Крстоносните војни претставуваат особен феномен во европската воена историја. Еден од ефектите кој што го произвеле христијанските походи кон Ориентот било продолжувањето на животот на Византиската империја. Таа, по згаснувањето на воинствената македонска династија и посебно после поразот кај Манцикерт, била соочена со исчезнување. Од една страна, притискале Турците Селџуци, а од друга, Норманите во јужна Италија. Меѓутоа, благодарение на верските војни, што Западот ги покренал против исламот, ослабнал притисокот врз Цариград. И Византија, како и неколкупати претходно, повторно воскреснала.
Директен повод за воениот и религиознот занес што го зафатил латинскиот свет било заземањето на Ерусалим од страна на Турците Селџуци 1077 г. Оттогаш, пристапот кон Светиот Исусов гроб повеќе не бил едноставен, што ги фрустрирало многубројните христијански аџии, меѓу кои и некои идни крстоносни рицари. Во исто време, Византија била зафатена со турбуленции. Селџуците се пробиле до практично до Црното и Мраморното море, додека Норманот Роберт Жискар го освоил и последниот византиски град на Јадранот, Бари. Во такви околности, неколку локални гувернери 1078 г. се побуниле против наследникот на Роман Диоген – Михаил VII Дука. Револуцијата кулминирала 1081 г. кога на царскиот престол седнал Алексиј I, изданок на лозата Комнени. Тој цар и неговата династија, благодарение особено на Првата крстоносна војна, ќе ја вдахнови грчката империја со нова сила и ќе владее со неа цел еден век. Односите меѓу царот Алексиј I крстоносците најизворно се прикажани во книгата на неговата ќерка Ана Комина под наслов „Алексијада“. Таа била родена 1083 г., а на 14-годишна возраст лично го посведочила истоварувањето на крстоносците во нејзината земја, при што не останала рамнодушна кон еден од војсководците. Станува збор за принцот Бохемунд од Таренто, син на нормандискиот крал Роберт Жискар, со кого татко и’ Алексиј I водел војна, кога таа била родена.
Првата крстоносна војна во „Алексијадата“ е прикажана во поглавјата 10 и 11. Повеста на крусадерството воопшто, започнува со дејноста на мистикот Петар од францускиот град Амиен. „Извесен Франк, именуван како Петар, со надимак Капуљача, пошол на аџилак при Светиот гроб и откако претрпел многу нешта од рацете на Турците и Сарацените, кои пустошеа по Азија, тој си дошол дома со многу потешкотии“ („Алексијада“, с. 133). Натаму, Комнина раскажува дека, по враќањето во Пикардија, Петар Пустиникот започнал да лобира кај француските феудалци за ослободување на Христовиот гроб. Мнозина се одѕвале на Петровиот повик за Света војна, меѓу кои и францускиот крал Филип I. Од 1095 г. во кампањата се вклучил и папата Урбан II, кој на соборот во Клермон Феран, ги повикал христијаните на оружје, со што почнал Првиот крстоносен поход. Веќе следната година, во Цариград започнале да пристигнуваат витези од цела Европа, меѓу кои бележито било присуството на војводата од Лорена, Годфри Бујонски. За овој јунак ќе се исплетат многу бајки и легенди. Една од најфамозните ќе биде онаа во книгата „Света крв, свети Грал“, дека бил потомок на самиот Исус Христос и дека тргнал за Ерусалим во потрага за личното наследство!?!
Следната 1097 г. – спомнавме – стигнува и синот на Роберт Жискар - Бохемунд, очигледно симпатија на Ана Комнена и веќе истото лето, крстоносците ја зеземаат Никеја. Претходно, на Селџуците им пошло од рака да ја победат извидницата на Петар од Амиен, кој фанатично, прв се впуштил во борба со „неверниците“. Но тоа било се’ од турска страна. Султанатот на Сулејман веќе бил поделен на мноштво емирати, кои биле лесен плен за оклопните крстоносци. Наредната година, Годфри ја либерализирал цела мала Азија, додека брат му Балдвин и Бохемундовиот внук Танкред стасале до Месопотамија. Светиот град Ерусалим е освоен 1099 г. а Годфри е прогласен за Чувар на Исусовиот гроб. На Блискиот исток се создадени христијанските држави: Кралството Ерусалим, Кнежевството Антиохија и Грофовијата Едеса, а Мала Азија повторно станува византиска.
No comments:
Post a Comment