Monday, December 30, 2019

Љубчо Георгиевски ПУЛС: Македонија Опозиција НАТО



КОМПЛЕТНА УЗУРПАЦИЈА НА ДЕМОКРАТИЈАТА

Поканата на господин Глигоров за сместување на СФОР во Република Македонија претставува нарушување на суверенитетот и достоинството на нашата татковина

Кога се размислува за прашањето околу понудата на господин Киро Глигоров војниците на СФОР од Босна да дојдат во Република Македонија, можат да се коментираат повеќе аспекти, меѓу кои најважни се три. Најпрвин, тука е прашањето за процедурата. Според Уставот, Република Македонија не е претседателска држава, и покрај тоа што (тој) сака да се претстави како најпаметен и најмудар Македонец. Мислам дека овој негов потег претставува комплетна узурпација на демократијата во Република Македонија. Тој е најмалку повикан сам да одлучува за едно вакво крупно прашање. За тоа е неопходна широка расправа со политичките партии и општ национален консензус со граѓаните на Република Македонија.
Втор проблем е сувереноста на нашата таковина. Ако во БиХ има 31.000 војници и ако според желбите на г. Глигоров тие, или макар една третина од нив, дојдат во Република Македонија, тоа за мене е голем проблем. Бидејќи со десетилјадна странска војска на сопствена почва, ниту една земја не може да се смета за суверена.
И трето, се поставува прашањето за достоинството на Република Македонија, како држава. Имено, барањето е следново: кога војниците од СФОР ќе се повлечат од Босна, тие да дојдат во Македонија. Да си го повториме тоа трипати во себе. Не ви звучи ли малку непријатно војска што имала задача да гасне военио пожари сега да дојде кај нас? Во тој контекст, мораме да се запрашаме за времетраењето и на овие мировни сили што сега ги иамаме. Дали УНПРОФОР засекогаш ќе остане во Република Македонија и со кој мандат?
Инаку, ВМРО-ДПМНЕ е апсолутно за влегување на Македонија во НАТО и во Европската унија, меѓутоа едно е кога понудите база како членка на НАТО, а сосема друго кога не сте во таа позиција. Дотолку повеќе што нашето членство во оваа организација ни оддалеку не се наѕира.

(изв. Магазин Пулс бр. 336, 27. 06. 1997 год. Владо Јовановски – Мирка Велиновска: "КОНТРАШЕЊЕ ИЛИ ПРОМЕНА НА КУРСОТ“)



No comments:

Post a Comment