ГОСПОЃА БОВАРИ
III Дел
I Поглавје
...На другиот ден Леон го отвори прозорецот и потпевнувајќи на балконот, ги
намачка и ги светна своите ниски чевли. Потоа облече бели панталони, танки
чорапи и зелено палто, го истури врз шамивчето сиот мирис што го имаше; потоа
отиде да си ја накадри косата и ја расчешла за да и’ даде поголем сјај.
-Уште е рано! – помисли тој, гледајќи го часовникот на берберот што
покажуваше девет часот.
Прочита некаков стар моден весник, излезе, испуши една цигара, се прошета
низ неколку улици, помисли дека е веќе време и се упати полека кон црквата
света Богородица.
Беше убаво летно утро. Сребрените предмети светеа во излозите на
златарските дуќани, а светлината што паѓаше отстрана врз катедралата, трепераше
на пукнатините од сивиот камен; јато птици кружеше во синото небо околу
камбанаријата во форма на детелина; плоштадот јачеше во викотници и беше
исполнет со миризбата на разни цвеќиња што го опкружуваа од сите страни: ружи,
јасмини, каранфили, нарциси и туберози, беа рамномерно разредени со влажно
зеленило, мачкина трева и јаглика за птици; во средината жуборкаше чешмата, а
под широките чадори меѓу дињите што се издигаа во вид на пирамида, гологлави
продавачки завиткуваа во хартија букет
темјанушки.
Младиот човек купи еден букет. Му беше првпат да купува цвеќиња за една
жена; и дишејќи ја нивната миризба, градите му се ширеа од гордост, како со
овој подарок, наменет на друг, да му се укажуваше внимание лично нему.
Меѓутоа, тој се плашеше да не го види некој и затоа влезе решително во
црквата.
Во тој момент црковниот вратар стоеше на прагот, сред левата врата, под Играта на Маријана, со перјаница на
глава, со меч отстрана и палица в рака, подостоинствен од кардинал и блескав
како потир.
Тој му пријде на Леон и со насмевка на престорена добрина, со која
свештениците им се обрнуваат на децата, го запраша:
-Господинот сигурно не е оттука? Господинот сака да ги види знаменитостите
на црквата?
-Не – рече Леон.
И тој почна да ги обиколува прво страничните кораби од црквата. Потоа се
врати и погледна кон плоштадот. Ема уште ја немаше. Тој се искачи дури во
хорот.
Коработ се одразуваше во садовите со светена вода, заедно со основата на
готските сводови и дел од прозорците. Но одблесокот на живописот, кршејќи се на
работ од мермерот, се протегаше понатаму врз подот, како некаков шарен килим.
Силната дневна светлина навлегуваше во црквата во три огромни зраци, низ трите
отворени врати. Одвреме-навреме во дното ќе минеше по некој клисар , кој ќе се
поклонеше патем пред олтарот, како побожните луѓе кога брзаат. Кристалните
полилеи висеа неподвижно. Во хорот гореше сребрено кандило; а од страничните
капели, од мрачните делови на црквата, се слушаа напати некакви воздишки,
придружени од чкртањето на решетка што се затвораше и што одекнуваше под
високите сводови.
Леон одеше крај ѕидовите со тешки чекори. Никогаш животот не му изгледаше
толку убав. Таа требаше да дојде по малку, прекрасна, возбудена, демнејќи ги
зад себе погледите што ќе ја следат – во фустан со волани, со златен лорњон, со
своите чевличиња, со целата онаа елеганција каква тој никогаш не беше ја вкусил
и со неизразлива привлечност на добродетелта што подлегнува. Црквата, како
некаков огромен будоар, беше подготвена да ја дочека; сводовите се наведнуваа
да ја примат во мракот исповедта на нејзината љубов: прозорците блескаа за да
го осветлат нејзиното лице, а уште малку и кадилниците ќе се запалат, за да се
појави таа како некаков ангел во облак од мириси.
Меѓутоа, таа се’ уште не доаѓаше. Тој седна на еден стол и погледот му падна
врз едно окно на кое беа претставени лаѓари како носат кошници. Тој ги гледаше
долго и внимателно и ги броеше лушпите на рибите и дупките за петлици на
нивните елеци, додека мислите му скитаа во потрага за Ема.
Вратарот, отстрана, се лутеше во себе на овој човек кој си дозволуваше да
се восхитува сам од катедралата. Му се чинеше дека тој се држи некако
чудовишно, дека во извесна смисла го краде и ја скрнави светињата.
Се чу шушкање на свила по плочите, работ на една шапка се зададе, а потоа и
црна наметка. Тоа беше таа! Леон стана и побрза кон неа.
Ема беше бледа. Одеша брзо.
-Читајте! – рече таа, давајќи му лист хартија... Ох, не,
И таа ја истргна бргу раката и влезе во капелата на Богородица, каде што
падна на колена под еден стол и почна да се моли.
Младиот човек се налути од оваа биготна постапка; потоа почувствува сепак
извесна привлечност, гледајќи ја како за време на љубовната средба им се
предава на молитвите како некаква андалузиска маркиза; но набргу почна да му се
здодева, зашто таа не завршуваше.
Ема се молеше или поточно, се усилуваше да се моли, надевајќи се дека во
тој момент ќе и’ слезе од небото некакво ненадејно решение; и за да ја придобие
Божјата помош, таа си ги исполнуваше очите со блесокот на светилиштето, ја
дишеше миризбата на расцутените бели шебои во големи вазни и ја слушаше
црковната тишина која уште повеќе ја зголемуваше бурата во нејзиното срце.
Таа стана и токму кога се токмеа да тргнат, вратарот се доближи до нив и
рече:
-Госпоѓата сигурно не е оттука? Госпоѓата сака да ги види знаменитостите на
срквата?
-Не, не! – извика писарот.
-Зошто да не? – одговори таа: зашто нејзината расколебана добродетел се
фаќаше за Богородица, за статуите, за гробовите, за се’ она што случајот ќе го
испречеше пред неа.
Тогаш, за да започне по ред, вратарот ги одведе до влезот, блиску до
плоштадот, каде што им покажа со својата палица еден голем круг од црни плочи,
без никаков натпис на резби.
-Еве го – рече тој достоинствено – обемот на убавата камбана од Амбоаз. Таа
тежеше 40.000 ливри. Во цела Европа немаше ништо слично. Мајсторот што ја
направи умре од радост.
-Ајде да си одиме – рече Леон.
Добриот човек тргна понатаму; кога се врати пак во капелата на Богородица,
тој ја протегна раката со широк гест и, погорд одошто некј селски газда што ги
покажува своите овошки, рече:
-Оваа проста плоча го покриба Пјер де Брезе, господарот на Варен и Брисак,
великиот маршал од Поату и гувернер на Нормандија, загинат во бојот кај
Монлери, на 16 јули 1465 година.
Леон си ги поткаснуваше усните од нетрпение.
-А овдека, десно, овој благородник сиот покриен со железо, на коњ што се
препина, е неговиот внук Луј де Брезе, господар на Бревал и Монсове, гроф од
Молврие, барон од Монл, кралски шамбелан, витез од Орденот и, исто така,
говернер на Нормандија, умрен на 23 јули 1531 година, во недела, како што
пишува и на натписот; а под него, овој човек што е готов да слезе в гроб, го
претставува токму него. Посовршена слика на ништотата не е можно да се види,
нели?
Госпоѓа Бовари го зеде својот лорњон. Леон, неподвижен, ја гледаше, не
обидувајќи се дури ни збор да и’ упати, ниту пак да мрдне со рака, толку се
чувствуваше обескуражен пред оваа двојна решителност на брборливоста и
рамнодушноста.
Неуморниот водач продолжуваше:
-До него, оваа жена што плаче на коленици, е неговата сопруга Дијана до
Поатје, грофица од Брезе, војводкиња од Валентиноа, родена 1499, умрена во 1566
година; а таму лево, онаа што држи дете в раце е Богородица. А сега, свртете се
наваму: еве ги гробовите на Амбоазовци. Обајцата беа кардинали и архиепископи
на Руан. Првиот беше министер на кралот Луј XII. Тој направил многу за катедралата. Во неговиот
тестамент биле најдени 30.000 златници за бедните.
И не застанувајќи и постојано зборувајќи, тој ги воведе во една капела
оградена со пармаци, истави неколку од нив и откри еден камен, што порано бил
веројатно некаква статуа.
-Некогаш таа го красеше – рече тој со длабока воздишка – гробот на Ричард Лавовско
Срце, кралот на Англија и војводата од Нормандија. Во оваа состојба ја доведоа
калвинистите, господине. Од пакост, тие ја закопале в земја, под владичкиот
престол на неговото преосвештенство. Гледајте, еве ја вратата низ која
владиката оди во својот стан. Да ги видиме сега прозорците со сликите на
ламјата.
Но Леон извади бргу од џеб една сребрена пара и ја фати Ема под рака.
Вратарот остана стаписан, не разбирајќи ја оваа прекумерна дарежливост, кога
странецот има уште многу да види. Затоа, повикувајќи ги назад, рече:
-Еј господине. Камбанаријата, камбанаријата!
-Благодарам – рече Леон.
-Господинот греши! Та е висока 440 стапки, само за девет помалку од
големата пирамида во Египет. Целата е од железо, таа...
Но Леон бегаше; зашто му се чинеше дека неговаат љубов, што цели два часа
стоеше како камен во црквата, ќе испари сега како чад низ овој вид исечена
цевка, низ овој долгунест кафез, низ овој шуплив оџак што се издига така
гротескно врз катедралата, како чуден обид на некој занесен казанџија.
-Кај ќе одиме? – праша Ема.
Без да одговори, тој одеше со брзи чекори. Госпоѓа Бовари го беше ставила
веќе прстот во светената вода, кога чуја зад себе тешко дишење, испресечено
рамномерно од ударите на палицата. Леон се сврте.
-Господине!
-Што е?
И тој го препозна вртарот, кој носеше под мишка и одржуваше во рамнотежа на
мевот едно дваесетина дебели книги. Тие беа творби во кои се опишуваше катедралата.
-Глупак! – промрмори Леон и избега од црквата.
Едно мангупче се вртеше во дворот.
-Оди да побараш еден пајтон!
Детето летна како куршум низ улицата Катрван; тие останаа сами само неколку
минути, лице в лице, малку збркани.
-Ах Леоне!... Навистина... јас не знам... дали треба...
Таа се преправаше. Потоа, со сериозен глас:
-Тоа не е пристојно, знаете ли?
-Зошто? – одговори писарот. Во Париз така прават сите.
И овие зборови, како непобитен доказ, ја натераа да се реши.
Меѓутоа, пајтонот го немаше. Леон се плашеше да не влезе пак в црква.
Најсетне пајтонот се зададе.
-Излезете барем од северната врата! – им викна вратарот, кој стоеше на
прагот. – Ќе го видите Воскресението,
Страшниот суд, Рајот, Кралот Давид и Грешнците
во пеколниот пламен.
-Кај сака да одие господинот: - праша пајтонџијата.
-Кај сакате! – рече Леон, туркајќи ја Ема во колата.
И тешката кола тргна.
Таа се спушташе по улицата Гран-Пон, го мина плоштадот на Уметностите,
Наполеоновиот кеј, Новиот мост и запре одеднаш пред статуата на Пјер Корнеј.
-Терајте! – рече еден глас што доаѓаше од колата.
Колата пак тргна и, понесена уште од крстопатот Лафает низ удолништето на
улицата, влезе со силен галоп во железничката станица.
-Не, терајте право! – викна истиот глас.
Пајтонот излезе од оградата и по малку стигнаа на шеталиштето, и тргнаа
полека меѓу високите брестови. Пајтонџијата си го избриша челото, ја стави
кожната капа меѓу нозе и ја потера колата надвор од страничните алеи, по
брегот, крај самата трева.
Колата продолжи понатаму, крај брегот, по патот што служи за влечење на
бродовите, покриен со сув чакал. Таа одеше така во правец на Оасел, од другата
страна на островите.
Но, одеднаш мина низ Катрмар, Сотвил, Гран Шосе, потоа низ улицата Елбеф и
по трет пат застана пред Ботаничката градина.
-Терајте кога ви велам! – извика уште побесно гласот.
И колата пак тргна и мина низ Сен-Север, долж кејовите Кирандје и Мел, уште
еднаш преку мостот, потоа преку Марсовото поле и зад болничките градини во кои
старци облечени во црни палта се шетаа на сонце, на една тераса целата во
зеленило. Потем, тргна по булеварот Бувреј, го измина булеварот Кошоаз и сиот
Мон-Рибуде, дури до ридот Девил.
Потоа се врати пак назад; и сега , без цел ни правец, на среќа, таа почна да
скита насекаде. Ја видоа во Сен-Пол, во Лекир, на ридот Гарган, во Ружмар и на
плоштадот Гајарбоа, во улицата Маладрери, во улицата Динандери, пред Сен-Ромен,
Сен-Вивиен, Сен Малку, Сен-Никез, - пред Царинарницата, - кај Ниската Стара
Кула, кај Трите лулиња и на Монументалните гробишта. Одвреме-навреме
пајтонџијата ќе фрлеше очајнички погледи на крчмите. Тој не можеше да разбере
каква е та страст за движење што ги тера овие лица да не сакаат да застанат.
Неколку пати се обиде да запре, но веднаш ќе чуеше зад грбот гневни извици.
Тогаш почна да ги удира немилосрдно коњите што се капеа во пот, не обрнувајќи
внимание на прелките, закачувајќи по нешто овде-онде, не грижејќи се за ништо,
обескуражен и скоро плачејќи од жед, умора и тага.
А на пристаништето, меѓу колите и бурињата, и на аглите од улиците,
граѓаните ги отвораа широко очите пред оваа, за проивинцијата необична, појава:
една кола со спуштени завеси, која се појавува постојано, позатворена одошто
некоја гробница и нишката како кораб.
Само еднаш, сред бел ден, во полето точно кога сонцето ги фрлаше најсилно
своите зраци врз посребрените фенери, една гола рака се подаде низ малите
завеси од жолто платно и фрли некакви ливчиња хартија, што се распрснаа на
ветрот и паднаа како бели пеперутки потаму, во едно поле со расцутена црвена
детелина.
Потоа, кон шест часот, колата запре во една уличка од квартот Бовоазин и од
неа слезе една жена, која тргна со спуштен превез, не вртејќи ја главата.
II
...
(изд. АЕА Издавачи – Книгоиздателство „Мисла“ а.д. Скопје, 2002 г.)
No comments:
Post a Comment