Бугарските Словени се доселили во масивен бран околу 680 г., кога преку Дунав се префлиле „седумте племиња“. Словенизирањето на североисточна Бугарија го прикажал историчарот Петар Петров во книгата “Славјани и Праблгари до образуването на блгарската држава“: „Во земјите на север од Стара планина обитавале Северците и седумте славјански племиња. Уште во времето по образувањето на бугарската држава, Северците получиле задача да ги бранат проходите на источна Стара планина, што покажува дека тие тука биле населени. Околу 767 г. изворите уште еднаш ги споменуваат Северците во врска со походот на византијците во нивните земји и одвлекувањето на нивниот вожд Славун во пленство. Останатите седум племиња се посочени општо, без да се дадени нивните имиња. Извесно е само тоа дека ја населувале огромната територија од источна Стара планина до Карпатите, следствено на што нивните земји се простирале од обете страни на Дунав. Славјанско население живеело и во Добруџа“, (с. 63).
Веќе од крајот VII и половината на VIII век, Бугарија станува значаен фактор на Балканот. По отклонувањето на арапската опасност, византиските цареви решиле да се пресметаат и со Бугарија, но и со поројот од словенски доселеници, што ги прелавил Македонија и Грција. Синот на Лав III, иконоборецот Константин V, во 758 г. отпочнал серија воени походи против Словените во Македонија, за потоа да се сврти кон Бугарија. Според „Историјата на Бугарија“ (БАН, 1961) по убиството во 761 г. на ханот Винех, наследник на Кормисош, дошло до внатрешни пресметки на во прабугарскиот двор (с. 64-72). Новоизбраниот хан Телец организирал одбрана од армијата на Константин и двете војски се судриле на Анхиалското поле (кај денешно Поморје) на 30 јуни 763 г. Словенско-бугарската војска претрпела пораз, а византискиот цар одвел многу заробеници во престолнината, каде што во дрвени окови, ги предал на градските толпи.
Поради поразот, Телец бил симнат од престолот во престолнината Плиска и на негово место дошол ханот Сабин. Овој веднаш започнал мировни преговори со Византија, што меѓу Бугарите било сфатено како предавство. Сабин исплашен за својот живот, преку Несебар, избегал во Цариград. Уште неколку војводи со азиски имиња се качувале и симнувале на прабугарскиот трон (Умар, Токту, Паган, Телериг, Кардам). Во 775 г. Константин V умрел в Аркадиопол (денес Лулебургаз), а конците на Империјата ги приграбила неговата сопруга Ирина. Престолонаследникот Лав IV ја немал дарбата за војување на татка си, а и умрел по само пет години, 780 г. Неговиот сукцесор Константин VI – инаку син на Ирина - во 792 г. претпрел пораз од ханот Кардам кај крепоста Маркела, на Балкан Планина, при што едвај се спасил со бегство. После таа битка меѓу Византија и Бугарија, до почеткот на VIII век, немало позначајни војни.
Но, по доаѓањето на бугарскиот трон на ханот Крум, ситуацијата се изменила. Кога воинствениот хан увидел дека Карло Велики во 803 г. ги победил Аварите, одлучил да дејствува порешително. Тој прво ги нападнал Аварите, дотолчувајќи ја нивната држава и воспоставувајќи заедничка граница со Франките на Тиса. Во меѓувреме, на византискиот престол се качува логотетот Ниќифор I. Смртта на арапскиот калиф Харун ал Рашид 809 г. царот го користи да ја реорганизира војската и вниманието да го насочи кон уништување на бугарската држава. Пролетта 811 г., тој презема голема воена акција во која успева да ја освои престолнината Плиска. По кратко време, тој се упатил на Запад со цел да ги дотолчи војските на Крум. Арно ама, Крум во меѓувреме се засилил, ги вооружил дури и жените, а успеал да привлече на своја страна и грст аварски одреди. На 26 јули дошло до страотен судир во источните делови на Стара Планина, кај превојот Врбишки проход. Словенско-бугарските војски му нанеле катастрофален пораз на Ниќифор I, при што загинал и самиот тој. Од оваа битка останата е слика на која се гледа како Крум пие вино од Ниќифоровиот череп!
No comments:
Post a Comment