Овој „крсташки“ поход уште се нарекува Војна на Луј VII бидејќи младиот француски крал бил нејзин главен протагонист. Тој бил шести изданок на династијата Капет, која претходното столетие ја презела кралската круна. Во врска со Втората крстоносна војна, во книгата „Историја на Франција“ пишува: „Турското освојување на Едеса 1144 г. покажало дека е потребен нова сеопшта крстоносна војна. Луј VII прв ја дал својата согласност и го навел свети Бернард да стане проповедник на тој потфат. На собранијата во Бурж (декември 1145) и Везле (март 1146) утврдени се подробностите на походот.“ (с. 151, том I, Е. Пероа).
Ако главен заговарач на Првата крстоносна војна е Петар Пустиникот, за Втората тоа св. Бернар. Тој бил опат на цистерцитската опатија, која поради големиот углед што го стекнала, го фрлила в сенка дури и ригориозниот Клиниевски ред. Првично формиран во шумите на Бургундија, големата слава на цистерцитскиот ред била стекната преку Бернардовата дејност во манастирот Клерво, Шампања. По селџучкото заземање на крсташката грофовија Едеса (денешна С. Урфа) Папата Евгениј III во декември 1145 г. издал була за нов крстоносен поход. Но, папскиот апел не наишол на поддршка среде француското племство, кое сметало дека Луј е потребен дома. Понтифот се обратил до св. Бернард, кој уживел огромен углед во латинскиот свет. Му наложил на Велгден идното Лето да појде во Везле, каде што престојувале кралот и нобилитетот. Акцијата успеала и сиот фарнцуски двор одлучил да се фати за крстот и мечот. Ангажманот на св. Бернард не застанал тука. Тој продолжил со кампањата во Бургундија, Фландрија, Лорена и конечно во Германија, каде што за крстоносната кауза го кандисал вториот најмоќен владетел од тоа време, Конрад III. Идејата за спас на загрозеното Ерусалимско кралство таму била уште поприфатена, така што во мај 1147, германските крстоносци, придружени од одреди на чешкиот и полскиот крал, Владислав II и Болеслав IV, заминале за Цариград.
Конрад и неговите словенски вазали кинисуваат од Регенесбург со дваесетилјадна војска кон устието на Дунав и Сава. Тука се префрлуваат на византиска територија и на 10 септември стасуваат во Цариград. Еден месец подоцна, стигнуваат и Французите на Луј VII. Германско-словенската групација, која била доста недисциплинирана, се упатува кон внатрешноста на Мала Азија, но набргу е победена кај реката Батис. Историчарот Рунциман битката од 25 октомври ја квалификувал како масакр. Овој пораз се смета за една од главните причини за пропаста на Втората крстоносна војна. По враќањето на Конрад во Цариград, неговата десеткувана војска се приклучила кон француските витези, кои биле многу подисциплинирани. По препорака на византискиот цар Мануел Комнин, овој пат заминале по крајбрежјето. Меѓутоа, кај Ефес, Конрад се разболел и се вратил во Цариград. Онаму тој се качил на брод и тргнал, по воден пат, кон Ерусалимското кралство. Во меѓувреме Луј, кој успеал по крајбрежјето да се докопа до Анталија, такуѓере земал кораби и по море тргнал кон палестинските простори. Двете војски се соединиле во Св. Симеон април 1148 г. и почнале борби со муслиманите. Тие очекувале помош од Мануил Комнен, ама тој, имајќи недоверба кон намерите на латините спрема Византија, склучил договор со Турчинот Масуд. Овој потег уште повеќе го продлабочил јазот меѓу католиците и православните. Во јули, крстоносците ја направиле круцијалната грешка - го нападнале Дамаск. Градот бил утврден со јаки ѕидини, па нападот бил вистинско самоубиство. Крстоносците биле жестоко поразени, по што наскоро Луј VII и Конрад III посрамени се вратиле дома.
Историчарите забележале неколку последици од Втората крусада. Како прво, продлабочено е неединството меѓу Источното и Западното христијанство, а како второ, зајакнала слогата меѓу муслиманските народи. Тоа го почувствувало Ерусалимско кралство на Балдвин III. По кратко време, мосулскиот ата-бег Нуреднин ги завладеал Сирија и Египет и непосредно го загрозил опстанокот на таа изолирана крсташка енклава.
No comments:
Post a Comment