ТРЕТИ ДЕЛ
10.
Каква ноќ беше тоа! „Ох, човече“, ми рече Дин додека стоевме пред барот,
„глеј ги улиците на животот. Кинезите шибаат низ Чикаго. Каков откачен град –
ау, и онаа жена горе на прозорецот, само гледа надолу со големине цицки што и’
висат од ноќницата, со ококорени очи. Уиии. Сел, мораме да одиме и да не
застанеме додека не стигнеме таму.“
„Каде одиме, човече?“
„Не знам, ама мораме да одиме.“ Потоа се појави една банда од млади
бап-музичари кои ги вадеа своите инструменти од коли. Се бутнаа право во
салунот, а ние ги следевме. Се наместија и почнаа да свират. Конечно, тука сме!
Водачот беше виток, опуштен саксофонист, со кадрава коса, напрчени бузи, тесни
рамења, ноншалантно облечен во спортска кошула, ладен во топлата ноќ, со
самозадоволство впишано во очите, кој го креваше саксофонот и се мрштеше и се
мрштеше во него, доваше смирено, но сложено, нежно тупкајќи со стапалата за да
ги поврзе идеите, и се веднеше за да ги пропушти другите – тивко ќе кажеше,
„Дувај“, кога некој од другите момци требаше да го преземе солото. Потоа тука
беше През, крупен згоден русолик тип кој изгледаше како пегав боксер, педантно
завиткан во својот кариран костум од кожа од ајкула сод долги набори, со
поткрената јака и отпетлана кравата, човек кој внмаваше на својот имиџ, се
потеше, го поткреваше саксофонот, се превиткуваше и вадеше тон како Лестер
Јанг. „Гледаш, човече, През има технички пречки на музичар кој сака да прави
пари, само тој е дотеран, глеј го како е загрижен кога ќе засвири клинкер, ама водачот, тој смирен фраер,
му вика да не се секира и само да дува – чистиот воздух и сериозното изобилство
од музика е се’ што го интересира. Тоа е уметник. Сега го подучува младиот
боксер През. А другите посматраат!“ Третиот сакс беше алто, осумнаесетгодишен,
млад, прибран, контемплативен Црнец од типот на младиот Чарли Паркер, со уста
како чорапа, повисок од останатите, некако свечен. Го креваше саксофонот и
дуваше во него тивко и замислено, извлекувајќи птичји фрази со архитектурната
логика на Мајлс Дејвис. Ова беа децата на големите бап иноватори.
Некогаш во тињето на Њу Орлеанс постоеше Луис Армстронг и неговата
прекрасна свирка; пред него – лудите музичари кои парадираа на официјалните
прослави и ги преобразија Соса маршевите во регтајм.
Потоа дојде свингот и Рој Елдриџ, енергичен и мажествен тип кој ја
растураше трубата и во налети на моќ, логика и суптилност извлекуваше се’ од
неа – се веднеше кон неа со бледкави очи и пармантна насмевка пренесувајќи ја
својата порака која го потресе светот на џезот. Потоа дојде Чарли Паркер,
момчето кое во мајчината шупа за дрва во Канзас Сити дуваше алто саксофон меѓу
цепениците, вежбаше во дождовните денови и излегуваше надвор за да ги гледа
старите свингери како Бејзи и Бени Мотен бенд во кој свиреше Хот Липс Пејџ и
останатите – Чарли Паркер, кој го напушти домот и дојде во Харлем кајшто се
запозна со лудиот Телониус Монк и уште полудиот Гилеспи – Чарли Паркер во
своите млади денови кога беше откачен и се вртеше во круг додека свиреше. Малку
помлад од Лестер Јанг, исто така од Канзас Сити, тој мрачен град на свети
лудаци во кој е завиена историјата на џезот; затоа што кога ја држеше трубата
високо и хоризонтално во однос на својата уста, свиреше мајсторски; и како што
косата му растеше, а тој стануваше помрзлив и понеподвижен, така неговиот
инструмент се спушти наполу, додека конечно не се спушто до крај, и денес, кога
ги носи своите чевли со дебел ѓон, така што не може да ги почувствува
плочниците на животот, инструментот му виси лабаво на градите, а тој дува ладни
и лесни фрази. Тоа беа децата на американската ноќ на бапот.
Сепак, уште почудни цветови – затоа што додека црнечкиот алт достоинствено
размислуваше над главите на публиката, едно младо, високо, вито, русо момче од
улицата Кертис, Денвер, облечен во џинс, опашано со појас со метални токи, ја
шмукаше писката од својот инструмент додека чекаше другите да завршан, а кога
тие завршија, тогаш тој почна и човек мораше да се сврти наоколу за да види од
кај доаѓа солото, затоа што доаѓаше од ангелски насмеани усни на писката и тоа
беше меко, благо, бајковито соло на алт-саксофон. Осамен како Америка, еден
грлен звук во ноќта.
Што да се каже за другите и за целата свирка? Имаше басист, еден жилав
лисест тип со диви очи, кој удираше со колковите во басот при секој енергичен
замав, а со жешките моменти устата му висеше отворорена како да беше во транс.
„Човече, ова е фраер којшто стварно знае да ја испердаши својата женска!“
Тажниот тапанар, како нашиот бел хипстер на улицата Фолсом во Фриско, тотално
издрогиран, зјапаше во празно и џвакаше мастика со ококорени очи, извивајќи го
вратот со рајховски занес и самозадоволна екстаза. Клавирот – голем крупен
Италијанец налик на возач на камиони, со месести раце, снажен и замислено
весел. Свиреа еден саат. Никој не слушаше. Старите скитници од Норт Кларк
талкаа низ барот, курвите бесно пискаа. Поминуваа таинствени Кинези. Се меша
звуците од хучи-кучи баровите. Момците продолжуваа понатаму. Надвор на
плочникот се појави сениште – шеснаесетгодишно момче со козјо брадиче и со тромбон.
Слабо како костур, со лудачко лице, сакаше да и’ се приклучи на групата и да
дува со нив. Тие го знаеја и не сакаа да се малтретираат со него. Се вовлече во
барот и скришно го распакува својот тромбон и го принесе кон усните. Никој не
го погледна. Момците завршија, се спакуваа и се упатија во некој друг бар.
Слабото чикашко момче ќе излудеше. Ги опна темните цвикери, го принесе
тромбонот кон усните осамен на сред барот, и дувна: „Бауу!“ Потоа излета по
момците. Тие не би го пуштиле да свири со нив, баш како аматерски фудбалски
тим кој игра зад резервоарот со бензин.
„Сите тие фраери живеат со своите баби како Томи Снарк и нашиот Карло Маркс
алт“, рече Дин. Излетавме по целата таа банда. Отидоа во клубот Анита О‘Деј, се
распакуваа и свиреа до девет часот сабајле. Јас и Дин бевме таму со пива во
рацете.
Во паузите истрчувавме до Кадилакот и се обидувавме да собереме девојки низ
градот. Беа уплашени од нашата голема, лузничава, пророчка кола. Во својата
лудачка еуфорија Дин удираше во хидрантите кога возеше во рикверц и манијачки
се кикотеше. До девет часот колата беше потполна руина; кочниците веќе не
работеа; браниците беа згмечени: целата кола клопотареше. Дин не можеше да ја
запре на црвено светло, колата грчевито шибаше по улиците. Ја беше платила цената
на ноќта. Не беше повеќе сјајна лимузина, туку каллив чамец. „УИИИ!“ Момците
се’ уште дуваа во Анита.
Одеднаш Дин се загледа во мракот зад сцената и рече: „Сел, Бог пристигна.“
Погледнав. Џорџ Ширинг. Како и
секогаш ја потпре слепата глава на својата бледа дланка, ги начули ушите како
слон и ги слушаше американскте звуци преработувајќи ги за сопствениот стил на
англиските летни ноќи. Потоа момците го тераа да стане и да свири. Отсвири
безброј рефрени со восхитувачки акорди што се креваа се’ повисоко и повисоко,
се’ додека не плисна пот врза клавирот и сите слушаа со стравопочит. Го симнаа
од сцената по еден час. Се врати во својот мрачен агол, стариот Бог Ширинг, а
момците рекоа: „После ова не остана ништо.“
Но витиот водач се намршти. „Нема врска, ќе свириме“.
Нешто сепак ќе се изроди. Секогаш има уште нешто, уште малку понатаму –
никогаш нема крај. По истражувањата на Ширинг момците се трудеа да најдат нови
фрази; се трудеа од петни жили. Се грчеа, се превиткуваа, дуваа. Повремено
еденн чист хармоничен писок ќе ја навестеше мелодијата која еден ден ќе биде
единствена на светот и ќе ги вознесе душите на луѓето кон врвната радост. Го
наоѓаа, го губеа, се бореа за него, потворно го наоѓаа, се смееја, јачеа – а
Дин се препотуваше на масата и им викаше: така е, шибај, шибај, шибај. Во девет
часот сабајле сите – музичарите, курвите, шанкерите и оној малиот, слаб и
несреќен тромбонист – се истетеравија надвор во големата бучава начикашкиот ден
и појдоа да спијат до следната дива ноќ на бапот.
Јас и Дин треперевме од исцрпеност. Беше времеда му го вратиме Кадилакот на
неговиот сопственик кој живееше надвор од градот, во Лејк Шор Драјв, во
лускузен апартман со огромна гаража во која работеа измрсени Црнци. Се
одвезовме таму и ја оставивме калливата руина на своето место. Механичарот не
го препозна Кадилакот. Му ги подадовме документите. Кога ги виде се почеша по
главата. Моравме брзо да се изгубиме. Го фативме автобусот во центарот на
Чикаго и тоа беше тоа. И никогаш не чувме ни збор од нашиот чикашки богаташ во
врска со состојбата на неговата кола, и покрај фактот што ги имаше нашите
адреси и можеше да се пожали.
11.
...
Во магливата ноќ го минавме Толедо и продолживме напред низ стариот Охајо.
Сфатив дека почнувам да минувам и преминувам низ американските градови како да
сум трговски патник – бедни патувања, лоша стока, расипан грав на дното на
мојата торба со трикови, ниеден муштерија. Човекот се умори близу Пенсилванија,
па Дин го презеде воланот и возеше рамно до Њујорк, а на радио го фативме шоуто
Симфони Сид со сио тнајнов бап; влегувавме во големиот и конечен град на
Америка. Стигнавме рано на сабајле. Тајмс Сквер беше растргнат, зашто Њујорк
никогаш не спие. Автоматски го побаравме Хасел.
Еден час подоцна, јас и Дин се најдовме во новиот стан на тетка ми, на Лонг
Ајленд, а таа беше зафатена со молерите кои беа пријатели на семејството и се
расправаше со нив околу цената во мигот кога се качувавме по скалите. „Сел“,
рече тетка ми. „Дин може да остане тука неколку дена, а потоа мора да си оди,
ме разбираш?“ Авантурата заврши. Таа ноќ јас и Дин се шетавме меѓу резервоарите
за нафта, железничките мостови и светилките за магла на Лонг Ајленд. Се сеќавам
кога застана под една улична светилка.
„Кога поминавме кај онаа светилка сакав да ти кажам нешто друго. Сел, ама
сега вметнувам нова мисла и додека стигнеме до следната светилка ќе се вратам
на оригиналната тема, важи?“ Секако дека важи. Толку бевме свикнати да патуваме
што моравме да се прошетаме низ целиот Лонг Ајленд, но немаше повеќе копно,
само Атлантскиот Океан беше пред нас. Се ракувавме цврсто и се договоривме да
бидеме другари засекогаш.
Неколку ноќи подоцна отидовме на жрка во Њујорк и јас здогледав една
девојка која се викаше Инез; и’ кажав дека имам со мене еден пријател кој мора
некогаш да го запознае. Бев пијан па и’ реков дека е каубој. „Ох, отсекогаш сум
сакала да запознаам некој каубој.“
„Дин?“ викнав преку главите на луѓето – меѓу кои беа Ангел Луз Гарсија,
поет; Волтер Еванс, Виктор Вилануева, поет од Венецуела; Џини џонс, мојата
бивша љубов; карло Маркс, Џејн Декстер и безброј други – „Дојди ваму, човече“.
Дин пријде срамежливо. Еден час подоцна, во пијанството и лудилото на журката
(„Во чест на завршувањето на летото, се разбира“), Дин клечеше на подот, со
брадата на нејзиниот стомак, потејќи се и ветувајќи и’ се’ и сешто. Таа беше
крупна, секси бринета – како што рече Гарсија. „Како да излегла од сликите на
Дега“, и воопшто изгледаше како убава париска кокета. По само неколку дена, Дин
се расправаше по телефон со Камил а неопходните документи за развод за да може
да се венча со Инез. Не само тоа, туку неколку месеци подоцна Камил му го роди
второто дете на Дин, као резултат на неколку интимни ноќи на почетокот на
годината. А, по уште неколку месеци и Инез доби дете. Сосе едно нелегитимно
дете некаде на Западот, Дин сега имаше четори малечки, а немаше скршена пара и
животот, како и секогаш, му беше брз, проблематичен и полн со екстази. И така
не отидовме во Италија.
ЧЕТВРТИ ДЕЛ
...
(изд. „Издавачки центар ТРИ“, Скопје – 2010 год.)
No comments:
Post a Comment