Friday, November 11, 2011

БИТКАТА КАЈ ХЕЈСТИНГС 1066 г.


Една од најпресудните битки во англиската историја, Хејстингс, е всушност кулминација на етничката драма што се случувала на Британските острови претходните децении. По смртта на Данецот Кнут 1035 г. се поставило прашањето за наследникот на англискиот престол. Неколку етнички заедници претендирале на круната: Саксонците кои живееле во јужна Англија, Данците кои формирале кнежевство на североистокот од земјата, викинзи од Норвешка и франкофонските Нормани од горна Франција, кои биле наследници на Скандинавците што, во IX и почетокот на X век, дивееле по Галија. Како што беше спомнато, во бракот меѓу Саксонецот Етелред и Норманката Ема, се родил Едмунд Цврстиот. Меѓутоа, по смртта на Кнут и неговите синови Харалд и Хартакнут, од Нормандија бил повикан помалиот брат на Едмунд – Едвард Побожниот. Овој се нафатил на кралската реабота, но бил премногу религиозен и затоа државничките работи му ги препуштил на способниот Ерл Годвин. Овој средновековен „премиер“ имал силни врски со сите важни политички центри од европскиот Северозапад. Особено била јака релацијата со Фландрија, каде што неговиот син Тостиг бил оженет за Јудита – ќерка на фландрискиот гроф Балдвин. А, пак, ќерката на Годвин, му била жена на самиот англиски крал Едвард.
По смртта на Едвард Побожниот во јануари 1066 г. англискиот совет за нов крал го избрал популарниот Харолд II, исто така син на лорд Годвин, кој што, инаку, по смртта на татка си 1053 г. станал „шеф-министер“ на кралот. Тоа го разбеснело како неговиот брат Тостиг, така и норманскиот војвода Вилијам, кој што бил крвно поврзан со кралската династија од Весекс. Исто така, Вилијам го спасил Харолда во 1064, кога вториов доживеал бродолом. Спасениот Саксон изјавил дека, по смртта на кралот Едвард, ќе се заложи круната да ја добие Норманот Вилијам, а таквото ветување го прекршил. И така, Харолд добил двајца ривали: брат му Тостиг и Вилијам Освојувачот, кои од две страни – од север и од југ - се устремиле кон Англија.
Тостиг се упатил кон североисточниот регион, од каде што го повикал норвешкиот викинг Хардрада на помош, ветувајќи му ја за возврат саксонската круна. Харолд II решил веднаш да расчисти со викинзите и затоа повел голема војска кон Јоркшир. Онде го пречекала здружената војска на Тостиг и Хардраде, со која на 25 септември се судрил кај Станфорскиот мост. Англо-саксонскиот крал однел тешка победа. Веднаш по победата, тој узнал дека на Југот го чека нов предизвик – Норманите. Неговите курири го известиле дека Вилијам се готви за истоварување во Сасекс. И затоа Харолд итно се запатил кон Лондон, со цел во големиот град да ја обнови својата – од Станфордскиот бој - прилично десеткувана армија.  Истоварувањето се случило на 28 септември 1066 г., додека големата битка ќе се случи набргу после тоа. Англо-саксонецот Харолд ја знаел тактиката на Норманите и можностите на нејзината коњица, така што решил да избегнува фронтален контакт. Затоа тој претходната ноќ се утаборил на едно брдо, од кое неговата пешадија можела поефикасно да дејствува. Според податоците од www.battle-of-hastings-1066.org.uk, Вилијам Освојувачот атакувал со три колони: левицата ја држеле Бретонците, центарот Норманите, додека на десното крило се наоѓале Фландријците. Првиот ред го сочинувале стрелци, вториот копјаници, а третиот коњаници. Првиот налет бил отфрлен, исто како и вториот, па Вилијам прибегнал кон воено лукавство. Глумејќи бегство, тој намамил дел од Англичаните во подножјето на ридот и ги разбил. Ова значително ги проредило редовите на Харолд и Норманите се здобиваат со премоќ. Пресуден момент на големата битка била Харолдовата погибја, кому стрела му се забила в око. До 15 часот, отпорот на саксонците бил скршен.
Битката кај Хејстингс е клучен момент во англиската историја. На 25 декември 1066 г. Вилијам е крунисан за крал, а нговата жена Матилда ќе стане кралица две години подоцна, 11 мај 1068. Претходното лето, против Норманите востанала Харолдовата мајка Гита, а 1070 г. брат му Моркар, ама обете буни биле задушени. До крајот на 1070 г. норманскиот „конквест“ е завршен.

No comments:

Post a Comment