Friday, November 4, 2011

ВОЈНИТЕ НА ЦАР СИМЕОН БУГАРСКИ 894 - 926 г.


Симеон Велики бил помал син на првиот покрстен бугарски владетел Борис – Михаил. Борис бил крстен од страна на последниот цар од Амориската династија Михаил III, есента 865 г. Истиот тој император, следната 866 г. за свој совладетел го крунисал извесниот Василиј Македонец, кој бил обичен селанец, но благодарение на физичката сила и вољата, успеал да му се наметне на Михаил III. Меѓутоа, 17 месеци откако се здобил со цезарската круна, простиот човек од Македонија (инаку, од ерменско потекло) го убил византискиот цар и себеси се прогласил за василевс. Така, со искачувањето на тронот, Василиј I, ја основал долговечната „македонска династија“, која ќе се протегне длабоко во XI век. Неговиот наследник на престолот, Лав VI, ќе биде главниот противник на Симеон Бугарски. Патем, за некои историчари, татковството на Лав VI Мудриот е проблематично: во книгата „Цар и првосвештеник“ од Жилбер Дагрон има податок дека вистинскиот татко на Лав е всушност претходникот на Василиј I, бидејќи неговата мајка Евдокија, пред да се омажи со Василиј I Глава, му била љубовница на последниот аморијски цар Михаил III Пијаницата (с. 233).
Што се однесува до Бугарите, нивниот остарен кнез Борис првично за свој наследник го поставил најстариот син Владимир. Меѓутоа, поради неговата политика на враќањет кон паганството, наскоро тој ќе биде сменет од страна на Борис, кој во меѓувреме се замонашил. Борис како замена на Владимир го поставил помалиот син Симеон, кој ќе го вивне Првото бугарско царство до најголеми височини. Симеон бил прогласен за цар 893 г. во новата престолнина Преслав и речиси од истиот момент започнува серија напаѓачки војни за ширење на бугарските граници. Веќе во есента 894 тој се судрил со војските на византискиот цар Лав VI кај Одрин и ги поразил. Грците се обратиле за сојузништво кон Унгарците, кои се’ поинтензивно се населувале на бреговите на Днестар. На тоа Симеон одговорил со здружување со Печенезите, кои биле источни соседи на „Маџарите“. Пролетта 896 г. бугарско-печенешките коњаници го нападнале логорот на Унгарците негде меѓу Дунав и Днепар и го разбиле. Како резултат на тој притисок, Унгарците ќе се придвижат кон запад и ќе се населат во Панонската низина, со што трајно ќе ги раздвојат јужните од западните и источните Словени.
После неколку месеци, Симеоновите војски повторно се свртеле кон југ – кон Византија – чии војски наново ги победиле кај Вулгарофигон (денешен Бабаески, меѓу Едрене и Истанбул). Уследила неколкугодишна пауза, за во почетокот на X век одново да почнат Симеоновите „нашествија“. Во 913 г., како што се наведува во „Историјата на Бугарија“ од БАН (с.111) неговите одреди се упатиле кон источна Тракија и дошле до ѕидините на Цариград. Таму само што бил крунисан новиот император Константин VII, син на Лав, чии регенти склучиле примирје со бугарскиот цар, а за возврат му ветиле дека новиот василевс ќе биде оженет со неговата ќерка. Меѓутоа, следната година, кога во Цариград дошло на власт друго регентство, ветувањата биле повлечени, па Симеон одново завојувал со Византија. Наредните две години, грчката дипломатија правела потези за привлекување на византиска страна Србите и Унгарците. Царската војска се распоредила на северно од Дунав, за да ги нападне Бугарите од тил. До клучната битка дошло на 20 август 917 г. кај реката Ахелој, која се наоѓа помеѓу Несебар и Поморје. По целодневно крвопролитие, победиле Бугарите, што громко одекнало во грчкиот свет.
Бугарско-византската борба се’ повеќе ги зафаќала другите балкански земји. Експанзивниот Симеон тендирал во своето царство да ги опфати сите јужни Словени, поради што завојувал и со Србите, како и со Хрватите. Неговите судири со тие два народа се детално опишани во книгата на цар Константин VII Порфирогенит „О управљању царством“ од X век (глава 31 и 32). Ако со кнезот на Србите Захарие тој имал некаков успех, во битката со првиот хрватски крал Томислав 926 г. го доживеал најголемиот пораз. И покрај тоа, пред својата ненадејна смрт од 27 мај 927 г.  бугарскиот цар господарел со енормна територија: од Словачка до Солун и од Црно море до Јадран.

No comments:

Post a Comment