арсов ги пуштил селаните да си одат дома.
(фус. Пиперката, познат по своето ѓаволско досетување и вештина, беше опколен во Брезово со тројца четници, од кои двајца болни. В ноќта тој ги зашемети душманите, фрлајќи од прозорецот разни предмети, дури и една вжештена печка и се извлече со едниот здрав другар. Тој дојде сам во Велмевци, од каде се јави на организацијата.)
Но, штотуку тоа го направил, дошло ново известување дека Пиперката е повторно опколен во Велмевци – Охридско. Арсов и Сугарев тргнуваат заедно со Смилевци кон Охридско. Патем, кај с. Боишта, ги наоѓаат селаните подготвени за пат. Понатаму, во с. Вирово, окколу 25-26 души тргнале сами да го спасуваат Пиперката.
Во истовреме, трите охридски чети: Езерската на поп Христо, Горно-дебарската на Тасе и Долно-дебарската на Дејан, со десетина селани исто така тргнале кон Велмевци.
Немаше потреба да одат ни едните ни другите, зашто Пиперката пак успеа да се пробие низ обрачот, а по заминувањето на потерата, пак си дојде во селото.
Ова раздвижување на неколку реони ја одигра улогата на спонтана мобилизација на организаторските сили. Беа констатирани многу празнини во вооружувањето и екипираноста, и прилично несигурност и ризици при извршувањето на наредбата за притекнување напомош на загрозените чети. Од сето се направи записник и првиот резултат беше да се внесе ред и систем во случај на слични мобилизации.
Новата, 1903, во тие краишта започна со настани кои ја прекинаа дотогашната идила.
На 5. јануари се случи првата битка в Охридско: во селото Велгошти, меѓу месната чета и аскерот. Десетина дена подоцна, во с. Коњско, беше предадена четата на Страхил (поп Христов); загинаа тројца, меѓу кои и војводата. Се’ заврши брзо: братската помош задоцни.
На 18. јануари спасените момчиња на Поп Христов, заедно со дел од четата на С. Арсов, вкупно 25 души, беа откриени од заптии и нападнати во с. Избишта, кое се наоѓа само на еден саат од Ресен. Пазарен ден. Градот се тресе од пукотниците. Турците се наежени. Војската тргнува кон Избишта. Селаните веќе знаат се’, го прекинуваат пазарењето и со колите брзаат од градот. Арсов и Давидов се во с. Јанкоец, до самиот Ресен. Тие веќе побарале селата Царевдвор, Дрмени, Дупени, Ехла и Боинци да одат напомош, а Сопотско, Љорека, Златари, Кривени и Круше да дигнат на оружје по 10 избрани момчиња. Меѓутоа три села – Болно, Леорека и Круша, не чекајќи наредба, се дигнале кога ги слушнале пукотниците. Болничани дојдоа, се распоредија над Избишта, и и’ помогнаа на четата. Леоречани по пат се сретнаа со аскерот, тргнат исто в Избишта и фатија борба. Во тоа време, дојдоа и Крушјани и влегоа в огнот. Турците се повлекоа, селаните им пратија уште неколку истрели и се вратија во селата. Меѓутоа, внатре и надвор од Избишта, битката продолжи. Куќата на петтемина опколени четници е запалена. Две од момчињата останаа без патрони; излегоа и паднаа пронижани до труповите на Турците отепани пред куќата. Другите тројца, зашеметени од чадот, паднаа в рацете на аскерот. Во мракот, четите на Арсов и Давидов стигнаа в Избишта. Војската ги пречека со стрелба. Во новата битка Турците, удрени во тилот, ги напуштија позициите, се прибраа в селото и фатија позиции во куќите. Оние кои ги нападнаа од грб беа Смилевци. Славните Смилевци веднаш тргнаа штом слушнаа за пукотниците, зедоа со себе на патот и 15 души од с. Кривени и – право Избишта!
Овие сложни операции в Избишта, кои на 18. јануари се развија во Ресенско, иако не ги спасија петтемина опколени четници, беа втората спонтана мобилизација на организациските чети во овој реон, која заврши успешно. Дури другиот ден Турците, засилени со полк од Охрид и со кавалерија и пешадија од Битола, станаа господари на ситуацијата. Избишта беше ограбено до игла. Во три села – Избишта, Болно и Љорека – паднаа мртви тројца и двајца ранети, измачувани беа 28, а затворени 15 души.
Два месеца подоцна, со војводата Дејан се повтори историјата на Пиперката, но овојпат мобилизацијата заврши со борбено крштеање на селската милиција, со славни напади, но и со многу скапи, непрежалени жртви.
На 14. март, Дејан е во с. Арбиново, каде покрај другото, наредува и отстранување на полјакот-Турчин, согласно со реформите. Но тој е предаден од истиот полјак и полноќта селото е опколено со 200 души аскер и башибозук. Дел од четата се извлече од селото и в зори започна борба. Во еден критичен момент, кога Дејан почна да се повлекува, 20 души од с. Лактиње го напаѓаат аскерот в грб. Од север и запад почна да доаѓа нова помош: од Годивје – 15 души, од Врбјани – 23, од Сливово – 15, од Мраморец – 30, од Турие – 10. Од исток пристигнаа 50 души од Слатино, отворија оган и Турците видоа дека се опколени. Но, не помина многу време, а Слатинчани беа удрени од 45 души и 200 души башибозук, дојден напомош од Велмеј. Тогаш Дејан со 30-те селани ги напада новодојдените Турци. Битката продолжи со колеблив успех, но пристигнувањето на војводата Наќе ја решава борбата во полза на комитите. Наќе дојде дури од Кичевско со 18 четници, од кои 9 души со „манлихерки“ и околу 40 ненаоружани селани, повлечени од четата низ селата низ кои минувала.
            Турците кога ги слушнаа „манлихерките“ на растојание од 2000 чекори - раскажува едноставно и напретенциозно Дејан, една од најсимпатичната фигури на востанието в Охридско – се поколебаа и ние ги удривме од една добра позиција, а потоа со „ура“ ги потеравме дури до издеглавје, до мудурницата.
Покрај овие сили, кои влегоа во борба, кон Арбиново пладнето истиот ден – 15 март, беа тргнале четири чети: ревизиската на Тома Давидов, на Смиле Војданов, на Марко Павлев и на Ник. Митрев. Ги минаа Куратица, Лешани, Бучишта, Сошани и стигнаа под селото Оздолјани, каде што забележаа 6-7 души – башибозук, и отворија оган. Башибозукот се враќал од Арбиново, избегани по растурањето на аскерот. Давидов со 4 момчиња оди кон гробиштата, за да ги спречи Турците да фатат позиции таму. Еден Турчин, легнат на патот, пука и го погодува Давидов в устата.
            Штом падна Давидов – раскажува Смиле Војданов – го дигнавме и разбравме дека битката со Дејан завршила. Го однесовме телото на Давидов над селото Оздолени: го носевме 8 души на пушките, минавме покрај кулата во која имаше три башибозука, исто избегани од битката со Дејан. Тие не пукаа врз нас, не’ пуштија да минеме сред село. Бевме – 80 души.
Арбиново е генерална проба на големата Илинденска драма, но нережирана од режисер. Послушни на своето срце и на наредбите на раководството, селаните од разни села дојдоа на местото на борбата. Првпат организациските мобилизирани сили напаѓаат турска војска, ја разбиваат и бркаат зад петици. Цената на таа победа би била ништовна – само тројца ранети и еден убиен, наспроти повеќе од 30 убиени Турци – ако не беше убиен Давидов.
Подоцна состојбата се измени во полза на Турците, а Арбинската афера зафати 15 села: 318 измачувани, 17 умрени на патот кон заточение итн.
И покрај се’, Арбиново остана епопеја. Станувањето на селската милиција се практикуваше и порано, но никаде тоа не се случи толку масовно, како што беше во случаите со Пиперката и со Дејан.
Ваквата парактика во Костурско се заговара од самиот почеток, а се спроведува со повеќе ред и дисциплина од организираните чети. На 31. декември 1902 година, Чакаларов и Ив. Попов се нападнати над Д‘мбени, а неколку чети веднаш беа подготвени. „Ќе се случеше востание – раскажува Ив. Попов – ако не престанев да пукам и ако не се оддалечевме на страна“. На 28. март, четите на Борис Сарафов и на костурскиот војвода Ив. Попов беа предадени и опколени во с. Смрдеш. Едно 12-годишно момче ги известува соседните села. Први напомош доаѓаат селските чети од блиските села Врбник и Вембел, го напаѓаат аскерот в грб и го олеснуваат пробивањето на четите.
Ништо толку многу не го докажува револуционерното зајакнување на населението како подготвеноста со која го зема оружјето и, презирајќи ги сите ризици, настапува јавно против војската. Состојбата стана неиздржлива и востанието се наложуваше како единствен излез во тие реони каде што населението го достигна тој висок степен на револуционерна зрелост.

***
Од почетокот на 1903 година и во целиот период додека траеше Илинденското востание, речиси постојано преку границата минуваа чети организирани во Кнежевството. Не ни е задача да дадеме статистички податоци за тие чети и да ја разгледуваме дејноста на секоја поодделно. Потребно е сепак, да ги споменеме, барем оние кои останаа подолго време во внатрешноста и одиграа позабележителна улога во Илинденското востание. Такви се повеќето од четите кои, во врска со решението на Солунскиот конгрес, и со советувањата во Софија, заминаа в Македонија во првите месеци на 1903 год.
Од членовите на Сарафовиот комитет, најнапред замина поручник Тома Давидов. Тој прв од офицерите-врховисти го прифати становиштето дека базата и раководството на борбата се внатре, во Македонија. И бидејќи, „револуционерството покрај граница не е никакво револуционерство“, како што се изразуваше самиот, тој се упати право во Западна Македонија. Во ноември веќе беше отаде Вардар и се стави на располагање на Битолскиот окружен комитет. Со својата чета, вооружен со „манлихерки“, тој ги посети речиси сите реони на Округот и загина, како што видовме, кај с. Оздолени.
Кон крајот на јануари тргна и Борис Сарафов со околу 40 души и со 150 кгр. динамит. Сарафов, иако договорен за Малешевско и Петричко, во договор со И. Гарванов на 1. март го мина Вардар. Во Прилепско тој се сретна со членовите на Окр. Комитет – А. Лозанчев и Г. Пешков. Подоцна, до востанието, тој постојано ги посетува битолските реони. Како што ќе видиме подоцна, посетата на Сарафов на битолските реони има крупно значење за Илинденското востание.
Заедно со Сарафов, заминаа и четите на Сава Михајлов и Андон Лазов Ќосето – околу 25 души. Сава Михајлов понесе 150 кг. динамит и неколку товари пушки (српски „кокинки“ и „берданки“) во Гевгелиско, каде што остана да дејствува во текот на востанието.
Малку подоцна, со 35 души – демирхисарци, замина и Силјан Пардов, определен за Битолско, со стотина кг. динамит.
Чернопеев се врати овде (во Софија, з.п.) во февруари, а на 24 март пак ја мина границата. Освен неговата чета (околу 40 души) со него тргнаа уште неколку чети, определени за разни реони: Коста Мазнејков за Радовишко, Ник. Дечев за Велешко, Тимо Ангелов за Тиквешко, Кондов за Битолско, Ванчо Мицков за Кичевско. На Плачковица, кај Левевски, четата беше нападната, се бореше цел ден и имаше 4 убиени и 1 ранет. Неколку денови подоцна, на 1. април, дојде до судир и меѓу четата на Лефтеров и аскерот, една од најкрвавите: загинаа 23 момчиња. Речиси ниедна од четите кои тргнаа од Софија не стигнаа до определеното место.

ПОСЛЕДНИТЕ ДНИ НА ГОЦЕ
На софиските советувања надвладеа, како што видовме, мислењето против масовно општо востание. Но, за да се побие дефинитивно солунската одлука, беше неопходно против него со формални решенија да се произнесат и окрузите во внатрешноста.
...

(изд. КУЛТУРА – Скопје, 2003 год. стр. 262-269)


No comments:

Post a Comment