Увертира на првата голема руско-византиска војна бил нападот на Киевска Русија врз Цариград од 860 г. Таа епизода им останала во сеќавање на византијците, кои морале да го враќаат царот Михаил III од походот против Арапите во Анадолија, за да ги спасува од руската опсада. Тогаш започнале напорите на Византија за христијанизација на младите словенски народи, кои ќе се интензивираат со мисијата на на св. Кирил и Методиј, а особено по создавањето на словенските азбуки глаголица и кирилица.
Вториот обид за руски пробив кон топлите мориња се случува стотина лета подоцна. По прераната смрт на Роман II од 15. март 963, за која дел од историчарите ја обвинуваат фаталната царица Теофано, на византискиот престол се искачил генералот Ниќифор Фока, кој бил заповедник на војската. Кога се искачил на престолот, овој амбициоизен воин имал повеќе успешни воени експедиции на југ, почнувајќи од Крит, којшто го ослободил по цело столетие арапска окупција. Но, по пет години откако седнал на тронот, предизвикот за Ниќифор Фока дошол од север. Имено, во 968 г., голема војска на рускиот кнез Свјатослав I Игоревич го преминала Дунав и ги разбила бугарските воени формации, заземајќи дузина славјано-бугарски градови долж Дунав. Кога тоа го дознал, Ниќифор Фока ги подбуцнал Печенезите да го нападнат Киев. Свјатослав Игоревич привремено се вратил во Киевска Русија, каде што набрзина расчистил со Печенезите. Веќе следната година се повратил во Бугарија, овој пат освојувајќи ја престолнината Преслав. Во негови шепи паднал младиот цар Борис II, кој само што го наследил тукушто починатиот Петар I, а заробен е и брат му Роман (инаку, мошне близок на цар Самуил). Првичното непријателство меѓу двете словенски заедници – руската и бугарската – прераснало во пријателство, кога Борис II и Роман увиделе дека војската на Књазот може да им помогне во битките со Византија. Бугарија станува руски вазал, а главниот град Преслав отскочна даска за продор на Киев во Тракија.
Ниќифор одлучил да ја отстрани словенската опасност и затоа кон крајот на 969 се вратил од Сирија. Тогаш на византискиот двор се случила нова драма во режија на царицата Теофано, која ја имал опишано хроничарот Лав Ѓакон во делото „Историја“. Ноќта помеѓу 10 и 11 ноември, банда заговорници, на чело со љубовникот на Теофано Јован Цимискиј, се „ушуњале“ во спалните на дворецот Буколеон и го обезглавиле Ниќифора. Неговата отсечена глава била покажана од прозорот на спалната, што обесхрабрфило секаков отпор и Цимискиј бил прогласен за цар.
Тој решил да се справи со Русите, но веќе следното лето 970-то тоа се покажало ѓаволски тешко. Свјатослав се спуштил во Тракија и во крвава битка го освил Пловдив, ама кога се запатил накај Цариград, бил сопрен во Аркадиопол. Следната пролет 971 г., Цимискиј решил да преземе иницијатива. Со пешадија настапил кон Преслав, а со флота запловил кон Силистра, кајшто бил улогорен Свјатослав. На 12 април, после тешка битка, Цимискиј успеал да го заземе Преслав и да го зароби Бориса II. На, наместо да ги казни Бугарите, итриот Грк објавил декларација во која прогласил дека всушност сака да го вознобнови бугарското царство, под услов соседните Словени да ја откажат алијансата со Русите. Таа негова декларација им се допаднала на бугарските болјари, кај кои веќе се јавил револт против грубата политика на рускиот кнез. Тие почнале да преминуваат на грчка страна. Бугарските градови, еден по еден, ги отворале своите порти на византиската војска, така што редица утврдувања крај Дунав прешле на спротивната страна. Кога видел што се случува, Свјатослав се разбеснил и дал да се убијат 300 видни граѓани на Силистра. Но, тоа не било од помош. Визатниската војска веќе била под ѕидините и по тримесечна опасада, успеала да ги натера Русите на примирје. На Свјатослав му било дозволено да се замине, доколку ги врати заробениците и се откаже од Балканот. На враќање во Киев, великиот кнез е нападнат од Печенезите и убиен во бој. Бугарскиот цар Борис II бил однесен во Цариград, а власта во поништеното бугарско царство е предадена на „комитопули“, меѓу кои е таткото на цар Самоил.
No comments:
Post a Comment