Tuesday, November 15, 2016

ЕДГАР МОРЕН: Духот на времето

Втор дел МОДЕРНА МИТОЛОГИЈА

X
ОЛИМПИЈЦИ

Неверојатно е тоа што, во просек, знаењето на Американците за животот, љубовта и неврозите на полубоговите и божиците кои живеат на олимпијските височини на Беверли Хилс значително го превозмогнува нивното познавање на граѓанските работи
Б. Розенберг и Д. Манинг Вајт

На местото на кое што се среќаваат стварното и имагинарното, се сместиле ведетите на масовната штампа, модерните олимпијци. Тие олимпијци не се само филмски ѕвезди, туку и шампиони, принцови, кралеви, плејбои, истражувачи, славни уметници – Пикасо, Кокто, Дали, Франсоаз Саган. Олимпизмот на едните се раѓа од имагинарното, т.е. од улогите остварени во филмовите (филмските ѕвезди), олимпизмот на другите се раѓа од посветените функции (кралство, претседателство), од нивните херојски дела (шампиони, истражувачи) или од еротските успеси (плејбоји...). Маргарета и Брижит Бардо, Сораја, Лиз Тејлор, принцезата и филмската ѕвезда се среќаваат на првата страна на дневниот лист, на коктели и приеми, на Капри и Канарските острови и на други чаробни престојувалишта.
Средствата за информирање прават од овие олимпијци ведети на актуелните новости. Тие ги издигнуваат на степен на историски настан оние збиднувања кои се лишени од секакво политичко значење, како што се сентименталните врски на Сораја и Маргарета, свадбите и разводите на Мерлин Монро и Лиз Тејлор, породувањата на Џина Лолобриџида, Брижит Бардо, Фарах Диба или Маргарета Англиска. На пример, во последниов случај, англискиот дворец неколку седмици не се симнува од од главните колумни на францускиот прес, се прикажува како некаква света тајна, во чиј центар е кралицата Елизабета, принцот Филип, принцезата Маргарета и целата кралска свита; оваа тајна којашто не враќа во митски времиња на баснословните раѓања, ова in illo tempore истовремено и’ припаѓа и на сегашноста, та ни покажува дека кралицата, иако со „висок стомак“, ги дели трепетите, стравот и телесните страдања со останатите, обични жени. Идеалната синтеза на проекција и идентификација е кога кралицата, во исто време, ја покажува својата натчовечност и својата крајна човечност, па ја претвора обичната вест за раѓањето на дете во спекатакуларен флеш.
Овој нов Олимп е навистина најоригинален производ на новата струја од масовната култура. Филмските ѕвезди уште порано се прогласени за божества. Новата струја ги хуманизирала. Ги зголемила нивните човечки врски со публиката. Потем од кралските дворови и од плејбоите, а понекогаш дури и од политичарите направила филмски ѕвезди. Откако непристапните и возвишени филмски супер-старови слегоа на земја, откако кралските дворови се претворија во Тријанони на масовната култура – тоест од полетувањето на масовната култура – животот на олимпијците сочинува дел од секојдневниот живот на смртникот, нивните легендарни љубови се неизвесни како и љубовите на обичните смртници, нивните чувства може да ги имаат и обичните луѓе; отсега овие олимпијци можат да прифатат дури и пограѓанување со некој народски брак, како што е фотограф оженет за британска принцеза, лекар за италијанска дива, но под услов овој народски брак да биде преобразен со љубов.
Новите олимпијци се магнетизирани ем со имагинарното, ем со реалното, ама тие се идеали кои никако не можат да се имитираат и модели кои не смеат да се подражаваат; нивната двојна природа е аналогна на теолошката дупла природа на богот-јунак во христијанската религија: олимпијците и олимпијките се натчовеци кои го отелотворуваат човечкото во личниот живот. Мас-медимумите на овие олимпијци им даваат митолошка улога, ама затоа задираат и во нивниот интимен живот, за да се пронајде човечка содржина која овозможува идентификација.
Оваа постапка се применува и кај шефовите на држави. Ајзенхауер, Кенеди, - во амосферата на попуштање на меѓународната напнатост и Хрушчов, во истовреме се јавуваат како суверени водачи, како драги родители, љубени сопрузи, честити луѓе во своите домови. Бидејќи се и обични и непристапни, тие исто можат да ја стекнат двојната природа на олимпијците – човечка и натчовечка. Позади нив такуѓере јурат фотографи, новинари, озборувачи, кои се трудат да ја извлечат сржта од нивниот личен живот...

XI
ПИШТОЛ
Речиси сите наши желби по својата суштина се злосторнички
Пол Валери
Негативното – тоест слободата – е злочин
Хегел

...Инфра-слободата се остварува на рамниште кое што се наоѓа под законот, на општественото „дно“, меѓу скитниците, крадците и гангстерите. Овој свет на ноќта е еден од најзначајните во масовната култура. Зашто учтивиот човек кој се придржува кон прописите и е бирократизиран, човекот кој се покорува на редот и на разните забрани, оној „чукни пред да влезеш“ и „кој ве праќа“ човек, проективно се ослободува во сликата на оној кој се осмелува да убие, да приграби пари или жена, да го задоволи својот нагон за насилство.
Во исто време, Gang-от маѓепсува на посебен начин, оти одговара на основната афективна структура на човечкиот дух: се заснова на припадност кон групата, на колективна солидарност, на личната верност, агресивност кон оној што не припаѓа на кругот, на вендета (одмазда спрема другите и колективна припадност на сите припадници на Генгот), како и на задоволување грабежливи и киднаперски инстинкти.
Гангстерската банда е како архаичен клан, ама исчистен од секој традиционален систем на прописи и забрани, тоа претставува клан во зародиш. Тоа е оној проколнат сон за заедништвото на поединецот кој е потиснат и атомизиран, општествен договор на мрачната душа кај луѓе кои се потчинети на апстрактни и принудувачки правила. Впрочем, поради тоа младите луѓе по предградијата, но и во луксузните квартови, како на Истокот така и на Западот, природно тежнеат да создадат своја „банда“, примитивни „кланови-банди“, за да живеат според своите природни инстинкти и чувства.
Оттаму може да се сфати привлечноста на гангстерската банда и улогата која што ја има подземјето во масовната култура. Било јунакот да е гангстер, класичен полицаец, приватен детектив кој го воведе Дешил Хемет, или таен агент на ФБИ на Питер Чејни; било да се бори против законот или во име на законот, а особено ако во име на законот се бори со илегални средства, тој јунак ќе ве одведе во светот на беззаконието – проклет свет во којшто се ослободуваат вашите двојници. Антонен Арто во своето дело „Театарот и неговиот двојник“ пишува: „Секоја права слобода е црна“. И навистина, секоја вистинска слобода избива на проколнатата страна, во сенковитиот предел на инстинктите и забраните. И така – длабоко како и обично – Хегел можел да каже: „Слободата е злостор“. Токму тука вториот дел на холивудската парола A girl and a gun го добива вистинскиот смисол.
Темата на слободата се покажува низ секојдневно отворените прозорци на филмскиот и Тв-екранот, весниците, како некое онирично или митско бегање од строго уредениот, затворен и бирократизиран свет. И врз основа на ова се сфаќа длабоката врска помеѓу темата за кралот и темата за скитникот, меѓу темата за одметникот и темата за Тахиќанецот, меѓу природната состојба и гангстерската банда. Истовремено слободата е поврзана со големиот судир помеѓу Човекот и Табуираното. Каков годе бил исходот од овој сукоб, па дури и ако законот победи и го припитоми човекот, антрополошката буна против општествениот поредок е дадена и човекот во таа борба ги става во движење сите свои сили. Во овој поглед, масовната култура ја продолжува големата имагинарна традиција на сите култури. Но, тоа по што се разликува од останатите култури е разноликата, масовна и постојана екстериоризација на насилието, кој избива низ стриповите, телевизијата, филмот, новините (кратки вести, несреќни случаеви, катастрофи), потоа во книгите (црна серија, детективски роман, пустоловини).
Шамари, удари, гужви, битки, војни, експлозии, пожари, вулкански ерупции, поплави – без престанок јуришаат на мирните луѓе по нашите градови, како прекумерноста на насилството која Духот ја прима, да ја надокнадува недоволноста на агресивност во нашиот секојдневен живот.

(изд. БИГЗ 1979, прев. Надежда Винавер) 

No comments:

Post a Comment