Monday, October 31, 2011

ВОЈНИТЕ НА КАРОЛИНЗИТЕ 732-804 г


Откако се зацврстиле јужно од Пиринеите, арапите тргнале во поход северно од Пиринјските планини. Во тоа време, во северна Галија владеела франачката династија Меровинги, кои биле првите христијанизирани варварски кралеви на Запад. Кога арапите се префрлиле преку Пиринеите 719 и 720 г. меровиншки кралеви Франки немале доволно сила да им се спротивстават и набргу градот Нарбона станал арапско пристаниште. Присуство на арапите ги загрозувало соседните области Бругундија и посебно Аквитанија, во која владеел кнезот Одо. Тој на почетокот успеал да ја сопре арапската инвазија во битката кај Тулуз 721 г. кога бил убиен и командантот  на маврите Ал Малик. Меѓутоа, Одо и неговото кнежевство наскоро биле совладани од страна на андалузискиот емир Абдул ал Рахман, кој успеал да влезе во аквитанската престолнина Бордо и да изврши страшен колеж над тамошните христијани. Меровиншкиот крал Теодорик (Тиери) сфатил дека нема доволно енергија да и’ се спротивстави на муслиманската наезда. Затоа побарал помош од ривалската династија Каролинги, тогаш предводена од принцот Пипин Херсталски, кој бил мајордом во дворот на Теодорик. Овој, со цел запирање на Сарацените, го пратил сопствениот син Карло Мартел (мартел значи „чекан“). До пресудна битка дошло 732 г. северно од градот Поатје, кај Тур на р. Лоара. Франачката и маварската војска шест дена стоеле едни спроти други. Седмиот ден Арапите го нападнале Франките и тогаш се случил еден од клучните моменти во европската историја. Војската на Карло Мартел и’ нанела страотен пораз на сараценската армада, при што загинал и самиот нејзин командант Ал Рахман. Утредента, маврите веќе ги немале на бојното поле. Благодарение на победата, Мартел доживеал голема популарност. Тој бил славен како спасител на Европа, што му го отворило патот кон соборување на меровинзите. Син му Пипин Малиот го симнал од престолот меровингот Хилдерик III во 751 г. кого го ишишал и го пратил в манастир. Од тогаш започнува владеењето на Каролиншката династија.
Пипин останал запаметен како монарх кој на Римскиот Бискуп му го „донирал“ Равенскиот егзархат. Равена, која во VII век го презела примат од од Рим, долго била во посед на Византија. Но, римскиот бискуп Стефан II, кој бил матретиран од германското племе Ломбарди, решил да ги премине Алпите и да побара помош од Франкот Пипин. Овој се одзвал на повикот, ги поразил Ломбардите на вождот Аистулф и во 756 г. му ја „подарил“ Rавена на Стефан II, со што ги удрил темелите на Папската држава Ватикан. Пипин и неговите наследници биле прогласени за „Патрони на Римјаните“. Византија, потресувана од иконоборската криза, само немоќно посматрала како на Западот се раѓа нова, конкурентска империја.
Највеличествен експонент на каролиншката династија бил Пипиновиот син Карло Велики. Тој ја доусовршил франко-папската алијанса до степен на сраснување меѓу двата фактори – војничкиот и верскиот. Слично на односите меѓу Стефан II и татко му Пипин, Карло се здружил со папата Лав III, кој го крунисал за нов римски император. Во поглед на воените подвизи, Шарлемањ спаѓа меѓу најуспешните војсководци на сите времиња. Само листата на војни, која е наведена во неговата биографија (The Life od Charlemagne) напишана од Опат Ајнхард е доволна за да се увиди брилијантноста на основоположникот на пост-античка Европа. Најнапред ги обединил двете франачки држави Аустразија и Неустрија, а потоа го довршил потчинувањето на  Лангобардите, што го започнал татко му. Потем ја зазел Баварија и го отворил просторот на денешна Австрија за германски доселеници. После тоа, го уништил панонскиот Аварски каганат, а од Аварите направил послушни сојузници. Во еден момент, прешол преку Пиринеите и од Арапите го оттргнал регионот на Каталонија. Најтешката војна ја водел против саксонските племиња. Тие живееле во северна Германија и жилаво се опирале на процесот на христијанизација, рушејќи ги црквите и убивајќи свештеници. Карло успеал да ги покори Саксонците, како што накнадно ги смирил и Западните Словени. По 46 години владеење, починал во Ахен, во чија катедрала и денес лежи неговото тело.

No comments:

Post a Comment