Monday, December 24, 2018

МИЛАН ЃУРЧИНОВ:Поговор - ЗЛОСТОРСТВО И КАЗНА


БУНА, ПОРАЗ, ТАГА НИЗ ВЕЛЕГРАДСКИТЕ САМРАЦИ
(Ф. М. Достоевски и неговиот роман „Злосторство и казна“)

            Јас мислам дека вистински големите луѓе
            носат во себе голема тага
            Родион Раскољников

...Но, ако намерите на писателот во ова, како и во другите негови дела можат за нас да имаат само едно релативно и второстепено значење, факт е дека романот во круговите на универзитетската руска младина од тоа време бил примен со негодување, протести и бил сфатен дури како клевета. Секако дека најзначаен и најсимтоматичен во тој поглед е приговорот што на Достоевски му го упати Писарев во својата статија „Борба за живот“, во која големиот руски критичар категорички ја порекнува секаквата блискост на сфаќањата на Раскољников со идеите на младите руски револуционери, укажувајќи дека до својата „теорија Раскољников не дошол поаѓајќи од погледите на нихилистите, туку од својата безизлезна материјална положба, својата обесправеност и потиснатост...“ Се разбира, можниот расчекор помеѓу намерите и реализацијата и овде битно не ја менуваат состојбата на нештата, бидејќи е очигледно дека богатата скала на можните решенија произлегува превосходно од оние внатрешно и длабоко зацртани текови низ кои поетиката на Достоевски бара одговори на големите вознемирени и општочовечки прашања, што може без прекин да се поставуваат. Едни од нив гласат: ШТО МОЖЕ ЧОВЕКОТ, ШТО ТОЈ СМЕЕ, ШТО ТОЈ ЗНАЕ ЗА СЕБЕСИ? Поводите, притоа, одвај да имаат некое порешително значење. Тие се само почетниот тласок што ја поставува во движење мислата што трага по најскриеното, најдискретното, судбинското, универзалното. Она од кое е испреплетен, скован, одреден и осмислен човекот низ своите неуморни исконски чекорења, паѓања и извишувања под ѕвездите.
Постојат многу индиции што дозволуваат романот „Злосторство и казна“ да биде согледан низ призмата на оние етички и идеолошки постулати што Достоевски во времето на шеесетите години им ги противставуваше на револуционерните демократи и со кои полемизираше на страниците на своите претходни белетристички и публицистички дела. Оваа конфронтација што се одвива на широк филозофски план има непосредна, конкретно-историска основа: со истата пламена заинтересираност како и пред робијата (кога се наоѓаше на другата страна на идеолошкиот фронт) Достоевски ги следи крупните промени во рускиот живот што сега, во настанатите услови по Реформата, добиваат уште подраматичен карактер. Распаѓањето на стариот селански бит, паразитскиот карактер на дворјанската класа и особено: бруталниот продор на буржоаските сфаќања за предоминацијата на личниот интерес и немилосредниот закон на парата и капиталот – сето тоа влегува најживо во кругот на неговите интересирања, и ги детерминира многубројните јазли во романот „Злосторство и казна“. Достоевски комплексот на новонастанатите социјални проблеми го поставува во нивниот природен и типичен амбиент – големоградскиот простор, а својата примарна творечка задача ја согледува во разгрнувањето на фантасмагоричната слика на големиот град, во кошмарните визии на големоградската беда и безизлезност, во проекцијата на градот како симбол на распаѓањето, концентрат на социјалните зла, етичките деформации и психолошки изопачености – и многу пошироко – градот како извор на вирусната идеолошка епидемија што се шири и ги зафаќа сите слоеви на Русија. Несомнено дека и историјата на бедниот студент Родион Раскољников и неговата безумна теорија во името на која ја убива бедната старица, како и кошмарниот тек на неговите психолошки и морални страдања по извршеното убиство имаат за писателот значење како драматична проекција на една вознемирена свест што се заплеткува во сопствените умозрителни конструкции и залудно бара пат среде големоградските безизлезности. Со право појавата на една ваква необична тема историчарот ќе ја води во нејзината зависност од социјалниот контекст на руското општество во средината на шеесетите години, времето на брзите промени и големите надежи во ослободувањето на личноста и нејзините неограничени можности, како и сложените проблеми на нејзините односи со средината. Во својот роман Достоевски ја поврзува директно критиката и осудата на буржоаскиот индивидуализам со критиката на „Наполеоновската личност“ како симбол на современиот индивидуализам, заснован на егоистичките претензии и правата на „силната личност“. Така погледнато, имаме многу причини во Раскољников да гледаме еден од типичните претставници на „младиот човек од втората половина на 19-тиот век“ чија животна судбина има далеку пошироко значење. Психолошката историја на злочинот и моралните и психолошки последици за оној што го извршил несомнено и денес има голема привлечна снага за читателот. Неговата идејна суштина, меѓутоа, произлегува од обидите на Достоевски, осудувајќи ја дрзната мисла, „идејата“ и „бунтот“ на Раскољников, да го осуди секаквиот обид социјалните и било кои други неправди да се решаваат по насилен пат. На таков начин, престапот на Раскољников добива едно пошироко идејно и филозофско значење: злочинот се изедначува со обид за револуционерно менување на стварноста, казната е опомена кон сите што кон едно такво менување стремат. Раскољников, кој како повлечен големоградски осаменик и мизантроп нема никакви симпатии за револуционерните активисти, се изедначува со рушителите на редот и поредокот, со дрзните младичи што сонуваат за нереди, пожари и сеопшти деструкции. Неслучајно во текот на мачителните испитувања и дијалози со полицијскиот иследник Порфириј Петрович, последниов ќе забележи: „Значи, станува збор за работа фантастична, мрачна, современа, карактеристична за нашево време, кога се заматува срцето човечко...“
Раскољников непрестајно се колеба во однос на централниот мотив на злочинот: а) дали посегнал кон убиството поттикнат од желбата да им помогне на своите блиски (мајка му живее во тешка материјална беда во провинцијата, сестра му е принудена да работи кај спахии што ја понижуваат) и да ја олесни нивната материјална положба или, б) ја убил старицата за да ја провери својата ИДЕЈА, за да се провери себеси, т.е. за да установи дали и тој им припаѓа на фамилијата од исклучиви, големи луѓе во историјата, што минуваат низ секакви пречки за да постигнат одредени цели. Но, оваа подвоеност го измачува јунакот дури по извршениот злочин. Од уводните глави на романот се гледа дека „теоријата“ на Раскољников се раѓа во прво време само „во мислата“, без секакви практични планови, дури без поконретна замисла за нејзината реализација. Дури подоцна, откако ќе го однесе прстенот во залог на старата лихварка, откако во кафеаната ќе го потслушне разговорот помеѓу офицерот и студентот и нешто подоцна ќе го добие писмото од мајка му во кое та го известува за својата тешка имовна состојба – во него созрева решеноста да го изврши злочинот. Се разбира, сега „теоријата“ на Раскољников што опсесивно го обзема има примарна улога. Според Раскољников, сите луѓе се поделени на две групи: на обични луѓе што го поминуваат животот во послушност, покорувајќи им се на животните околности и на „необични“ и силни луѓе што поминуваат преку законите и нормите, без оглед на средствата со кои се служат, луѓе на кои им е дозволено се’. Развивајќи ја својата теорија за силната личност Раскољников смета дека на таквата личност се’ и е дозволено, таа има право да ги руши моралните норми за остварување на повисоки цели. Во мислата на Раскољников престапот добива ореол на пат кон добродетелта, начин да се превозмогнат и отстранат несправедливостите на животот. Во градењето на својот систем Раскољников се потпира на историските аналогии, од кои онаа со примерот на Наполеон треба да биде и најубедливата: развитокот на човештвото според него бил овозможен токму поради фактот што историските водачи не ги почитувале, туку ги рушеле моралните норми пропишани за масите. Оттука јунакот на Достоевски изведува заклучок дека силната личност има право да ја наруши моралната норма и да мине, ако е потребно, и преку човечки жртви, за да ја оствари благородната цел. За да докаже дека и самиот му припаѓа на кругот на „необичните“ и „избраните“ луѓе, Раскољников и одлучува да ја убие својата лихварка.
Сето она што во романот се случува по стореното убиство треба всушност да го покаже сломот на „теоријата“ на Раскољников. Казната започнува со „саморазрушувањето“ на личноста, сознавањето на големата заблуда. Навидум ситни детали при извршувањето на злосторството добиваат опоменувачки значења; рационалната шема, подготовките, минуциозната подготовка на страшниот чин, сето тоа е демантирано веќе во мигот на злосторството. Покрај старицата, Раскољников е принуден, по сила на околностите, да ја убие и нејзината придружничка Лизавета. Веќе со тоа неговата „испланирана“ идеја е разнишана. Животот се покажува посложен, понепредвилив од било каква рационалистичка замисла. Сведувајќи ја суштината на нихилизмот кон „наполеонизмот“ и теоријата за силната личност, писателот ја сведува и изедначува рационалната замисла и злосторството со позитивистичките проекти за разумното уредување на животот. Сломот на злосторникот е тука да го имплицира сломот на сличните рационални потфати што „во името на општеството и напредокот“ го водат човекот во морална запустеност и душевен хаос. Раскољников е исфрлен од цврстото стојалиште поради низа непредвидливости. Но, неговото душевно разлагање е плод на непредвидливоста што стореното злосторство ќе предизвика, пред се’, во него самиот. Казната настапува не само како сенка на одмазда што однадвор му се заканува, туку како страшилиште што свива легало во најинтимниот кат од душата и таму копа, рие, уништува. Се разбира, тој за тоа во прво време не е свесен. Верува дека она што се случува во него е времена психолошка конфузија. Во очекувањето таа да се разбистри, тој се’ уште се бави со сопствената теорија и во последиците по злосторството, ја испитува нејзината употребливост. Сфаќајќи дека нема човечки сили да ја продолжи во нејзините конзеквенци, тој изјавува: „Јас не убив човек, туку принцип“. Уште извесно време, тој се залажува со долемата: му се чини дека она што се случува со него можеби и не значи порекнување на теоријата за „правото на силниот“ туку само докажува дека тој самиот е слабо и бессилно суштество, ништожество, т.е. погрешно одбран субјект за проверка на теоријата. Долго време тој не е начисто: она што се случува, сведоштво ли е за крахот на самата теорија или едно ново сознание за неговата сопствена лична немоќ. Натамошнот тек на романот ја открива доследно пустошта што го преплавува. Лишувајќи од живот две човечки суштества, одлучувајќи се на грозниот чин, тој наеднаш се разединува дури и од она што му беше најблиско, се оттуѓува од се’ живо, останува безнадно апатичен и празен. Наеднаш открива дека е нечувствителен и рамнодушен кон мајка си и сестра си. Кон оние чија зла судбина му служеше како аргумент да се одлучи на злосторство! Обидувајќи се да се постави надвор и над законите на општеството, се оттуѓува од самиот себеси. Соња Мармеладова точно ќе го изрази тоа: „Мислеше да ја убиеш старицата, а се уби самиот себеси“. Оттуѓеноста на Раскољников е бездруго најтешката последица на казната што го погаѓа злосторникот. Се може да се поднесе, не и можноста да се живее со злосторството зад себе. Во писмото до Катков, објаснувајќи го своето дело, писателот самиот ќе забележи: „Раскољников е принуден сам да се пријави. Принуден е бидејќи макар и да загине на робија, за него е најважно: одново да им се приближи на луѓето – чувството на разбиеност, разединетост со сето човештво што го осети веднаш по извршеното злосторство, го исцрпува до крајни граници“. Со то станува очевидно дека проблемот на казната Достоевски настојува да го согледа многу пошироко од неговата јуридистичка основа. За него таа е првенствено во моралното и психолошкото оптеретување кое во романот бара катарзично разрешување. Тоа разрешување авторот ни го дава во финалниот дел на романот кој е несомнено најпроѕирниот симптом на авторската идеолошка тенденција. Покајувањето што знаачи смирување на гордиот човек во духот на христијанската етичка теза, значи за Достоевски единствено можен крај за драматичната историја на осамениот и честољубив злочинец, кој дури на робија треба да ја сфати својата голема заблуда. Таквиот крај е всушност почеток на новиот морален и психолошки развиток на главниот јунак на романот.
Но, Родион Раскољников не е единствениот главен јунак, барем не по тоа како писателот го води и завршува својот роман. Неговиот пораз, кој во почетокот не изгледа неминовен, се оцртува во својата детерминираност дури на фонот на втората главна тема што писателот ја развива паралелно со  историјата на злосторникот – темата за злосреќното семејство на пијаницата Мармеладов среде кое, колку што романот се одвива, ликот на Соња Мармеладова добива се’ пофункционално и, за расплетот на романот, бездруго првостепено значење. Идејната и филозофска проекција на поставениот проблем добива свој вистински волумен, потресувајќи не’ со својата драматичност и сила, дури со сопоставеноста помеѓу двете човечки личности што се нашле на спротивните, но совладливи полови на општествената норма – злосторникот и убиец Раскољников и бедната, отфрлената, изгубената проститутка од темните сокаци на предградието – Соња!...

Милан Ѓурчинов

(изд. „Кочо Рацин“ – Скопје, 1965 год.)

No comments:

Post a Comment