...Во текот на
9-месечната работа во оваа земја, прегледав околу две илјади болни и востановив
дека грото европски болештини се среќава
и во оваа земја. Меѓутоа, уште не сум наишол на ниеден случај на рак, ниту на воспаление
на слепо црево. Изгледа дека овие болести ги нема меѓу домородците на
Екваторијална Африка.
Настинките овде
се честа појава. Во почетокот на сушната сезона, кивањето и кашлањето се
слушаат за време на богослужењето во Ламбарене,како да сте во црквата на свети
Силвестер во Европа.
Мошне голем број
деца умира поради запуштено воспаление на белите дробови. За време на сушниот
период, ноќите се нешто посвежи од обично. Со оглед на тоа што Црнците немаа
покривки, ладно им е и не можат да спијат. А, на белците се’ уште им е топло.
За време на студените ноќи, живата на термометарот покажува 20 степени.
Влажноста предизвикува морници и создава непријатно чувство на ладнотија кај
домородците, кои станува осетливи след
обилното потење во текот на денот. И самите
белци постојано страдаат од прехлада
и кивавица.
Во еден прирачник
за тропска медицина, наидов на следнава парадоксална реченица: На тропското сонце посебно треба да се
чувате од настинка“. Тоа воглавно е вистина.
Обичајот на
домородците лете, за време на ловот, да остануваат на песочните спрудови особено е кобен по нив.
Мнозинството старци умираат од воспаление на белите дробови кое го добиваат баш
во тие радосни денови.
Ревматизмот овде
е повеќе раширен отколку в Европа. Доста често сум среќават случаеви на „кап“.
Меѓутоа, домородците се хранат доста скромно. Не може да се каже дека јадат
одвеќе месо, со исклучок лете, кога јадат риба, инаку живеат само од банани и
од корен на маниока.
Не очекував дека
овде ќе морам да лекувам хронични труења со никотин. На почетокот не можев да
знам чуму се јавуваат случаи на тежок запек, пропратен со нервни пореметувања,
кои по земањето на средства за прочистување, уште повеќе се влошуваа. По
внимателниот преглед и испитување на еден службеник Црнец, сфатив дека пред себе
имам случај на претерана употреба на тутун...
ОД ЈАНУАРИ ДО
ЈУНИ 1914
Ламбарене, кон крајот на
јуни 1914 г.
Последните денови
на јануари и почетокот на февруари ги минав со една жена во Талагуга, лекувајќи
го мисионерот Херман, кој се беше разболел од чиреви со јака треска.
Истовремено лечев и болни во околината.
Меѓу овие се
наоѓаше и еден дечко кој изгледаше силно престрашен, и се бореше со рацете и
нозете да не влегува во собата каде што вршев прегледи на пациенти. Напросто го
втераа со сила. Покасно дознав дека мислел дека докторот ќе го заколе и изеде.
Кутрото дете
знаело за човекојадството, ама не од приказните на својата дадијарка, ами од
страшната реалност, оти овој обичај ни ден-денес не е во потполност исчезнат
кај Пауените. Тепко е да се утврди дали тоа често се случува, бидејќи
домородците, поради страв од тешки казни, тоа го држат во најголема тајност.
Пред извесно време, некој човек од околината на Ламбарене, ги обиколувал
оддалечените села за да наплати заостанати долгови. Не се вратил. Еден работник
од Самкита такуѓере исчезнал. Познавачите на овој крај сметат дека зборот
„исчезнал“ понекогаш е синоним за „изеден“...
*
Бараката за болни
кои страдаат од спиечка болест токму сега се гради на спротивниот брег. Таа ме
кошта не само многу пари, туку и ногу време. Работниците кои ги зедов да ми ја
раскрчат шумата и подигнат бараката не работата ништо кога не ги надгледувам.
Приморан сум да ги оставам пациентите по цело попладне за таму да ја играм
улогата на надзорник.
Спиечката болест
овде е многу пораширена отколку си мислев на почетокот. Нејзиното главно
жариште се наоѓа на територијата на Н‘Гуние, притока на Огоуе, на околу 150
километри одовде. Поединечни жаришта такуѓере се наоѓаат околу Лабарене, во
областа на големите езера, која започнува отаде Н‘Томо.
Што е спиечка
болест? Како таа се шири?
Изгледа дека таа
отсекогаш постоела во Екваторијална Африка, но останувала ограничена на своите
жаришта, оти не се патувало. Домородците вака ја организирале трговијата: од морската обала кон внатрешноста и
обратно, секое племе ја носи стоката до границата на својата територија, каде
што ја преземаат трговци од соседното племе. Од својот прозорец гледам како
реката Н‘Гуние се влева во Огоуе. Племето Галоа кое живее околу Ламбарене, можат
да дојдат до овде. Сите оние кои ќе ја преминат ова точка и ќе продрат
подлабоко во внатрешноста бидуваат изедени.
Европјаните кои
се истовариле во оваа земја, ги воделе своите веслачи од еден крај до друг. Ако
некој би заболел од спиечка болест, би ги носел клиците со себе. Некогаш за неа
не се знаело на бреговите на реката Огоуе. Носачите зад Лоанго ја пренеле во
оваа област пред 30-тина години.
Кога спиечката
болест ќе доспее во некоја нова област, на почетокот на ќе направи вистинска
пустош. Во првиот налет може да покоси третина население. Во округот Уганда, на
пример, таа за 6 години го смалила бројто на домородци од 300.000 на 100.000.
Еден офицер ми раскажуваше како видел во Горен Огоуе село кое имало 2 илјади
жители. Кога по две години се вратил во истото, затекнал само пет стотини.
Останатите во меѓувреме поумирале од спиечка болест.
Кога спиечката
болест извесно време ќе владее во некој крај, кој знае зошто – таа губи од
својата првобитна сила, но и натаму носи жртви. Се случува ненадејно пак да
стори пустош.
Болеста започнува
со повремени напади на треска, кои што некогаш се послаби, некогаш појаки,
потем исчезнуваат, за повторно да се јават и тогаш траат со месеци, иако
пациентот не се чувствува вистиниски болен. Некои болесници паѓаат во сон од
потполно здрава состојба. Арно ама, обично нападите на грозница се пропратени
со страотна главоболка. Колку болни ми доаѓале со зборовите:
-Докторе, мојата
глава, мојата глава! Не можам повеќе да живеам!
Тешка несоница
често и претходи на фазата на сон. Некои заболени од почетокот страдаат од
психички пореметувања. Ги обзема тешка меланхолија или нервна пренадразанетост.
Еден од моите први пациенти од овој вид беше младич кого ми го доведоа бидејќи
сакаше да се удави.
Треската обично е
пропратена со ревматични болови. Некој белец од езерските области околу Н‘Томо
дојде да го прегледам поради ишијас. Извршив темелен преглед: тоа беше почеток на спиечка болест.
Кај заболените
често се јавува губиток на памтење. Тоа обично за околината е прв
вознемирувачки знак. Спиењето почнува понекогаш дури две години после првите
напади на треска. Обично, на почетокот се јавува голема потреба за сон. Болниот
заспива штом седне или штом се најаде.
Неодамна ме
посети еден подофицер белец од Муила, место оддалечено 6 дена патување одовде.
Приликум чистењето на револверот, куршум му се забил в рака. Отседна во
католичката мисија. Кога доаѓаше на преврска, го пратеше помошник-Црнец, кој
чекаше надвор. Кога ќе заминуваа, скоро секој пат моравме да го бараме и
довикуваме помошникот, се’ додека овој не ќе се појавеше од некој агол, со
поспани очи. Неговиот претпоставен ми се жалеше дека веќе неколку пати го
губел, зашто имал обичај да спие со часови, без обзир каде се наоѓа. Му ја
прегледав крвта и открив дека боледува од спиечка болест.
Од време на
време, сонот станува се подлабок и подлабок и на крајот се претвора во кома.
Заболените лежат неосетливи и рамнодушни, мочаат и вршат нужда несвесно, и се’
повеќе и повеќе слабеат. Крастите предизвикуваат чиреви на грбот и на боковите,
кои се повеќе и повеќе се шират. Колената им се качуват до брада. Глетката е
ужасна.
Спасоносната смрт
често се чека предолго. Понекогаш настанува извесно подобрување. Во декември
лекував пациент во таа последна фаза. После 4 седмици, роднините брзаа да го
одведат барем да умре со своето село. И самиот јас очекував дека наскоро ќе
умре. Овие денови дознав дека состојбата за извесно време така му се подобрила,
што можел да седи, да јаде и зборува, и дека умрел тек во април.
Најчесто на
крајот се јавува воспаление на „плуќата“ кое означува крај.
Откритието на
сиечката болест е еден од најскорешните успеси на медицинската наука. Имињата
на Форд, Кастелани, Брус, Датон, Кох, Мартен и Лебеф се поврзани за ова
откритие. Првиот опис на спиечката болест датира од 1803 г. а напишан е по посматрање
на домородците заболени од оваа болест во Сиера Леоне. Потоа оваа болест е
проучувана на Црнците кои се траспортирани од Африка на Антилите и на Мартиник.
Дури 1860 г. овие проучувања се проширени и на самата Африка...
(изд. Српска книжевна
задруга 1958)
No comments:
Post a Comment