Предговор
III
Враќајќи се во Охрид, Прличев е пак учител во грчко училиште. Иако се
сеќаваат први знаци на будење на населението, фанариотите во градот, на чело со
„највлијателниот чорбаџија“ Владиков и новоназначениот омразен владика Мелетија
(оној што пред тоа ги прати Миладиновци во цариградските зандани, а комушто
охриѓаните му извадија прекар Налетија, т.е. проклет), уште ги држат сите
позиции во црковно-училишните работи. „Уште од 1861 година го почнавме со
Јакима Сапунџиев народниот подвиг, но го почнавме глуво. Времето уште не беше
згодно“, бележи Прличев во Автобиографијата.
„Народниот подвиг“ – тоа е борбата на охридското граѓанство за воведување на
народниот јазик во училиштата и црквите наместо грчкиот, а на поширок план:
борба за ослободување од духовниот гнет на Цариградската, грчка патријаршија.
Таа борба, во која се вклучува пред се’ поразбуденото, економски закрепнато
граѓанство, со текот на времето се’ повеќе се разраснува. По пет години, во
1866 година, се јавуваат веќе поопипливи резултати од таа „глува“ борба. Летото
таа година ќурчиските трговци и занаетчии (забележано е дека во 1863 г. в Охрид
имало сто и педесет ќурчиски дуќани со осумстотини работници), по иницијатива
на Прличев, основаат каса на која средствата и’ се наменети за „народниот
подвиг“. Прличев оттогаш развива голема општествена дејност. Тој држи, на
народен јазик, слово на собирите на граѓанството. Едно од тие слова, она за
Климента, ќе биде објавено во цариградскиот весник „Македонија“ (од 22 јули
1867). Следната година тој ќе објави во истиот весник (од 24 мај), заедно со
споменатиот Ј. Сапунџиев, овој пат на грчки јазик, напис за состојбата на
школството во Охрид. Сеќавајќи дека е слаб во писмениот јазик што тогаш, преку
цариградските бугарски весници и други публикации, се ширеше во Македонија, а и
воопшто во црковнословенскиот јазик, Прличев со согласност на првенците во
„народниот подвиг“, заминува за Цариград за да се поучи „на словенски“. По
петмесечен престој (учи кај бугарскиот учител и журналист Иван Најденов),
Прличев се враќа кон крајот на годината в Охрид, и тогаш набргу почнува
воведувањето на народниот јазик во цркви и училишта. Оваа акција, управена
директно против интересите на великогрцизмот, против Цариградската патријаршија,
ја пресекуваат фанариотите. Владиката Мелетија го наклеветува Прличева пред
турската власт, и таа го затвора. Прличев поминува извесно време низ тортурите
на дебарската зандана, потоа кај дебарскиот владика, и во април 1869, како
морален победник, се враќа во Охрид. Фанариотите претрпуваат пораз, владиката
Мелетија е изгонет. Семето посеано од Прличев и другите учесници во „народниот
подвиг“ даде плод. „Правдата восторжествува. Победата беше свршена“, ќе напише
Прличев во Автобиографијата. Не мала
заслуга за таа победа, за тоа освестување на охридското население, има Прличев.
Ангажирајќи се се’ повеќе во борбата за слобода и непречен духовен развиток на
народот, Прличев станува пламенен борец против великогрцизмот.
Во годините 1861 – 1869 тој речиси наполно се одделува од литературното
поприште. Причините за ова треба да ги бараме пред се’ во Прличевата
општествена дејност што во текот на времето го окупира сиот, а потоа во бавното
и многу болежно преориентирање кон друг јазичен медиум за литературно творење.
Формиран и како поет и како интелектуална личност врз традицииите на грчката
култура и грчкиот писмен јазик – од омировските времиња до нему современиот (а
тој, познато е, содржел низа елементи од постарите епохи) Прличев не можел да
се сврти директно кон народниот јазик, сиот нарасен со турцизми и грцизми, и
него да го исползува за поетско обликување. Тој ја пригрнал пишаната словенска
реч, особено онаа што му се претставувала во црковните книги, па затоа една од
неговите попознати песни, песната „Хиљада и седемстотин шестдесет и второ лето“
(којашто во повеќе варијанти долги децении по смртта на поетот се пеела, а и
сега може да се чуе в Охрид) има, покрај македонска јазична основа, и елементи
бугарски и црковнословенски. Кога зборува усно, пред своите сограѓани, Прличев
инаку мајстор на словото, се служи со чист народен говор: „... А ние бедни, -
вели тој во „Слово на Русална среда“, - само името го слушаме оти викает
светено писание, а што пишит во него, баре хабер немаме. Се пеет, а ние не
разбираме, туку стојме како зграгорени, јазик свој си имавме и го погазивме,
сите народи си учат на свој јазик, а само ние учиме јазик чужџи и најм‘чен.
Децата пеет на училиште и не разбирает, затова учет без севда и слепи
останвет“. Но кога пишува, тој свесно се стреми јазикот да му биде колку што се
може поодалечен од народниот, доближен до писмениот јазик на добиваните
бугарски публикации. Тука е коренот на заблудите на Прличев во однос на јазикот
што ќе му служи како медиум за литературно творење. Подоцна тие ќе најдат израз
во идејата на Прличев да се создаде еден општ словенски писмен јазик, еден вид
„словенски есперанто“. Во ракописот „Критик и преведувач“, што ќе остане, како
и многу други негови ракописи, необјавен дури е жив поетот, Прличев вака ќе ја
обоснове својата концепција за општ словенски писмен јазик: „Една е словенската
граматика – вели тој – и ќе настане време кога едно општо наречие (употребено
од учените) ќе ги сврзува сите словенски племиња. Тоа може да е сон, но е нужда
велика. Тоа е идејата што ме побуди да ја следувам, уверен дека други ќе го
завршат тоа дело. Мие, грчки воспитаници, не сме опитни во никое од словенските
(...) наречија и, особено во бугарското, за што сме лишени од добар речник.“ Од
каде вакви мисли кај Прличев? Не занел ли тој дека повеќето словенски народи во
негово време имаат веќе развиени литературни јазици и богата литература? Знаел,
но в услови во кои се наоѓал, сеќавајќи ја неразвиеноста на писмениот бугарски
јазик, а стремејќи се да дејствува на литературен план, Прличев сакал
словенскиот јазичен медиум како таков, достојание на сите Словени, да му го
противстави на грчкиот јазик, на јазикот на Омира, што го владеел толку
совршено.
Следната деценија во животот на Прличев 1870 – 1880, кога ја пишува Мечта на еден старец, - исполнета е со
обиди на некогашниот поет да се врати кон литературното поприште, кон
поезијата. Посебен поттик во тоа му дава редакцијата на штотуку основаното
цариградско бугарско списание „Читалиште“: таа го поканува да се зафати со
преведувањето на Илијада. Прличев
воодушевен од поканата, пристапува кон препевањето на овој бисер на светската
поезија. Праќајќи му на списанието дел од препевот, тој му пишува: „...Да се
преведе Хомер е едно од најзнаменитите дела што би докажало дека нашиот народ
напредува... Но знаете дека Хомер е долгословец и многупати дреме. Ќе се
потрудам, по возможност, да ги одбегнам неговите недостатоци. Ќе бидам строг
кон се’ што е излишно... Не ќе напишам ниеден стих излишен или студен, така што
дејството да врви со исполински чекори... Би било безумно да преведувам
точно, буквално. Тогаш мојата цел никако не е постигната. И така, преводот ќе
биде слободен.“
Еве го почетокот од Илијада (Песна
прва) во објавениот препев:
„Пеј ми, Музо, јарост
Ахлеева,
Тја ми беди устром Елином
Тја ми испрати в адови т‘мници
Неброими души јуначески.
Тја насити со меса јуначки
Псине гладни и хиштнине
птици,
Се вршеше воља Зевсова.“
Прличев се решил Хомеровите хексаметри да ги преточи во десетеричниот стих
од народната поезија, се сеќава во препевот структурата на народниот јазик „со
меса јуначки“, „псине гладни и хиштнине птици“, а има и понекој бугарски збор и
црковнословенска падежна форма.
Објавувајќи ги првите две песни од препевот, редакцијата на списанието,
тргнувајќи секако од своите интереси, уште во почетокот го поздравува препевот
на Прличев како „книжевно дело што ќе направи епоха во нашата народна
книжнина“. Меѓутоа, во браилското „Периодично списание“ (г. I 1971, кн. 4) Нешо Бончев, временски прв
литературен критичар кај Бугарите, го подлага препевот на жестока, наместа дури
и иронизаторска критика. Прличев според него, „не го преведувал Омира, туку
острижен им го предложил на Бугарите и го дополнил и украсил по свој вкус“.
Бончев удира особено по јазикот на Прличева и по неговиот начин на препевање,
по произволните скратувања на Илијада.
Во ред свои ставови критиката на Бончев е правилна, најмногу во она што го
почувствувал подоцна и самиот Прличев: „Критикот пишуваше долго против мене. Не
требаше толку. Бидејќи сакаше да ме порази и да препорача свој превод, можеше
да го каже само ова: ‘Прличев не знае бугарски’, и тогаш јас навистина ќе бев
поразен“.
...
*
* *
Неверојатен трагизам го следи животниот пат и делото на нашите поети од
Преродбата – Константин Миладинов, Рајко Жинзифов и Григор Прличев. Сите
тројцата, несомнено творечки личности, го носат во себе проклетството на
условите во кои живееше нашиот народ во нивно време. Константин, заљубеник во
народната поезија, ќе го почувствува правилниот пат за својот поетски развиток,
ќе се опре врз метриката и изразните средства на народната песна, ќе тргне од
неа, ќе направи и успешен обид да се оддели од неа во прекрасната „Т‘га за
југ“, цврсто држејќи се за народниот јазик, но – набргу ќе угасне, заедно со
брата си Димитрија, во цариградските зандани. Рајко, заљубеник во руската
поезија, ќе се заплетка, далеку од својата татковина, во обидот да твори на
еден вештачки бугарско-македонски јазик, и тој мртвороден јазичен хибрид ќе го
погуби поетот и ќе ја скове неговата поезија. Григор, заљубеник на Омира и на
класичната грчка поезија, ќе се извиши како поет најмногу од нив: ќе создаде
една бесмртна поема но – на туѓ јазик. По отфрлањето на туѓиот јазик, поетот
Прличев, обидувајќи се да твори на словенски, ќе знае само за порази и
разочарувања.
Беспорно, трагедијата на Прличев е најполна. Но таа како да е само негова,
лична. Нам тој ни го остави своето литературно дело и својот борбен лик. По нив
нека го го цениме. И го оценивме: Со Сердарот
тој е едно од највидните имиња во летописот на нашата литературна мисла; со
својата саможртва и борба за слобода и напредок тој достојно му се оддолжи на
својот народ.
Тодор ДИМИТРОВСКИ
(изд. Македонска книга – Скопје, 1967 год.)
No comments:
Post a Comment