Wednesday, November 9, 2011

БОРБИТЕ НА ЦАР САМОИЛ 976 – 1014 г.


Ерата на Василиј II, во чие доба на владеење и се случува борбата на цар Самоил, е опишана во повеќе книги, меѓу кои една од највредните е „Хронографијата“ на Михаил Псел. Псел бил дворјанин на Зоја Порфирогенит – внука на Василиј II и ќерка на неговиот брат и наследник на царската фотеља – Константин VIII. Пселовата хронологија започнува со Василиј Македонецот, со кого пак завршува „Историјата“ на Лав Ѓакон. Овој вториов е драгоцен извор за борбите помеѓу Василиј и Самоил, бидејќи и самиот учествувал во битките меѓу грчката и словенската војска, на византиска страна, секако. Псел ја раскажал позадината на Самоиловата епопеја. По смртта на брилијантниот цар-воин Јован Цимискиј, кој што ја повратил византиската власт на Блискиот исток, традицијата на василевси-војници била прекината и на тронот се качил императорскиот син Василиј. Неговото авансирање било оспорено од двајца војсководци со исто име: Варда Склер и Варда Фока, внук на Ниќифор Фока.
Тие најпрво завојувале меѓусебно, па дури и одржале двобој, во кој победил Фока. По елиминирањето на Склер, и самиот Фока бил отстранет, ама не од младиот Василиј, туку од неговиот имењак Василиј паракимомен. Овој евнух бил „лорд чембрлен“ на царскито двор и фактички ја држел власта во свои раце, иако номинално Василиј II бил автократор. Оваа ситуација траела во првите 14 години од царувањето на Македонецот – меѓу 976 г. кога избувнало востанието на тнр. комитопули и 986 г. Тоа време се поклопува со големите победи на цар Самоил. Но, 985 г. Василиј II го обвинил својот имењак дека кове заговор и го оддалечил од Палатата и вгодина почнал посериозно да се занимава со македонското востанието. Тука вреди да се спомене уште една фигура, која имала свое влијание врз настаните од крајот на X век, а тоа е кралицата Теофана. Таа му била внука на Јован Цимискиј, а била омажена за германскиот крал Ото II, кој подоцна ќе му ја даде царската круна на Самоила (Б. Панов, „Средновековна Македонија“, с.).
Самоиловата епопеја, според историчарот Константин Иречек, започнува со бегството на заточениот бугарски цар Борис II и брат му Роман од Цариград во 978 г. Кај Трајановата врата, Борис II бил убиен од група Бугари, додека Роман успеал да избега кај Самоил „кој го назначил за началник в Скопје на Вардар“ („Историја...“ с. 222). Околу 981 г. Самоил со сите снаги се насочил кон Тесалија и Елада, каде се’ уште словенскиот елемент бил во „полна сила“. Во Лариса тој зел за жена една красна гркиња, која подоцна му го родила синот Гаврил. Откако се приближил до Атика, Самоил решил да се врати во Македонија. Тој своето седиште најпрвин го поставил во Преспа, за подоцна да го премести во велелепниот Охрид. Пет години подоцна, Василиј II тргнал да се пресмета со побунетите Словени на запад. На 17 август се случил бој кај г. Ихтиман, во кој лично учествувал историчарот Лав Ѓакон. „Стрелите на мизијците торжествуваа над копјата на евзоните“, го пренесува Иречек извештајот на Лав Ѓакон (с. 223). По поразот, Василиј морал да се врати дома за да се допресмета со Варда Фока. Тоа од страна на Самоил било искористено да го прошири своето царство кон егејска Македонија, како и кон Јадранско море. Но, во 996 г. дошол и првиот пораз кај р. Сперхеј, од каде Самоил едвај се спасил со бегство. Следувала повеќегодишна офанзива на грчката војска, во која дел по дел, ќе бидат откинувани парчиња од Самоиловата држава. Војната да кулминира со прочуената битка кај Беласица 1014 г., која е опишана од историчарот Драган Ташковски, во романот „Цар Самоил“.
„Првите непријателски војници почнаа веќе да упаѓаат во рововите и да ги преминуваат палисадите. Јуришаше и царот Василиј, кој не престануваше да ги бодри своите војници. Самуил и Гаврил, заедно со другите македонски војсководци и со храбрите војници, успешно ги одбиваа непријателските налети. Наеднаш речиси сите се стаписаа. Зад нив одекна планината. Со мечови в рака и со вперени копја, како порој се спушташе одозгора византиски одред. Тоа беа војниците на Ксифија. И кога тие од грб налетаа врз редовите на Самуиловата војска, настапи пресврт во битката.“ (с. 235).

No comments:

Post a Comment