Неизбежно било доаѓањето во воен конфликт помеѓу Византија и новата сила на Ориентот – Арабија. Кога царот Ираклиј ја ништел Сасанидска Персија, тој практично го отстранил и „тампонот“ кој што го попречувал контактот помеѓу старата и младата теократија. Откако Арапите ги елиминирале грчките гарнизони во Газа, се усмериле кон Сирија, која што била прва на удар. И таму се има згодено една од најкрупните битки на сите времиња – битката кај Јармук од 20 август 636 г. Ираклиј собрал етнички и верски шаренолика платена војска, која била побројна од арапската. Но, оваа вторава била покомпактна и помотивирана затоа што се борела за џихад – света војна. Нејзини команданти биле вториот калиф Омар и војсководецот Халид ибн Валид, додека на чело на цариградските трупи стоеле трезорскиот министер Теодор Сакелариу, Ерменецот Вахан, иранецот Никита и христијанскиот Арапин Џабала (извор: „Историјска библиотека“). Ден пред битката, Вахан се обидел да се спогоди со Валид, ама паричната понуда не била прифатена. Следното утро, на 15 август, биле заподенати првите двобои, кои набргу го разгореле жарот на борбата. Битка траела 6 дена, за на 20 август Арапите да извојуваат огромен триумф. Се проценува дека кај реката Јармук 636 г. загинале неколку илјади Арапи и десетина илјади византиски борци. По Јармук, арапските калифи загосподариле со Блискиот исток, а мошне скоро се насочиле и северно – кон Мала Азија и Цариград.
Поради внатрешни превирања, до првата арапска опсада на Цариград дошло по 4 децении. Во 674 г. Умајдскиот калиф Муавија ја испратил својата воена морнарица заради блокирање на Константинопол од вода. Меѓутоа царот Константин IV – претпоследниот од исавриската династија – добро ги подготвил ѕидините на Вториот Рим. Уште повеќе, тој дошол во посед на новото оружје познато како „грчки оган“, своевиден пламенофрлач, кое сеело ужас кај Арапите. Нејзин изумител бил извесен Калиник од Сирија. По 3 години, муслиманските завојувачи ја дигнале опсадата и се повлекле.
Она што за западната цивилизација претставува Карло Мартел, за источно-европската би бил Лав III. Тој е основач на нова династија, позната како сиријска или исавриска, наречена според земјата на Лавовото потекло (родум бил од г. Германикеја, северна Сирија). После премрежјата што настанале по смртта на последниот изданок на ираклиевата лоза Јустинијан II, престолот го презема стратегот на Анатолиската покраина Лав, кој во црквата Света Софија, на 25 март 717 г., е крунисан за цар. Пет месеци од крунисувањето, тој морал да се соочи со најголемата опасност за Империјата: Арапите повторно допловиле до ѕидините на Цариград. Меѓутоа, тука го претрпуваат и својот втор пораз. Арапските бродови наново бидуваат изложени на убиствениот „грчки оган“ и пак морале да се откажат од продор во Златниот рог. Тие направиле опсада на градот, очекувајќи дека, преку изгладнување, ќе успеат да го заземат Константинопол. Опсадата траеле цела година. Но, таа била потешка за Сарацените, затоа што биле зафатени од епидемија. Наредната 718 г. на помош на Лав му притекнал бугарскиот хан Тервел, кој им нанел такви загуби на маврите, што тие конечно се повлекле.
Лав III бил основач на иконоклазмот – антиклерикално движење што ја зафатило Византија во VIII век. Ама, неговиот син Константин V се покажал како уште поголем противник на иконите од сопствениот татко. Како што наведува Шарл Дил, во негово време црквата била подложена на крвави репрресалии: „Манастирите биле претворени во граѓански установи, затворани, прогонети; во Цариград речиси и да не постоеле“ („Византиски слики“ с. 63). Од друга страна, тој се покажал еднакво успешен во борбите против Арапите. Константин V прешол во офанзива 746 г., кога ја повратил Исаврија, земјата од која потекнувало неговото семејство. После смената на династијата Умаиди со лозата Абасиди, што го ослабела Калифатот, иконоборците дополнително ја засилиле контраофанзивата. По Константиновиот успешен поход во Ерменија и Месопотамија 752 г., исламската опасност е отклонета, а борбите со Калифатот се претвориле во погранични пресметки.
No comments:
Post a Comment