Целта на оваа статија е да се размисли околу можноста дека ние се движиме кон свет на
„гарнизонски држави“ – свет во кој специјалистите за насилство се најмоќна
група во општеството. Од таа гледна точка, овој тренд на нашето време се
разликува од доминацијата на специјалистите за пазарење, т.е. бизнисмените и
нивното доба, со што се движиме кон супремација на солдатите. Ние можеме да
разликуваме преодни форми, како на пр. Државата на партиска пропаганда, каде
што доминантна фигура е пропагандистот, како и Партиската бирократска држава,
во која политичката партија го врши организирањето на луѓето, чии што
апаратчици ги носат виталните одлуки. Тие се мешани форми во кои
предоминанцијата ја споделуваат монополистичката партија и стопанската моќ.
... Ќе постои
енергичнаа битка за да се инкорпорираат и младите и старите во судбинската
дестинација и мисијата на државата. Веројатно дека една од формите на
симболичко прилагодување ќе биде аболиција на „невработеноста“. Овој
стигматизирачки симбол ќе биде застарен во гарнизон-државата. Тој го навредува
дигнитетот на милионите, затоа што имплицира бескорисност на невработениот. Ова
го има и тогаш кога на „невработениот“ ќе му се даде некаков „поклон“ или ќе
биде ставен во проектите за „помош“. И тогаш егзистира стигмата дека тој човек
е некаков одвишок. Без сомнение, гарнизон-државата ќе направи разлика кон оваа
ситуација по пат на психолошко укинување на невработеноста, „психолошко“
бидејќи тоа главно ќе ссе сведува на редефинирање на симболите.
Во
гарнизон-државата ќе мора да има вработување – и должност да се работи – за
сите. Имајќи предвид дека сиот труд ќе биде јавен т.е. државен, оние кои нема
да прифатат вработување дефакто и’ се ругаат на воената дисциплина. За тие што
нема да бидат „фит“ со државната структура, има две алтернативи – да се покорат
или да умрат. Оттаму, принудата се очекува да биде потентен инструмент за
внатрешна контрола во гарнизонската држава.
Употребата на
присилба има важен ефект врз многу повеќе луѓе од тие што се директно изложени
на неа; тоа се должи на
пропагандната компонента на секоја „пропаганда на чинот“. Спектаклот на
генговите за принудна работа во затворите и концентрационите логори е негативно
средство за „конзервирање“ на моралот – негативно зашто креира страв и чувство
на вина. Принудните лабор-групи се популарни неранимајковци во милитаристичките
држави. Должноста да се потчиниш, да и’ служиш на државата, да работиш – тоа се
кардинални доблести во гарнизон-државата. Непрестајното акцентирање на должноста
е наменета да ги сузбие опозиционерските тенденции кај сите оние кои живеат под
гарнизонски режим. Секој мора да се бори да ги задржува оние пориви – свесни
или несвесни – да го крши кодексот на трудот и да им се потсмева на
перманентните барања за жртвување во име на колективниот интерес. Од најрани
години, младината ќе биде тренирана да се покорува – да не дига глас, да се
бори против секакво опонирање на владејачкиот код на колективни очекувања.
Во свеста се
всадува чувство на анксиозност и вина тогаш кога тој ќе посака да го прекрши
канонот. Кога заканата со присилба и санкциите на милитаристичката држава ќе се
интернализираат во свеста на младината, тогаш спекатклот на лејбор-генговите е
длабоко вознемирувачки. Карактеристичен одговор е брзо оправдување на
присилбената казна и молчеливо прифаќање на тоа дека сите кои се предмет на
присилба се виновни поради асоцијално однесување ...
...Во блиска
иднина, владејачките елити ќе мора да се потпираат врз пропагандата како главен
инструмент на моралот. Но, манипулацијата со симболите, дури кога се во
конјугација со инструментите за насилно принудување, не се доволни да ги
постигнат целите на владејачката група. Ние веќе говоревме за социјализацијата
на опасноста, а тоа ќе доведе до некои егалитаристички приспособувања во
дистрибуцијата на доходот, со цел конзервирање на вољата за борба, како и
заради одржување на производството.
Како продолжение
на прилагодувањето на симболите, економските добра и насилството, политичката
елита на државата-гарнизон ќе увиде дека ќе мора да направи одредени адаптации
кај фундаменталните практики на државата. Одлуките ќе мора да бидат повеќе
диктаторски отколку демократски, а сите институционални практики, што долго
време биле поврзани со модерната демократија, ќе исчезнат. Наместо избори за
парламент или референдум за одредени прашања, владата ќе се бира на плебисцит.
Изборите се плодоносни за формирањето и изразувањето на јавното мислење, додека
плебисцитот го охрабрува само едногласното демонстрирање на колективниот
сентимент. Ривалските политички партии ќе бидат потиснати, јали преку
монополизирањето на легалитетот кај една политичка партија (...) или просто со
забрана на сите политички партии. Владејачката групација ќе упразнува монопол
над јавноста, укинувајќи ја на тој начин комуникацијата на факти и
интерпретации. Легислативата исто така ќе биде суредена и доколку некакви
консултативни тела и бидат дозволени, тие ќе оперираат како обична асамблеја; тоа значи дека ќе се збираат на многу
кусо време два-трипати во годината колку да ги ратифицираат одлуките на
централниот лидершип, а и тоа, после говоранции кои што главно ќе бидат
церемонијални. Плебисцитите и асамблеите така стануваат дел од церемонијалниот
процес во милитаристичката држава.
Штом
легислацијата и повеќепартиските избори излезат вон употреба, практикувањето
петиции ќе почне да игра попроминентна роља. Носењето закони ќе прејде во
рацете на еден врховен авторитет и неговиот конзилиум; и се’ додека оваа држава преживува, таквата
агенција ќе практикува ефективна контрола (...).
Ова значи дека
инструменталната демократија ќе биде во потчинестост, макар што симоболите на
некаква мистична „демократија“ без сомнение ќе продолжат да постојат.
Инструментална демократија има секаде каде што власта и контролата се широко
дисперзирани помеѓу членовите на државата. Мистична „демократија“, стриктно
говорејќи, воопшто и не е демократија, зашто егзистира онаму каде што власта и
контролата се високо концентрирани, и покрај тоа што естаблишментот претендира
дека зборува во име на народот како целина. Оттаму, било која диктатура
бездруго може да ја слави сопствената „демократичност“ и да збори со
задоволство за „механички“ орудија како владеење на мнозинството, стекнато на
избори, кое се пресликало во парламентот.
Кои делови од
општеството ќе бидат регрутирани како политички владетели во гарнизонската
држава? Како што можевме да видиме, процесот нема да биде преку слободни
избори, ами преку себе-перпетурирање низ процес на кооптирање. Највисоките
позиции ќе бидат резервирани за офицерите, ама тука има проблем од кој сегмент
на социјалната структура тие офицери биле регрутирани. Моралните консидерации го
оправдуват регрутирањето од широките маси, наместо од некои тесни средини. Ефикасноста
ја фаворизира способноста, наспроти наследениот статус, поради што „обртот“ кај
владејачките фамилии, од генерација во генерација, ќе биде се’ помал. Секоја
повторена криза ќе ја јакне тенденцијата да се фаворизира спремноста. Јасно е
дека регрутирањето ќе ја фаворизира подготвеноста да се биде потчинет, отколку
да се биде оригинален и објективен. Макар што, во последно време, модерната
социетална машинерија има воведено нови фактори кај милитаризираната држава –
фактори кои тендираат да ги засилат објективноста и оригиналноста.
Во гарнизонската
држава, сите организирани општествени активноти ќе бидат етатизирани; оттаму, улогата на независните здруженија
ќе исчезне, со исклучок на тајните друштва (поконкретно, ќе нема организиран
економски, религиозен или културен живот вон подобните агенции конституирани од
владата). Владата ќе биде високо централизирана, иако можно е да се практицира
и деволуција, со цел справување со
опасноста од „бирократизам“. Во модерната цивилизација толку многу се говори
против бирократијата, што можеме да очекуваме гарнизон-државата да се вклучи во
таа врева. Меѓутоа, не само што административната структура ќе биде
централизирана, туку ќе постои тенденција буквално секое ниво на власт да биде
интегрирано во неколку раце. Принципот на лидерство ќе биде базичен; одговорноста ќе биде фокусирана во само
неколку индивидуални „главешини“.
(изд.The
American journal of Sociology, vol.46, No. 4 (jan., 1941) p.p. 455-468 The
University of Chicago
Press. http://jstor.org/stable/2769918)
No comments:
Post a Comment