Tuesday, November 8, 2011

ВОЈНИТЕ НА АЛФРЕД и ЕТЕЛРЕД 868 – 1016 г.


Нордиските инвазии во британските земји повторно се засилиле по смртта на Карло Велики. Во добата на Карло Велики, започнува процесот на обединување на англо-саксонските племиња во засебен народ. Овој процес е засилен во времето на Егберт, војводата на западната грофовија Весекс. Откако го победил својот главен ривал Беорнвулф 825 г., тој по четири години прогласил обединување на Англија, која станува кралство. Во 836 г. Егберт ги победил Норманите, кои непрестајно надирале од француска Нормандија. Сепак, во 842 г. Норманите успеале да го заземат и запалат Лондон. Конечното стабилизирање на првото англиско кралство се случува за време на неговиот внук Алфред, кој владеел до крајот на IX век. Алфред бил учен човек, изумувач и законодавец. Четвртина век водел битки со данските нордијци, кои по замањето на Јорк и Северна Умбрија 866 г. фактички ја поделиле земјата на југозападен, англиски и североисточен, дански дел, познат под називот „дејнло“ (област во која владеат дански закони“). Во „Енциклопедија Британика“ (изд. „Политика“), за него пишува:
“Алфред Велики, крал на Весекс во југозападна Англија. Му се придружил на братот Етелред I во спротивставувањето на данската војска во Мерсија (868 г.). Наследувајќи го брата си на местото крал, се борел против Данците кај Весекс 871 г. и повторно 878 г., кога бил единствениот западно-саксонски водач што одбил да се покори на нивната власт и затоа бил прогонет на островот Ателна. Ги поразил Данците во битката кај Едингтон (878 г.) и го спасил Кент од уште еден дански напад 885 г. Следната година тргнал на Лондон и го зазел, поради што сите англиски кралеви кои не биле под данска власт, го прифатиле за крал. Алфредовата стратегија, која подразбирала градење утврдувања, поморска флота и реформа на војската, им овозможила на неговите наследници да го освојат ‘Дејнло’. Алфред составил важен кодекс на закони и го поттикнувал описменувањето и учењето, лично преведувајќи латински книги“. (с. 38, I том.)
После смртта на Алфред Велики, в Англија започнува речиси целовековен период обележан со напредок и процут. Таквиот период на развиток и благосостојба ќе биде нарушен од нови, овој пат викиншки напади, кон крајот на XI век. Тогаш на тамошната политичка сцена ќе се издигне нов крал со име Етелред, кој поради својата наводна неподготвеност, ќе добие прекар „Неспремен“. Етелред кој владеел отприлика во исто време како и цар Самоил – од 978 до 1013 г., за помош во одбраната од норвешките скандинавци предводени од Олаф Тригвесон, се обратил до старогерманските Нормани, кои веќе биле закотвени на француско тло. Норманите, кои во VIII и IX век пустошеле ширум Франција, веќе во голема мера биле асимилирани и го прифатиле францускиот јазик и култура. Ним им се обратил за помош Етелред, а како завет за сојузништво, ја побарал раката на принцезата Ема, ќерка на норманскиот војвода Ричард I. Според Вил Дјурант, од тој брак „ќе произлезе многу историја“, при што како колатерална штета од англо-норвешкиот судир, ќе настрадаат емигрантите од Данска. Еве што за ова, во книгата „Доба вере“, пишува Дјурант:
„Верувајќи или претварајќи се, дека Данците коваат зсавера да го убијат него и Парламентот (Witenagemot), Етелред тајно наредил општ масакр на Данците сегде на Островот (1002 г.). Не се знае колку темелно е извршена наредбата; веројатно е дека сите дански мажи, дораснати за носење оружје, биле потепани, како и некои жени; меѓу нив била и сестрата на данскиот крал Свејн. Зарекувајќи се на одмазда, Свејн ја нападнал Англија 1003 г. и повторно 1013 г., овој пат со целата своја војска. Етелред бил напуштен од своите благородници, тој побегнал во Нормандија, а Свејн станал нов господар и крал на Англија. Кога Свејн умрел (1014 г.) Етелред ја обвновил својата борба; благородниците наново го напуштиле и склопиле мир со Свејновиот син Кнут (1015 г.). Етелред умрел во опколениот Лондон; неговиот син Едмунд Цврсти храбро се борел, но Кнут го совладал кај Асандун (1016 г.). Сега цела Англија го признала Кнута за свој крал“ (с. 577).

No comments:

Post a Comment