Една од најзначајните битки на сите времиња е таа кај Манцикерт, која што се одиграла 1071 г. кај денешното градче Малазгирт. Актери на судбоносниот „сраз“ биле Византија и Турците Селцуци. Манцикертскиот бој се смета дека бил од стратешко значење. Последиците од неговото одигрување ги чувствуваме и денес, затоа што од тој момент, исламот и турскиот етнос засекогаш се закотвуваат во почвата на Мала Азија.
Историско-политичкиот бекграунд на битката кај Манцикерт е мошне комплициран. Во втората половина од XI век моќта на Византија бележи опаѓање. Македонската династија на Василиј II е на умор и власта ја држат неговите две внуки Зоја и Теодора, кои не успеваат да најдат солиден маж за позицијата цар. Јуни 1054 г. се случува скандалот со меѓусебното анатемисување на цариградскиот патријарх Михаил Керулариј и легатите на римскиот Понтиф Лав IX, од кое што подоцна ќе произлезе дефинитивниот раскол меѓу Источното и Западното христијанство. Претходно, во 1050 г. завршил животот на Зоја, нејзиниот маж Константин IX Мономах умрел 1055 г., додека сестра и’ Теодора година дена подоцна. Следна 1057 г. на тронот се искачува стратегот Исак, основоположникот на новата династија Комнини. Таа царска лоза ќе роди неколку силни владетели, но претходно ќе се случи граѓанската војна во Цариград и катаастрофата во Манцикерт. Имено, Комнените биле фамилија која ги застапувала интересите на воениот естаблишмент и таа имала свој конкурент во партијата на семејството Дука. Вторава партија Дука се сметала за репрезент на дворската администрација и го сметала Исака за узурпатор на престолот. Откако се поврзала со патријархот Керулариј, опозиционата партија го принудила царот Исак Комнин да абдицири, поставувајќи го на негово место својот експонент Константин X Дука. По неговата смрт, жена му Евдокија на 1. јануари 1068 г. се мажи за генералот Роман IV Диоген, кој е директен актер, губитник и пленик во битката кај Манцикерт.
Аналитичкиот текст за битката кај Манцикерт на австралискиот историчар Пол Маркхам, објавен 2005 г. под наслов „Воен дизастер или политичка грешка“, фрла светлина врз оние пресудни настани. Авторот Маркхам го прикажува воениот ангажман на Роман Диоген кој што претходел на вооружениот судир од 1071 г. Новиот цар уште по неговиот избор, се насочил кон Анадолија за да се справи со новиот противник – Турците Селџуци. Тоа номадско племе, кое дојавало од пустините на Туранската низија, веќе 1044 г., кога влегло во ерменскиот град Ани, загосподарило со делови на Мала Азија. Со заземањето на Ани, бил прекинат синџирот од гранични тврдини меѓу градовите Карс и Едеса (Санли Урфа) со што бил оневозможен економскиот контакт помеѓу Византија и арапскиот калифат. Диогеновата офанзива од 1068 г. пропаднала, што и’ дало повод на противничката фракција Дука да започне кампања против императорот. Идната 1069 г. Роман Диоген лансирал нова офанзива против Турците, која резултирала со мировна спогодба меѓу него и селџучкиот султан Арслан Алп. Ова било поради турската намера повеќе да се занимаваат со плодните региони на Сирија и Египет, отколку со ридестата и климатски сурова Анадолија. Во фебруари 1071 г. мировната спогодба била обновена, така што султанот Алп заминал од Едеса, устремувајќи се кон сирискиот град Алепо. Кога видел оти Селџуците не се расположени за борба, Роман IV одлучил да дејствува. Веќе во март организирал регрутација на платеници во византиската војска, при што собрал огромна армија. За несреќа, како командант на резервната армија го поставил Андроник, припадник на ривалскиот клан Дука. Во клучниот момент од конфликтот, Андроник едноставно дезертирал од бојното поле и неговите војници се вратиле во Цариград. Битка се случила на 24 август и траела два дена. Роман, заедно со својата скандинавска гарда, командувал со центарот. И покрај почетната иницијатива во првиот ден, аскерот се покажал далеку посилен. Вториот ден, грчката војска била разбиена, а самиот Роман IV бил заробен.
No comments:
Post a Comment