Авторот на
грандиозното дело „Проучување на истроијата“ Арнолд Тојни се родил во Лондон, а
умрел во Њујорк (1975 год.). И тој потекнувал од интелектуално семејство, а
татко му бил познат историчар на стопанството. Уште од младоста, освен како
професор, бил ангажиран од британската влада како нејзин советник и како таков
учествувал на Версајската конференција, која го креирала мировникот договор по I-та светска војна. Веднаш потоа дошол во
контакт со ремек-делото на Освалд Шпенглер „Залезот на западот“ и објавил дека
и самиот има намера да напише нешто слично, некаква мета-историја, универзална
и глобална повест на човечките цивилизации. Во 1922 г. Тојнби го изнел планот
на своите изучувања, за во 1927 да пристапи кон пишување, коешто го завршил
четири децении подоцна – во 1961. Тогаш излегол пред јавноста последниот 12 том
од капиталното дело „Проучување на историјата“ со кој бил комплетиран еден од
најголемите потфати во целокупната светска историографија.
Уште на
почетокот, холистичката повест на Тојнби трпела критики – меѓу другите и од
Колингвуд – заради позитивизам, натурализам, реализам и сл. Тојнби својот метод
го идентификувал како емпиризам, затоа што емпириската граѓа од која што е
изградена „Проучувањето на историјата“ е од безмалку неверојатни пропорции.
Станува збор за една гигантска база на потатоци која личи како да ги содржи
речиси сите релевантни информации од човековото минато. Меѓутоа, книгата ме
содржи само големи купишта факти, туку тие се подредени и во одредени целини.
Неоспорно е дека Тојнби ги опишува дваесетината цивилизации, почнувајќи од
сумерската и староегипетската, па се‘ до денешните западна и православна, до
најстини детали. Но, тоа не е се‘. Тојнби изнесува аргументација дека, зад
физичното постоење на разноврсните цивилизации во времето и просторот, стојат
одредени метафизички законитости и тие општества мора да се покоруваат на тие
правила и законитости. Без оглед дали се работи сириското, индиското, иранското
или старогрчкото општество, сите 21 цивилизација се раѓаат, растат и венеат
според идентични узанси. Кои се тие закони и узанси?
Животот на
цивилизациите Тојнби мошне логично го изделил на неколку фази: настанување,
устрем, слом и распад, со дезинтеграција и дисолуција. Заслугата за
настанувањето на одредена цивилизација Тојнби и‘ ја припишува на тнр. креативно
малцинство или на креативниот поединец (Креатор). Во одредена точка на времето
и просторот, определена група или некоја индивидуа бидува вдахновена со
одредена велика идеја и го поведува примитивното мнозинство кон извесна крупна
цел. Како претходна фаза, во случај кога носител на акцијата е личност, А.
Тојнби укажува на појавата таа личност, извесен период, да се повлече во
осаменост. Така било во случајот со Заратустра, Исус Христос, Мухамед, Буда итн. По засновањето на цивилизација, таа влегува во раздобје на свој
процут и тоа е втората фаза на циклусот. По извесно време, креативното
малцинство, која ја повело масата кон зацртаната цел, се опушта, почнува да
спие на ловорики и постепено се претвора во тнр. доминантно малцинство. На
другата страна, кај пасивното мнозинство се формира тнр. пролетеријат. Овој
Тојнбиев пролетеријат не е идентичен со марксистичниот пролетеријат, кој ги
опфаќал претежно припадниците на индустриската работничка класа. Тојнбиевиот
пролетеријат го сочинуваат оние кои се казнети од доминантото малцинство,
угнетените, незадоволните, обесправените. Тој пролетеријат постепено се распаѓа
на внатрешен и надворешен. Внатрешниот пролетеријат, кој се наоѓа во границите
на дадената цивилизација, прибегнува кон пасивен отпор, додека надворешниот
пролетеријат, кој се наоѓа вон гранциите, кон активен отпор. Тој зама оружје в
рака и физички ја напаѓа конкретната цивилизација. Како резултат на овие судири
меѓу доминантното малцинство и пролетеријатот, со тек на времето, доаѓа до слом
на цивилизацијата, а потоа и кон нејзина дезинтеграција и уништување. За да го
избегне своето опаѓање, цивилизацијата која доживеала слом пристапува кон
создавање универзална држава и универзална црква. Таков пример на универзална
држава е Римската империја, под чија закрила била генерирана христијанската
црква. Универзалната држава и универзалната црква им ги предаваат на следните
цивилизации најблагородните продукти на својата култура.
No comments:
Post a Comment