1.
ИЗВЕШТАЈ ОД ГЛАВНОТО РАКОВОДСТВО НА НОФ ОД 7.
МАРТ 1946 ГОДИНА ЗА ОПШТАТА ПОЛИТИЧКА СИТУАЦИЈА ВО ГРЦИЈА И ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА
Внатрешната организациона положба
Што се однесува на теренот, не можевме да ги
опфатиме сите проблеми на нашиот народ и врз таа основа да ги активираме
масите. Нашите организации се млади. Им недостасува плодотворно искуство,
организациони знаења, начини и методи на работа. Но и покрај сето тоа, имавме
редица успеси и одиме напред во нашата работа. Постигнавме и масовните борби на
нашиот народ, да организираме низа штрајкови (Воден) и други движења и акции
(Лерин, Костур). Не оставивме да падне духот кај нашиот народ и покрај дивиот
терор и прогоните што настанаа и што ги врши монархофашизмот. Но и покрај сето
тоа, во никој случај не можеме да кажеме дека одговоривме на бројните прашања
што минаа и кои се’ уште постојат пред нашиот народ. Слабостите се јавуваат
поради две причини: 1) во кризите и испитите, низ кои мина нашето движење, од
идеолошки и фракционерски карактер и 2) поради недостигот од единство,
монолитност и длабоко, сигурно, активно и колективно раководство. Што се
однесува на првата причина, таа е од луѓе кои никогаш не го сакале нашето
движење, кои секогаш бегале од жртвите и страдањата на нашата борба (Леон,
Трифон, Турунџов и др.). Тие, откако отпаднаа од нашите редови, во извесни фази
низ кои мина нашето движење, правеа заговори, па и сега се против нашето
движење, имаат други комбинации, како што ќе видите од еден друг извештај што
ви го приложувам. Во многу мои извештаи јас подвлеков колку се тие
непријателски расположени против нашата борба и политичката линија на нашето
движење, бидејќи лично ги преживеав и ги запознав нивните дејства во
практиката, во животот.
Во однос на вториот случај, раководството се
расцепи веднаш по убиството на другарот Коровешов и по влегувањето на Ошенски
во раководството. Тој за цело време пред да влезе во раководството, формираше
фракционашки огништа, како меѓу емиграцијата, со разни пароли за божем неводење
грижа и неспособност на раководството, така и меѓу активистите и другите
незадоволници кај кои го разгоруваше постојано незадоволството. Со тоа имаше за
цел да создаде свои позиции, раководејќи се од своите мисли и сметките за лични
амбиции. Последните фракционашни појави (Ташко Лазаровски, Ловачов, Шишков и
др.) како и од порано недисциплинираните постапки, не се случајни настани. Тоа
се остатоци чиј извор се наоѓа таму. Штетата што ја имавме како резултат од
сето тоа е јасна. Раководството не можеше без пречки да се оддаде на својата
работа. Но и внатре во раководството тој остана носител на расцепи и аномалии,
раководејќи се од истата мисла: да создаде база за себе лично. Суштината е во
тоа што неговиот карактер не е добар. Ова може да го наведе на неправилна
дејност од секој аспект.
Друга причина што го отежнуваше развитокот на
рабоатата е фактот што раководството не беше единствено и дисциплинирано, со
подвижност и живот како орган. Многупати имавме крутост, како во нашите одлуки,
така и во нашето дејствување, нешто што негативно се одрази и во животот и во
работата на целата организација.
Независно од сето тоа што го изнесовме погоре,
поради што сеуште продолжуваат основните слабости во нашата работа, ние треба
да сториме се’ во прв ред, да одиме напред (да чекориме) зацврстувајќи го
апаратот на теренот. Треба да се даде сериозна и напорна работа за партиско и
идеолошко воспитување на теренските кадри. Ако тоа биде остварено и дури по
прочистувањата и намалувањата, што настанаа во теренскиот апарат, односно
чистењето на апаратот од неспособните, малодушните и сомнителните елементи, ќе
имаме успеси и ќе ги зацврстиме нашите организации, ќе ги направиме способни да
можат, како тие, така и раководството, да одговорат на тешките задачи што не’
очекуваат. Во исто време е потребно да водиме безмилосна борба против
остатоците на фракционизмот за искоренување на тие болести. Инаку не ќе можеме
да сфатиме и да раководиме со настаните во процесот и во разни фази на нашето
движење. Уште повеќе кога тие ќе се развијат со секавична брзина.
Исто така, едно од основните прашања што треба
да го разгледаме е прашањето на инструкторите. Денешната структура на
раководството: само двајца сме на расположение долу на теренот – јас и Џоџо.
Керамитчиев и Мината се на... Ошенски е зафатен со..., Раковски е зафатен со
агитпропскиот сеткор. Но ние двајцата не можеме да ги опфатиме сите сектори на
теренот. И друг пат известив за таквата потреба. Инструкторите ќе ни помогнат
многу во развивањето и систематската работа. Раководството ќе може непосредно и
конкретно да живее со сите потреби, со сите проблеми, сите слабости и
напредокот на организацијата на нашето движење. Уште повеќе што во денешни
услови, теренските раководства треба да бидат под постојан надѕор и контрола,
како и под будно и живо раководење. Моето мислење е дека се наложува
реорганизација и стегнување на раководството дури и со помал број лица и со
примање на инструктори.
За такви инструктори ги предлагаме следните
другари: Ѓорѓи Јанковски, Ѓеле Ајанов, Христо Кокинов и Васил Макриев...
Ако најпосле тој не може да одбие, го
предлагаме другарот Ванѓел Ничев.
7.III.1046 год.
Паскал, с.р.
2.
ПИСМО ОД ПАСКАЛ МИТРЕВСКИ ДО
НИКОС ЗАХАРИЈАДИС ОД 3 НОЕМВРИ 1948 ГОДИНА
Другар Нико,
При враќањето од средбата што ја имавме, се најдов со другарот Гого
Петрици, кадар на НОФ од Воден, кој пред 20 дена беше дојден од таму. Тој е
речиси единствениот кадар кој не заминал внатре...
Дискутирав со него и ми го кажа следното:
Една од важните причини за бегањето на кадрите е и посебната психолошка
состојба што владее таму.
Чувството на омаловажување кај кадрите на НОФ очевидно се гледа, тоа е
израз на постојната состојба.
Во единиците на Кајмакчалан – Пајак не постои ниту еден од кадрите на НОФ
кој би имал одговорна должност. Сето ова создава една посебна психолошка
празнина и атмосфера на незадоволство.
Но и на организацијата НОФ не и’ се обрнива внимание, таа како организација
не беше помогната, беше игнорирана од тамошното раководство.
Со формирањето на Народната милиција и народната власт, во тие подрачја се
унапредија кадри од НОФ и покрај предлозите што ги дадовме тогаш. Еве што вели
Гого конкретно: „Се врши еднострано истакнување. Кадрите психолошки се обземени
дека постои хегемонија на буљкистите. Доаѓаш од Буљкес и веднаш капетан или
друга одговорна работа, а потоа многу од нив му се предаваат на непријателот.
Ние кои три години се боревме, сме фрлени и доверба не уживаме“.
Секако, основата врз која го поставува прашањето овој другар, колку да е
субјективна, сепак изразува една сериозна состојба во тоа подрачје.
Во продолжение тој изнесе неколку околности што се случиле таму.
1. Во текот на офанзивите др. Мирка, секретар на Окружниот одбор на АФЖ за
Воденско, времено ја имала преземено должноста одговорна на раненоносачките.
Еднаш отишла кај интендатурата да побара нешто да јаде. Во тој момент, во
интендантурата пристигнал и Сократис Калајџидис, капетан – политички комесар,
одговорен за регрутацијата и оружјето при Штабот. Веднаш почнал да ја пцуе и да
вика со зборовите: „Гаду, зошто си дошла овде? Ќе ни кажеш дека си се борела?
Тикви си се борела, ни куршум не си истрелала. Ќе те врзам и ќе те пратам до
Воениот суд“, а во меѓувреме барал од другите јаже да ја врзе и се заканувал
дека ќе го сопаше ременот и ќе ја врзе со него.
На оваа сцена бил и Гого. Мирка во продолжение од 1945 се наоѓа во
илегалство во тој округ и е проверен борец.
2. Односот на Химарос и Фотинос спрема борците, согласно изјавата на Гого,
не бил добар. Пцуел, како што се случило со наредникот на една чета Ѓоргала. На
еден друг војник – Трајче од Чеган, му го вперил пиштолот и му се заканувал
дека ќе го убие. Другиот ден тој избегал во Југославија. Еден друг натепал. Тој
се предал кај непријателот. Името на овој последниот не му го знае.
3. Двајца грчки борци ја преминале границата и им се предале на
југословенските власти. Пограничните власти ги вратиле назад. Овие не ги дале
на воен суд, туку ги пратиле пак во единиците, додека за истиот случај една
група од 5 Словеномакедонци се осудени од Воениот суд, а потоа се стрелани.
Овој настан лошо се коментирал од народот таму. Еден друг случај, кога
други Словеномакедонци биле осудени на смрт, егзекутивниот вод одбил да стрела.
Последниве случаи Гого ги разбрал од разни информации.
Командатот на народната милиција за Воденско – Бозинос (...) го нарекол
Коста Киру провокатор. Коста Киру порано работел во НОФ као кадар, потоа бил
поставен за раководител на интендатурата во една единица.
За Сократи Калајџиди, Бозинос и Теофило постоело мислење дека треба да се
преземат некакви мерки или да се оддалечат од тоа подрачје бидејќи со таквите
постапки многу се компромитирале кај борците, кадрите и воопшто народот.
Исто така, како што ми рече Гого, во последно време, во етапи, во овој
округ пребегале во Југославија над 100 борци и раководители.
Моето мислење е дека таму, во тој округ, особено по заминувањето на
кадрите, ситуацијата е сериозна и треба да се опфати веднаш. Сум на мислење дека
како прва мерка што треба да се преземе е да се постават некои здрави и
проверени македонски воени кадри на поодговорни должности во тамошните единици.
Ако не постоја важни воени причини, мајорот Николаос Просо, кој потекнува
од тоа подрачје и служи во единиците овде, добро би било да се испрати таму.
Потоа, независно од доаѓањето на кадрите на НОФ од округот, наложително е
најитно да одат таму еден или двајца од повисоките кадри на Централниот совет,
Малиос и Мангос. Истовремено да се унапредат и други месни кадри, а ако не
можат да се најдат непосредно кадри од подрачјето, тогаш да се земат од други
окрузи и привремено да се испратат таму.
Со другарски поздрави
Паскалис
(изв. Збирка: „Егејска Македонија во НОБ 1945-1949“)
No comments:
Post a Comment