Tuesday, December 18, 2018

Блаже Ристовски: ДИМИТАР В. МАКЕДОНСКИ



1.
...Како и за мнозина заслужни историски личности, и за Д. В. Македонски, барем засега, не располагаме со датумот на раѓањето. Дури и годината уште не е уточнета. И самиот кажува дека е роден во „селото Емборе во Македонија, Битолски вилает, Сефиџенски санџак, Џумајска (Кајларска) каза“, но за датумот во пишувањата најчесто се наведува само годината 1847. Меѓутоа, во некрологот по повод неговата трагична смрт, објавен во егзархискиот орган „Новини“, што тогаш самиот го уредуваше, е дадена годината 1848 и единствено сигурниот датум на неговата ргаична смрт: 21 февруари 1898 година. Следствено, Димитар Василев Македонски е роден пред 150 години, а починал пред токму 100 години. Тоа е и поводот за нашиов свечен собир.
По завршувањето на основното грчко училиште во селото, на 17 годишна возраст, отишол кај татка си што бил на печалба во Цариград и го продолжил школувањето во грчкото Големо народно училиште, а потоа и во еден приватен грчко-француски лицеј. Подоцна учи и во Бугарското училиште при цариградската црква „Св. Стефан“. Така, покрај македонскиот, турскиот и грчкиот, постепено го совладал и францускиот, италијанскиот, германскиот и бугарскиот јазик, а подоцна и рускиот и англискиот.

2.
Токму во периодот кога учел во Бугарското училиште во Цариград, согледувајќи ја разликата меѓу македонскиот од бугарскиот и сфаќајќи ја потребата од училишта во Македонија, ученикот Димитрија Македонски се зафатил прв (по Анатолија Зографски и Партенија Зографски) да пишува учебници за Македончињата на родното македонско наречје. Така, уште на 12 февруари 1867 година весникот „Македониа“ ја објави кратката вест: „Двајца од македонските ученици во нашето народно училиште овде составуваат еден нов буквар на македонското наречје; тие повикуваат за помош од своите сотатковинци за неговото поскорешно издавање“. И вистина, некаде во првата половина на мај 1867 година се појавува во Цариград првиот учебник „ Буквар за употребение в македонски-те училишта“, како заедничко издание на Димитар В. Македонски и охриѓанецот Димитар Хр. Узунов (таткото на послешниот познат учител и илинденски револуционер Христо Узунов).
Речиси истовремено, во истата 1867 година, во Цариград (веќе како самостоен автор) Димитар Македонски го објавува и вториот учебник „Кратка свеште историја за училишта-та по Македонија (на македонско наречие). За да ја задоволи програмската потреба за учебници на народниот јазик во училиштата по Македонија, младиот Македонски во почетокот на 1868 година го напечатува и својот трет учебник „Скратен православен катехизис“, но веќе со нагласка дека е превод од грчки, дури и без наведување на авторот на преведувачот и издавачот.
Сите овие учебници се појавуваат непосредно пред серијата учебници „на македонскои наречие“ од Кузман Шапкарев и цела деценија пред оние на Венијамин Мачуковски и Ѓорѓија Пулевски. За жал, денеска сеуште располагаме само со примерок од вториот учебник „Кратка свештена историја за училиштата по Македонија (на македонско наречие)“. Можеме само да претпоставиме дека и јазикот на другите два учебника не се разликувал од употребениот јазик во овој. Тоа беше навистина продолжување на традицијата од учебниците на Анатолија и Партенија во однос на основата во западномакедонските говори, но и во однос на именувањето, а исто така и во духот на концепцијата за единствен официјален јазик на Македонците и Бугарите, по примерот на Виенската спогодба на Србите и Хрватите од 1850 година за заеднички српско-хрватски литературен јазик...

3.
Бидејќи располагаме само со еден од трите учебника на Македонски, ќе се задржиме накусо на него. Полниот наслов, со сите библиографски податоци, гласи: Кратка свештенна историја за училишта-та по Македонија (на македонско наречие) од Д. В. Македонскиј, Цариград. Во книгопечатница-та на Македонија. 1867. На третата страница, меѓутоа, насловот на учебникот е значајно изменет: Свештена историја за малките македочина.
Содржината на насловите може да се види од насловите на поглавјата: Направение на света (стр. 3), Први човеци: м‘ж и жена (4), Грех’ на првите човеци (4), Адамови синови и внуци (5), Ноеви синови и внуци (6), Авраам и син му Исак (7), Иаков и синове-те му (8), Израилтјани-те во Египет (9), Израилтјани-те излезвајат из Египет (10), Божиј закон (11), К‘ивот Ск‘инија и Левити (12), Судии и први цареве (13), Царството се делит на две (13), Пророци (14). Потоа следи Н о в и ј  з а в е т (15) – од Рождение Христово, па се’ до Вознесение Христово и уривание на свјатиот дух (22), Распространение Христовото учение ( 22) со Крај на Новиј завет (23), За крштене-то на Бугари-те (24) и Истинско с’битие за Блгарска-та патријаршија (27-28).
И овој учебник е правен по системот прашања и одговори, а за да се види како изгледа тој, како учеле нашите претходници и каков е јазикот и правописот на учебникот, ќе наведеме мала одломка од почетното поглавје за Стариот завет („Направение на света“):
Питание. Кој е создал и направил света и от што?
Отговор. Господ создал и направил света от ништо, само со дума и го наредил и устроил во шест дни.
П. Што е направил во првиј ден?
От. Во првиј ден направил небе-то, земија-та и сетне светлина-та.
П. Што во вториј ден?
От. Во вториј ден твр‘д (јагчина).
П. Во третиј ден што направил?
От. Во третиј ден отделил вода-та од суша-та.
И така во 24 поглавја Македонски ја претставува целата Библија. Интересно е поглавјето со текстот „Крштене-то на Бугари-те“ (24-26), каде што се гледа тогашната историска свест на писмените Македонци и идеологијата за современата состојба и идниот развиток. Иако името Бугарин се прифаќа како обединувачко за Бугарите и Македонците, па во тој правец се прави и заедничкиот јазик, сепак е видлив стремежот да се потенцира она што зборува и за посебноста во историјата и во современоста. Сето тоа е дадено во рамките и духот на историјата што ја посредуваат Јован Раиќ и Паисиј Хилендарски, но и на тогаш расположивите српски, руски и бугарски учебници.
Се тргнува од староседелството на Словените во Македонија што као проблем беше многу важно во актуелната борба против грчките претензии. Како впрочем и сите учебникари од неговото време (се’ до Пулевски), и Д. Македонски бугарското обележје го употребува со значење на словенско, но е видливо настојувањето да се специфицира и да се издели историјата на Македонија од онаа на Бугарија, давајќи и предимство на македонската.
Така, уште со првото прашање за времето на покрстувањето на „Бугарите“ (земајќи ги заедно Македонците и Бугарите), авторот одговара: „Едни од них се крстиха оште в првиј век потем Рождество Христово, туку понеже ова нихно крштение беше чјастно, за това тија се наричаха оште јазичници“. И за да уточни „Кои се онија Бугари, што се крстиха в началото на првиј век потем Рождество Христово“, Д. Македонски одговара: „Тија се Бугари-те што живејат в Македонија“.
За да го аргументира ова порано покрстување на Словените во Македонија, потпирајќи се на податоците од Новиот завет и писмата на апостолот Павле, сакајќи да ја потенцира не само староста, туку и светоста на ова покрстување, на прашањето: „От кого се крстиха они?“, авторот го нагласува одговорот: „Од Апостола Павла, којто најнапред проповедва в Солун и Филипи, и като им направил христиенски цркви и ракоположил Еписокопи отишел в Ахаја и от тамо в Атина“.
Овде не случајно се потенцира дека дури по покрстувањето на Македонија апостолот Павле отишол во Атина. Важно беше во тој историски момент да се истакне се’ што можеше да го засени „првенството“ на Грците. И сето тоа требаше да се поврзе и со солунските просветители Светите Кирил и Методија, па затоа на прашањето „Чие е татковина Солун?“, авторот одговара: „На свети-те и изобретели-те на Славјанска-та азбука, Кирила, којто во монашество-то си се нарече Константин, и на постариј-‘т му брат Методија“.
Во моментот кога Славка Динкова со целото семејство, со помошта на словенска Русија, се мачеше да го афирмира словенското училиште во Солун и да го претстави историското право над овој важен град, бездруго било многу битно да се истакне токму словенскиот карактер на овој центар уште во старите епохи, заради што подробно се раскажува историјата на школувањето на на Браќата „во татковина-та си Солун“, дека тие се синови на „едного Солунскаго велможа, што се наричаше Лев, а жена-та му Марија“, дека дури после учел заедно со грчкиот цар Михаил III кај Фотија, каде што добил „духовно звание и после се скрил во пустина“,
За да се истакне пак предимството на Охрид и учеството на Македонија во создавањето на светските културни вредности, Д. В. Македонски го искористува преданието за Јустинијана Прима и на прашањето за Кирила: „Али остана за много време?“, поврзува: „Не; народ-от понеже желал за него, тој се врнал и се сторил учител на философија-та и книгохранител на Света Софија, црква направена од Јустинијана Охридскиј“.
Но, како што правеше и Ѓорѓија Пулевски во својата „Славјаномаќедонска општа историја“, и младиот Македонски оценил дека е мошне корисно да се истакнат и извесни државно-правни традиции кај македонскиот народ за да се поткрепат сопствените стремежи. Затоа авторот ја искористува биографијата на Методија за да се нагласи постоењето на словенско кнежевство во Македонија во границите на Византија, па на прашањето: „какво воспитание е зел“ Методија, одговара: „Тој зел домашно воспитание, и бил во воена служба дору и неколку години управљавал ‘Кнјажение Славенско’, сир. бил управител во славено-грцката област“.
Особено е видлива оваа тенденција во потенцирањето на древноста, светоста и разграничувањето на христијанската цивилизација и култура во Македонија наспроти значително подоцното (по завладувањето и на Македонија, во 865 год.) покрстување на Борисова Бугарија, како процес што и суштествено се разликува од оној во Македонија: додека во Македонија, како што забележа К. П. Мисирков подоцна, тоа покрстување одело уште од првите години на христијанството и течело одоздола нагоре, во Бугарија тоа станало осум века подоцна и со обратен правец, бидејќи првин тајно се покрстил Кнезот Борис и потоа болјарите и народот. Посебно е значајно што кај Македонците тоа се направило постепено и без потреси, додека кај Бугарите тој чин се извршил со многу крв и наеднаш во државата. Како фактори за покрстувањето Д. В.. Македонски ги наведува византискиот император, којшто „му се стори нунко (крстник)“ и сестрата на Бориса што била „робкинја в Цариград“. Но и овој чин не можел да мине без непосредното учество на светиите од Македонија што на одреден начин го одразува тогашното историско сознание: „Свјатиј Методиј, којто во онова време се нахождал во Римскиот двор, чјувештаем оти Борис сака да примеме христиенска-та вера, доиде во Бугарија и го крсте со синове-те му и некои од дворјани-те му до педесет души тајно во една вечер“. Но кога во 865 - 866 година бил покрстен целиот народ во бугарската држава, Македонски раскажувањето го завршува со приматот и просветителската улога на Македонија. На прашањето: „После Борис што направи?“, следи одговорот: „Прати до грцкиот цар да му испрате учители од оние Бугари, што живееле по Македонија, и на Свјати Кирил и Методија заповеда да преведат на Славјанскиј јазик сичките црковни книги и тие исполниле желание-то на цар-от и народ-от“.

4.

(изв. „Димитар В. Македонски во македонската историја и култура“, по повод 150-годишнината од раѓањето и 100-годишнината од смртта 1848 – 1898; МАНУ 1998 год.)

No comments:

Post a Comment