Sunday, May 24, 2020

АЛЕКСАНДАР СОЛЖЕНИЦИН: Во Првиот круг II


79.
НЕ, ТОА НЕ МОЈА ОБЛАСТ

... Јаконов пристигна сред разговорот и се замеша во него само од учтивост. Впрочем, Осколупов ништо и не разбираше. Потоа Јаконов го повика настрана Маркушева; тие седнаа еден до друг и почнаа да повлекуваат на еден лист хартија нов дијаграм за „механизмот“.
Всушност, Осколупов претпочиташе да ја расчисти таа ситуација со укори и опомени – метод на кој свикнал и којшто го усовршил со години до најмали нијанси во гласот. Тоа му даваше најдобри резултати. Но тој овој пат разбра дека таквиот пристап нема да придонесе да се расчистат работите.
Можеби Осколупов разбра дека неговиот придонес во дискусијата нема никаква вредност, можеби посака да дише поинаков воздух пред крајот на овој нему поклонет месец што можеше да биде и фатален... така што и пред да го ислуша мислењето на Булатов, тој стана и се упати кон вратата намуртен, оставајќи го сиот персонал на Бројот Седум да се измачува свесно за последиците од својата негрижливост кон раководителите на одделението.
Верен на обичаите, Јаконов мораше да се крене и да ја упати својата тромава личност по човекот со високата астраганска капа којшто одвај му достигаше до рамото.
Еден до друг, молчејќи, тие слегоа во претсобјето. На раководителот на одделот не му беше пријатно неговиот главен инженер да чекори покрај него, зашто Јаконов имаше широко лице и беше повисок барем за една глава од него.
Јаконов можеше да го одбере овој момент да го објави нивниот неверојатен и непредвиден напредок со апаратот за шифрирање и тоа навистина би имало свои предности. Тој така веднаш ќе го растуреше животинското незадоволство што го чувствуваше Осколупов кон него од ноќниот прием кај Абакумов.
Но тој ја немаше скицата. Поради зачудувачката ладнокрвност со која Сологдин се покажа готов поскоро да умре отколку да ја даде без награда скицата, Јаконов беше убеден дека мора да го исполни ветувањето и да се обрне истата вечер кон Севастјанов, прескокнувајќи го Осколупова. Се разбира, Осколупов ќе побесни, но ќе мора брзо да се успокои. Се вели дека не им се суди на победниците. А подоцна, Јаконов ќе може да му каже дека всушност не бил сигурен оти Сологдин тоа навистина ќе го направи, дека тоа било само обид.
Јаконов ја немаше во главата само оваа проѕирна итрина. Тој виде колку е Осколупов смутен, колку се плашеше за својата сопствена судбина и со задоволство го остави да се измачува уште неколку дена. Антон Николаевич Јаконов се лутеше толку многу во врска со машината за шифрирање, како да се однесува за едно од неговите лични остварувања. Токму како што откри и Сологдин, Осколупов ќе бара без никакво сомнение да се наложи како сопронаоѓач. А кога ќе ја има тајната, не ќе фрли ни еден поглед врз планот на централното одделение, туку веднаш ќе издаде наредба да се изолира Сологдин во одделна соба во која ќе им забрани пристап на оние што работат со него; потоа ќе го викне Сологдина, ќе го заплаши и ќе му наложи строг рок; па после ќе телефонира на секои два часа од министерството; Јаконов на крајот ќе се направи важен и ќе им повторува на сите дека машината за шифрирање функционира ефикасно благодарение само на неговата будност.
Бидејќи сето ова го знаеше, Јаконов засега се задоволи со тоа што не рече ништо. И покрај сето тоа, влегувајќи во својата канцеларија, тој направи нешто што никогаш не ќе го стореше пред трето лице: му помогна на Осколупова да го соблече шинелот.
„Што прави Герасимович кај вас?’“– запраша Фома Гурјанович Осколупов, седнувајќи во фотељата на Јаконов без да ја симне капата.
Јаконов седна на еден стол во аголот.
„Герасимович? Чекај... тој кога пристигна од Стрешневка? В октомври, мислам. Па, оттогаш тој има направено телевизиски апарат за другарот Сталин!
- Повикајте го ваму!“
Јаконов телефонира.
Стрешневка беше друга московска шарашка. Неодамна таму пронајдоа и завршија под раководство на инженерот Бобјер еден извонредно духовит и полезен механизам, кој им се додава на обичните телафонски апарати. Мајсторството е во тоа што тој функционираше едниствено кога телефонот не е во употреба и кога слушалката си стои мирно на место. Механизмот беше прифатен и почна да се фабрикува.
Пронаоѓачкиот дух на властите (тие секогаш имаат неопходен пронаоѓачки дух) почна да се занимава со други направи.
Дежурниот офицер ѕирна низ процепот на вратата:
„Затвореникот Герасимович“, рече тој.
- Воведете го, - одговори Јаконов, вртејќи со главата. Столот на кој седеше, понастрана од работната маса, беше толку мал, што одвај го собираше.
Герасимович влезе, ги прицврсти своите очила и се препна од работ на килимот. Во споредба со двајцата дебели великодостојници, тој имаше премногу тесни рамена и беше малечок.
„Ме повикавте, рече суво, доближувајќи се со неколку чекори, и гледајќи упорно во една точка меѓу Осколупов и Јаконов.
- Ех, хм!... одговори Осколупов, седнете.“
Герасимович седна. Тој одвај зафати половина од столот.
„Да видиме... така... рече Осколупов, вие сте специјалист за оптика, Герасимович. Ваша област не се ушите туку очите. Така ли е?
- Да.
- А вие тогаш...“ Осколупов го превртуваше јазикот, како да си ги чисти забите. „Вие сте ценет, нели?“
Тој замолча. Едното око го затвори, а со другото го фиксираше Герасимовича. „Вие сте во тек со најновите работи на Бобјер? Запраша тој.
- Чув да се говори за нив.
- Ех, хм!... и знаете дека сме предложиле да се ослободи Бобјер предвреме.
- Не знаев.
- Па добро, еве сега знаете. Колку време ви останува вам?
- Три години.
- Ох, колку е долго тоа! рече Осколупов изненаден, како сите клиенти од неговите шарашки да се осудени само на неколку месеци. Колку е долго тоа!“
(Малу пред тоа, за да окуражи еден новодојден, тој му рече остроумно: „Десет години? Не е важно! Луѓето остануваат и по дваесет и пет години!“)
Тој продолжи: „Зар не е добра работа да бидете предвреме ослободени?“
Ова прашање се совпаѓаше чудно со вчерашната молба на Наташа.
Задржувајќи се најмногу што можеше, зашто не си дозволуваше дури ни од високо да се насмевне во разговорот со раководителите, Герасимович иронично се оклешти.
„А каде да ја најдам таа слобода? запраша тој. – Таа не се влече по земја во ходниците.“
Осколупов се заниша во фотељата.
„Ах! Извика тој, не ќе ја најдете се разбира, во телевизиските апарати! Но јас ќе ве префрлам за неколку дена во Стрешневка и ќе ви го доверам управувањето на еден проект. Ако го завршите за шест месеци, вие ќе бидете дома наесен.
- За каква работа се однесува, ако можам да прашам?
- Па добро, се предвидуваат многу работи, ако тоа ве интересира. Веднаш ќе ви кажам: се однесува за една задача што ни е доверена од Берија лично. Еве на пример, една замисла: да се инсталираат микрофони под клупите во јавните паркови и така ќе можат да се разберат многу работи. Но тоа не влегува во вашата професионална специјалност.
- Не, не е моја.
- Добро, има нешто и за вас. Еве два проекта, едниот е многу важен, а другиот е итен. И двата се од вашата област. Нели, Антон Николаевич?“
Јаконов ја сврти главата во знак на потврдување.
„Едниот опфаќа еден фотографски апарат што се користи ноќе и работи на... како се вика тоа? Инфрацрвени зраци. Со тоа ноќе се фотографира некој на улица и така се знае со кого е, додека тој ништо нема да усомни. Постојат повеќе такви неусовршени модели во странство и доволно е да... да ги имитираме на творечки начин. Со апаратот мора да се манипулира лесно. Но нашите агенти не се толку умни како што сте вие. А еве го и другиот проект. Јас сум сигурен дека овој можете да го реализирате за миг, а ние брзаме. Се однесува пак за еден фотографски апарат, но толку мал, да може да се смести во вратата. Тој ќе снима автоматски секојпат кога ќе се отвори вратата, и ќе го фотографира оној што влегува. Дење барем или кога гори светлото. Во темнина не врши работа, не грижете се. Ние сакаме сериски да произведуваме ваков апарат. Па, што велите? Ќе го сторите ли тоа?“
Герасимович го беше свртел слабото лице кон прозорците и не го гледаше генерал-мајорот.
Речникот на Осколупов не содржеше зборови како што е „мрачен“! Поради тоа, не би можел ни да го дефинира изразот на лицето на Герасимович. Тој впрочем и немаше желба да го определува. Тој чекаше одговор.
Тоа беше истовремено и одговор на молбата на Наташа.
Герасимович одново го гледаше пред себе нејзиното суво лице со студени и светли солзи.
За прв пат по многу години, тој почувствува во срцето дека враќањето во домашната топлина е можно и блиско.
Доволно беше да го стори тоа што веќе го направи и Бобјер: да направи стотина или повеќе луѓе доверливи и глупави да се најдат зад затворските решетки.
Збунет, колеблив, Герасимович запраша: „Нели е можно да останам ... на телевизија?“
- Одбивате? Запраша налутено Осколупов. Тој ги намурти веѓите, и неговото лице мошне лесно доби гневен израз: Зошто?“
Сите закони на свирепата земја на затворениците му укажуваа на Герасимович дека да имаш сожаление кон слободните надворешни луѓе, кон напредните кусогледи индивидуи, што се’ уште не се тепани, не се шибани, е исто толку чудно колку и да не отепаш свиња за маста. Луѓето на слобода ја немаа бесмртната душа што ја стекнаа затворениците во текот на бесконечните затворски години. Тие лакомо и глупаво ја користеа слободата што им беше дадена. Тие се валкаа во ситни интриги, во залудни работи.
Тој имаше само една пријателка во животот: Наташа. Таа одвај чекаше тој да ја заврши и втората казна. Таа беше на прагот од гробот, а со животот на Наташа ќе се угаси и животот на Герасимович.
„Вие прашувате зошто? Од која причина? Не сум способен за тоа. Не знам како да го направам тоа“, одговори Герасимович тивко и мошне спокојно.
Јаконов, кој дотогаш не обрнуваше внимание, го погледна љубопитно Герасимовича. Очигледно дека е тоа уште еден случај што се граничи со лудило. Но, и тука треба да се застапи општиот закон според кој: „Кошулата ти е најблиска до снагата“.
„Вие сте го загубиле навикот за сериозни работи, затоа сте исплашен, - рече Осколупов за да го убеди затвореникот. Кој ќе го стори тоа ако не вие?
Герасимович замолча. Држејќи се со едната рака за челото.
„Зошто да размислувате? Тоа е токму ваша област.“
Герасимович можеше и понатаму да молчи. Тој можеше да го измами. Според затвореничкиот закон, тој можеше да ја прифати задачата без задолжение да ја заврши. Но тој стана, и со презир го погледна генераловото лице со астраганска капа, лицето што пука од здравје, со двојниот подбрадок.
„Не, тоа не е моја област! – рече тој со јасен и остар глас. Не е моја работа да ги испраќам луѓето в затвор. Јас не ги фаќам луѓето в стапица! Доста е тоа што сме ние веќе во затвор.“

80.
...

(наслов на оригиналот: LA PREMIER CERCLE; изд. Мисла – Скопје, 1990 год.)


No comments:

Post a Comment